Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нема оружје што ќе успее да те победи

Нема оружје што ќе успее да те победи

Нема оружје што ќе успее да те победи

„Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (ИСАИЈА 54:17).

1, 2. Како искуството на Јеховините сведоци во Албанија покажува дека се вистинити зборовите од Исаија 54:17?

 ПРЕД повеќе децении, во една мала планинска земја во југоисточна Европа, опстојуваше мала, но бестрашна група христијани. Атеистичката комунистичка влада стори сѐ што можеше за да ги уништи. Сепак, и покрај мачењето, работничките логори и лажната пропаганда која се ширеше преку радиото и телевизијата, оваа група опстана. Кои се тие христијани? Јеховините сведоци во Албанија. Иако им беше многу тешко да одржуваат состаноци и да проповедаат, тоа што опстанаа со децении го возвиши и го прослави христијанството и му донесе слава на Јеховиното име. Минатата година, на свеченото отворање на нивната нова подружница, еден долгогодишен верен Сведок изјави: „Сеедно колку силно се труди, Сатана и понатаму губи, а Јехова и понатаму победува!“

2 Сето ова е жив доказ за вистинитоста на едно ветување што Бог му го дал на својот народ, а кое е запишано во Исаија 54:17: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее, и ќе го прогласиш за зол секој јазик што ќе се подигне на суд против тебе“. Историјата потврдува дека Сатановиот свет не можел да направи ништо за да ги спречи предадените слуги на Јехова Бог да му служат.

Сатана напаѓа, но без успех

3, 4. а) Што спаѓа во оружјето кое го користи Сатана? б) Во која смисла оружјето на Ѓаволот немало никаков успех?

3 Во оружјето што Сатана го користи против слугите на вистинскиот Бог спаѓаат забрани, насилни напади од толпи, затвори и ‚проблеми што ги создава со помош на законот‘ (Псалм 94:20). Всушност, во некои земји, дури и во овој момент, додека Јеховините сведоци ја проучуваат статијава, овие верни христијани се „искушани“ за да се види дали ќе му останат верни на Бог (Откровение 2:10).

4 На пример, една подружница на Јеховините сведоци извести дека само во една година Божјите слуги биле 32 пати физички нападнати додека проповедале. Освен тоа, имало 59 случаи на Јеховини сведоци — млади и стари, мажи и жени — кои биле притворени затоа што проповедале во јавност. На некои им биле земени отпечатоци од прст, биле фотографирани и биле ставени зад решетки како да се криминалци. Други добиле закани дека ќе бидат физички нападнати. Во една друга земја, има околу 1.100 документирани случаи на Јеховини сведоци кои биле уапсени, парично казнети или тепани. Над 200 од нив се случиле на денот кога тие се собрале да ја одбележат Исусовата смрт! И покрај тоа, Јеховиниот дух им помогнал на неговите слуги да опстанат иако се чинело дека немаат никакви шанси, и во овие земји, но и во други држави (Захарија 4:6). Жестокоста на непријателскиот гнев нема да им ги замолкне усните на оние што го слават Јехова. Ние сме уверени дека ниту едно оружје нема да го спречи исполнувањето на Божјата намера.

Лажливиот јазик прогласен за зол

5. Какви зли јазици се подигнале против Јеховините слуги во првиот век?

5 Исаија прорекол дека Божјиот народ ќе го прогласи за зол секој јазик што ќе се подигне против него. Во првиот век, честопати се зборувало лошо за христијаните — биле опишани како злосторници. Едно типично такво обвинение е запишано во Дела 16:20, 21: „Овие луѓе многу го вознемируваат нашиот град... и шират обичаи кои нам не ни е допуштено ниту да ги прифатиме ниту да ги држиме, бидејќи сме римски граѓани“. Во една друга прилика, верските непријатели се обиделе да ги натераат градските поглавари да направат нешто против Христовите следбеници, тврдејќи: „Овие луѓе, кои го побунија целиот свет, дојдоа и овде [и] постапуваат спротивно на цезаровите одредби“ (Дела 17:6, 7). За апостол Павле велеле дека е „вистинска напаст“ и ороводец на една секта која крева бунтови „по целиот свет“ (Дела 24:2-5).

