Прашања од читателите
Прашања од читателите
Дали е исправно еден Јеховин сведок да појде на венчавката на некој роднина или пријател што не е Сведок?
Венчавките се радосни настани, и сосема е разбирливо што еден христијанин би сакал да биде присутен на еден таков настан. Се разбира, малолетните деца што се поканети на ваквите свечености треба да ги послушаат своите родители или својот старател, кои имаат право да донесуваат одлуки за такви работи (Ефешаните 6:1-3). Но, што ако еден маж што не е Јеховин сведок побара од својата жена, која е Јеховин сведок, да појде со него на венчавка што ќе се одржи в црква? Нејзината совест можеби ќе ѝ дозволи да појде само како набљудувач, решена да не учествува во ниеден верски чин поврзан со тој настан.
Значи, во основа, лична одлука е дали да се присуствува на некоја венчавка или не. Меѓутоа, секој христијанин треба да биде свесен дека е одговорен пред Јехова и треба да размисли за неколку библиски начела кога донесува одлука дали да присуствува на венчавката на некој што не е Сведок.
На еден христијанин најважно треба да му биде да му угоди на Бог. Исус рекол: „Бог е Дух, и оние што го почитуваат мора да му оддаваат почит со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Затоа, Јеховините сведоци не учествуваат во церемонии на други религии, како што се молитви, ритуали или обреди што не се во склад со библиската вистина (2. Коринќаните 6:14-17).
Еден христијанин е свесен дека неговата одлука би можела да влијае и врз другите. Ако одлучиш да присуствуваш, дали твоите роднини ќе се навредат што не учествуваш потполно во свадбената свеченост? Треба да се мисли и на евентуалниот ефект врз соверниците (Римјаните 14:13). Дури и ако ти или другите во твоето семејство заклучат дека е во ред да појдеш на венчавката на некој што не е Сведок, дали тоа ќе се одрази лошо врз твоите духовни браќа и сестри? Би можело ли тоа да пречи на нечија совест?
На венчавките на роднини што не се Сведоци може да дојде до некои непријатни ситуации. Што ако те замолат да бидеш деверица или девер? Или што ако твојот сопружник не е Сведок и сака да учествува во целата церемонија? Ако венчавката е регистрација што ја извршува судија или световен службеник, со своето присуство ти ќе бидеш само сведок на една законска процедура.
Но, ако венчавката се одржува во некој верски објект или ако ја извршува свештено лице, треба да земеш предвид некои работи. За да постапиш како што ти налага твојата библиски школувана совест и да не ги прегазиш своите верски убедувања ниту да направиш нешто што би можело да биде непријатно за младоженците, можеби ќе одлучиш воопшто да не присуствуваш (Изреки 22:3). Би можел да се поштедиш себеси и твоето семејство од големи непријатности ако однапред ги објасниш своите библиски убедувања и ако кажеш само во кои работи можеш да учествуваш или што друго си спремен да направиш наместо она што ќе го одбиеш.
Откако внимателно ќе ги одмерат сите фактори, некои христијани можеби ќе дојдат до заклучок дека нема да има ништо лошо во тоа да присуствуваат на некоја таква венчавка само како набљудувачи. Но, ако некој христијанин сфати дека со тоа што ќе присуствува би можел да биде ставен во ситуација да ги прекрши Божјите начела, можеби ќе дојде до заклучок дека ризикот е поголем од користа. Ако реши да не појде на венчавката туку само на свадбата што ќе се одржи потоа, треба да ‚прави сѐ за Божја слава‘ (1. Коринќаните 10:31). Кога треба да се донесе одлука во врска со оваа работа, „секој ќе го носи својот товар“ на одговорност (Галатите 6:5). Значи, што и да решиш, имај на ум дека е најважно совеста да ти биде чиста пред Јехова Бог.