Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Духовни потреби — како вистински да ги задоволиш?

Духовни потреби — како вистински да ги задоволиш?

Духовни потреби — како вистински да ги задоволиш?

„РАЗМИСЛУВАЊЕТО својствено за телото донесува смрт, а размислувањето својствено за духот донесува живот и мир“, напишал апостол Павле (Римјаните 8:6). Со овие зборови, апостолот покажал дека духовноста на еден човек не е само прашање на личен избор или некакво чувство, туку нешто од кое му зависи животот. Но, во која смисла духовниот човек добива „живот и мир“? Според Библијата, тој уште сега има мир — со себеси и со Бог — а во иднина ќе биде благословен со вечен живот (Римјаните 6:23; Филипјаните 4:7). Затоа не е чудо што Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Самото тоа што го читаш ова списание покажува дека ти се интересираш за духовни работи — и мудро е што го правиш тоа. Сепак, мислењата во врска со духовните работи прилично се разликуваат, па затоа можеби не ти е јасно што претставува вистинската духовност и како човек може да ги задоволи своите духовни потреби.

„Христовиот ум“

Освен што покажал дека е важно и корисно да се интересираме за духовни работи, апостол Павле многу зборувал за вистинската духовност. На христијаните во древниот град Коринт, Павле им ја објаснил и разликата меѓу телесниот човек, односно човекот што постапува само според желбите на своето тело, и духовниот човек, односно човекот што ги цени духовните работи. Тој напишал: „Телесниот човек не го прифаќа она што е од духот Божји, зашто тоа за него е глупост“. Од друга страна, пак, објаснил Павле, духовниот човек го има „Христовиот ум“ (1. Коринќаните 2:14-16).

Да го имаш „Христовиот ум“ во основа значи да ‚размислуваш како Христос Исус‘ (Римјаните 15:5; Филипјаните 2:5). Со други зборови, духовен е оној човек што гледа на работите исто како Исус и оди по неговите стапки (1. Петрово 2:21; 4:1). Колку повеќе нечие размислување е слично со Христовото толку поголема е неговата духовност и толку поголема е веројатноста да добие „живот и мир“ (Римјаните 13:14).

Како да се запознае „Христовиот ум“

За да го имаме Христовиот ум, најнапред треба да го запознаеме. Затоа, првиот чекор што треба да го направиме за да ги задоволиме духовните потреби е да дознаеме како размислувал Исус. Но, како ќе дознаеш како размислувал некој што живеел на Земјата пред 2000 години? Исто како што веројатно си дознал нешто за други историски личности од нашата земја — така што си читал за нив. Ако го читаме она што е напишано за Исус, ќе можеме многу добро да го запознаеме Христовиот ум (Јован 17:3).

За Исус постојат четири живописни историски извештаи. Тоа се евангелијата, кои ги напишале Матеј, Марко, Лука и Јован. Доколку со интерес ги читаме овие извештаи, ќе видиме како размислувал Исус, што чувствувал и зошто постапувал на одреден начин. А ако си одвоиме време да размислуваме за она што сме го прочитале, ќе почнеме да сфаќаме каква личност бил тој. Дури и да сметаш дека ти си веќе следбеник на Христос, таквото читање и размислување ќе ти помогне да ‚растеш во незаслужената доброта и во познавањето на нашиот Господар и Спасител Исус Христос‘ (2. Петрово 3:18).

Имајќи го ова на ум, да разгледаме неколку стихови од евангелијата и да видиме зошто Исус бил таква духовна личност. Потоа прашај се дали можеш и ти да бидеш како него (Јован 13:15).

Духовноста и „плодовите на духот“

Лука, писателот на едно евангелие, рекол дека Божјиот свет дух слегол на Исус кога тој се крстил и дека Исус бил „полн со свет дух“ (Лука 3:21, 22; 4:1). Подоцна Исус им помогнал на своите следбеници да сфатат колку е битно да бидат водени од Божјиот свет дух, односно „силата со која се служи Бог“ (1. Мојсеева 1:2, фуснота; Лука 11:9-13). Зошто ова е толку важно? Затоа што, токму под влијание на Божјиот дух, човечкиот ум може постепено да се промени и да стане сличен на Христовиот (Римјаните 12:1, 2). Светиот дух му помага на човекот да развие особини како што се „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“. Духовниот човек се познава по овие особини, кои Библијата ги нарекува ‚плодови на духот‘ (Галатите 5:22, 23). Со други зборови, духовен е оној човек што е воден од Божјиот дух.

Исус ги покажувал плодовите на духот во текот на целата своја служба. Неговата љубов, љубезност и доброта особено можеле да се видат во начинот на кој постапувал со луѓето кои општеството ги сметало за обични и прости (Матеј 9:36). Да земеме за пример една случка што ја запишал апостол Јован. Тој вели: „Додека поминуваше, [Исус] виде еден човек слеп од раѓање“. И неговите ученици го виделе човекот, но го сметале за грешник. Затоа прашале: „Кој згрешил, овој човек или неговите родители?“ Човекот го виделе и неговите соседи, но за нив тој бил само просјак. Затоа рекле: „Не е ли тоа оној што седеше и просеше?“ За разлика од сите нив, Исус видел дека тој слеп човек има потреба од помош. Затоа зборувал со него и го излекувал (Јован 9:1-8).

