Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Му служам на Јехова — на моја огромна чест и задоволство

Му служам на Јехова — на моја огромна чест и задоволство

Животна приказна

Му служам на Јехова — на моја огромна чест и задоволство

Раскажала Зера Стигерс

Мојот сопруг, кој верно служеше како полновремен проповедник заедно со мене, почина во 1938 год. Останав сама и морав да се грижам за бебенце и за десетгодишно синче. Иако сѐ уште имав силна желба да служам полновремено, како можев да го сторам тоа? Пред да објаснам како успеав да ја остварам таа желба, да ви раскажам нешто за мојот живот.

КРАТКО откако сум се родила, на 27 јули 1907 год. во Алабама (САД), моите родители ме зеле мене и братчињата и сестричката и се преселиле во Џорџија. По извесно време заминавме за Тенеси, а потоа се преселивме во близина на Тампа (Флорида). Додека бевме таму, во 1916 год., ја гледав „Фотодрамата за создавањето“. Филмската индустрија тогаш беше во својот зародиш и, навистина, сите уживаа во „Фотодрамата“!

Моите родители беа страсни читатели на Стражарска кула и на другите библиски публикации. Иако татко ми многу сакаше да ја чита оваа литература, во тоа време не беше активно поврзан со Истражувачите на Библијата, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. Но, мајка ми нѐ водеше нас децата на состаноци. Всушност, кратко откако се преселивме во Најлз (Мичиген), редовно патувавме 15 километри со воз до состаноците што се одржуваа во Саут Бенд (Индијана).

На 22 јули 1924 год., се крстив и почнав да му служам на Јехова. Наскоро потоа, мајка ми си ги организира работите за да може да стане колпортер, како што тогаш се нарекуваа полновремените проповедници на Јеховините сведоци. Нејзиниот убав пример и примерот на другите колпортери влеаја во мене желба и јас да служам како нив.

Најдов партнер за служба

На еден голем конгрес во Индијанаполис (Индијана), во 1925 год., се запознав со Џејмс Стигерс од Чикаго. Тој веднаш ми остави силен впечаток — навистина му служеше на Јехова со жар. Не беше лесно да се гледаме бидејќи живеев на околу 160 километри од Чикаго. Во тоа време, во овој голем град имаше само едно собрание, и состаноците се одржуваа во една изнајмена соба на кат. Џејмс честопати ми пишуваше писма со охрабрувачки духовни мисли. Се зедовме во декември 1926 год., и околу една година подоцна се роди нашиот прв син, Еди.

Наскоро потоа, јас и Џејмс започнавме со пионерска служба. Служевме во осум држави — Мичиген, Луизијана, Мисисипи, Јужна Дакота, Ајова, Небраска, Калифорнија и Илиноис. Тоа беа најубавите години од нашиот живот! Дури кога Џејмс се разболе, им дојде крај на тие наши среќни денови како семејство.

Бидејќи лекувањето на Џејмс беше многу скапо, во 1936 год. моравме да се вратиме во Чикаго за да живееме кај свекрва ми, која исто така беше Сведок. Кога болеста на Џејмс веќе беше во понапреднат стадиум и јас бев бремена со второто дете, морав да работам за еден долар дневно во една менза. Мојата мила свекрва секогаш водеше сметка да имаме доволно за јадење, и не сакаше да ѝ дадеме ни долар за возврат. Навистина добро се грижеше за нас.

Џејмс боледуваше речиси две години, и на крајот умре од воспаление на мозокот, во јули 1938 год. Додека беше болен, не можеше ниту да вози ниту да проповеда од врата до врата, но никогаш не пропушташе шанса да им сведочи на другите. За да го издржувам семејството, јас морав да прекинам со полновремената служба. Наоѓав најразлични работи, но секоја од нив беше само привремена.

Нашиот син Боби се роди на 30 јули, само осум дена откако почина татко му. Но, мојата свекрва не дозволи да се породам во државна болница. Напротив, ме однесе во подобра болница, и нејзиниот лекар се грижеше за мене. Освен тоа, ги плати сите сметки. Тоа беше израз на вистинска христијанска љубов што многу, многу ја ценев.

Повторно во полновремена служба

Останавме да живееме со свекрва ми сѐ додека Боби не наполни 2 години, а Еди тогаш имаше 12. Иако морав да се навикнам на новите околности, во мене сѐ уште гореше желбата да му служам на Јехова полновремено. На конгресот што се одржа во Детроит (Мичиген) во 1940 год., се запознав со еден брачен пар пионери кои ме поттикнаа да пионерам во Јужна Каролина. Па така, за 150 долари купив автомобил марка Понтијак од 1935 и се спакував за да се преселиме. Во 1941, годината кога Соединетите Држави влегоа во Втората светска војна, заедно со моите два сина тргнав на југ, и повторно започнав со пионерската служба.

Кога се преселивме во Јужна Каролина, прво живеевме во Камден, потоа во Литл Ривер и, на крајот, во Конвеј. Во Конвеј купив мала станбена приколка. Еден љубезен сопственик на бензинска пумпа ми дозволи да се паркирам во близина, и да користам плин и струја од неговата бензинска, па дури и да го користам тоалетот во неа. Во Втората светска војна, бензинот беше редуциран, и не можев да набавам гориво. Затоа си купив еден половен велосипед. Потоа, во 1943 год., кога изгледаше дека е невозможно да продолжам да пионерам затоа што немавме ни скршена пара, добив покана да служам како специјален пионер, што значеше дека ќе добивам месечен надоместок за да ги покријам трошоците. Низ сите овие години, Јехова навистина многу ми помагаше!

