Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Две „чуда“ на еден конгрес во Грузија

Две „чуда“ на еден конгрес во Грузија

Две „чуда“ на еден конгрес во Грузија

ЕДЕН незаборавен настан, на кој се случија две „чуда“, се одржа во Грузија во 2006 год. Од 7 до 9 јули, на шест локации низ целата земја се одржа тридневниот Обласен конгрес со мото „Избавувањето е многу близу!“ Тоа беше вистинска духовна гозба на која присуствуваа повеќе од 17.000 лица.

Во јануари 2006 год., одговорните браќа почнаа да бараат соодветен објект каде што ќе можат да се соберат илјадници луѓе во главниот конгресен град, Тбилиси, престолнината на Грузија. Се планираше овој конгрес телефонски да биде поврзан со останатите конгресни локации.

Во последниве неколку години, во Грузија постепено се зголемуваа верските права и слободи. Затоа, и покрај големото противење во минатото, Сведоците продолжија да бараат, со доверба дека ќе успеат да најдат конгресен објект во главниот град. Грузијците се по природа многу срдечни и гостољубиви луѓе. Сепак, некои функционери имаат тешки верски предрасуди. Дали ќе ги потиснат своите чувства и ќе им дозволат на Сведоците да изнајмат некој од објектите?

Браќата од конгресниот одбор разговараа со управата на повеќе стадиони и големи спортски сали. Иако управителите во почетокот ветуваа дека ќе им ги изнајмат објектите, го менуваа ставот кога беа замолени да кажат точен датум. Затоа, браќата од конгресниот одбор беа изненадени кога управата на филхармонијата во Тбилиси се сложи да им го изнајми својот објект на Јеховините сведоци. Концертната сала се наоѓа во срцето на градот и таму се одржуваат многу важни настани.

Охрабрени што нивниот труд конечно роди плод, членовите на одборот почнаа да го организираат конгресот во Тбилиси, како и конгресите во неколку други градови во земјата, поточно во Цнори, Кутаиси, Зугдиди, Каспи и Гори. Беа вложени големи напори за сите овие конгресни локации да се поврзат телефонски, и така програмата да може да се следи истовремено на сите места. Сѐ беше подготвено. И тогаш, само една седмица пред конгресот, управата на филхармониската концертна сала во Тбилиси го раскина договорот без никакво објаснување.

Првото „чудо“

Што можеа да сторат браќата во овој последен момент? Единствен спас им беше Марнеули, земјоделски атар на 40 километри од Тбилиси. Таму веќе беа одржувани многу конгреси на имотот на едно семејство чии членови се Јеховини сведоци. Порано тоа место било голема градина. Во последниве десет години, беше единствената локација каде што можеа да се одржат конгреси во Тбилиси. Но, Марнеули е и местото каде што Јеховините сведоци беа нападнати од насилни толпи.

Еден ваков напад имаше на 16 септември 2000 год. Полицијата од Марнеули постави барикади на патиштата за да ги спречи Сведоците да стигнат до конгресното место. Потоа дојдоа автобуси полни со силеџии предводени од распопениот православен свештеник Василиј Мкалавишвили. Тие ги запираа автомобилите и автобусите кои одеа на конгрес во Марнеули, извлекуваа луѓе од возилата и безмилосно ги тепаа, а на другите патници им беше одземено сѐ што имаа, вклучувајќи ги и нивните Библии и библиската литература.

Една група од шеесетина луѓе ги нападнаа Сведоците и на самата конгресна локација во Марнеули. Четириесетина Сведоци беа повредени. Еден Сведок беше прободен со нож во градите. Некои од напаѓачите мавтаа со сачмарки и пукаа во воздухот. Еден од нив впери пиштол во сопственичката на местото и ѝ нареди да му ги даде парите и накитот. Толпата насилници ја ограбија нејзината куќа, која се наоѓаше на едниот крај на градината, и украдоа сѐ што беше вредно. Откако ги искршија сите прозорци на куќата, ја изгореа библиската литература и клупите што беа направени специјално за конгресот. Уништија еден и пол тон литература. Наместо да ги спречат овие злодела, полицајците што беа таму и самите учествуваа во насилството против Сведоците. *

Освен што мораше да биде подготвен за опасноста од повторно насилство, конгресниот одбор мораше да одлучи и како да смести 5.000 луѓе на локација каде што обично има место за околу 2.500. Како да се реши овој проблем за толку кратко време? Изгледаше како вистинско чудо кога сопствениците на двата соседни имоти понудија да ги изнајмат своите градини за таа цел.

Беше вистински предизвик градините да се претворат во соодветен простор каде што ќе можат да седат конгресните делегати. Временските услови уште повеќе ги отежнаа работите — врнеше цела недела пред конгресот. Во градините на соседите имаше посадено компири и беше време да се соберат. Иако истураше силен дожд, доброволците се собраа за да ги ископаат компирите. Потоа ги отстранија оградите и поставија челична конструкција за на неа да се постават платна што ќе ги штитат присутните од сонце и од дожд. Требаше да се направат уште дрвени клупи и да се постави додатна звучна опрема. Доброволците работеа дење и ноќе, сечејќи, ковејќи и правејќи сѐ што е потребно за да се заврши работата, а некои од нив не успеаја ни да спијат.