Што учиш од оваа случка за Христовиот ум? Прво, Исус не се преправал дека не ги гледа бедните, туку постапувал со нив многу сочувствително. Второ, презел чекори да им помогне. Дали мислиш дека и ти постапуваш како Исус? Дали ги гледаш луѓето исто како што ги гледал Исус, и дали им помагаш да им биде подобро во животот и да стекнат светла надеж за иднината? Или, пак, можеби си склон да им укажуваш чест на оние што се угледни, а да ги презираш оние што не се? Ако постапуваш како Исус, тогаш добро го следиш неговиот пример (Псалм 72:12-14).

Духовноста и молитвата

Во евангелијата стои дека Исус честопати му се молел на Бог (Марко 1:35; Лука 5:16; 22:41). Додека служел на Земјата, Исус намерно одвојувал време за да се моли. Апостолот Матеј напишал: „Штом го распушти народот, [Исус] се качи на гората сам за да се моли“ (Матеј 14:23). Тој добивал сила од тие мигови што ги минувал насамо во разговор со својот небесен Татко (Матеј 26:36-44). И денес духовните луѓе се трудат да одвојат време за да разговараат со Бог, бидејќи се свесни дека така ќе станат уште поблиски со Творецот и ќе размислуваат уште послично на Христос.

Исус честопати долго се молел (Јован 17:1-26). На пример, пред да ги избере своите 12 апостоли, ‚целата ноќ ја поминал молејќи му се на Бог‘ (Лука 6:12). Иако не мора да поминуваат по цела ноќ во молитва, вистински духовните луѓе го следат примерот на Исус. Пред да донесат некоја важна одлука во животот, тие одвојуваат прилично многу време за да му се молат на Бог да ги води со светиот дух и да им помогне одлуката што ќе ја донесат да биде за нивно духовно добро.

Во своите молитви, Исус ја покажал и длабочината на своите чувства. Истото треба да го правиме и ние. Забележи што напишал Лука за начинот на кој Исус се молел вечерта пред да умре. Во евангелието по Лука стои: „Кога се најде во тешка душевна мака, се молеше уште посесрдно. Потта му стана како капки крв што паѓаа на земјата“ (Лука 22:44). Исус и пред тоа се молел сесрдно, но овој пат, соочен со најтешкото искушение во својот живот на Земјата, се молел „уште посесрдно“ — и Бог го услишил (Евреите 5:7). Духовните луѓе го следат примерот на Исус. Кога ќе се соочат со особено тешки искушенија, „уште посесрдно“ го молат Бог да им даде свет дух, да ги води и да ги поддржува.

Бидејќи Исус многу ја ценел можноста да се моли, не е чудо што и неговите ученици сакале да бидат како него во тој поглед. Затоа го замолиле: „Господару, научи нѐ да се молиме“ (Лука 11:1). Како тогаш, така и денес, луѓето што ги ценат духовните работи и сакаат Бог да ги води со својот свет дух, се молат исто како Исус. Нема сомнение, вистинската духовност и молитвата одат рака под рака.

Духовноста и проповедањето на добрата вест

Во евангелието по Марко пишува дека Исус еднаш останал до доцна во ноќта лекувајќи ги болните. Утредента, рано наутро, додека се молел насамо, неговите ученици дошле кај него и му рекле дека уште многу други луѓе го бараат и веројатно сакаат да ги излекува. Но, Исус им рекол: „Да појдеме на друго место, во блиските места за да проповедам и таму“. Потоа објаснил зошто: „Бидејќи за тоа и дојдов“ (Марко 1:32-38; Лука 4:43). Иако за Исус било важно да ги лекува луѓето, проповедањето на добрата вест за Божјето Царство била неговата главна задача (Марко 1:14, 15).

И денес можеш да ги препознаеш луѓето што го имаат Христовиот ум по тоа што им зборуваат на другите за Божјето Царство. На сите што сакаат да бидат негови следбеници, Исус им ја дал оваа заповед: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи,.. учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Освен тоа, Исус прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Со оглед на тоа што Божјата реч покажува дека проповедањето се извршува со помош на светиот дух, ревносното учество во тоа дело е знак за вистинска духовност (Дела 1:8).

За да им биде пренесена пораката за Царството на луѓето низ целиот свет, потребни се здружени напори на милиони луѓе (Јован 17:20, 21). Тие што учествуваат во проповедањето не само што треба да се интересираат за духовни работи туку треба да бидат и добро организирани на светско ниво. Можеш ли да ги препознаеш луѓето што одат по стапките на Христос и ја проповедаат добрата вест за Царството насекаде по светот?

Дали си и ти духовен човек?

Се разбира, има и други работи по кои може да се види кој навистина е духовен човек, но дали ти ги имаш карактеристиките што ги разгледавме досега? За да го добиеш одговорот, прашај се: ‚Дали редовно ја читам Божјата реч, Библијата, и дали размислувам за тоа што го читам? Дали ги покажувам плодовите на духот? Дали често се молам? Дали сакам да им се придружам на луѓето што ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство низ целиот свет?‘

Ако чесно се преиспитаме, самите ќе сфатиме колку е длабока нашата духовност. За да добиеш „живот и мир“, те поттикнуваме уште сега да ги преземеш потребните чекори (Римјаните 8:6; Матеј 7:13, 14; 2. Петрово 1:5-11).

[Рамка/слики на страница 7]

ОБЕЛЕЖЈА НА ДУХОВНИОТ ЧОВЕК

◆ Ја сака Божјата реч

◆ Ги покажува плодовите на духот

◆ Му се моли на Бог редовно и сесрдно

◆ Им ја кажува добрата вест за Царството на другите

[Слика на страница 5]

Библијата помага да го запознаеш Христовиот ум