Стекнувај особини што ќе ти помогнат да правиш ученици
Стекнувај особини што ќе ти помогнат да правиш ученици
„Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (МАТЕЈ 28:19).
1. Какви вештини и ставови морале да стекнат некои Божји слуги во минатото?
СЛУГИТЕ на Јехова понекогаш мораат да стекнат вештини и ставови кои ќе им помогнат да ја вршат неговата волја. На пример, кога Бог им заповедал на Авраам и на Сара да го напуштат богатиот град Ур, тие го сториле тоа, но со текот на времето морале да стекнат особини и способности што им биле неопходни за да живеат во шатори (Евреите 11:8, 9, 15). За да ги води Израелците во Ветената земја, Исус Навин требало да биде храбар, да има доверба во Јехова и да го познава неговиот Закон (Исус Навин 1:7-9). И сеедно колку вешти и способни мајстори биле Веселеил и Олијав, Божјиот дух сигурно им помогнал уште повеќе да ги усовршат своите вештини за успешно да ги направат и да ги надгледуваат сите работи поврзани со подигањето на светиот шатор (2. Мојсеева 31:1-11).
2. Кои прашања во врска со правењето ученици ќе ги разгледаме?
2 Со векови подоцна, Исус Христос им го дал следниов налог на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Никогаш порано на луѓето не им била укажана честа да извршат една таква огромна задача. Кои особини се потребни за да се прават ученици? Како можеме да ги стекнеме тие особини?
Покажи дека многу го сакаш Бог
3. Каква можност имаме ако ја послушаме заповедта да правиме ученици?
3 За да им пристапуваме на луѓето и да даваме сѐ од себе да ги увериме дека треба да му служат на вистинскиот Бог, мора многу да го сакаме Јехова. Израелците можеле да покажат дека го сакаат Бог на тој начин што со сета душа ќе им биле послушни на неговите заповеди, ќе принесувале прифатливи жртви и ќе го фалеле во песна (5. Мојсеева 10:12, 13; 30:19, 20; Псалм 21:13; 96:1, 2; 138:5). Додека правиме ученици, зборувајќи им на другите за Јехова и за неговите намери, и ние ги држиме Божјите закони, но со тоа ја покажуваме и нашата љубов кон него. Треба да ги избереме вистинските зборови и треба да ги кажеме со длабоко уверување за да можат да видат колку ни е реална надежта што ни ја дава Бог (1. Солуњаните 1:5; 1. Петрово 3:15).
4. Зошто Исус со задоволство ги поучувал луѓето за Јехова?
4 Бидејќи многу го сакал Јехова, Исус со големо задоволство зборувал за Божјите намери, за Царството и за служењето на вистинскиот Бог (Лука 8:1; Јован 4:23, 24, 31). Всушност, Исус рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:34). Следниве зборови што ги запишал псалмистот се однесуваат на Исус: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене. Ја објавувам добрата вест за праведноста среде големото насобрано мноштво. Еве, не ги затворам усните. Јехова, ти добро го знаеш тоа“ (Псалм 40:8, 9; Евреите 10:7-10).
5, 6. Која е главната особина што треба да ја имаат оние кои прават ученици?
5 Поттикнати од љубов кон Бог, новите кои штотуку ја дознале библиската вистина понекогаш зборуваат за Јехова и за Царството со толку силно уверување што успеваат да ги поттикнат другите да ја испитаат Библијата (Јован 1:41). Љубовта кон Бог е една од најважните особини што нѐ мотивира да правиме ученици. Затоа, постојано да ја разгоруваме таа љубов во нас со тоа што редовно ќе ја читаме неговата Реч и ќе размислуваме за неа (1. Тимотеј 4:6, 15; Откровение 2:4).
6 Нема сомнение, Исус Христос ревносно ги поучувал луѓето затоа што многу го сакал Јехова. Но, ова не било единственото нешто кое му помогнало успешно да го објавува Царството. Што друго му помогнало делотворно да прави ученици?
Покажи дека си искрено заинтересиран за луѓето
7, 8. Што чувствувал Исус кон луѓето?
