Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од книгата Езекиел — втор дел

Избрани стихови од книгата Езекиел — втор дел

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од книгата Езекиел — втор дел

НАСТАНИТЕ се случуваат во декември, 609 год. пр.н.е. Вавилонскиот цар ја започнал својата последна опсада на Ерусалим. Дотогаш, пораката што ја имал Езекиел за изгнаниците во Вавилон се однесувала само на една тема: падот и уништувањето на нивниот сакан град, Ерусалим. Но сега, темата на пророштвата што ги кажува Езекиел се менува и тој пророкува дека ќе биде извршена пресуда над паганските народи што ќе се радуваат на неволјата што ќе го снајде Божјиот народ. По поразот на Ерусалим што се случил 18 месеци подоцна, пораката на Езекиел повторно добива една нова тема: величествената обнова на обожавањето на вистинскиот Бог.

Езекиел 25:1—48:35 содржи пророштва за народите што живееле околу Израел и за избавувањето на Божјиот народ. * Освен она што е кажано во Езекиел 29:17-20, извештајот следи еден хронолошки и тематски редослед. Меѓутоа, овие четири стиха се вклопуваат само тематски. Како дел од вдахновеното Свето писмо, книгата Езекиел содржи една порака што е „жива и делотворна“ (Евреите 4:12).

‚ЗЕМЈА ШТО ЌЕ СТАНЕ КАКО ЕДЕНСКАТА ГРАДИНА‘

(Езекиел 25:1—39:29)

Бидејќи однапред знае како жителите на Амон, Моав, Едом, Филистеја, Тир и Сидон ќе реагираат на падот на Ерусалим, Јехова му вели на Езекиел да пророкува против нив. Египет требало да биде ограбен. ‚Фараонот, египетскиот цар и неговото мноштво‘ се споредени со кедар што ќе биде отсечен со „мечот на вавилонскиот цар“ (Езекиел 31:2, 3, 12; 32:11, 12).

Околу шест месеци по уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е., еден бегалец доаѓа и му вели на Езекиел: „Градот падна!“ На пророкот ‚му се отворила устата, па повеќе не бил нем‘ пред изгнаниците (Езекиел 33:21, 22). Требало да објавува пророштва за обнова. Јехова ‚ќе им подигне еден пастир, својот слуга Давид‘ (Езекиел 34:23). Едом требало да биде опустошен, но Јуда требало да стане „како еденската градина“ (Езекиел 36:35). Јехова ветува дека ќе го заштити својот обновен народ од нападот на „Гог“ (Езекиел 38:2).

Одговорени библиски прашања:

29:8-12 — Кога Египет лежел опустошен 40 години? По уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е., остатокот на Јуда избегал во Египет и покрај тоа што пророкот Еремија ги опоменал да не бегаат таму (Еремија 24:1, 8-10; 42:7-22). Тоа не било никаков излез за нив бидејќи Навуходоносор тргнал против Египет и го поразил. Можеби по тој пораз Египет лежел опустошен 40 години. Иако световната историја не дава докази дека тоа се случило, можеме да бидеме уверени дека било така затоа што Јехова е Бог што ги исполнува своите пророштва (Исаија 55:11).

29:18 — На кој начин „секоја глава оќелаве и секое рамо се одра“? Опсадата на копнениот дел од градот Тир била толку жестока и напорна што поглаварите на трупите на Навуходоносор оќелавеле од триењето на шлемовите и рамениците им се одрале од носењето градежни материјали со кои правеле кули и утврдувања (Езекиел 26:7-12).

Поуки за нас:

29:19, 20. Бидејќи жителите на Тир пребегале во копнениот дел од градот понесувајќи со себе голем дел од своето богатство, цар Навуходоносор не добил голем плен од Тир. Иако Навуходоносор бил горд и себичен пагански владетел, Јехова го наградил за тоа што тргнал против Тир со тоа што му го дал Египет како „плата за неговата војска“. Зар не треба да се угледаме на вистинскиот Бог и да им плаќаме даноци на владите за службата што ја вршат за нас? Од оваа обврска не нѐ ослободува ниту однесувањето на световните власти ниту начинот на кој ги користат даноците (Римјаните 13:4-7).

33:7-9. Денешната класа на стражарот — помазаниот остаток — и нивните придружници, никогаш не треба да се воздржуваат да ја проповедаат добрата вест за Царството и да ги предупредуваат луѓето дека претстои една „голема неволја“ (Матеј 24:21).

33:10-20. Нашето спасение зависи од тоа дали ќе престанеме да правиме лошо и дали ќе го правиме она што го бара Бог. Јеховиниот пат навистина е „прав“.

