‚Облечете се во понизност‘
‚Облечете се во понизност‘
ОВОЈ човек, кој се викал Савле, потекнувал од еден прочуен град. Веројатно се родил во угледно семејство и уште од раѓање бил римски државјанин. Учел во една од најдобрите школи во првиот век од н.е. Зборувал најмалку два јазика и бил фарисеј — член на една позната еврејска верска група.
Со текот на времето, Савле научил да гледа од високо на обичните луѓе и да се гордее со својата праведност (Лука 18:11, 12; Дела 26:5). Фарисеите како група се сметале за подобри од другите и уживале другите да им се восхитуваат и да им се обраќаат со ласкави титули (Матеј 23:6, 7; Лука 11:43). Веројатно дружењето со вакви луѓе придонело Савле да стане дрзок и вообразен. За него знаеме дека фанатично ги прогонувал христијаните. Со години подоцна, кога веќе бил познат како апостол Павле, тој за себе рекол дека во младоста бил „хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тимотеј 1:13).
Значи, Савле станал христијанин и потполно се променил како личност. Како христијански апостол со друго име, Павле, тој понизно рекол дека е „најмалиот од сите свети“ (Ефешаните 3:8). Иако имал голем успех кога проповедал, Павле не се фалел со тоа, туку сета заслуга му ја припишал на Бог (1. Коринќаните 3:5-9; 2. Коринќаните 11:7). Токму тој им го дал следниов совет на христијаните: „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12).
Дали овој совет важи и за 21-виот век? Дали вреди да се биде понизен? Може ли понизноста навистина да биде знак за јак карактер?
Дали Семоќниот Творец е понизен?
Не можеме да зборуваме за понизност без да го земеме предвид Божјето гледиште. Зошто? Затоа што тој е нашиот Севишен Господар и Творец. За разлика од него, ние мора да признаеме дека сме ограничени и зависиме од него. Елијуј, еден мудар човек од старо време, за Бог рекол: „Семоќниот не можеме да го сфатиме. Тој е возвишен во својата сила“ (Јов 37:23). Само ако размислуваме за огромната вселена, ќе сфатиме дека нема никаква причина да бидеме горди. Пророкот Исаија нѐ повикува: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име. Поради неговата голема моќ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно“ (Исаија 40:26).
Освен што е семоќен, Јехова Бог е и понизен. Цар Давид во молитва му рекол: „Ти ми го даваш својот штит на спасението, твојата понизност ме прави голем“ (2. Самоилова 22:36). Бог е понизен во таа смисла што е заинтересиран за обичните луѓе кои се трудат да ја вршат неговата волја и им покажува милост. Јехова, така да се каже, се наведнува од небото за да постапи љубезно со тие богобојазливи поединци (Псалм 113:5-7).
Освен тоа, Јехова ги цени своите понизни слуги. Апостол Петар напишал: „Бог им се спротивставува на вообразените, а им укажува незаслужена доброта на понизните“ (1. Петрово 5:5). Во врска со Божјиот став кон гордоста, еден од писателите на Библијата забележал: „Секој што е горд во срцето му е одвратен на Јехова“ (Изреки 16:5). Сепак, како може понизноста да биде знак за јак карактер?
Што не е понизноста
Понизноста не е исто со понижувањето. Во некои древни култури, за понизни главно се сметале робовите, кои биле презрени, бедни и за жалење. Спротивно на ова, Библијата истакнува дека понизниот ќе добие чест. На пример, еден мудар човек напишал: „Понизноста и стравот од Јехова донесуваат богатство, чест и живот“ (Изреки 22:4). Во Псалм 138:6 читаме: „Јехова е високо, а сепак го гледа понизниот. А надмениот го познава само оддалеку“.
Марко 14:61, 62; Јован 6:51). Сепак, покажал понизност така што сета заслуга за своите дела му ја припишал на Таткото. Освен тоа, својата моќ ја користел за да им помага на другите, а не за да владее над нив и да ги угнетува.