7 Исус ги сакал луѓето и искрено се интересирал за нив. Дури и пред да стане човек на Земјата, кога бил кај Бог како Негов „вешт градител“, тој се радувал на сѐ што било поврзано со луѓето (Изреки 8:30, 31). Додека живеел како човек на Земјата, Исус сочувствувал со другите и ги закрепнувал оние што доаѓале кај него (Матеј 11:28-30). Бидејќи кај него ја гледале љубовта и сочувството што ги имал самиот Јехова, тие биле привлечени да му служат на единствениот вистински Бог. Секакви луѓе спремно го слушале Исус бидејќи тој искрено се интересирал за нив и за нивните околности (Лука 7:36-50; 18:15-17; 19:1-10).
8 Кога еден човек го прашал што треба да прави за да наследи вечен живот, ‚Исус го погледнал со наклоност‘ (Марко 10:17-21). Во врска со три други личности што Исус ги поучувал во Витанија, читаме: „Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра и Лазар“ (Јован 11:1, 5). Исус толку многу ги сакал луѓето што не се ни одморал за да може да ги поучува (Марко 6:30-34). Благодарение на таквиот длабок и искрен интерес за другите, Исус, повеќе од кој и да било друг, ги мотивирал луѓето да му се приближат на вистинскиот Бог и да му служат.
9. Каков став имал Павле кон оние што станале ученици?
9 И апостол Павле бил искрено заинтересиран за луѓето на кои им проповедал. На пример, тој им го рекол следново на оние што станале христијани во Солун: „Полни со љубов кон вас, бевме спремни да ви ја дадеме не само Божјата добра вест туку и својот живот, бидејќи ве засакавме“. Како резултат на искрените напори на Павле, некои во Солун ‚се обратиле од своите идоли за да му робуваат на живиот Бог‘ (1. Солуњаните 1:9; 2:8). Ако искрено се интересираме за луѓето, како што се интересирале Исус и Павле, и ние ќе се радуваме кога ќе видиме како добрата вест допира до срцата на оние ‚кои исправно гледаат на вечниот живот‘ (Дела 13:48).
Биди самопожртвуван
10, 11. Зошто треба да сме самопожртвувани додека се трудиме да правиме ученици?
10 Успешните учители се самопожртвувани. Ним во никој случај не им е најважно да стекнат материјално богатство. Всушност, Исус им рекол на своите ученици: „Колку тешко ќе влезат богатите во царството Божје!“ Учениците се изненадиле кога го чуле ова, но тој додал: „Деца, тешко е да се влезе во Божјето царство. Полесно ѝ е на камила да помине низ иглени уши отколку богат човек да влезе во Божјето царство“ (Марко 10:23-25). Исус ги советувал своите следбеници да живеат едноставно за да се концентрираат на правењето ученици (Матеј 6:22-24, 33). Како самопожртвуваноста ни помага да правиме ученици?
11 Потребно е да вложиме многу труд за да ги поучуваме другите за сето она што го заповедал Исус. Христијанинот што поучува некое заинтересирано лице обично се труди да ја проучува Библијата со него секоја седмица. За да имаат повеќе шанси да ги најдат искрените, некои објавители на Царството почнале да работат со скратено наместо со полно работно време. Илјадници христијани научиле некој друг јазик за да можат да им проповедаат на етничките групи во нивното место. Други, пак, се преселиле во друг град или во друга земја за да имаат поголем удел во жетвата (Матеј 9:37, 38). Сето ова бара самопожртвуваност. Но, за да можеме делотворно да ги поучуваме заинтересираните, потребни се и други особини.
Биди стрплив, но не троши го времето залудно
12, 13. Зошто е толку важно да бидеме стрпливи кога правиме ученици?
