Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Истражувај ги „Божјите длабочини“

Истражувај ги „Божјите длабочини“

Истражувај ги „Божјите длабочини“

„Духот истражува сѐ, дури и Божјите длабочини“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 2:10).

1. Наведи неколку библиски вистини од кои се воодушевени лицата кои почнуваат да ја проучуваат Библијата.

ПОВЕЌЕТО од нас во христијанското собрание сѐ уште се сеќаваме колку бевме воодушевени кога првпат ја дознавме вистината. Разбравме зошто е важно Јеховиното име, зошто Бог дозволува луѓето да страдаат, зошто некои одат на небо и што им носи иднината на другите луѓе кои му остануваат верни на Бог. Можеби и пред тоа сме ја читале Библијата, но не сме ги разбрале овие работи, како што не ги разбираат ни повеќето луѓе денес. Сме биле како човек што гледа корален гребен низ водата. Ако нема никаква опрема, може да види само малку од убавините што се кријат под површината на водата. Но, ако стави очила за нуркање или седне во чамец со стаклено дно, срцето ќе му потскокне од радост кога за првпат ќе ги види коралите кои се прелеваат во разни бои, рипките, морските анемони и други суштества кои пленат со својата убавина. Слично на ова, кога некој почнал да ни помага да ја разбереме Библијата, за првпат сме имале можност да ѕирнеме во „Божјите длабочини“ (1. Коринќаните 2:8-10).

2. Зошто можеме засекогаш да се радуваме на работите што ги дознаваме кога ја истражуваме Божјата реч?

2 Треба ли да се задоволиме само со површно разбирање на библиската вистина? Изразот „Божјите длабочини“ значи да се разбере Божјата мудрост која светиот дух им ја открива на христијаните, но која им е скриена на другите (1. Коринќаните 2:7). Колкаво бескрајно поле за истражување е Божјата мудрост! И колкава радост ни носи тоа! Никогаш нема да знаеме сѐ за тоа колку мудро размислува и постапува Бог. Што е уште поважно, ако продолжиме без престан да ги истражуваме „Божјите длабочини“, нема никогаш да ја изгубиме радоста што ја чувствувавме кога првпат ги дознавме основните библиски учења.

3. Зошто треба добро да разбереме на што се темелат нашите верувања?

3 Зошто треба да ги разбереме тие „длабочини“? Ако знаеме не само што веруваме, туку и зошто веруваме во тоа — односно на што се темелат нашите верувања — ќе се зајакне нашата вера и доверба во библиските учења. Библијата нѐ поттикнува да го користиме својот „разум“ за ‚да утврдиме која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено‘ (Римјаните 12:1, 2). Ако ни е јасно зошто Јехова сака да живееме на одреден начин, ќе бидеме уште порешени да го слушаме. Значи, познавањето на „Божјите длабочини“ може да ни даде сила да се спротивставиме кога ќе се најдеме на искушение да направиме нешто што не е во ред, а и да нѐ поттикне ‚ревносно да правиме добри дела‘ (Тит 2:14).

4. Како треба да се проучува Библијата?

4 За да ги разбереме Божјите длабочини, мора да проучуваме. Но, не е исто да се проучува и површно да се чита нешто. Кога проучуваме, треба внимателно да размислуваме како тие информации се вклопуваат во она што веќе го знаеме (2. Тимотеј 1:13). Треба да сфатиме зошто се запишани тие работи. Исто така, кога ја проучуваме Библијата, треба длабоко да размислуваме како да го примениме она што го учиме за да донесуваме мудри одлуки и за да им помогнеме на другите. Освен тоа, бидејќи „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување“, треба да го проучуваме „секој збор што излегува од Јеховината уста“ (2. Тимотеј 3:16, 17; Матеј 4:4). Навистина, потребно е да се вложи голем труд за да се проучува Библијата! Но, тоа ни причинува и огромна радост. Освен тоа, не е премногу тешко да се разберат „Божјите длабочини“.

Јехова им помага на кротките да разберат

5. Кој може да ги разбере „Божјите длабочини“?

