Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Научив да имам целосна доверба во Јехова

Научив да имам целосна доверба во Јехова

Животна приказна

Научив да имам целосна доверба во Јехова

Раскажал Обри Бакстер

Беше недела навечер, 1940 год. Двајца мажи ме удираа толку силно што паднав на земја. Во близина стоеја двајца полицајци кои, наместо да ме одбранат, ме нарекуваа со секакви погрдни имиња и ги храбреа насилниците да продолжат. Настаните што водеа до овој суров напад се поврзани со она што се случи пет години пред тоа, кога работев во еден рудник за јаглен. Дозволете ми да ви раскажам сѐ по ред.

РОДЕН сум во 1913 год. во крајбрежниот град Свонси во Нов Јужен Велс (Австралија), како трето од четирите машки деца. Кога имав пет години, се разболевме од шпански грип — страшна болест која одзеде неколку милиони животи низ целиот свет. За среќа, ниту еден од нас не го загуби животот. Меѓутоа, во 1933 год. нѐ погоди трагичната загуба на мајка ми, која почина на 47 години. Таа беше побожна жена и ги имаше набавено двата тома од книгата Светлина (Light) — публикација за проучување на Библијата што ја делеа Јеховините сведоци.

Во тоа време работев во еден рудник за јаглен. Имаше периоди кога моравме многу да работиме, но и периоди кога можевме да се опуштиме. Затоа, со себе ги носев и книгите кои ги читав со помош на карабинската ламба што ми беше прицврстена за шлемот. Наскоро сфатив дека ја пронајдов вистината. Почнав да ги слушам библиските предавања што Сведоците ги емитуваа на радио. Бев уште порадосен кога татко ми и браќата почнаа да се интересираат за библиската вистина.

Во 1935 год. нѐ снајде уште една трагедија. Мојот помлад брат Били, кој имаше само 16 години, доби воспаление на белите дробови и умре. Но, овојпат нашето семејство се тешеше со надежта во воскресение (Дела 24:15). По некое време, татко ми, моите постари браќа Вернер и Харолд и нивните сопруги му го ветија својот живот на Бог. Од моето потесно семејство, само уште јас сум жив. Меѓутоа, втората жена на Вернер, Марџори, и жена му на Харолд, Елизабет, сѐ уште ревносно му служат на Јехова.

Научив да имам доверба во Јехова

Во 1935 год., за првпат имав прилика лично да разговарам со Јеховините сведоци, кога нѐ посети една постара Украинка, која дојде со својот велосипед. Наредната недела отидов на мојот прв христијански состанок, а по една седмица се приклучив на групата за проповедање. Братот што го водеше состанокот за проповедање ми даде неколку брошурки и, на мое големо изненадување, ме испрати да одам сам! Кога застанав пред првата врата, ме фати толку голема трема што посакував земјата да се отвори и да ме голтне! Но, станарот беше љубезен, па дури и зеде литература.

Имаше некои стихови, како што се Проповедник 12:1 и Матеј 28:19, 20, кои силно влијаеја врз мене и поради кои посакав да станам пионер, односно полновремен проповедник. Татко ми се согласи. Иако сѐ уште не бев крстен, решив да почнам од 15 јули 1936 год. Тој ден отидов во подружницата на Јеховините сведоци во Сиднеј и бев поканет да служам во Далич Хил, предградие на Сиднеј, заедно со уште 12 пионери. Тие ми покажаа како се користи рачната мелница за жито со која пионерите во тие денови си мелеа брашно за да заштедат пари.

Пионерска служба во дивината

Нешто подоцна истата година се крстив, а потоа добив задача да служам во централниот дел од Квинсленд заедно со уште двајца пионери — Обри Вилс и Клајв Шејд. Сѐ што имавме беше комбето на Обри, неколку велосипеди, пренослив фонограф на кој пуштавме библиски предавања, еден шатор во кој живеевме во наредните три години, три кревети, маса и тенџере. Една вечер мене ми беше редот да готвам, па решив да направам „специјалитет“ — каша со зеленчук. Но, никој не можеше да го јаде. Во близина стоеше еден коњ, па му го понудив нему. Тој го помириса јадењето, ја стресе главата и си замина! Тоа беше крај на моите готвачки експерименти.

