Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Следи го примерот на Големиот Учител

Следи го примерот на Големиот Учител

Следи го примерот на Големиот Учител

„Внимавајте како слушате“ (ЛУКА 8:18).

1, 2. Зошто треба да обрнеш внимание на тоа како постапувал Исус со луѓето на кои им проповедал?

 ИСУС ХРИСТОС, Големиот Учител, им го дал следниов совет на своите следбеници: „Внимавајте како слушате“ (Лука 8:16-18). Ова начело важи и за твојата христијанска служба. Ако внимателно ги слушаш духовните поуки, ќе можеш да ги примениш во пракса и делотворно ќе го објавуваш Царството. Се разбира, денес не можеме дословно да го слушаме гласот на Исус. Сепак, можеме да читаме во Библијата за она што го зборувал и што го правел тој. Што ни открива таа за начинот на кој постапувал Исус со луѓето во текот на својата служба?

2 Тој делотворно ја проповедал добрата вест и на извонреден начин ги поучувал луѓето за библиската вистина (Лука 8:1; Јован 8:28). За да им помагаме на другите да станат ученици на Христос, ние треба и да проповедаме и да поучуваме. Сепак, на некои што многу добро проповедаат им е тешко делотворно да ги поучуваат луѓето. Кога проповедаме, ние пренесуваме порака, но кога ги поучуваме луѓето за Јехова и за неговите намери, обично треба и да се спријателиме со нив (Матеј 28:19, 20). Ова може да го постигнеме ако го следиме примерот на Исус Христос, Големиот Учител (Јован 13:13).

3. Ако го следиш примерот на Исус, како тоа ќе влијае врз твоите напори да ги поучуваш заинтересираните?

3 Ако ги применуваш методите на поучување што ги користел Исус, ќе постапиш во склад со следниов совет на апостол Павле: „Однесувајте се мудро спрема оние што се надвор од собранието. Откупувајте си време. Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Колошаните 4:5, 6). Потребно е да вложиш напор за да бидеш како Исус кога ги поучуваш заинтересираните, но така твоето поучување ќе биде делотворно бидејќи ќе можеш ‚секому да му одговориш како што треба‘.

Исус ги поттикнувал другите да зборуваат

4. Зошто може да се каже дека Исус бил спремен да сослуша?

4 Уште како дете, Исус имал обичај да ги слуша луѓето и да ги поттикнува да си кажат што мислат. На пример, кога имал 12 години, неговите родители го нашле како седи меѓу учителите во храмот, како ‚ги слуша и им поставува прашања‘ (Лука 2:46). Исус не отишол во храмот за да ги засрами учителите со своето знаење. Тој отишол да слуша, но поставувал и прашања. Можеби токму спремноста да ги сослуша другите била една особина поради која стекнал наклоност кај Бог и кај луѓето (Лука 2:52).

5, 6. Од каде знаеме дека Исус ги сослушувал оние што ги поучувал?

5 Откако се крстил и бил помазан како Месија, Исус и понатаму со интерес ги слушал луѓето. Тој не бил толку внесен во она што го поучувал за да заборави на оние што дошле да го слушаат. Честопати ќе престанел да зборува, ќе ги прашал што мислат тие и ќе го сослушал нивниот одговор (Матеј 16:13-15). На пример, кога умрел Лазар, брат ѝ на Марта, Исус ѝ рекол: „Секој што живее и верува во мене, никогаш нема да умре“. Потоа ја прашал: „Веруваш ли во тоа?“, и сигурно ја сослушал кога таа одговорила: „Да, Господару, јас верувам дека ти си Христос, Синот Божји“ (Јован 11:26, 27). Сигурно бил пресреќен кога чул како Марта ја изразува својата вера на таков начин!

6 Кога мнозина од учениците го напуштиле, Исус сакал да знае што мислат за него апостолите. Затоа ги прашал: „Да не сакате и вие да си одите?“ А Симон Петар му одговорил: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот! Ние поверувавме и спознавме дека ти си Божјиот Светец“ (Јован 6:66-69). Колку мора да им се израдувал Исус на овие зборови! Сигурно и тебе ќе ти биде мило ако лицето со кое проучуваш ја изрази својата вера на сличен начин.

