Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бидете сочувствителни

Бидете сочувствителни

Бидете сочувствителни

НИКОГАШ порано во човечката историја немало толку многу луѓе што биле погодени од глад, болести, сиромаштија, криминал, граѓански немири и природни катастрофи. На сите нив им е очајно потребна сочувствителна помош. Сочувствителен човек е оној што е свесен за маката или неволјата што ја трпи некој друг и чувствува жал поради тоа, но има и желба да му помогне. Како топлите, пријатни сончеви зраци во зимски ден, сочувството може да го утеши оној што има некаква мака, да му ја намали болката и да го охрабри.

Сочувство можеме да покажеме со нашите постапки и со нашите зборови — да се грижиме за другите и да бидеме крај нив кога ќе им треба помош. Обично покажуваме сочувство кон нашето семејство, кон пријателите и кон познајниците. Но добро е широко да го отвориме срцето и да бидеме сочувствителни и кон оние што не ги познаваме. „Ако ги сакате оние што ве сакаат вас, каква ви е платата?“ — прашал Исус Христос во Проповедта на гората. Овој сочувствителен човек исто така рекол: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 5:46, 47; 7:12).

Овие зборови — познати и како Златното правило — се запишани во Библијата. Многумина се согласуваат дека таа најдобро може да ни каже како да покажуваме сочувство. На многу места во Светото писмо пишува дека имаме обврска да им помагаме на оние што, од која било причина, не можат да си помогнат самите себеси. Библијата го опишува нејзиниот Автор и нашиот Творец, Јехова Бог, како најдобриот пример во покажувањето сочувство.

На пример, во неа читаме: „[Бог] им дава правда на детето без татко и на вдовицата, го сака дојденецот и му дава храна и облека“ (5. Мојсеева 10:18). За Јехова Бог пишува дека „им дава правда на оние со кои се постапува неисправно, и им дава леб на гладните“ (Псалм 146:7). Во врска со доселениците, кои честопати се обесправени, Јехова одредил: „Дојденецот... нека ви биде како роден Израелец. Сакајте го како самите себе“ (3. Мојсеева 19:34).

Сепак, не е секогаш лесно да се покажува сочувство. На христијаните во Колоси, Апостол Павле им го напишал следново: „Соблечете ја старата личност и нејзините дела, а облечете ја новата личност, која се обновува преку доброто познавање на Божјата волја според сликата на оној што ја создал... Како Божји избраници, свети и сакани, облечете се во најдлабока сомилост“ (Колошаните 3:9, 10, 12).

Според тоа, потребен е труд за да станеме сомилосни, односно сочувствителни. Таа особина е дел од „новата личност“ која треба да ја „облечат“ христијаните. Павле живеел во суровиот свет на древниот Рим. Тој ги охрабрил своите соверници од корен да ја променат својата личност за да развијат најдлабока сомилост.

Што се постигнува со сочувство

Некои луѓе мислат дека оние што покажуваат сочувство се слаби и ранливи. Дали е тоа точно?

Во никој случај! Вистинскиот мотив за искреното сочувство е длабоката љубов, особина која потекнува од Бог, и која тој совршено ја покажува. „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:16). Јехова со право е наречен „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Изразот што е преведен со „милосрдност“, во основа значи „сожалување, сомилост кон неволјите на другите“. А Јехова „е милостив [дури и] кон неблагодарните и кон злите“ (Лука 6:35).

Нашиот Творец очекува и ние да покажуваме благородни особини како што е сочувствителноста. Во Михеј 6:8 читаме: „Тој ти кажа, земен човеку, што е добро. Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно [и] да ја сакаш добротата?“ Во Изреки 19:22 пишува: „Кај човекот се цени неговата добрина“. Божјиот Син, Исус Христос, кој совршено ја одразувал личноста на својот Татко, слично ги поттикнувал своите следбеници: „Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Татко“ (Лука 6:36). Во The Jerusalem Bible овој совет е преведен со зборовите: „Бидете сочувствителни како што е сочувствителен вашиот Татко“.

Имаме добра причина да бидеме такви, бидејќи сочувствителноста носи богати благослови. Честопати се потврдува вистинитоста на она што е запишано во Изреки 11:17: „Добродушниот човек ѝ прави добро на својата душа“. Кога покажуваме сочувство кон некој што има потреба, Бог гледа на тоа како да му правиме услуга нему лично. Ја презема одговорноста да му возврати со добрина на секој негов слуга што ќе покаже сочувство. Цар Соломон бил вдахновен од Бог да го напише следново: „Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела“ (Изреки 19:17). А Павле напишал: „Секој, ако направи нешто добро, за тоа ќе добие плата од Јехова“ (Ефешаните 6:8).