По некое време, за да можеме побрзо да го обработиме, подрачјето го поделивме на три дела, по еден за секого. Кога ќе завршев со службата, обично бев предалеку за да возам до шаторот, па понекогаш ќе преспиев кај гостољубивите селани. Во една прилика спиев во луксузен кревет во гостинската соба од една сточна фарма, а следната ноќ на земјениот под од колибата на еден ловец на кенгури со купишта смрдливи кожи околу мене. Честопати спиев под ведро небо. Еднаш можев да насетам како околу мене кружат диви кучиња (динго), чие завивање одекнуваше низ темнината. Ноќта ја поминав буден, а утредента сфатив дека не се збирале заради мене, туку заради остатоците од некое животно фрлено во близината.

Проповедање со автомобил со озвучување

Еден автомобил со озвучување ни беше од голема помош додека го објавувавме Божјето Царство. Полицијата од Таунзвил, град во северниот дел од Квинсленд, ни дозволи да отидеме во центарот на градот и таму да пуштаме говори. Меѓутоа, тоа ги разлути членовите на Армијата на спасот, кои ни рекоа да си одиме. Кога одбивме да го сториме тоа, петмина од нив почнаа силно да ни го тресат комбето. Во тој момент бев внатре и управував со опремата за озвучување! Сфативме дека не е разумно да докажуваме дека имаме право да бидеме таму. Затоа, откако престанаа да го тресат комбето, го напуштивме местото.

Во Бандерберг, еден интересент ни го позајми чамецот за да пуштаме говори од реката Бернет, која минува низ градот. Обри и Клајв се качија во чамецот натоварен со опремата за озвучување, а јас останав во салата што ја изнајмивме. Таа вечер, продорниот глас на Џозеф Ф. Ратерфорд од светското седиште на Јеховините сведоци ечеше низ Бандерберг, објавувајќи ја силната библиска порака. Тоа навистина беа возбудливи времиња кога Божјиот народ требаше да биде храбар и верен.

Војната наметна поголеми предизвици

Кратко по почетокот на Втората светска војна во септември 1939 год., во Стражарска кула од 1 ноември се зборуваше за тоа што значи христијаните да бидат неутрални во однос на политиката и војната. Подоцна ми беше многу мило што го проучував овој материјал, кој излезе во вистинско време. Три години потоа, се разделивме со Обри и Клајв бидејќи добивме различни задачи. Јас бев именуван да служам како покраински надгледник во северниот дел на Квинсленд. Додека ја извршував оваа задача, имав многу прилики да покажам колкава доверба имам во Јехова.

Во август 1940 год. бев во посета на собранието во Таунзвил, кое имаше четворица пионери — Перси и Илма Излоб * и Норман и Беатрис Белоти, кои се брат и сестра. Шест години подоцна, Беатрис ми стана сопруга. Една саботна вечер, откако завршивме со службата на улица, бев нападнат, како што спомнав на почетокот. Меѓутоа, оваа неправда ме поттикна да бидам уште поревносен во службата за Јехова.

Две телесни сестри кои служеа како пионерки, Јуна и Мерл Килпатрик, ревносно проповедаа во северниот дел. По еден прекрасен ден во служба со нив, ме замолија да ги префрлам со чамец на другата страна од реката, каде што живееше едно семејство што се интересираше за Библијата. За да им помогнам, требаше да ја препливам реката, да го земам чамецот што беше врзан таму, да веслам назад и потоа да ги пренесам. Меѓутоа, кога стигнав до чамецот, веслата ги немаше никаде! Подоцна дознавме дека некој противник ги скрил. Но, тоа не нѐ спречи. Долги години работев како спасител на плажа и сѐ уште бев добар пливач. Па така, си го врзав чамецот со јаже околу половината, го довлечкав до другата страна на реката и повторно го влечев преку реката со сестрите внатре. Јехова ги благослови нашите напори зашто по извесно време членовите на ова семејство станаа Сведоци.

