Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Древни црепки — поткрепа за Библијата

Древни црепки — поткрепа за Библијата

Древни црепки — поткрепа за Библијата

БИБЛИЈАТА е вдахновена од Бог (2. Тимотеј 3:16). Она што таа го кажува за луѓето, местата и за верските и политичките услови од древно време е точно. Веродостојноста на Библијата секако дека не зависи од археолошките откритија, иако таквите откритија го потврдуваат библискиот извештај или ни помагаат подобро да го разбереме.

Кога вршат археолошки ископувања на древни места, археолозите најмногу наоѓаат црепки, односно остатоци од скршени земјени садови. Црепките служеле како евтин материјал за пишување во многу места на древниот Блиски Исток, вклучувајќи ги и Египет и Месопотамија. Тие се користеле за запишување на деловни зделки, сметки, купопродажни договори и слично, исто како што денес ја користиме хартијата. Текстот обично се пишувал на црепките со мастило и можел да се состои само од еден збор, од неколку реда или од неколку колони.

Со археолошките ископувања во Израел се пронајдени многу црепки од библиско време. Три збирки од црепки, кои датираат уште од 7 и 8 век пр.н.е., се од посебен интерес затоа што потврдуваат различни историски поединости што се наоѓаат во Библијата. Тоа се црепките од Самарија, од Арад и од Лахис. Да ги погледнеме одблизу овие три збирки.

Црепките од Самарија

Самарија била главен град на десетплеменското северно царство Израел сѐ додека градот не бил освоен од Асирците во 740 год. пр.н.е. Во врска со потеклото на Самарија, во 1. Царевите 16:23, 24, стои: „Во триесет и првата година од царувањето на Аса над Јуда [947 год. пр.н.е.], Амри стана цар на Израел... Потоа, ја купи од Семир самариската планина за два таланти сребро и почна да гради град на планината, па градот што го изгради го нарече Самарија“. Градот постоел и во римско време и тогаш името му било сменето во Севастија. На крајот исчезнал како град во 6 век од н.е.

Во 1910 год., додека вршеле ископувања на местото на древната Самарија, една група археолози пронашле повеќе црепки за кои утврдиле дека датираат од 8 век пр. н.е. На црепките биле запишани некои пратки масло и вино што пристигнале во Самарија од разни места во нејзината околина. За ова откритие, книгата Древните записи — ехо од библискиот свет (Ancient Inscriptions—Voices From the Biblical World) наведува: „Шеесет и трите црепки што се пронајдени во 1910 година... со право [се] сметаат за една од најважните збирки од епиграфски [запишан] материјал што останал од древниот Израел. Црепките од Самарија не се важни поради нивната содржина,.. туку поради тоа што содржат опширен попис на израелски лични имиња, имиња на родовски заедници и географски имиња“. Како овие имиња потврдуваат одредени поединости од библискиот извештај?

Кога Израелците ја освоиле Ветената земја и ја поделиле меѓу племињата, местото Самарија се наоѓало на територијата на племето на Манасија. Според Исус Навин 17:1-6, десет семејства од племето на Манасија, кои потекнувале од неговиот внук Галад, добиле земјиште на тоа подрачје. Тоа биле семејствата на Авиезер, Хелек, Азрил, Сихем и Семида. А бидејќи шестиот син, Офер, немал внуци, туку пет внуки — Мала, Нуа, Огла, Мелха и Терса — и нивните семејства добиле по едно парче земја (4. Мојсеева 27:1-7).

На црепките од Самарија се зачувани седум од тие имиња на семејства — сите пет имиња на синовите на Галад и две на внуките на Офер, Огла и Нуа. „Имињата на семејствата што се зачувани на црепките од Самарија се вонбиблиска потврда дека семејствата на Манасија навистина живееле на територијата на која Библијата тврди дека се населиле“, стои во делото NIV Archaeological Study Bible. Значи, овој дел од раната историја на израелските племиња, која е опишана во Библијата, се потврдува со овие црепки.

Освен тоа, изгледа дека црепките од Самарија потврдуваат и дека религиозната состојба на Израелците била таква каква што е опишана во Библијата. Во времето кога биле запишани црепките од Самарија, Израелците го измешале обожавањето на Јехова со обожавањето на ханаанскиот бог Ваал. Во пророштвото на Осија, кое исто така е запишано во 8 век пр.н.е., се вели дека ќе дојде време кога Израел покајнички ќе го вика Јехова „Мажу мој“, и нема повеќе да го вика „Господару мој“ (Осија 2:16, 17). Некои од личните имиња што се најдени на црепките од Самарија значеле „Ваал е мојот татко“, „Ваал пее“, „Ваал е силен“, „Ваал се сеќава“ и слично. На секои 11 лични имиња што содржат некаков облик од името Јехова доаѓаат 7 имиња што содржат некаков облик од името „Ваал“.

