Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Желба да се задоволат духовните потреби

Желба да се задоволат духовните потреби

Желба да се задоволат духовните потреби

ВО СВОЈАТА прочуена Проповед на гората, Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Веројатно и ти се согласуваш со овие зборови. Насекаде во светот има луѓе кои признаваат дека имаат духовни потреби и мислат дека, штом ќе ги задоволат, ќе бидат среќни. Меѓутоа, да видиме најпрво што значи зборот „духовен“.

Еден речник ги дава следниве две дефиниции за зборот „духовен“: „поврзан со свети или религиозни нешта“, или „што се однесува на духот како спротивност на материјалното“. Според тоа, човекот што е свесен за своите духовни потреби многу ги цени духовните или религиозните работи.

Како некој може навистина да ги задоволи своите духовни потреби? И покрај тоа што скоро секоја религија тврди дека го знае одговорот на ова прашање, речиси сите даваат различни објаснувања. Протестантите тврдат дека ги спасува богослужбата со која им се будат верските чувства. Православните мислат дека се соединуваат со Господ кога се причестуваат. Будистите бараат просветлување со помош на медитација. А хиндусите настојуваат да се ослободат од циклусот на повторни раѓања преку самоодрекување. Дали сите тие се на добар пат да ги задоволат своите духовни потреби? Дали барем едните ќе успеат во тоа?

За многумина, одговорот на овие прашања е: ‚Не!‘ Тие сметаат дека е доволно да си веруваш во бог, но не мора да одиш во некоја црква. Други, пак, мислат дека духовните потреби немаат никаква врска со побожноста, туку се поврзани со желбата за внатрешен мир и за смисла во животот. Тие тврдат дека на оној што сака да ги задоволи ваквите потреби не му треба религија. Наместо тоа, човек само треба да се сврти кон себеси, кон своите чувства. Еден писател вели: „Вистинската духовност е нешто што се наоѓа длабоко во тебе. Тоа е начинот на кој покажуваш љубов, на кој го прифаќаш и комуницираш со светот и со луѓето околу тебе. Таа не може да се најде во некоја црква или во некакво верување“.

Сосема е јасно дека, кога станува збор за духовноста, мислењата на луѓето се поделени. Илјадници книги тврдат дека можат да го покажат патот до неа, а сепак читателите, откако ќе ги прочитаат, честопати се чувствуваат збунето и празно. Но, постои една книга која може со сигурност да ни покаже како да ги задоволиме духовните потреби. Тоа е книгата која содржи докази дека е вдахновена од Бог (2. Тимотеј 3:16). Да видиме што вели таа книга, Библијата, за духовноста и за нејзината вредност.

[Извор на слика на страница 2]

НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Во заднина: © Mark Hamblin/​age fotostock