Под Јеховината закрила

Од безбедносни причини, војската постави блокади непосредно пред градот Инисфејл. Бидејќи моето постојано живеалиште беше во границите на блокадата, можев да добивам дозвола за излез-влез, што беше од непроценлива вредност кога доаѓаа браќа од подружницата на Јеховините сведоци. За да ја поминат контролата, ги криев во една тајна преграда под задното седиште од мојот автомобил.

Во тоа време, бензинот се продаваше во ограничени количини. Затоа, во многу возила се вградуваше посебен уред кој го собираше запаливиот гас што се ослободуваше од вжарен јаглен и служеше како гориво за моторот. Патував ноќе, а врз преградата во која беше скриен братот редев вреќи со јаглен. Кога ќе стигнев до контролата, им го одвлекував вниманието на стражарите така што ја притискав гаста до даска, од што резервоарот со јаглен претерано се вжештуваше. Се сеќавам како една вечер им довикував на стражарите: „Ако го исклучам моторот сега, ќе ми биде тешко повторно да го запалам“. Бидејќи им пречеа жештината, вревата и саѓите, стражарите набрзина го прегледаа автомобилот и ме пуштија.

Во истиот период добив задача да организирам конгрес во Таунзвил за тамошните Сведоци. Храната се продаваше во ограничени количини, а за да добиеме повеќе требаше да побараме дозвола од тамошниот судија. Тогаш браќата одеа в затвор поради својата неутралност. Затоа, кога закажав термин кај судијата, си помислив: „Паметно ли е ова што го правам или си ја барам бељата?“ Сепак, ги следев дадените упатства и отидов.

Судијата, кој седеше зад својата голема, импресивна работна маса, ме замоли да седнам. Кога му кажав зошто сум дојден, се вкочани и го впери во мене својот студен поглед. Потоа се опушти и рече: „Колку храна ќе ви треба?“ Му дадов список во кој беше наведена најмалата потребна количина од секој артикл. Тој го прегледа и рече: „Мислам дека не е доволно. Нека биде двојно повеќе“. Си заминав од канцеларијата со чувство на голема благодарност кон Јехова, кој ми покажа уште еднаш дека ја заслужува мојата доверба.

Во јануари 1941 год., активноста на Јеховините сведоци во Австралија беше забранета. Многу луѓе почнаа да се сомневаат во нас, па дури и нѐ обвинуваа дека сме јапонски шпиони! Еднаш, две полициски и воени патроли се истоварија на бетелската фарма на висорамнината Атертон — имот што го купивме за да произведуваме храна. Бараа некаков рефлектор што наводно сме го користеле за да му даваме сигнали на непријателот. Бевме обвинети и дека пченката ја садиме по кодирана шема што може да се чита од авион! Се разбира, беше утврдено дека таквите обвиненија се неосновани.

Поради забраната, моравме да бидеме внимателни — но и досетливи — кога испорачувавме литература. На пример, кога излезе книгата Деца (Children), зедов еден пакет со книги во Бризбен, се качив на воз кој одеше кон север и оставав по неколку книги на секоја станица каде што имаше собрание. За полицајците и војниците да не ми ја отвораат кутијата, со себе носев и сечило од циркулар што го врзував за кутијата пред да слезам од возот. Иако беше едноставна, оваа тактика секогаш успеваше. Јеховините сведоци беа многу радосни кога во јуни 1943 год. беше укината оваа забрана што еден судија ја нарече „самоволна, произволна и неправедна“.

Покана да служам војска

Во текот на претходната година, јас, Обри Вилс и Норман Белоти добивме покана да служиме војска. Обри и Норман беа повикани една седмица пред мене и беа осудени на 6 месеци затвор. Во тоа време, поштата ги конфискуваше списанијата Стражарска кула што беа адресирани до лицата за кои знаеја дека се Сведоци, но другите претплатници смееја да ги добиваат. Наша задача беше да пронајдеме таков претплатник, да ги умножиме списанијата и да им ги разделиме на Сведоците. На тој начин, редовно добивавме духовна храна.

