Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што му дава смисла на твојот живот?

Што му дава смисла на твојот живот?

Што му дава смисла на твојот живот?

КЕНИ работел за една успешна брокерска фирма, возел скапа кола и имал луксузен стан во богата населба што е дел од еден голем град. Како врвен падобранец, уживал во возбудата што ја доживувал кога скокал од неколку илјади метри. Дали сето тоа го исполнувало? Според весникот The Wall Street Journal, тој изјавил: „Наполнив 45 години, а немам никаква иднина... Мојот живот нема смисла“.

Елин напорно вежбала за да стане вешт лизгач на мраз. Најпосле, успеала да се прослави. Го добила она што го посакувала. „Но, зошто не сум среќна онолку колку што очекував?“ — разочарано се прашувала таа. „Се чувствував многу осамена. На крајот ќе остарам и, иако бев финансиски обезбедена, мојот живот ќе немаше никаква смисла ако живеев само за да бидам славна“.

Хидео, еден вешт сликар, живеел за својата уметност. Следејќи ги своите уметнички принципи, тој не ги продавал сликите што ги изработувал. Непосредно пред да умре на 98-годишна возраст, повеќето свои дела му ги подарил на еден музеј. Целиот свој живот го посветил на уметноста. Сепак, не бил задоволен бидејќи мислел дека никогаш нема да ја усоврши својата вештина до највисок степен.

Некои прават сѐ што можат за да им помогнат на другите. Пример за тоа е еден холивудски филмски продуцент. Како потпретседател на една од најголемите филмски компании во Соединетите Држави, честопати бил во контакт со славни личности и живеел во многу богата населба. Додека бил на одмор во Камбоџа, отишол на вечера во еден ресторан во Пном Пен. Таму, едно девојче што просело му побарало пари, а тој му дал 1 долар и му купил сок. Девојчето било задоволно. Но, следната вечер се вратило и продолжило да проси. Тој сфатил дека, за да помогне, треба да направи многу повеќе.

По една година, овој продуцент решил да си ја смени кариерата — да го напушти светот на забавата и да им помага на сиромашните во Камбоџа. Отворил училиште во кое може да се добие сместување, оброци и образование. Меѓутоа, тој постојано се бори со две спротивни чувства — задоволен е од она што го постигнал, но истовремено е разочаран бидејќи се јавуваат сѐ повеќе проблеми што треба да се решат.

Овие четири лица мислеле дека знаат што сакаат да постигнат во животот. Сепак, кога конечно ја оствариле целта за која толку напорно се труделе, чувствувале празнина. За што живееш ти? Што ти е најважно во животот? Како го користиш? Дали си сигурен дека подоцна нема да зажалиш што си го користел на таков начин?