Еден пагански празник станал христијански
Еден пагански празник станал христијански
ЗИМАТА 2004 год., за време на божиќните празници, во Италија се водеше вжештена расправа. Некои наставници и други вработени во школството сметаа дека треба да се сведе на минимум, па дури и сосема да се забрани секакво спомнување на верски божиќни обичаи. Ова го велеа од почит кон сѐ поголемиот број ученици што не се ниту католици ниту протестанти. Меѓутоа, други просветни работници и лица од различни професии бараа овие обичаи да се почитуваат и да се држат.
А од каде потекнуваат многу божиќни обичаи? Додека расправата стануваше сѐ повжештена, во ватиканскиот весник L’Osservatore Romano беа изнесени некои интересни факти поврзани со потеклото на многу божиќни обичаи.
Во врска со датумот на прославувањето на Божиќ, во овој католички весник пишуваше: „Точниот датум на Исусовото раѓање, од историска гледна точка, не може прецизно да се одреди ни од римската историја, ни од пописот што го заповедал царот во тоа време, ни од истражувањата
во вековите што следеле... Датумот 25 декември, како што е добро познато, го избрала Римската црква во четвртиот век. Во паганскиот Рим овој ден му бил посветен на богот на Сонцето... Иако христијанството веќе било официјално признато во Рим со еден едикт што го издал цар Константин, митот за... богот на Сонцето сѐ уште бил раширен, особено меѓу војниците. Претходно споменатите прослави, кои се одржувале на 25 декември, биле длабоко вкоренети во народната традиција. Ова ѝ дало идеја на Римската црква да му припише христијанско религиозно значење на овој ден, при што богот на Сонцето би се заменил со вистинското Сонце на правдата, Исус Христос. Така го избрала тој датум како ден на кој ќе се слави неговото раѓање“.А што е со елката, која денес е дел од католичките божиќни обичаи?
Во истата статија беше истакнато дека во старо време се сметало дека многу зимзелени дрвја, како што се „зелениката, бодилката, ловорот и гранките од бор или од елка, имаат магична или лековита моќ да штитат од болести“. Во статијата понатаму стоеше: „На Бадник, 24 декември, во спомен на Адам и Ева се прикажувала една многу популарна сцена со дрвото што се наоѓало во земниот рај... Дрвото требало да биде јаболкница, но бидејќи на зима не одговара да се користи јаболкница, на подиумот се поставувала елка на чии гранки се ставале јаболка или, за да се претстави идното доаѓање на Спасението, се ставало нафора... за да се изврши Причесна, како и бонбони и подароци за децата“. А откако ќе поминел Божиќ?
Спомнувајќи дека обичајот да се користи божиќна елка најнапред започнал во Германија во 16 век, L’Osservatore Romano забележува: „Италија била една од последните земји што ја прифатиле божиќната елка, што донекаде се должи на прилично раширените гласини дека употребата на елка бил протестантски обичај, па затоа требало да се замени со јасли [приказ на Христовото раѓање]“. Папата Павле VI „го започнал обичајот да се поставува огромна божиќна елка“ на плоштадот Св. Петар во Рим, во близина на местото каде што било прикажано Христовото раѓање.
Дали сметаш дека е во ред еден верски водач да им припише христијанско значење на настани и симболи што влечат корени од древното паганство? Светото писмо јасно им кажува на вистинските христијани што е исправно: „Што им е заедничко на праведноста и на беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?“ (2. Коринќаните 6:14-17).
[Слики на страници 8 и 9]
Божиќна елка (на претходната страница) и приказ на Христовото раѓање во Ватикан
[Извор на слика]
© 2003 BiblePlaces.com
[Слика на страница 9]
Богот на Сонцето
[Извор на слика]
Museum Wiesbaden