12 Стрпливоста е уште една особина која ни помага да правиме ученици. Иако библиската порака што им ја носиме на луѓето треба да ги мотивира веднаш да преземат нешто, потребни се прилично време и стрпливост за некој да стане ученик (1. Коринќаните 7:29). Исус бил стрплив со својот полубрат Јаков. На пример, иако Јаков добро знаел за што проповедал Исус, извесно време нешто го спречувало да стане негов ученик (Јован 7:5). Меѓутоа, во краткиот период меѓу смртта на Христос и Педесетница 33 год. од н.е., Јаков очигледно станал ученик, бидејќи Библијата покажува дека бил на молитва заедно со својата мајка, браќа и апостолите (Дела 1:13, 14). Јаков добро напредувал во духовен поглед, а подоцна извршувал сериозни одговорности во христијанското собрание (Дела 15:13; 1. Коринќаните 15:7).
13 Земјоделците честопати одгледуваат производи кои не растат толку брзо. Слично е и со христијаните. И ним им треба време за да стекнат разбирање на Божјата реч, љубов кон Јехова и дух каков што имал Христос. Затоа е потребно да бидат стрпливи. Јаков напишал: „Браќа, бидете стрпливи до времето на присутноста на Господарот. Ете, земјоделецот стрпливо го чека драгоцениот плод од земјата додека не ги добие раниот и доцниот дожд. И вие бидете стрпливи и срцата нека ви се зацврстат, зашто се приближи времето на присутноста на Господарот“ (Јаков 5:7, 8). Јаков ги поттикнал соверниците да ‚бидат стрпливи до времето на присутноста на Господарот‘. Ако учениците не разбирале нешто, Исус стрпливо им ги објаснувал работите или им кажувал споредби (Матеј 13:10-23; Лука 19:11; 21:7; Дела 1:6-8). Сега, кога Господарот е присутен, треба и понатаму да бидеме стрпливи додека ги поучуваме оние што во денешно време стануваат следбеници на Исус (Јован 14:9).
14. Иако треба да сме стрпливи, како можеме мудро да го користиме времето додека правиме ученици?
14 И покрај тоа што сме стрпливи, речта не раѓа плод кај повеќето луѓе со кои сме почнале да ја проучуваме Библијата (Матеј 13:18-23). Затоа, откако сме вложиле разумни напори да им помогнеме, мудро е да престанеме да трошиме време на тие лица и да се обидеме да ги најдеме оние што имаат поголемо ценење за библиската вистина (Проповедник 3:1, 6). Се разбира, дури и на оние што ја ценат Библијата ќе им биде потребна додатна помош за да ги променат своите гледишта, ставови и приоритети во животот. Затоа сме стрпливи, исто како што бил стрплив и Исус со своите ученици, на кои не им било лесно да стекнат исправен став (Марко 9:33-37; 10:35-45).
Научи вешто да поучуваш
15, 16. Зошто е важно да бидеме јасни и добро да се подготвуваме кога проучуваме со заинтересираните лица?
15 Љубовта кон Бог, интересот за луѓето, самопожртвуваноста и стрпливоста се важни работи што ни помагаат успешно да ги поучуваме луѓето. Но, треба да научиме и вешто да поучуваме, бидејќи тоа ќе ни помогне да ги објасниме работите јасно и едноставно. На пример, многу работи што ги кажал Големиот Учител, Исус Христос, биле особено делотворни затоа што биле едноставни. Веројатно веднаш ќе се сетиш на некои негови изјави како, на пример: „Собирајте си богатство на небото“. „Не давајте им го на кучињата она што е свето.“ „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела.“ „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Матеј 6:20; 7:6; 11:19; 22:21). Се разбира, Исус не давал само кратки изјави. Тој поучувал јасно и разбирливо и, кога имало потреба, ги објаснувал работите. Како би можел и ти да поучуваш како Исус?
16 За да зборуваме јасно и едноставно, мора внимателно да се подготвуваме. Објавителот што не е добро подготвен обично многу зборува. Тој практично може да ги задуши главните точки во премногу зборови, бидејќи ќе каже сѐ што знае на таа тема. За разлика од него, објавителот што добро е подготвен мисли на лицето што го поучува, размислува за темата и јасно ги изнесува токму оние информации што се потребни (Изреки 15:28; 1. Коринќаните 2:1, 2). Тој има на ум кои работи интересентот веќе ги знае и кои мисли треба да ги нагласи додека проучуваат. Можеби објавителот знае многу интересни детали на таа тема но, за да биде јасен, мора да ги изостави непотребните информации.