5 Дури и ако не ти одело баш најдобро на училиште и не си навикнат да проучуваш, не треба да си мислиш дека не можеш да ги разбереш „Божјите длабочини“. Кога Исус служел на Земјата, Јехова не им ја открил својата намера на мудрите и на учените, туку на неуките и обични луѓе кои биле доволно понизни за да прифатат да бидат поучени од Божјиот слуга. Тие биле како мали деца во споредба со оние што оделе на високите школи (Матеј 11:25; Дела 4:13). Во врска со она што ‚Бог им го подготвил на оние што го сакаат‘, апостол Павле им напишал на своите соверници: „Нам Бог ни го откри тоа со својот дух, бидејќи духот истражува сѐ, дури и Божјите длабочини“ (1. Коринќаните 2:9, 10).

6. Што значат зборовите од 1. Коринќаните 2:10?

6 На кој начин Божјиот дух истражува „сѐ, дури и Божјите длабочини“? Наместо да му ја открива вистината на секој христијанин поединечно, Јехова го користи својот дух за да ја води својата организација, која му помага на неговиот обединет народ да ја разбере Библијата (Дела 20:28; Ефешаните 4:3-6). Насекаде во светот, сите собранија следат слична програма за проучување на Библијата. Во текот на неколку години, тие ги обработуваат сите библиски учења. Светиот дух дејствува преку собранието и им помага на луѓето да стекнат исправен став без кој не би можеле да ги разберат „Божјите длабочини“ (Дела 5:32).

Што е вклучено во „Божјите длабочини“

7. Зошто многу луѓе не ги разбираат „Божјите длабочини“?

7 Не треба да мислиме дека зборот „длабочини“ секогаш се однесува на работи кои тешко се разбираат. Точно е дека „Божјите длабочини“ се скриени за повеќето луѓе, но не затоа што е тешко да се сфати Божјата мудрост, туку затоа што Сатана ги наведува да ја одбијат помошта што Јехова им ја нуди преку Својата организација (2. Коринќаните 4:3, 4).

8. За кои длабочини зборувал Павле во третото поглавје од своето писмо до Ефешаните?

8 Од третото поглавје во писмото што Павле им го напишал на Ефешаните се гледа дека во „Божјите длабочини“ спаѓаат многу вистини кои повеќето Јеховини слуги добро ги разбираат. На пример, тие знаат кое е ветеното потомство, знаат дека Бог избира поединци од Земјата на кои им дава надеж за живот на небото, и јасно им е што е месијанското Царство. Павле напишал: „Во претходните поколенија, таа тајна не им беше објавена на човечките синови така како што сега преку духот им е откриена на неговите свети апостоли и пророци, имено, дека луѓе од другите народи треба со нас да бидат сонаследници и делови на истото тело и соучесници на ветувањето во единство со Христос Исус“. Павле рекол дека тој добил задача да ‚им објави на луѓето како Бог управува со откривањето на светата тајна, која од дамнина е скриена во Него‘ (Ефешаните 3:5-9).

9. Зошто е голема чест да се разберат „Божјите длабочини“?

9 Потоа Павле објаснил дека Бог исто така сака Неговата „разнолика мудрост да може, преку собранието... да им се објави на владетелите и на властите на небесата“ (Ефешаните 3:10). И ангелите учат кога гледаат колку мудро постапува Јехова со христијанското собрание. Каква чест имаме што ги разбираме работите за кои се интересираат дури и ангелите! (1. Петрово 1:10-12). Потоа Павле додава дека треба да се трудиме ‚заедно со сите свети, во потполност да разбереме што е ширината и должината и височината и длабочината‘ на христијанската вера (Ефешаните 3:11, 18). Да разгледаме сега неколку примери за „Божјите длабочини“ за кои досега можеби не сме размислувале на таков начин.

Примери за „Божјите длабочини“

10, 11. Според Библијата, кога станал Исус главен дел од ‚потомството‘ на Божјата ‚жена‘ на небото?