Со оглед на тоа што во Конвеј тогаш немаше други Сведоци, не ми беше лесно да одам во служба само со децата. Затоа напишав писмо и побарав да биде испратен уште еден специјален пионер за да служиме заедно. Во 1944 год., Јехова ме благослови со една многу добра сестра — Едит Вокер! Цели 16 години служевме заедно во неколку места. Но потоа, за жал, таа мораше да се врати во Охајо бидејќи имаше проблеми со здравјето.

Незаборавни благослови

Од сите убави спомени низ годините, еден од најмилите ми е споменот на 13-годишната Алберта. Таа живееше во Конвеј и се грижеше за баба ѝ, која беше инвалид, и за своите две помали братчиња. Многу ги сакаше библиските вистини за кои ѝ зборував и сакаше да им ги каже и на другите. И таа ја засака пионерската служба и почна да служи како пионер откако заврши средно во 1950 год. Сега, по повеќе од 57 години, таа сѐ уште служи полновремено!

Во 1951 год., јас и Едит кратко служевме во Рок Хил (Јужна Каролина), каде што имаше многу малку Сведоци. Потоа заминавме за Елбертон (Џорџија), и таму останавме 3 години. Оттаму пак се вративме во Јужна Каролина, каде што јас останав од 1954 до 1962 год. Во Валхала запознав една постара жена, која се викаше Нети и имаше проблеми со слухот, а живееше сама во едно селско подрачје. Кога ја проучувавме Библијата, таа прво го читаше пасусот од публикацијата, потоа јас ѝ го покажував прашањето за тој пасус на дното од страницата, и на крајот таа ми го покажуваше со прст одговорот во пасусот.

Кога нешто не разбираше, го запишуваше прашањето на лист хартија, а јас ѝ го пишував одговорот. Со текот на времето, Нети толку ја засака библиската вистина што почна да доаѓа на состаноци и да проповеда од врата до врата. Проповедаше сама, но јас секогаш бев во близина, обично од другата страна на улицата, и бев спремна да ѝ се придружам доколку видев дека ѝ треба помош.

Додека бев во Валхала, мојот стар автомобил едноставно престана да работи. Ми се укажа шанса да купам друг автомобил за 100 долари, но немав пари. Затоа се јавив кај еден Сведок кој имаше дуќан, и тој ми позајми 100 долари. Кратко потоа, ненадејно добив писмо од мојата сестра во кое пишуваше дека таа и моите браќа неодамна откриле дека татко ми оставил пари во банка пред да умре. Разговарале што да прават со тие пари, и сите се сложиле да ми ги пратат мене. Сумата беше точно 100 долари!

Во пионерска служба со моите синови

Како мали, Еди и Боби постојано беа со мене кога проповедав од врата до врата. Во тоа време немаше речиси никакви проблеми со дрога, а немаше ни толкав неморал како денес. Со тоа што водев едноставен живот и се посветив на проповедањето, успеав да избегнам многу од проблемите со кои се соочуваат денешните родители додека ги поучуваат своите деца да му служат на Јехова.

Еди одеше на училиште во Камден до осмо одделение, а потоа изрази желба да продолжи како пионер со мене. Неколку години уживавме заедно во пионерската служба. Потоа пројави желба да служи во светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк), и таму служеше од 1947 до 1957 год. Во 1958 год., се ожени со Алберта, девојчето со кое порано ја проучував Библијата, и продолжија заедно да служат како пионери. Колку бевме радосни што во 2004 год. тројцата заедно присуствувавме на Школата за пионери!

Се сеќавам дека еден ден пред многу години го чув малиот Боби како го моли Јехова да ми помогне да имам доволно бензин за да можам да појдам со колата кај луѓето со кои ја проучував Библијата. Боби отсекогаш ја сакаше службата, и неколку години и самиот служеше полновремено. За жал, и тој доживеа семејна трагедија. Во 1970 год. му умре жената при породување заедно со близнаците што ги носеше — и тоа само 22 месеци откако се зедоа. Боби секогаш живее во моја близина и многу сме блиски.

Сѐ уште сум пионер!

Во 1962 год. бев доделена да служам во моето сегашно собрание во Ламбертон (Северна Каролина), и сѐ уште сум овде, по речиси 45 години. Продолжив да возам кола сѐ до средината на моите 80-ти години. Сега едно семејство што живее во близина ме вози на состаноци и ме зема со нив во служба.

Имам потпирка за одење и инвалидска количка, но немам потреба да ги користам бидејќи сѐ уште можам да одам без помагала. Многу сум му благодарна на Јехова што ми даде извонредно здравје. Дури од неодамна имам малку проблеми со очите. Никогаш не пропуштам состанок, освен ако сум многу болна и сѐ уште служам како општ пионер со посебни потреби.

По 70 години радосна пионерска служба, искрено можам да кажам дека Јехова постојано ми помагаше. * Знам дека никогаш не сум била ниту посебно паметна ниту, пак, вешта работничка, но Јехова е свесен што можам, а што не можам да правам. Многу сум благодарна што знае дека се трудам и што ме користи во својата служба.

Мислам дека е многу важно да му служиме на Јехова со сета душа бидејќи сѐ му должиме нему. Сѐ додека можам, не би избрала да служам поинаку освен како пионер. Тоа за мене е огромна чест! Се молам Јехова да ме користи во сета вечност.

[Фуснота]

^ пас. 30 Сестра Стигерс го заврши својот живот на Земјата на 20 април 2007 год. За само три месеци ќе наполнеше точно 100 години. Многу сме охрабрени од тоа што долги години верно му служеше на Јехова и се радуваме што ја доби својата небесна награда.

[Слика на страница 13]

Јас и маж ми го користевме ова возило додека бевме колпортери

[Слика на страница 14]

Со синовите во 1941 год.

[Слика на страница 15]

Понова слика со Еди и Боби