Исус слушал со почит

7. Зошто многу Самарјани поверувале во Исус?

7 Друга причина зошто Исус бил добар учител е тоа што ги сакал луѓето и ги слушал со почит. На пример, во една прилика ѝ посведочил на една Самарјанка кај бунарот на Јаков, во близината на Сихар. Во текот на тој разговор не зборувал само Исус — тој слушал што имала да каже таа жена. Додека ја слушал, Исус видел дека е заинтересирана за духовни работи и ѝ рекол дека Бог бара такви луѓе што ќе му оддаваат почит со дух и со вистина. Исус покажал почит и интерес за оваа жена. Како резултат на тоа, таа им кажала на другите за него, и ‚многу Самарјани од тој град поверувале во него поради зборот на жената‘ (Јован 4:5-29, 39-42).

8. Како може полесно да започнеш разговор со луѓето во служба благодарение на тоа што обично секој сака да си каже што мисли?

8 Луѓето обично сакаат да кажат што мислат. На пример, жителите на древната Атина уживале да го изнесат своето мислење или да чујат нешто ново. Затоа апостол Павле можел да го одржи својот познат говор на Ареопагот во тој град (Дела 17:18-34). Кога денес во служба ќе започнеш разговор со некој станар, би можел да кажеш: „Дојдов кај Вас бидејќи ме интересира што мислите за [некоја тема]“. Сослушај што има да каже во врска со тоа и надоврзи се на неговиот одговор или постави прашање во врска со она што го рекол. Потоа љубезно покажи му што вели Библијата на таа тема.

Исус знаел што да каже

9. Како постапил Исус пред да им ‚ги протолкува Писмата‘ на Клеопа и на неговиот сопатник?

9 Исус секогаш знаел што треба да каже. Освен што бил добар слушател, честопати бил свесен што мислат луѓето и знаел точно што да им каже (Матеј 9:4; 12:22-30; Лука 9:46, 47). Да наведеме еден пример: Кратко по воскреснието на Исус, двајца негови ученици оделе од Ерусалим кон Емаус. Во едно евангелие пишува: „Додека така разговараа и расправаа, им пристапи самиот Исус и тргна со нив. Но на нивните очи не им беше дадено да го препознаат“. Тој ги прашал: „,За што расправате додека одите по патот?‘ А тие, со жалосни лица, застанаа. Едниот од нив, по име Клеопа, му одговори: ‚Зарем си странец во Ерусалим и живееш одвоен од луѓето, па не знаеш што се случуваше во него овие денови?‘ А тој ги праша: ‚Што?‘“ Потоа Големиот Учител внимателно слушал додека тие му објаснувале дека Исус Назареќанецот ги поучувал луѓето, правел чуда и бил погубен. Но, сега некои тврделе дека воскреснал од мртвите. Исус им дозволил на Клеопа и на неговиот сопатник да си кажат што ги мачело. Дури потоа им го објаснил тоа што требало да го знаат, односно ‚им ги протолкувал Писмата‘ (Лука 24:13-27, 32).

10. Како можеш да дознаеш дали е побожно некое лице кое ќе го сретнеш во службата?

10 Понекогаш можеби воопшто не знаеш дали некој станар е религиозен или не. За да дознаеш, би можел да кажеш дека те интересира што мислат луѓето за молитвата. Потоа би можел да прашаш: „Што мислите, дали некој навистина ги слуша молитвите?“ Одговорот може да ти открие многу за неговото гледиште и за тоа дали е побожен или не. Ако е побожен, би можел да дознаеш нешто повеќе за него така што ќе го прашаш: „Што мислите, дали Бог ги слуша сите молитви или, пак, има некои молитви што не му се допаѓаат?“ Ваквите прашања можат да водат до опуштен разговор. Кога ќе биде згодно да му прочиташ некоја мисла од Библијата, направи го тоа тактично, без да ги напаѓаш неговите верувања. Ако му е пријатно да разговара со тебе, ќе му биде мило повторно да појдеш кај него. А што ако ти постави прашање на кое не знаеш да му одговориш? Би можел да го побараш одговорот кога ќе се вратиш дома и повторно да го посетиш ‚спремен да му ја образложиш надежта која е во тебе, но благо и со длабока почит‘ (1. Петрово 3:15).

