Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Лука — саканиот соработник

Лука — саканиот соработник

Лука — саканиот соработник

ВО 65 год. од н.е., Лука се наоѓал во Рим. Знаел дека е опасно да се дознае дека му е пријател на апостол Павле, кому во тоа време му било судено поради неговата вера. Изгледало дека Павле ќе биде осуден на смрт. Но во тој тежок период, единствено Лука бил со апостолот (2. Тимотеј 4:6, 11).

Името Лука им е познато на читателите на Библијата затоа што евангелието кое тој го напишал го носи неговото име. Лука одел на долги патувања со Павле, кој го нарекол „саканиот лекар“ и ‚соработник‘ (Колошаните 4:14; Филимон 24). Библијата не ни дава многу информации за Лука и само три пати го спомнува неговото име. Но, ако го дознаеш она што е познато за Лука, најверојатно и ти како Павле ќе го цениш овој верен христијанин.

Писател и мисионер

Поради тоа што и Евангелието според Лука и книгата Дела на апостолите се упатени до Теофил, можеме да заклучиме дека Лука, под Божје водство, ги составил и двата извештаи (Лука 1:3; Дела 1:1). Лука не тврди дека е сведок на службата на Исус Христос, туку вели дека добил информации од очевидци и ‚внимателно испитал сѐ од почетокот‘ (Лука 1:1-3). Затоа постои веројатност дека Лука станал следбеник на Христос некаде по Педесетница 33 год. од н.е.

Некои претпоставуваат дека Лука потекнува од сириска Антиохија. Тие забележуваат дека во книгата Дела се опишани поподробно некои настани што се случувале во тој град и дека само за еден од седумте луѓе ‚кои биле на добар глас‘ се спомнува дека бил ‚преобратеник од Антиохија‘, а не се наведуваат градовите од кои потекнувале другите шестмина. Се разбира, не можеме со сигурност да тврдиме дека Антиохија била родниот град на Лука само поради тоа што тој посебно ја споменувал (Дела 6:3-6).

Иако во книгата Дела не се среќава името Лука, во одредени стихови се користени заменките „ние“, „наше“ и „нас“, од што се гледа дека и тој учествувал во некои од настаните што се опишани во книгата. Кога го опишал патот кој Павле и неговите придружници го поминале низ Мала Азија, Лука рекол: „Ја поминаа Мизија и дојдоа во Троада“. Токму во Троада, Павле во визија видел еден Македонец кој ја упатил молбата: „Прејди во Македонија и помогни ни!“ Лука додал: „А откако го виде видението, настојувавме веднаш да отидеме во Македонија“ (Дела 16:8-10). Промената од трето лице множина на прво лице множина укажува на тоа дека Лука ѝ се придружил на групата која била заедно со Павле во Троада. Потоа Лука го опишал проповедањето во Филипи во прво лице множина, и со тоа покажал дека и тој учествувал во проповедањето. Тој напишал: „На саботниот ден излеговме од градот и отидовме до една река, мислејќи дека таму луѓето се собираат за молитва. Седнавме и почнавме да им зборуваме на насобраните жени“. Како резултат на тоа, Лидија и сите нејзини домашни ја прифатиле добрата вест и се крстиле (Дела 16:11-15).

Во Филипи се соочиле со противење. Таму Павле излекувал една слугинка која предвидувала настани под влијание на еден „гатачки демон“. Кога нејзините господари виделе дека исчезнал нивниот извор на приходи, ги фатиле Павле и Сила, кои потоа биле истепани и затворени. Најверојатно Лука не бил уапсен затоа што маките на своите придружници го опишува во трето лице. Кога биле пуштени, Павле и Сила ‚ги охрабриле браќата, па заминале‘. Лука продолжил да пишува во прво лице дури откако Павле се вратил во Филипи (Дела 16:16-40; 20:5, 6). Лука можеби останал во Филипи за да се грижи за делото таму.

Собирање информации

Како Лука го собрал материјалот за своето евангелие и за книгата Дела? Деловите во книгата Дела каде што Лука зборува во прво лице — делови во кои Лука се вклучува себеси во раскажувањето — покажуваат дека тој го придружувал Павле од Филипи до Ерусалим, каде што апостолот повторно бил уапсен. Пред да стигнат во Ерусалим, Павле и неговите придружници некое време останале во Цезареја и биле сместени кај проповедникот Филип (Дела 20:6; 21:1-17). За време на нивниот престој, Лука можел да добие информации за раните мисионерски активности во Самарија од Филип, кој предводел во проповедањето во таа област (Дела 8:4-25). Но од кои други извори добивал информации?

Подоцна, Павле поминал две години во Цезареја како затвореник. Лука најверојатно имал можност за тоа време да ги провери податоците што ги внел во своето евангелие. Ерусалим не бил далеку и тој можел да ги побара записите за Исусовото родословие. Многу настани од животот и службата на Исус се запишани само во неговото евангелие. Еден изучувач утврдил дека има дури 82 пасуси во кои се опишани такви посебни настани.

