Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали си „богат пред Бог“?

Дали си „богат пред Бог“?

Дали си „богат пред Бог“?

„Така бидува со оној што собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (ЛУКА 12:21).

1, 2. а) За кои работи луѓето биле спремни да прават големи жртви? б) Со какви притисоци и опасности мора да се соочуваат христијаните?

ТРАГАЊЕТО по скриено богатство не е само детска игра. Низ вековите, луѓето од различни земји навистина трагале по богатство. На пример, златната треска што во 19 век ги зафатила Австралија, Јужна Африка, Канада и Соединетите Држави привлекла луѓе од сите краишта на светот. Тие биле спремни да ги остават зад себе топлиот дом и своите најмили за да бараат богатство во непознати, а понекогаш дури и негостољубиви краеви. Навистина, мнозина се спремни да се изложат на големи опасности и да направат огромни жртви за да го пронајдат богатството по кое копнее нивното срце.

2 Иако повеќето луѓе денес не се во потрага по некое дословно скриено богатство, тие сепак мораат напорно да работат за да спечалат за живот. Во денешниов свет, не е лесно да се врзе крај со крај, и тоа може да бара од нас многу време и енергија. Многу е лесно да се преокупираме со храна, облека и покрив над главата до тој степен што ќе ги занемариме, па дури и ќе заборавиме на поважните работи (Римјаните 14:17). Исус кажал една споредба во која добро ја опишал оваа човечка склоност. Таа е запишана во Лука 12:16-21.

3. Раскажи ја накратко споредбата што ја дал Исус, запишана во Лука 12:16-21.

3 Исус ја кажал оваа споредба во истата прилика кога го дал и предупредувањето да се чуваме од лакомоста, кое го разгледавме подетално во претходната статија. Откако дал совет во врска со лакомоста, Исус продолжил да раскажува за еден богат човек. Бидејќи овој човек не бил задоволен со своите големи амбари кои биле полни со добри работи, решил да ги урне и да изгради поголеми за да ги наполни со уште поголеми добра. Но, токму кога си помислил дека може да си почине и да ужива во животот, Бог му рекол дека наскоро ќе умре и дека сите добра што ги собрал ќе му припаднат на некој друг. На крајот од споредбата, Исус го дал следниов заклучок: „Така бидува со оној што собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (Лука 12:21). Каква поука можеме да извлечеме од оваа споредба? Како можеме да ја примениме таа поука во својот живот?

Каков проблем имал човекот

4. За каков човек станува збор во споредбата што ја дал Исус?

4 Споредбата што ја кажал Исус е позната во многу земји. Тој ја започнал многу едноставно, велејќи: „Земјата на еден богат човек роди добро“. Исус не рекол дека човекот го стекнал богатството на некаков нечесен или незаконски начин. Со други зборови, не го прикажал како лош човек. Всушност, од она што го рекол Исус е разумно да заклучиме дека човекот за кој станува збор во оваа споредба многу работел. Во најмала рака, може да се каже дека бил човек кој размислувал и штедел за иднината, веројатно имајќи го на ум доброто на своето семејство. Според тоа, може да се рече дека, од световна гледна точка, тој бил работлив човек кој совесно си ги извршувал своите одговорности.

5. Со каков проблем се соочил човекот од споредбата што ја кажал Исус?

5 Како и да е, Исус рекол дека овој човек бил богат, што значи дека веќе поседувал прилично многу материјални добра. Сепак, тој имал еден проблем. Неговата земја родила многу повеќе отколку што очекувал — повеќе од она што му било потребно и што можел да го собере. Што требало да стори?

6. Со какви одлуки се соочуваат многу Божји слуги денес?

6 Многу Јеховини слуги денес се соочуваат со ситуации кои се многу слични на околностите во кои се нашол овој богат човек. Вистинските христијани се трудат да бидат чесни, вредни и совесни работници (Колошаните 3:22, 23). Сеедно дали се вработени кај некого или имаат сопствен бизнис, честопати им оди прилично добро, а понекогаш се и многу успешни. Но, кога ќе им биде понудено унапредување или ќе им излезе некоја добра зделка, тие стојат пред одлука. Дали да го прифатат унапредувањето? Дали да го прошират својот бизнис? Исто така, голем број млади Сведоци се солидни ученици. Поради тоа можеби ќе им бидат понудени стипендии и кредити за да се запишат на некој добар факултет. Дали едноставно треба да го прифатат она што им се нуди како што би направил и секој друг?

7. Како го решил својот проблем човекот од споредбата на Исус?

7 Да се вратиме на споредбата што ја кажал Исус. Што направил богатиот човек кога земјата му родила толку многу што немал каде да ја собере летнината? Решил да ги урне своите амбари и да изгради поголеми за во нив да го собере сето жито и сите свои добра. Тој бил толку задоволен од својот план и се почувствувал толку сигурен, што си помислил: „Ќе си речам себеси: ‚Имаш насобрано многу добра за многу години. Почивај, јади, пиј и уживај!‘“ (Лука 12:19).

Зошто е наречен ‚безумник‘?