Сите се прашуваа: „Што ако дождот продолжи да врне и во текот на конгресот?“ „Дали делегатите ќе потонат во калта?“ Беше купена слама за да се покрие влажната земја. Најпосле, огреа сонцето! Времето остана пријатно и топло во текот на сите три конгресни дена.

Кога делегатите пристигнаа, ги пречека прекрасна глетка. Мирната селска идила беше вистинска претслика на новиот свет. Удобно седнати, делегатите ја следеа програмата опкружени со смокви и други овошки, како и со ниви посадени со пченка и домати. Задниот дел од бината беше закитен со ластари и лисја од лозници. Одвреме-навреме, додека течеше програмата, ќе се слушнеше кукурикање на петел и кокодакање на кокошки што снеле јајца. Имаше и други звуци вообичаени за село, но за присутните сето тоа беше како пријатна серенада. Тие речиси не ги ни забележуваа овие звуци бидејќи со полно внимание ја следеа извонредната библиска програма. Но, ова не беа единствените незаборавни моменти од овој конгрес.

Второто „чудо“

На крајот на претпладневната програма во петокот, делегатите беа потполно изненадени кога Џефри Џексон, еден член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, го најави излегувањето на целото Свето писмо — превод Нов свет на грузиски јазик. * Очите на мнозина се наполнија со солзи — едноставно не можеа да се соземат од радост. Едно семејство возбудено изјави: „Нема зборови со кои можеме да кажеме колку сме благодарни за ова чудо — чудо од Јехова! Колку голем труд бил вложен за толку кратко време!“

Една сестра од градот Цаленџиха, која ја следеше програмата по телефон, изјави: „Не можам да опишам колку бев радосна кога ја добивме целата Библија. Сакам од сѐ срце да ви се заблагодарам за овој извонреден тридневен конгрес. Навистина беше историски настан“. Едно семејство од собрание во западна Грузија, која излегува на Црното Море, кажа: „Сѐ досега, имавме само една Библија во семејството, но сега сите четворица имаме свој примерок од Преводот Нов свет. Сега секој од нас лично може да си ја проучува Библијата“.

Сепак, зад сцената, не течеше сѐ лесно. На пример, иако целиот Превод Нов свет беше навреме испечатен и испратен за Грузија за да излезе на конгресот, цариниците не дозволуваа пратката да влезе во земјата. Браќата поднесоа жалба до парламентарниот заштитник на граѓанските права од самоволието на државните органи. Тој успеа да издејствува пратката со Библиите да биде пуштена токму навреме за Обласниот конгрес. Дури го испрати и својот помошник на конгресот во Марнеули за да земе примероци од новата Библија за нивниот оддел.

Срдечно грузиско добредојде

Обласниот конгрес во Марнеули беше многу значаен настан за Јеховините сведоци во Грузија и од една друга причина. Еден член од Водечкото тело на Јеховините сведоци имаше учество во програмата. Сите присутни беа толку возбудени што сакаа лично да му изразат традиционално добредојде. Брат Џексон стоеше и се поздравуваше со браќата со часови пред, за време на и по конгресот, но тоа му причинуваше вистинско задоволство.

Во далечната 1903 год., на крајот од еден друг конгрес, еден брат рекол: „Иако сум сиромав човек, не би го заменил овој конгрес ни кога некој би ми понудил илјада долари“. По повеќе од сто години, истото ова чувство го имаа и Сведоците што присуствуваа на овие значајни конгреси што се одржаа во Грузија во летото 2006 година.

[Фусноти]

^ пас. 10 Во Разбудете се! од 8 мај 2002 год., страници 16-20, има повеќе детали во врска со прогонството на Јеховините сведоци во Грузија.

^ пас. 16 Грчките списи — превод Нов свет излезе на грузиски во 2004 год.

[Рамка на страница 19]

„Малиот“ порасна

Во Грузија се исполнуваат зборовите од Исаија 60:22: „Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ. Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“. За помалку од 20 години, бројот на објавители на Царството во Грузија порасна од помалку од 100 на околу 16.000. Овие ревносни слуги секоја седмица ја проучуваат Библијата со околу 8.000 лица — навистина огромен потенцијал за понатамошен пораст во Грузија.

[Графикон/карти на страница 16]

(Види во публикацијата)

РУСКА ФЕДЕРАЦИЈА

ГРУЗИЈА

⇨ Зугдиди

⇨ Кутаиси

Марнеули ⇨ Гори

⇨ Каспи

⇨ Цнори

ТБИЛИСИ

ТУРЦИЈА

ЕРМЕНИЈА

АЗЕРБЕЈЏАН

[Извор на слика]

Земјината топка: NASA/Visible Earth imagery

[Слика на страница 16]

Статуа во Тбилиси

[Слики на страница 17]

Конгресот во Марнеули беше поврзан телефонски со пет други локации

[Слики на страница 18]

Делегатите беа восхитени од излегувањето на целиот „Превод Нов свет“ на грузиски јазик