Црепките од Арад

Арад бил древен град што се наоѓал на полусушното подрачје наречено Негев, прилично појужно од Ерусалим. Со ископувањата во Арад биле откриени шест израелски тврдини, кои биле изградени од времето на владеењето на Соломон (1037-998 год. пр.н.е.) до уништувањето на Ерусалим од страна на Вавилонците во 607 год. пр.н.е. Оние што го вршеле ископувањето во Арад пронашле најголем број црепки од библиско време. Збирката содржи преку 200 испишани глинени парчиња на хебрејски, арамејски и на други јазици.

Некои од црепките од Арад ги потврдуваат библиските информации во врска со свештеничките семејства. На пример, една црепка ги спомнува „синовите на Кореј“ за кои се зборува во 2. Мојсеева 6:24 и во 4. Мојсеева 26:11. Во натписите на Псалм 42, 44-49, 84, 85, 87 и 88 конкретно стои дека овие псалми ги напишале „синовите на Кореј“. Други свештенички семејства кои се спомнати на црепките од Арад се семејствата на Пасхор и Меремот (1. Летописи 9:12; Езра 8:33).

Да земеме уште еден пример. Во урнатините на една тврдина, која датира од периодот пред Вавилонците да го уништат Ерусалим, ископувачите пронашле глинено парче кое било упатено до командантот на тврдината. Според публикацијата The Context of Scripture, тоа делумно гласи: „До мојот господар Елјашиб. Јахве [Јехова] нека ти даде благосостојба... Во врска со онаа работа за која ми дадовте наредби — сега е сѐ во ред: тој се наоѓа во храмот на Јахве“. Многу научници сметаат дека храмот за кој станува збор е храмот во Ерусалим, кој првобитно бил изграден во времето на Соломон.

Црепките од Лахис

Древниот утврден град Лахис се наоѓал 43 километри југозападно од Ерусалим. Во текот на ископувањата во 1930 год., биле пронајдени голем број црепки. Најмалку 12 парчиња се писма опишани како „многу важни... за разјаснување на политичката ситуација и на општиот метеж што владеел додека во Јуда се подготвувале за неизбежниот напад на [вавилонскиот цар] Навуходоносор“.

Најважните писма се преписка меѓу еден помал офицер и Јаош, веројатно командантот на Лахис. Јазикот на кој биле напишани тие писма личи на јазикот во списите на пророкот Еремија, кој живеел во тоа време. Да видиме како две такви писма одат во прилог на описот што го дава Библијата за тој важен временски период.

Во Еремија 34:7, пророкот го опишува времето ‚кога војската на вавилонскиот цар се борела против Ерусалим и против сите градови на Јуда што преостанале — против Лахис и против Азика. Зашто, уште само тие утврдени градови преостанале од градовите на Јуда“. Изгледа дека човекот што испратил едно од писмата од Лахис ги опишува истите настани. Тој вели: „Чекаме да добиеме знаци (со оган) од Лахис... бидејќи не можеме да ја видиме Азика“. За многу научници тоа покажува дека Азика била освоена од Вавилонците и дека Лахис бил следниот што требало да падне. Интересен податок во овој текст е тоа што се зборува за ‚знаци со оган‘. И во Еремија 6:1 се спомнува користењето на таквите средства за комуникација.

Едно друго писмо од Лахис се смета дека оди во прилог на она што пророците Еремија и Езекиел го кажуваат во врска со обидите на царот на Јуда да добие помош од Египет во побуната против Вавилон (Еремија 37:5-8; 46:25, 26; Езекиел 17:15-17). Писмото од Лахис вели: „Твојот слуга сега ги доби следниве информации: Генералот Конјаху, син на Елнатан, се премести на југ за да влезе во Египет“. Научниците обично овој потег го објаснуваат како обид да се добие воена помош од Египет.

На црепките од Лахис исто така се спомнати и извесен број имиња што се наоѓаат во книгата Еремија. Тоа се Нирија, Јазанија, Гемарија, Елнатан и Осаја (Еремија 32:12; 35:3; 36:10, 12; 42:1). Не може со сигурност да се знае дали овие имиња ги претставуваат истите поединци. Но, бидејќи Еремија живеел во истиот временски период, сличноста меѓу имињата е впечатлива.

Заедничко обележје

Збирките од црепки од Самарија, Арад и Лахис потврдуваат неколку поединости што се запишани во Библијата. Во тие поединости спаѓаат фамилни имиња, имиња на места и поединости во врска со религиозната и политичката ситуација во тоа време. Но, има едно важно обележје што е заедничко за сите три збирки.

Писмата што се наоѓаат во збирките од Арад и Лахис содржат фрази слични на фразата: „Јехова нека ти даде мир“. Во седум од пораките од Лахис, Божјето име е спомнато вкупно 11 пати. Освен тоа, многу од хебрејските лични имиња што се наоѓаат во овие три збирки го содржат скратениот облик на името Јехова. Значи, овие црепки потврдуваат дека, во тоа време, Израелците секој ден го користеле Божјето име.

[Слика на страница 13]

Црепка од урнатините на Арад која била упатена до некој човек кој се викал Елјашиб

[Извор на слика]

Фотографија © Israel Museum, Ерусалим; со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority

[Слика на страница 14]

Писмо од Лахис во кое стои Божјето име

[Извор на слика]

Фотографија со љубезна дозвола на British Museum