8. Која многу важна работа не ја зел предвид човекот од споредбата на Исус?

8 Исус рекол дека ваквиот план, всушност, му дал на овој човек само лажно чувство на сигурност. Иако планот му се чинел многу практичен, тој испуштил да земе предвид една многу важна работа — Божјата волја. Човекот мислел само на себе — како ќе може да се одмора, да јаде, да пие и да ужива. Размислувал така бидејќи сметал дека, штом има „многу добра“, ќе живее и „многу години“. Но, за жал, не испаднало така. Исус веќе пред тоа спомнал дека, „дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Истата ноќ неочекувано му дошол крајот на сето она за кое работел богатиот човек, бидејќи Бог му рекол: „Безумнику, ноќеска ќе ти го побараат животот. Тогаш кој ќе го има она што си го собрал?“ (Лука 12:20).

9. Зошто човекот од споредбата е наречен безумник?

9 Токму ова е поентата на оваа споредба. Бог го нарекол овој човек безумник. Според еден речник, формата на грчкиот збор што се користи овде „секогаш означува недоволно разбирање на работите“ (Exegetical Dictionary of the New Testament). Во истиот речник стои дека во оваа споредба се вели дека Бог го употребува овој збор за да разоткрие колку се „бескорисни плановите што ги кројат богатите за иднината“. Тој збор не се однесува на човек кој не е доволно паметен, туку на „човек кој не сака да признае дека зависи од Бог“. Описот на богатиот човек потсетува на она што Исус подоцна им го кажал на христијаните од собранието во Лаодикија, кои во првиот век живееле во Мала Азија. Тој им го рекол следново: „Велиш: ‚Богат сум, се збогатив и ништо повеќе не ми треба‘, а не знаеш дека си беден и за жалење и сиромашен и слеп и гол“ (Откровение 3:17).

10. Зошто тоа што некој има „многу добра“ не е гаранција дека ќе живее „многу години“?

10 Добро е сериозно да размислиме за поуката од оваа споредба. Можно ли е да сме како тој човек — да работиме напорно за да имаме „многу добра“, а да не го правиме она што е неопходно за да живееме „многу години“? (Јован 3:16; 17:3). Библијата вели: „Богатството не помага во денот на гневот“, и „кој се надева на своето богатство, пропаѓа“ (Изреки 11:4, 28). Затоа Исус ја завршил споредбата со следниов совет: „Така бидува со оној што собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (Лука 12:21).

11. Зошто е бескорисно да ги градиме својата надеж и сигурност на материјални добра?

11 Кога Исус рекол „така бидува“, сакал да каже дека она што се случило со богатиот човек од споредбата ќе им се случи и на сите оние што го градат својот живот — својата надеж и сигурност — само на материјалните работи. Грешката не е толку во тоа што си ‚собираат богатство за себе‘ туку во тоа што пропуштаат да бидат ‚богати пред Бог‘. Ученикот Јаков дал едно слично предупредување кога напишал: „Слушајте сега, вие што велите: ‚Денес или утре ќе отпатуваме во тој и тој град и таму ќе поминеме една година, ќе тргуваме и ќе заработиме‘, а не знаете каков ќе ви биде животот утре“. Што треба да прават наместо тоа? „Треба да речете: ‚Ако Јехова сака, ќе живееме и ќе го направиме ова или она‘“ (Јаков 4:13-15). Сеедно колку е богат некој или колку материјални добра има, сѐ ќе му биде бескорисно доколку не е богат пред Бог. Тогаш, што значи да се биде богат пред Бог?

Да се биде богат пред Бог

12. Што треба да правиме за да бидеме богати пред Бог?

12 Според она што го кажал Исус, да се биде богат пред Бог е спротивно на тоа да се трупа материјално богатство за себеси. Значи, Исус сакал да каже дека најважно во животот не треба да ни биде да собираме материјално богатство или да уживаме во она што го имаме. Наместо тоа, треба да ги користиме своите средства на начин што ќе ни помогне да го збогатиме, односно да го зацврстиме своето пријателство со Јехова. Ако правиме така, навистина ќе станеме богати пред Бог. Зошто? Бидејќи со тоа си ја отвораме вратата да добиеме многу благослови од него. Библијата вели: „Благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“ (Изреки 10:22).

13. Како збогатува Јеховиниот благослов?

13 Кога Јехова излева благослов врз своите слуги, секогаш им го дава најдоброто (Јаков 1:17). На пример, кога им дал дом на Израелците, им дал „земја во која тече мед и млеко“. Иако истото било кажано и за Египет, земјата што Јехова им ја дал на Израелците била поинаква најмалку во еден важен аспект. Таа била „земја за која се грижи Јехова, твојот Бог“, им рекол Мојсеј на Израелците. Со други зборови, тие ќе биле успешни бидејќи Јехова ќе се грижел за нив. Сѐ додека Израелците му биле верни на Јехова, тој богато ги благословувал и тие живееле на начин кој видливо бил далеку подобар од животот што го воделе околните народи. Да, Јеховиниот благослов е тоа што навистина збогатува! (4. Мојсеева 16:13; 5. Мојсеева 4:5-8; 11:8-15).

