Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Верата на една мајка посилна од трагедијата

Верата на една мајка посилна од трагедијата

Верата на една мајка посилна од трагедијата

„Ако го читате ова писмо, тоа значи дека не сум ја преживеала операцијата, и повеќе не сум со вас.“

СО ОВИЕ зборови Кармен го започнала писмото до своите три ќерки. Најстарата имаше 25 години, средната 19, а најмалата 16. Кармен мораше да оди на операција, која, за жал, не беше успешна, и таа умре.

Нема човек кому не му се кине срцето при помислата дека една ваква жална ситуација ќе го раздели родителот од неговите три деца. Но, оваа мајка беше Јеховин сведок и имаше цврста вера во Јехова и во неговите ветувања. Таа вера ѝ помогна да биде посилна од трагедијата и да има душевен мир кој толку убаво може да се почувствува во зборовите од нејзиното трогателно писмо. Еве што им напишала на своите ќерки.

„Најпрво да ви кажам дека ве сакам од дното на душата... Вие сте најдобрите ќерки што една мајка може да ги има, и затоа се гордеам со вас.

Ќе беше убаво да бевме заедно до Божјиот ветен нов свет.., но бидејќи тоа не е можно, го молев Бог да ви помага да останете верни, како што бевте досега. Заедно минавме низ многу тешкотии, но Јехова никогаш не нѐ остави... Затоа, продолжете со доверба да го следите водството што го дава преку својата организација, и поддржувајте ги старешините и собранието. Проповедајте колку што е можно почесто, и сакајте ги сите браќа.

Нашава разделба ќе биде само привремена... Ве молам да ми простите за сите грешки што ги направив и за секојпат кога немав разбирање за вас или не ви кажав колку ве сакам... Знам дека секоја од вас си има свои потреби. Јехова го знае тоа уште подобро, и тој ќе ви даде сѐ што ви е потребно и ќе ве награди за сѐ што претрпевте.

Не губете ја од вид својата цел — да живеете во новиот свет. Правете сѐ што треба за да стигнете до неа. Јехова нека ве благослови и нека ви даде сила да останете верни до крајот... Не бидете тажни, мили мои. Ве сакам!“

Секого може да го погоди трагедија. „Времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“, напишал древниот цар Соломон (Проповедник 9:11). Но, оние што имаат силна вера во Бог можат да бидат сигурни дека се точни зборовите на апостол Павле, кој рекол: „Уверен сум дека ни смртта, ни животот... ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 8:38, 39; Евреите 6:10).