36:20, 21. Бидејќи не живееле според она по што биле познати, односно како „народ на Јехова“, Израелците го оскверниле, односно го оцрниле Божјето име пред другите народи. Никогаш не треба да бидеме Божји слуги само на зборови.

36:25, 37, 38. Духовниот рај што го имаме денес е исполнет со „стадо свети луѓе“. Затоа, треба да се трудиме да го одржиме чист.

38:1-23. Многу е утешно што знаеме дека Јехова ќе го спаси својот народ од нападот на Гог од земјата Магог! Гог е името што му е дадено на „владетелот на овој свет“, Сатана Ѓаволот, откако е истеран од небото. Земјата Магог се однесува на подрачјето во близината на Земјата, во чии граници смеат да бидат Сатана и неговите демони (Јован 12:31; Откровение 12:7-12).

„НАСОЧИ ГО СРЦЕТО КОН СЕТО ОНА ШТО ЌЕ ТИ ГО ПОКАЖАМ“

(Езекиел 40:1—48:35)

Настапува 14-тата година откако е разрушен градот Ерусалим (Езекиел 40:1). Претстојат уште 56 години изгнанство (Еремија 29:10). Езекиел сега има речиси 50 години. Во едно видение, тој е одведен во земјата Израел. Речено му е: „Сине човечки, гледај со очите и слушај со ушите и насочи го срцето кон сето она што ќе ти го покажам!“ (Езекиел 40:2-4). Сигурно Езекиел е многу восхитен од видението за новиот храм!

Величествениот храм што го гледа Езекиел има 6 капии, 30 трпезарии, Светиња, Светиња над светињите, дрвен жртвеник и еден жртвеник за принесување на жртви паленици. Од храмот ‚извира‘ поток што станува река (Езекиел 47:1). Езекиел добива и едно видение за тоа како им е распределена земјата на племињата — секој дел се протегал од исток кон запад со административна територија помеѓу деловите што им биле доделени на племињата Јуда и Венијамин. Во овој дел, или парче земја, се наоѓаат „Јеховиното светилиште“ и „градот“ наречен „Јехова е таму“ (Езекиел 48:9, 10, 15, 35).

Одговорени библиски прашања:

40:3-47:12 — Што е претставено со храмот од видението што го добил Езекиел? Овој храм со огромни размери што го видел Езекиел во видение не бил навистина изграден. Тој го претставувал Божјиот духовен храм — она што го прави Бог денес за да можат луѓето да го обожаваат на исправен начин (Езекиел 40:2; Михеј 4:1; Евреите 8:2; 9:23, 24). Видението за храмот се исполнува во текот на „последните денови“, кога свештенството се прочистува (2. Тимотеј 3:1; Езекиел 44:10-16; Малахија 3:1-3). Меѓутоа, потполно ќе се исполни во рајот. Со тоа што овој храм бил прикажан во видение, Евреите добиле ветување дека повторно ќе се обожава Бог на исправен начин и дека секое еврејско семејство ќе наследи парче земја.

40:3-43:17 — Што е значајно во врска со мерењето на храмот? Мерењето на храмот е знак дека Јеховината намера во врска со чистото обожавање на вистинскиот Бог сигурно ќе се исполни.

43:2-4, 7, 9 — Што биле ‚труповите на нивните цареви‘ што требало да се отстранат од храмот? Тие трупови по сѐ изгледа биле идолите. Владетелите на Ерусалим и народот го извалкале Божјиот храм со идоли — всушност, нив ги направиле свои цареви.

43:13-20 — Што е симболизирано со жртвеникот што го видел Езекиел во видение? Симболичниот жртвеник е Божјата волја во поврзаност со откупната жртва на Исус Христос. Благодарение на оваа жртва, помазаниците се прогласени за праведни и ‚големото мноштво‘ е чисто и неизвалкано во Божји очи (Откровение 7:9-14; Римјаните 5:1, 2). Можеби затоа во храмот од видението не е прикажано ‚излеаното море‘ од Соломоновиот храм — еден огромен мијалник со вода што го користеле свештениците за да се мијат во него (1. Царевите 7:23-26).

44:10-16 — Кој е претставен со класата свештеници? Класата свештеници е претслика за групата помазани христијани во денешно време. Тие биле прочистени во 1918 год., кога Јехова седнал „како оној што топи и пречистува“ во својот духовен храм (Малахија 3:1-5). Оние што биле чисти или што се покајале, можеле да продолжат со својата служба. Потоа, морале напорно да работат на тоа ‚да се чуваат од валканоста на овој свет‘, и така биле пример за ‚големото мноштво‘, кое е претставено со несвештеничките племиња (Јаков 1:27; Откровение 7:9, 10).

