Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали имаш духовен советник?

Дали имаш духовен советник?

Дали имаш духовен советник?

КОГА имал 16 години, Озија станал цар на јужното царство Јуда. Царувал повеќе од 50 години, од крајот на деветтиот до почетокот на осмиот век пр.н.е. Уште од мал, Озија ‚го правел она што е исправно во Јеховини очи‘. Под чие влијание постапувал толку праведно? Историскиот извештај ни кажува: „[Озија] непрестајно го бараше Бог додека беше жив Захарија, кој го учеше на страв од Бог. Сѐ додека го бараше вистинскиот Бог, Јехова, тој го благословуваше“ (2. Летописи 26:1, 4, 5).

Не знаеме многу за Захарија, советникот на царот, освен она што е кажано во овој библиски извештај. Сепак, Захарија ‚го учел Озија на страв од Бог‘ и му влијаел позитивно на овој млад владетел за да го прави она што е исправно. Во The Expositor’s Bible е речено дека Захарија очигледно бил „човек што добро го познавал Светото писмо, со богато духовно искуство и со способност да го пренесе своето знаење“. Еден изучувач на Библијата го заклучил следново во врска со Захарија: „Добро ги познавал пророштвата и... бил интелигентен, побожен и добар човек. Изгледа дека имал големо влијание врз Озија“.

Озија бил богато благословен затоа што бил верен, па ‚станал многу моќен‘ бидејќи ‚вистинскиот Бог му помагал‘. ‚Додека бил жив Захарија‘, Озија имал успех како цар затоа што му бил послушен на Бог (2. Летописи 26:6-8). Но, откако станал успешен, ги оставил учењата на Захарија, својот советник и учител. Во Библијата пишува: „Срцето толку му се возгордеа што самиот себеси си направи зло. Му стана неверен на Јехова“. Поради една крајно дрска постапка, бил погоден со одвратна кожна болест, која толку го онеспособила што повеќе не можел да ги извршува своите царски должности (2. Летописи 26:16-21).

Дали имаш некој што би можел да се нарече учител и советник, кој те учи и те мотивира ‚да го бараш Бог‘? Таква личност ти е потребна сеедно дали си млад или не толку млад, сеедно дали си маж или жена. Цени го таквиот учител и советник, бидејќи неговиот совет може да ти помогне да продолжиш да го правиш она што е исправно во Јеховини очи. Слушај го тој зрел христијанин и сериозно размислувај за советите што ти ги дава. Никогаш не отстапувај од мудрите зборови на оној што ‚те учи на страв од вистинскиот Бог‘ (Изреки 1:5; 12:15; 19:20).