Сочувствителноста помага да се одржи мирот и да се решат проблемите меѓу луѓето. Таа придонесува да се разјаснат недоразбирањата и го отвора патот за простување. До недоразбирања доаѓа бидејќи нашите мисли или чувства не ги изразуваме секогаш онака како што би сакале или, пак, нашите постапки се погрешно разбрани. Во такви случаи, сочувствителноста е вистински миротворец. Многу е полесно да му се прости на некој што е познат по својата сочувствителност. Освен тоа, сочувствителниот полесно ќе постапи во склад со советот што Павле им го дал на христијаните: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Колошаните 3:13).

Сочувствителност — сомилост покажана на дело

Меѓу другото, сочувството може да ги ублажи маките на оние што се во неволја. Како што видовме, ако сме сочувствителни, ќе покажуваме разбирање за оние што имаат некаков проблем и ќе ни биде жал за оние што страдаат. Освен тоа, ќе бидеме длабоко заинтересирани за таквите, а и ќе преземеме чекори за да им помогнеме.

Со својата сомилост, христијаните го следат примерот на Исус. Тој никогаш не бил презафатен, па да не може да им помогне на другите во материјален или во духовен поглед. Кога ќе забележел дека некому му треба помош, тој од сочувство наоѓал начин да му помогне.

Забележи како постапил Исус со луѓето кои биле духовно гладни: „Штом ги виде мноштвата, се сожали на нив бидејќи беа измачени и расеани како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Во врска со зборот што е преведен со „се сожали“, еден изучувач на Библијата вели дека тој збор опишува „чувство што доаѓа од дното на душата“. Тој додава: „Тоа е најсилниот грчки збор за сочувство“.

И сочувствителните христијани брзо преземаат нешто кога ќе забележат дека на другите им треба помош во материјален или во духовен поглед. Апостол Петар напишал: „Сите бидете со еднакви мисли, сочувствителни, полни со братска љубов, сомилосни“ (1. Петрово 3:8). На пример, кога едно сиромашно христијанско семејство морало, поради здравствени проблеми, да се пресели на друго место, тамошните сохристијани им овозможиле шест месеци бесплатно да користат една куќа. Сопругот се сеќава: „Секој ден доаѓаа за да видат како сме, а поради нивните охрабрувачки зборови, се чувствувавме како дома“.

Вистинските христијани се грижат и за потребите на непознати лица. Тие со задоволство ги жртвуваат своето време, сила и средства за да им служат и на такви луѓе. Доброволците спомнати во претходната статија, кои им помогнале на сосема непознати лица, биле Јеховини сведоци.

Поради таквата меѓусебна грижа, во христијанското собрание владее атмосфера на сочувство и љубов. Поттикнати од љубовта, членовите на собранието постојано бараат начин да им служат на другите. Сирачињата и вдовиците во собранието имаат потреба од грижа и сочувство бидејќи се борат со различни проблеми. Би можел ли да им помогнеш на таквите да излезат на крај со сиромаштијата, недоволната здравствена нега, недостигот на соодветно место за живеење или со други лични тешкотии?

Токму таква помош добил еден брачен пар во Грција. Мажот доживеал мозочен удар. Тој и жена му биле префрлени во една болница што се наоѓала стотици километри подалеку од нивниот дом. Но, скромните парични средства ги заработувале од продажба на портокалите од нивниот овоштарник. Кој ќе го обере овошјето додека тие се во болница? Соверниците од нивното собрание решиле да им помогнат. Ги обрале и ги продале портокалите, со што на сиромашниот брачен пар му ги обезбедиле потребните финансиски средства и им помогнале да останат спокојни.

Сочувството може да се покаже на многу начини. На пример, сочувствителните христијани знаат дека понекогаш на оние што страдаат најмногу им треба љубезна посета од луѓе што грижливо ќе ги сослушаат, ќе покажат разбирање за нивната ситуација и ќе ги утешат со некои мисли од Библијата (Римјаните 12:15).

Каде можеш да најдеш сочувствителни луѓе

Меѓународното христијанско собрание е пристаниште на мир и утеха каде што се покажува сочувство и љубезност. На вистинските христијани им е јасно дека сочувствителноста ги привлекува луѓето, а немилосрдноста ги одбива. Затоа, додека се трудат да го следат примерот на својот небесен Татко, настојуваат да бидат сочувствителни на дело.

Јеховините сведоци срдечно те покануваат да дојдеш во нивните христијански собранија и лично да ја доживееш сочувствителната, љубезна, грижлива атмосфера што владее меѓу нив. Тие се уверени дека таму ќе се чувствуваш добредојден и дека ќе ти биде пријатно во нивно друштво (Римјаните 15:7).

[Слика на страница 5]

На христијаните во Колоси, Павле им напишал да се облечат во најдлабока сомилост

[Слики на страница 7]

Кога ќе забележел дека некому му треба помош, Исус од сочувство наоѓал начин да му помогне