17. Како можеме да им помогнеме на луѓето да размислуваат за Библијата?
17 Наместо само да им изнесува факти на луѓето, Исус им помагал и да размислуваат. На пример, во една прилика прашал: „Што мислиш, Симоне? Од кого земаат давачки или данок земните цареви: од своите синови или од туѓите?“ (Матеј 17:25). Можеби толку многу сакаме да ја објаснуваме Библијата што мора да се совладуваме за да му дадеме шанса и на интересентот да каже што мисли или, пак, да објасни некоја работа во врска со темата што ја проучуваме. Се разбира, не треба да ги бомбардираме луѓето со прашања. Наместо тоа, тактично и со помош на добри споредби и обмислени прашања можеме да им помогнеме да ги сфатат работите од Библијата што се изнесени во нашите публикации.
18. Како можеме да станеме ‚вешти во поучувањето‘?
18 Во Светото писмо се спомнува дека треба да бидеме ‚вешти во поучувањето‘ (2. Тимотеј 4:2; Тит 1:9). За да бидеме вешти учители не е доволно само да му помогнеме на интересентот да научи нешто. Треба да му помогнеме и да ја увиди разликата меѓу вистината и лагата, меѓу доброто и лошото, меѓу мудроста и глупоста. Додека го правиме ова и се трудиме да всадиме љубов кон Јехова во срцето на лицето со кое проучуваме, веројатно тоа ќе сфати зошто треба да му биде послушно на Бог.
Ревносно учествувај во правењето ученици
19. Како сите христијани помагаат некој да стане Христов ученик?
19 Целото христијанско собрание има задача да прави ученици. Кога некој нов ќе стане ученик, Сведокот на Јехова што го пронашол и му помогнал да ја проучува Библијата не е единствениот што има причина да се радува. На пример, кога една група луѓе излегува да бара некое изгубено дете, веројатно само еден од групата ќе го најде. Но, кога детето ќе им биде вратено на родителите, се радуваат сите што учествувале во потрагата (Лука 15:6, 7). На сличен начин, и правењето ученици е тимска работа. Сите христијани ги бараат оние што можеби ќе станат ученици на Исус. А кога некој нов ќе почне да доаѓа на состаноци во Салата на Царството, секој христијанин во собранието му помага уште повеќе да го цени обожавањето на вистинскиот Бог (1. Коринќаните 14:24, 25). Затоа, сите христијани можат да им се радуваат на стотиците илјади луѓе што секоја година стануваат ученици.
20. Што треба да правиш ако сакаш да ги поучуваш другите за вистината?
20 Многу верни христијани би биле пресреќни да имаат прилика да поучат некого за Јехова и да му помогнат да му служи на вистинскиот Бог. Но, и покрај сите напори, можеби не можеле да го сторат тоа. Ако си и ти еден од нив, продолжи да ја зајакнуваш својата љубов кон Јехова, биди заинтересиран за луѓето, биди самопожртвуван и стрплив, и труди се да станеш уште повешт учител. Пред сѐ, кажи му на Јехова во молитва дека сакаш да ги поучуваш луѓето за вистината (Проповедник 11:1). Нека те теши мислата дека сѐ што правиш во службата за Јехова придонесува да се прават ученици и дека со тоа се прославува Бог.
Можеш ли да објасниш?
• Зошто правењето ученици е испит на нашата љубов кон Бог?
• Кои особини треба да ги имаат оние што ги поучуваат заинтересираните?
• Што значи да се биде ‚вешт во поучувањето‘?
[Прашања]
[Слика на страница 21]
Со тоа што ги поучуваат луѓето, христијаните покажуваат дека многу го сакаат Бог
[Слика на страница 23]
Зошто мора оние што ги поучуваат другите искрено да бидат заинтересирани за нив?
[Слика на страница 24]
Кои особини треба да ги имаат оние што прават ученици?
[Слика на страница 25]
Сите христијани се пресреќни кога гледаат дека многу луѓе стануваат ученици