45:1; 47:13-48:29 — Што претставуваат „земјата“ и нејзиното делење? Земјата го претставува подрачјето каде што е активен Божјиот народ. Без оглед на тоа каде се наоѓа некој обожавател на Јехова, тој е во обновената земја сѐ додека го обожава вистинскиот Бог. Доделувањето на земјата ќе биде потполно исполнето во новиот свет, кога секој што е верен ќе наследи свој дел (Исаија 65:17, 21).

45:7, 16 — Што е прикажано со прилогот што го дал народот за свештениците и за кнезот? Во духовниот храм, ова првенствено се однесува на духовната поддршка — помагањето и спремната соработка.

47:1-5 — Што е претставено со водата од реката што ја видел Езекиел во видението? Со водата е претставено сѐ што направил Јехова за да добиеме живот, вклучувајќи ја и откупната жртва на Исус Христос и спознанието за Бог што се наоѓа во Библијата (Еремија 2:13; Јован 4:7-26; Ефешаните 5:25-27). Реката постепено станува сѐ подлабока за да ги задоволи и потребите на новите што почнуваат да го обожаваат вистинскиот Бог (Исаија 60:22). Реката ќе тече со најделотворна вода на животот за време на илјадагодишното владеење на Христос, и нејзините води ќе го вклучуваат и натамошното разбирање стекнато од ‚свитоците‘ што ќе се отворат тогаш (Откровение 20:12; 22:1, 2).

47:12 — Што претставуваат плодните дрвја? Симболичните дрвја го претставуваат сето она што го прави Бог за да можат луѓето повторно да станат совршени.

48:15-19, 30-35 — Што претставува градот што го видел Езекиел? Градот „Јехова е таму“ се наоѓа на земја ‚што не е света‘, а тоа покажува дека мора да претставува нешто земно. Изгледа дека овој град го претставува земното управување во корист на оние што ќе ја сочинуваат праведната „нова земја“ (2. Петрово 3:13). Тоа што има порти на сите четири страни покажува дека е лесно пристаплив. И надгледниците на Божјиот народ треба да бидат пристапливи.

Поуки за нас:

40:14, 16, 22, 26. Тоа што на ѕидовите на влезните врати на храмот се изрезбани палми покажува дека само оние што се морално чисти смеат да влезат внатре (Псалм 92:12). Од ова учиме дека Јехова ја прифаќа нашата служба само ако сме праведни и чисти.

44:23. Треба да бидеме многу благодарни за службата што ја врши денешната класа на свештеници! „Верниот и разборит роб“ предводи во обезбедувањето навремена духовна храна што ни помага да ја согледаме разликата помеѓу она што е нечисто и она што е чисто во Јеховини очи (Матеј 24:45).

47:9, 11. Спознанието — кое е многу битна состојка на симболичната вода — врши прекрасно лекување во нашево време. Каде и да се земе, духовно ги оживува луѓето (Јован 17:3). Од друга страна, пак, оние што не ја прифаќаат животодавната вода ќе бидат „оставени за сол“ — ќе бидат уништени засекогаш. Многу е битно ‚да даваме сѐ од себе за исправно да се служиме со речта на вистината‘! (2. Тимотеј 2:15).

„Ќе го посветам своето велико име“

Откако бил симнат од престолот последниот цар од лозата на Давид, вистинскиот Бог дозволил да помине еден долг период пред да дојде Оној „што според законот има право“ да царува. Меѓутоа, Бог не го укинал својот сојуз со Давид (Езекиел 21:27; 2. Самоилова 7:11-16). Во пророштвото на Езекиел се зборува за „мојот слуга Давид“, кој ќе стане „пастир“ и „цар“ (Езекиел 34:23, 24; 37:22, 24, 25). Тоа е лично Исус Христос како цар што владее (Откровение 11:15). Јехова ‚ќе го посвети своето велико име‘ преку месијанското Царство (Езекиел 36:23).

Многу скоро, сите оние што го сквернават Божјето свето име ќе бидат уништени. Но, оние што го посветуваат тоа име во својот живот обожавајќи го Јехова на прифатлив начин, ќе добијат вечен живот. Затоа, потполно да ги искористиме водите на животот што обилно течат во нашево време и најважно во животот нека ни биде да го обожаваме вистинскиот Бог.

[Фуснота]

^ пас. 2 Стиховите од Езекиел 1:1—24:27 беа обработени во „Избрани стихови од книгата Езекиел — прв дел“, во Стражарска кула од 1 јули 2007.

[Слика на страница 9]

Величествениот храм од видението на Езекиел

[Слика на страница 10]

Што претставува реката на животот од видението на Езекиел?

[Извор на слика]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.