10 Знаеме дека Исус е главниот дел од ‚потомството‘ на Божјата небесна ‚жена‘ што се спомнува во 1. Мојсеева 3:15. За да го разбереме ова уште подобро, може да прашаме: ‚Кога станал Исус ветеното потомство? Дали уште пред да дојде на Земјата, дали кога се родил како човек, дали кога се крстил или, пак, кога воскреснал?‘

11 Бог ветил дека од неговата небесна организација, која во ова пророштво е наречена негова ‚жена‘, ќе произлезе потомство што ќе ѝ ја смачка главата на Змијата. Но, поминале неколку илјади години, а Божјата жена сѐ уште немала дадено потомство кое можело да ги уништи Сатана и неговите дела. Затоа, во пророштвото на Исаија таа е опишана како ‚неротка‘ која е „со ранет дух“ (Исаија 54:1, 5, 6). Кога дошло времето, Исус се родил во Витлеем. Но, дури откако се крстил и бил помазан со дух за да стане духовен Божји син, Јехова објавил: ‚Ова е мојот Син‘ (Матеј 3:17; Јован 3:3). Конечно се појавил главниот дел од ‚потомството‘ на жената. Подоцна, и следбениците на Исус биле помазани со свет дух и станале Божји синови. Јеховината ‚жена‘, која толку долго се чувствувала како жена ‚која не раѓала‘, најпосле можела да ‚извикува од радост‘ (Исаија 54:1; Галатите 3:29).

12, 13. Кои библиски стихови покажуваат дека сите помазани христијани на Земјата го сочинуваат „верниот и разборит роб“?

12 Друг пример за длабочините што Бог ни ги открил се однесува на неговата намера да избере 144.000 луѓе од Земјата (Откровение 14:1, 4). Ние веруваме дека сите помазаници што живеат на Земјата во кое и да било време, го сочинуваат „верниот и разборит роб“ за кого Исус рекол дека ќе им дава на неговите домашни „храна“ во вистинско време (Матеј 24:45). Кои библиски стихови потврдуваат дека ова разбирање е исправно? Дали е можно Исус да зборувал општо за секој христијанин кој ги зајакнува своите браќа давајќи им духовна храна?

13 Бог му рекол на израелскиот народ: „Вие сте мои сведоци... и мој слуга кого го избрав“ (Исаија 43:10). Но, на 11 нисан 33 год. од н.е., Исус им рекол на водачите на Израел дека Бог повеќе не го признава израелскиот народ за свој слуга. Тој рекол: „Царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“. А на мноштвата им рекол: „Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Матеј 21:43; 23:38). Како Јеховин роб, односно слуга, домот на Израел не бил ниту верен ниту разборит (Исаија 29:13, 14). Подоцна истиот ден, Исус прашал: „Кој е верниот и разборит роб?“ Тој, со други зборови, прашал: ‚Кој разборит народ ќе го замени Израел и ќе служи како Божји верен роб?‘ Апостол Петар го дал одговорот кога му ги кажал следниве зборови на собранието од помазани христијани: „Вие сте... ‚свет народ, народ кој е Божја сопственост‘“ (1. Петрово 1:4; 2:9). Тој духовен народ, „Израелот Божји“, ја презел улогата на нов Јеховин роб (Галатите 6:16). Исто како што сите припадници на древниот Израел биле претставени со еден „слуга“, така и сите помазани христијани кои живеат во кое и да било време за Земјата се претставени со еден ‚верен и разборит роб‘. Каква чест е за нас тоа што добиваме „храна“ преку Божјиот роб!

Можеш да уживаш во проучувањето на Библијата

14. Зошто ќе бидеме порадосни ако ја проучуваме Библијата, а не само ако ја читаме?

14 Кога појасно ќе разбереме некоја работа од Божјата реч, зарем не сме среќни што чувствуваме како тоа ни ја зајакнува верата? Токму од таа причина, проучувањето на Библијата, а не само читањето, ни носи поголема радост. Затоа, кога ги читаш христијанските публикации, прашај се: ‚Каква е врската меѓу ова објаснување и она што го знам отпорано за оваа тема? Кои други библиски стихови или докази би оделе во прилог на заклучоците што се изнесени во оваа статија?‘ Ако е потребно додатно да истражуваш, запиши го прашањето на кое би сакал да добиеш одговор и проучувај на таа тема во некоја следна прилика.