Ако некој е понизен, не значи дека е неспособен или дека ништо не постигнал во животот. На пример, Исус Христос никогаш не одрекол дека е Јеховин единороден Син и не оставил впечаток дека неговата служба на Земјата не е важна (Знак за јак карактер
Без сомнение, поради ‚моќните дела‘ што ги правел, Исус Христос станал познат меѓу оние што живееле во негово време (Дела 2:22). Но, имало и такви што сметале дека е „најмалиот од луѓето“ (Даниел 4:17). Тој не само што живеел скромно туку и постојано ги поучувал другите колку е важно да се биде понизен (Лука 9:48; Јован 13:2-16). Меѓутоа, неговата понизност воопшто не била знак за слаб карактер. Кога го бранел името на својот Татко и кога ја вршел својата служба, Исус бил бестрашен (Филипјаните 2:6-8). Во Библијата е опишан како храбар лав (Откровение 5:5). Од неговиот пример се гледа дека понизноста е знак за морална цврстина и за навистина јак карактер.
Додека се трудиме да развиваме вистинска понизност, сфаќаме дека треба да вложиме голем напор за да бидеме понизни во секој аспект од животот. Понизниот човек секогаш ѝ се подложува на Божјата волја наместо да оди по линија на помал отпор или да им подлегне на телесните склоности. За да развиеме понизност, потребна ни е морална цврстина бидејќи тоа од нас бара да ги ставиме настрана личните интереси за да им служиме несебично на Јехова и на ближните.
Колку вреди понизноста
Понизниот човек не е горд или вообразен. Тој има реална слика за себе, односно реално ги гледа своите јаки и слаби страни, своите успеси и неуспеси. Во врска со ова, Павле дал одличен совет: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли за себе разумно“ (Римјаните 12:3). Сите што го применуваат овој совет се понизни.
Понизни сме и ако прво гледаме за другите, па потоа за себе. Под Божје водство, Павле им го дал следниов совет на христијаните: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Филипјаните 2:3). Ова е во согласност со заповедта што им ја дал Исус на своите следбеници: „Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. Зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Матеј 23:11, 12).
Навистина, Бог има многу високо мислење за понизните лица. И ученикот Јаков го потврдил ова кога напишал: „Понизете се пред Јехова, и тој ќе ве возвиши“ (Јаков 4:10). Кој не би сакал да биде возвишен од Бог?
Кога нема понизност, доаѓа до големи немири и судири и меѓу групи и меѓу поединци. Од друга страна, пак, понизноста носи добри резултати. Како прво, ако сме понизни, Бог ќе нѐ сака (Михеј 6:8). Како второ, ќе имаме душевен мир, бидејќи понизните луѓе се посреќни и позадоволни отколку гордите (Псалм 101:5). И трето, ќе бидеме во подобри односи и ќе имаме помалку проблеми со членовите на семејството, со пријателите, со колегите и со другите луѓе. Тоа е така бидејќи понизните не се кавгаџии и не инсистираат да биде по нивно — нешто што лесно може да води до гнев, заладени односи, лутина и огорченост (Јаков 3:14-16).
Ако станеме и останеме понизни, сигурно ќе имаме добри односи со другите. Понизноста може да ни помогне да ги надминеме тешкотиите кои нѐ снаоѓаат во овој себичен свет, во кој секој сака да биде број еден. Со Божја помош, апостол Павле успеал да ги искорени вообразеноста и горделивоста што ги чувствувал порано. Ќе биде добро ако и ние го задушиме секое чувство на гордост и ако ја пресечеме во корен мислата дека сме подобри од другите. „Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“, предупредува Библијата (Изреки 16:18). Ако го следиме примерот и советите на Павле, ќе сфатиме колку е мудро ‚да се облечеме во понизност‘ (Колошаните 3:12).
[Слика на страница 4]
Павле успеал да ја искорени својата вообразеност и гордост
[Слика на страница 7]
Понизноста ќе ни помогне да имаме добри односи со другите
[Извор на слика на страница 5]
Anglo-Australian Observatory/David Malin Images