Исус ги поучувал достојните

11. Што ќе ти помогне да ги најдеш оние што се достојни да бидат поучени?

11 Исус, како совршен човек, бил прониклив и можел да ги препознае оние што биле достојни да бидат поучени. Нам ни е многу потешко да ги пронајдеме оние ‚кои исправно гледаат на вечниот живот‘ (Дела 13:48). Не им било лесно ни на апостолите, на кои Исус им рекол: „Штом ќе влезете во некој град или село, побарајте го во него оној што е достоен да ве прими“ (Матеј 10:11). Исто како што правеле неговите апостоли, и ти мора да ги бараш оние што се спремни да слушаат и да бидат поучени за библиската вистина. Можеш да ги најдеш достојните ако внимателно ги слушаш еден по еден оние со кои разговараш, и ако внимаваш каков став има секој од нив.

12. Како можеш и понатаму да му помагаш на некое заинтересирано лице?

12 Откако ќе си заминеш откај лицето што се заинтересирало за пораката за Царството, би било добро да продолжиш да размислуваш за неговите духовни потреби. Ќе можеш да му помогнеш во духовен поглед ако си запишеш во белешките што си дознал за него откако сте зборувале за добрата вест. Во текот на следните посети, внимателно слушај го за да дознаеш уште повеќе за неговите верувања, ставови или животни околности.

13. Што може да ти помогне да дознаеш што мисли некој за Библијата?

13 Како можеш да ги поттикнеш луѓето да ти кажат што мислат за Божјата реч? Во некои места можеш да го постигнеш тоа ако прашаш: „Дали Ви се чини дека е тешко да ја разберете Библијата?“ Одговорот на ова прашање честопати ќе открие каков став има некој кон духовните работи. Друг начин е да прочиташ еден библиски стих и да прашаш: „Што мислите за ова?“ Исто како Исус, и ти можеш да имаш успех во службата ако користиш добро обмислени прашања. Сепак, мора да внимаваме на една работа.

Исус делотворно користел прашања

14. Како можеш да покажеш дека си заинтересиран за мислењето на луѓето, но без да ги испрашуваш?

14 Покажи дека се интересираш за мислењето на другите без да ги доведуваш во непријатна ситуација. Користи ја методата на Исус. Тој не ги испрашувал луѓето како да се на суд, туку им поставувал прашања што ги поттикнувале да размислуваат. Исто така, Исус љубезно ги сослушувал и ги освежувал искрените луѓе, и во негово друштво тие се чувствувале опуштено (Матеј 11:28). Секакви луѓе слободно му пристапувале и му кажувале што ги мачи (Марко 1:40; 5:35, 36; 10:13, 17, 46, 47). Ако сакаш луѓето и тебе слободно да ти кажат што мислат за Библијата и за нејзините учења, не треба да ги испрашуваш.

15, 16. Како можеш да започнеш разговор со луѓето на некоја религиозна тема?

15 Освен што делотворно ќе користиш прашања, можеш да започнеш разговор и така што ќе кажеш нешто интересно, а потоа ќе гледаш на каква реакција ќе наиде тоа. На пример, Исус му рекол на Никодим: „Ако некој не се роди повторно, не може да го види Божјето царство“ (Јован 3:3). Тие зборови толку ја разбудиле љубопитноста кај Никодим што тој не можел а да не каже нешто и да не го ислуша Исус (Јован 3:4-20). И ти можеш на сличен начин да ги вовлечеш луѓето во разговор.