Како што и очекував, бев осуден на 6 месеци затвор. Веднаш поднесов жалба, следејќи ги упатствата од подружницата во Сиднеј. Целта беше да ја одложиме казната додека не биде назначен некој друг што ќе се грижи за делото. Во северниот дел од Квинсленд беа затворени 21 Сведок. Бидејќи бев на слобода, ова време го искористив за да посетам некои од овие браќа. Управникот на затворот во којшто се наоѓаа повеќето од нив нѐ мразеше. Кога го потсетив дека на свештениците од другите религии им е дозволено да ги посетуваат своите членови, тој збесна и почна да вика: „Море да е до мене, би ги стрелал сите Јеховини сведоци!“ Тогаш стражарите брзо ме испратија до излезот.

Кога требаше да се разгледува мојата жалба, добив помош од адвокат што го обезбедуваше државата. Но, всушност, морав самиот да се бранам и да се потпирам на Јехова, кој не ме разочара (Лука 12:11, 12; Филипјаните 4:6, 7). За чудо, жалбата беше усвоена бидејќи во обвинението беа пронајдени административни грешки.

Во 1944 год. добив задача да служам во една огромна покраина која ги опфаќаше цела Јужна Австралија, северниот дел од Викторија и градот Сиднеј во Нов Јужен Велс. Следната година беше започната светска кампања со јавни предавања. Секој говорник требаше да подготви говор на темел на нацрт од една страница што го обезбедуваше организацијата. Држењето говори од еден час беше дополнителен предизвик, но дававме сѐ од себе со целосна доверба во Јехова, кој ги благослови нашите напори.

Брак и нови одговорности

Во јули 1946 год., се оженив со Беатрис Белоти, и заедно служевме како пионери. Живеевме во приколка од шперплоча. Во декември 1950 год. се роди нашето единствено дете, нашата ќерка Џенис (Џен). Како пионери служевме на многу места, меѓу кои и градот Кемпси (Нов Јужен Велс), во кој не живееја други Сведоци. Секоја недела одевме во општинската сала, каде што бев спремен да одржам јавно предавање што го најавувавме со летоци. Неколку месеци, Беатрис и малата Џен ми беа единствената публика. Но, наскоро почнаа да се појавуваат и други лица. Денес во Кемпси има две напредни собранија.

Кога Џен имаше две години, се преселивме во Бризбен. Откако таа заврши со школувањето, четири години сите тројца служевме како пионери во градот Сеснок. Потоа се вративме во Бризбен за да ѝ помагаме на мајка ѝ на Беатрис, која во тоа време се разболе. Во моментов имам чест да служам како старешина во собрание Чермсајд.

Беатрис и јас сме му благодарни на Јехова за многуте благослови. Како прво, ни беше чест што можевме да им помогнеме на 32 лица да го запознаат. Јас лично сум му благодарен за мојата мила сопруга. Иако е нежна и блага, таа секогаш е спремна бестрашно да се бори за библиската вистина. Бидејќи го сака Јехова, се потпира на него и има ‚бистро око‘, таа е прекрасна сопруга и мајка (Матеј 6:22, 23; Изреки 12:4). И двајцата можеме од срце да кажеме: „Благословен... е човекот што се надева на Јехова, кому Јехова му е сигурност!“ (Еремија 17:7).

[Фуснота]

^ пас. 19 Животната приказна на Перси Излоб излезе во англиското издание на Стражарска кула од 15 мај 1981.

[Слика на страница 9]

Овој автомобил со озвучување го користевме во северниот дел од Квинсленд

[Слика на страница 10]

Им помагам на сестрите Килпатрик да го поместат своето возило за време на дождовната сезона во северниот дел од Квинсленд

[Слика на страница 12]

На денот кога се зедовме