15. Што би можел со уживање да проучуваш, и како тоа проучување може да ти донесе трајна корист?

15 Кои теми би можел со уживање да ги проучуваш за да стекнеш подлабоко разбирање? Можеш многу да научиш ако подетално ги испиташ различните сојузи што Бог ги склучувал за доброто на човештвото. Би можел да си ја зајакнеш верата ако ги проучуваш пророштвата што укажуваат на Исус Христос или ако стих по стих истражиш некоја од пророчките книги во Библијата. Верата ќе ти стане уште поцврста ако се запознаеш и со современата историја на Јеховините сведоци која е изнесена во книгата Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство, доколку оваа публикација е издадена на твојот јазик. * И разгледувањето на поранешните статии во рубриката „Прашања од читателите“, која излегува во Стражарска кула, може да ти помогне подлабоко да разбереш некои библиски стихови. Обрни особено внимание како се користени библиските стихови за да се дојде до заклучоците што се изнесени во статијата. Ова ќе ти помогне да ја вежбаш својата „моќ на согледување“ и да стекнеш проникливост (Евреите 5:14). Додека проучуваш, прави си белешки или на твојот личен примерок од Библијата или на лист хартија за да имате трајна корист од проучувањето и ти и оние на кои би можел да им помогнеш.

Помогни им на младите да уживаат во проучувањето

16. Како можеш да им помогнеш на младите да уживаат во проучувањето на Библијата?

16 Родителите можат многу да им помогнат на своите деца да стекнат апетит за духовни работи. Немојте да мислите дека децата се премногу мали за да ги разберат „Божјите длабочини“. Ако им дадете задача да истражат некоја тема пред да ја проучувате Библијата како семејство таа седмица, прашајте ги што научиле. Кога проучувате како семејство, може да вклучите и еден практичен дел кој ќе им помогне на младите да научат како да ја бранат својата вера и да докажат дека она што го научиле од Библијата е вистина. Освен тоа, може да ја користите и брошурата „Запознај ја добрата земја“ * за да видат каде се наоѓаат местата што се спомнуваат во Светото писмо и за да им биде појасен материјалот што сте го читале од Библијата во текот на таа седмица.

17. Зошто треба да бидеме урамнотежени во врска со личното проучување на Библијата?

17 Иако личното проучување на Библијата може да биде многу интересно и да ни ја зајакне верата, не треба да дозволиме тоа да ни стане поважно од подготовката за собраниските состаноци. Состаноците се уште еден начин на кој Јехова нѐ поучува преку „верниот и разборит роб“. Меѓутоа, ако истражуваш додатно додека се подготвуваш за состанок, тоа може да ти помогне да даваш смисловни коментари на состаноците — на пример, на Собраниското проучување на книга или кога се коментира за избрани стихови од седмичното читање на Библијата во Теократската школа за служба.

18. Зошто вреди да вложиме труд за да ги проучуваме „Божјите длабочини“?

18 Ако длабоко ја проучуваш Божјата реч, ќе можеш да станеш уште поблизок со Јехова. Библијата ни покажува колку е вредно таквото проучување кога вели: „Мудроста е заштита, а и парите се заштита. Но предноста на знаењето и на мудроста е во тоа што тие им го чуваат животот на оние што ги имаат“ (Проповедник 7:12). Затоа, вреди да вложиш труд за да го продлабочиш своето разбирање на духовните работи. На оние што не престануваат да истражуваат, Библијата им го дава следново ветување: „Ќе го пронајдеш знаењето за Бог“ (Изреки 2:4, 5).

[Фусноти]

^ пас. 15 Издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 16 Издадена од Јеховините сведоци.

Можеш ли да објасниш?

• Што се „Божјите длабочини“?

• Зошто не треба никогаш да престанеме да ги проучуваме „Божјите длабочини“?

• Зошто секој христијанин може да се радува што ги разбира „Божјите длабочини“?

• Како можеш да извлечеш уште поголема корист од „Божјите длабочини“?

[Прашања]

[Слика на страница 28]

Кога Исус станал ветеното Потомство?

[Слика на страница 31]

Родителите можат да ги задолжат децата да истражат некоја тема пред да проучуваат како семејство