16 Појавата на нови религии денес е честа тема на дискусија, особено во Африка, Источна Европа и Јужна Америка. Во тие места понекогаш би можел да започнеш разговор така што ќе речеш: „Ме загрижува тоа што има толку многу религии. Но, се надевам дека наскоро луѓето од сите народи ќе бидат обединети во една вистинска религија. Дали би сакале и Вие да го доживеете тоа?“ Ако кажеш нешто интересно во врска со твојата надеж, можеби ќе ги поттикнеш луѓето да кажат што мислат во врска со тоа. Освен тоа, полесно е да се одговори на некое прашање ако може да се дадат два одговора (Матеј 17:25). Откако станарот одговорил на твоето прашање, можеш да го дополниш неговиот одговор со еден или два библиски стиха (Исаија 11:9; Софонија 3:9). Ако слушаш внимателно и ако размислуваш за она што ти го вели соговорникот, ќе можеш да одредиш за што да разговарате кога ќе навратиш следниот пат.

Исус ги слушал децата

17. Што покажува дека Исус бил заинтересиран за децата?

17 Исус не бил заинтересиран само за возрасните туку и за децата. Тој знаел какви игри играат и за што си разговараат. Некогаш самиот ги викал кај себе (Лука 7:31, 32; 18:15-17). Во мноштвата што го слушале Исус имало многу деца. Исус чул кога тие му извикувале фалби на Месијата, и покажал дека ова било проречено во Библијата (Матеј 14:21; 15:38; 21:15, 16). Денес многу деца стануваат ученици на Исус. Како можеш да им помогнеш?

18, 19. Како можеш да му помогнеш на детето да напредува во духовен поглед?

18 За да му помогнеш на своето дете духовно да напредува, мора да го слушаш. Треба да се потрудиш да дознаеш дали можеби размислува на начин што не е во склад со Јеховиното размислување. Сеедно што ќе каже твоето дете, мудро е прво да го пофалиш, а потоа можеш да му прочиташ соодветни стихови од Библијата, кои ќе му помогнат да сфати како гледа Јехова на таа работа.

19 Прашањата можат да ти помогнат да дознаеш како размислува детето. Но, децата, исто како и возрасните, не сакаат некој да ги испрашува. Наместо да го оптоваруваш со еден куп тешки прашања, зошто не му кажеш нешто кратко за себе? Во зависност од тоа за што разговарате, би можел да му кажеш како си се чувствувал ти кога си бил мал и да му објасниш зошто. Потоа можеш да го прашаш: „Дали и ти понекогаш се чувствуваш така?“ Одговорот што ќе ти го даде детето може да води до дискусија за Библијата која може многу да му користи и да го охрабри.

Следи го и понатаму примерот на Големиот Учител

20, 21. Зошто треба добро да слушаш додека ги поучуваш другите?

20 Сеедно дали разговараш на некоја тема со твоето дете или со некој друг, неопходно е внимателно да слушаш. Всушност, слушањето е знак на љубов. Со тоа што слушаш, ти постапуваш понизно и покажуваш почит и љубезен обѕир кон оној што зборува. Се разбира, да се слуша значи да се обрне внимание и на она што го кажува другиот.

21 Додека ја вршиш христијанската служба, внимателно слушај кога зборува соговорникот. Ако добро внимаваш на она што го кажува, веројатно ќе увидиш кои аспекти на библиската вистина може особено да му се допаднат. Продолжи да се трудиш да ги користиш различните методи на поучување што ги користел Исус. Ако го правиш тоа, ќе чувствуваш радост и задоволство затоа што го следиш примерот на Големиот Учител.

Како би одговорил?

• Како Исус ги поттикнувал другите да кажат што мислат?

• Зошто Исус ги слушал оние што ги поучувал?

• Како можеш да користиш прашања додека проповедаш?

• Како можеш да им помогнеш на децата во духовен поглед?

[Прашања]

[Слика на страница 28]

Кога проповедаш, важно е да слушаш што ти зборува соговорникот

[Слика на страница 30]

Кога им помагаме на децата во духовен поглед, го следиме примерот на Исус