Можно е Лука да дознал детали за раѓањето на Јован од Елисавета, мајката на Јован Крстител. Поединости во врска со раѓањето и детството на Исус можеби ги добил од Марија, мајката на Исус (Лука 1:5-80). Можеби Петар, Јаков или Јован му кажале на Лука за рибите што ги уловиле преку чудо (Лука 5:4-10). Само во Евангелието според Лука дознаваме за некои споредби на Исус, како на пример за милосрдниот Самарјанин, за тесната врата, за загубената драхма, за расипничкиот син и за богаташот и Лазар (Лука 10:29-37; 13:23, 24; 15:8-32; 16:19-31).

Лука многу се интересирал за луѓето. Тој запишал каков принос дала Марија за очистување, како воскреснал синот на една вдовица и дека една жена му ги помазала нозете на Исус. Лука ги спомнува жените кои му служеле на Христос и ни кажува дека Марта и Марија му укажале гостопримство. Во Евангелието според Лука се раскажува за лекувањето на една згрбавена жена, за еден човек кој имал водена болест и за очистувањето на десет лепрозни луѓе. Лука раскажал како нискиот Закхеј се качил на дрво за да го види Исус и како се покајал еден од злосторниците што биле приковани покрај Христос (Лука 2:24; 7:11-17, 36-50; 8:2, 3; 10:38-42; 13:10-17; 14:1-6; 17:11-19; 19:1-10; 23:39-43).

Вредно е да се спомене дека во Евангелието според Лука се опишува како милосрдниот Самарјанин, од споредбата на Исус, преврзал една рана. Очигледно поради тоа што бил лекар, Лука забележал дека Исус го дал тој опис, и затоа го запишал. Раната била исчистена со вино, кое служи како антисептик, потоа била премачкана со масло за да се смири и, на крајот, била преврзана (Лука 10:30-37).

Придружба на затвореник

Лука бил загрижен за апостол Павле. Кога Павле бил во притвор во Цезареја, римскиот управител Феликс наредил никому „од неговите“ да не му биде забрането „да го послужува“ (Дела 24:23). Најверојатно и Лука бил меѓу тие што му служеле. Поради тоа што Павле не бил секогаш со добро здравје, можеби му биле потребни и услугите на „саканиот лекар“ (Колошаните 4:14; Галатите 4:13).

Кога Павле сакал да се жали пред цезарот, римскиот управител Фест го испратил во Рим. Лука лојално го придружувал затвореникот на долгото патување до Италија и го запишал живописниот извештај за бродоломот што го доживеале (Дела 24:27; 25:9-12; 27:1, 9-44). Додека бил во куќен притвор во Рим, Павле напишал неколку вдахновени писма и во две од нив зборува за Лука (Дела 28:30; Колошаните 4:14; Филимон 24). Веројатно во овој двегодишен период Лука ја напишал книгата Дела.

Во Рим, просториите во кои бил сместен Павле сигурно биле исполнети со многу духовни активности. Лука сигурно таму имал и контакт со некои од другите соработници на Павле — Тихик, Аристарх, Марко, Јуст, Епафрас и Онисим, и тоа се само неколкумина (Колошаните 4:7-14).

Додека Павле бил затворен по вторпат и чувствувал дека смртта му се ближи, лојалниот и храбар Лука бил покрај него иако други соработници го имале напуштено апостолот. Лука можеби останал и покрај тоа што постоела опасност да ја изгуби сопствената слобода. Можеби во улога на писар, Лука ги запишал зборовите на Павле: „Само Лука е со мене“. Според преданијата, набрзо потоа му била отсечена главата на Павле (2. Тимотеј 4:6-8, 11, 16).

Лука бил самопожртвуван и скромен. Не се истакнувал со своето знаење и не се ставал во центарот на вниманието. Секако дека можел да живее и да работи како лекар, но одлучил да работи во интерес на Царството. И ние, како Лука, несебично да ја објавуваме добрата вест и понизно да служиме на слава на Јехова (Лука 12:31).

[Рамка на страница 19]

КОЈ БИЛ ТЕОФИЛ?

Лука му ги упатил на Теофил и своето евангелие и книгата Дела на апостолите. Во Евангелието според Лука, овој човек е наречен „честити Теофиле“ (Лука 1:3). „Честит“ било титула што се користела за обраќање кон некој угледен богат човек или кон високи службеници во римската влада. Апостол Павле со слична титула му се обратил на Фест, римскиот управител на Јудеја (Дела 26:25).

Теофил, очигледно, ја чул пораката за Исус и бил заинтересиран за неа. Лука се надевал дека извештајот од неговото евангелие ќе му овозможи на Теофил ‚да се увери дека поуката што ја слушал е достојна за доверба‘ (Лука 1:4).

Според Ричард Ленски, добар познавач на Грчките списи, Теофил веројатно не бил верник кога Лука го нарекол „честит“ затоа што „во целата христијанска литература... за ниеден христијански брат никогаш не се користи таква почесна титула“. Кога подоцна ја напишал книгата Дела, Лука не ја користел титулата „честит“, туку само рекол: „Теофиле“ (Дела 1:1). Ленски заклучува: „Кога Лука го напишал своето евангелие до Теофил, овој угледен човек не бил христијанин, но бил многу заинтересиран за работите што биле поврзани со христијанството. А кога Лука му ја испратил книгата Дела, Теофил веќе бил преобратен“.