14. Што добиваат оние кои се богати пред Бог?

14 Изразот „богат пред Бог“ е преведен и со „богат во Божји очи“ (Today’s English Version, The New Testament in Modern English од Џ. Б. Филипс). На оние што се богати во материјален поглед, најважно им е како изгледаат во очите на другите луѓе. Ова честопати се гледа од нивниот начин на живот. Тие сакаат да ги импресионираат другите ‚истакнувајќи го својот имот‘, вели Библијата (1. Јованово 2:16). За разлика од нив, оние што се богати пред Бог ги имаат Неговата голема наклоност, љубов и незаслужена доброта, и имаат многу близок однос со Него. Ова скапоцено пријателство ги прави многу среќни и им дава силно чувство на сигурност. Такво нешто не може да им понуди ниту едно материјално богатство (Исаија 40:11). Прашањето што ни останува е: ‚Што мора да правиме за да бидеме богати во Божји очи?‘

Богат во Божји очи

15. Што мора да правиме за да бидеме богати пред Бог?

15 Човекот од споредбата на Исус планирал и напорно работел за да се збогати, но бидејќи тоа го правел од себични причини, бил наречен безумник. Сепак, од ова учиме една работа. Ако сакаме да бидеме богати пред Бог, и ние мора напорно да работиме и целосно да бидеме зафатени, но со активности што навистина се вредни и скапоцени во Божји очи. Една од нив е онаа што ја заповедал Исус: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Матеј 28:19). Тоа што не ги користиме нашето време, сила и дарби за себеси туку ги користиме за да го проповедаме Царството и да правиме ученици, може да се спореди со вложување пари во банка. Оние што прават така, добиваат голема духовна камата, како што ни покажуваат следниве искуства (Изреки 19:17).

16, 17. Кои искуства покажуваат кој начин на живот може да нѐ направи богати во Божји очи?

16 Размисли за еден христијанин што живее во една земја на Истокот. Тој работел како компјутерски техничар и земал многу голема плата. Но, бидејќи работата му го одземала речиси сето време, се чувствувал духовно сиромашен. На крајот, наместо да напредува на тоа работно место, дал отказ и почнал да прави сладолед и да го продава на улица за да има повеќе време да се грижи за своите духовни потреби и одговорности. Поранешните колеги му се смееле, но како излегле работите? „Всушност, имам повеќе пари отколку кога работев со компјутери“, рекол тој. „Посреќен сум затоа што не сум под толкав стрес како на претходната работа. А најважно од сѐ е што сега се чувствувам уште поблизок со Јехова.“ Оваа промена му овозможила на овој христијанин да започне со полновремена служба, и сега тој служи во подружницата на Јеховините сведоци во неговата земја. Навистина, „благословот од Јехова збогатува“.

17 Друг пример е една жена што пораснала во семејство во кое многу се ценело образованието. Таа била на студии во Франција, Мексико и Швајцарија, и била на прагот на една успешна кариера. „Успехот ми се насмевнуваше, бев ценета и добивав одлични понуди за работа“, рекла таа, „но во себе чувствував празнина и некое длабоко незадоволство.“ Тогаш дознала за Јехова. Таа вели: „Како што напредував духовно, желбата да му угодам на Јехова и да му вратам барем малку за сето она што тој ми го дава ми покажа по кој пат да тргнам — да му служам полновремено“. Дала отказ од работа и наскоро се крстила. Последниве 20 години радосно служи во полновремена служба. Сега вели: „Некои сметаат дека залудно си ги трошам талентите, но гледаат дека сум среќна и им се восхитуваат на начелата според кои живеам. Секој ден го молам Јехова да ми помогне да бидам понизна за и понатаму да ја имам неговата наклоност“.

18. Исто како Павле, на кој начин можеме да бидеме богати пред Бог?

18 На Савле, кој станал познат како апостол Павле, му претстоела успешна кариера. Сепак, самиот тој подоцна напишал: „Сметам дека сѐ е загуба во споредба со ненадминливата вредност на познавањето на Христос Исус, мојот Господар“ (Филипјаните 3:7, 8). За Павле, богатството што го стекнал со тоа што го запознал Христос било далеку поголемо од сѐ друго што би можел да му понуди светот. Слично на него, ако ги отфрлиме сите себични амбиции и ако водиме побожен живот, и ние можеме да живееме на начин што ќе нѐ направи богати во Божји очи. Библијата нѐ уверува: „Понизноста и стравот од Јехова донесуваат богатство, чест и живот“ (Изреки 22:4).

Можеш ли да објасниш?

• Каков проблем имал човекот од споредбата што ја кажал Исус?

• Зошто човекот од споредбата бил наречен безумен?

• Што значи да се биде богат пред Бог?

• Како се станува богат пред Бог?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Зошто богатиот човек бил наречен безумник?

[Слика на страница 27]

Како можноста да се напредува на работното место може да биде вистински испит за некого?

[Слика на страници 28 и 29]

„Благословот од Јехова збогатува“