6, 7. Наведи еден начин на кој вистинските христијани ги прогласуваат за зли вербалните напади.

6 Според тоа, не сме изненадени што денес вистинските христијани се погрешно прикажани во јавноста и што се мета на злобни клевети и пропаганда во која се зборува лошо за нив. Како ги прогласуваме за зли ваквите вербални напади? (Исаија 54:17).

7 Ваквите обвиненија и пропаганда честопати се побиени со доброто однесување на Јеховините сведоци (1. Петрово 2:12). Кога христијаните покажуваат на дело дека се послушни граѓани кои ги почитуваат законите и дека се морални личности кои искрено се интересираат за доброто на своите ближни, се докажува дека обвиненијата против нив се лажни. Нашето добро однесување зборува самото за себе. Кога набљудувачите гледаат дека истрајуваме во добри дела, честопати се поттикнати да го слават нашиот небесен Татко и да признаат дека неговите слуги водат најдобар начин на живот (Исаија 60:14; Матеј 5:14-16).

8. а) Што е потребно да направиме понекогаш за да го одбраниме нашиот библиски став? б) Исто како Христос, како ги прогласуваме за зли јазиците што ни се противат?

8 Освен со побожно однесување, понекогаш има потреба смело да го браниме нашиот библиски став. Еден начин на кој го правиме тоа е така што бараме заштита од владите и судовите (Естира 8:3; Дела 22:25-29; 25:10-12). Кога Исус бил на Земјата, во една прилика тој отворено им се спротивставил на оние што го критикувале и ги побил нивните лажни обвиненија (Матеј 12:34-37; 15:1-11). Исто како Исус, и ние ја користиме можноста да им дадеме на другите јасно објаснување за нашите длабоки уверувања (1. Петрово 3:15). Никогаш да не дозволиме исмевањето на училиште, на работа или од роднините кои не се Сведоци да нѐ спречи да ја објавуваме вистината од Божјата реч! (2. Петрово 3:3, 4).

Ерусалим — „тежок камен“

9. Кој Ерусалим е симболизиран со ‚тешкиот камен‘ спомнат во Захарија 12:3, и кои се негови претставници на Земјата?

9 Пророштвото на Захарија ни открива зошто народите се креваат против вистинските христијани. Забележи што стои во Захарија 12:3: „И во тој ден ќе направам Ерусалим да биде тежок камен за сите народи“. На кој Ерусалим се однесува ова пророштво? Пророштвото на Захарија во врска со Ерусалим се однесува на „небесниот Ерусалим“, небесното Царство во кое се повикани помазаните христијани (Евреите 12:22). Еден мал остаток од овие наследници на месијанското Царство сѐ уште се на Земјата. Заедно со своите придружници, ‚другите овци‘, тие ги поттикнуваат луѓето да станат поданици на Божјето Царство додека сѐ уште има време (Јован 10:16; Откровение 11:15). Како реагираат народите на оваа покана? И каква поддршка им дава Јехова на своите вистински слуги денес? Да го најдеме одговорот на овие прашања така што ќе го испитаме значењето на Захарија, 12. поглавје. Ако го сториме тоа, уште повеќе ќе се увериме дека ‚нема да успее ниедно оружје направено против‘ Божјите помазаници и против нивните верни придружници.

10. а) Како е напаѓан Божјиот народ? б) Како ќе си поминат оние што се обидуваат да го тргнат ‚тешкиот камен‘ од патот?

10 Во Захарија 12:3 се вели дека народите се здобиваат со „длабоки рани“. Како доаѓа до ова? Бог одредил да се проповеда добрата вест за Царството. Јеховините сведоци ја сфаќаат сериозно одговорноста да проповедаат. Сепак, објавувањето на Царството како единствена надеж за човештвото им станало „тежок камен“ на народите. Тие се обидуваат да го тргнат од патот со тоа што сакаат да ги спречат оние што се трудат да проповедаат за Царството. Додека го прават тоа, народите што се обидуваат да го спречат проповедањето се здобиле со „длабоки рани“, односно целите се испосекле. Дури си го нарушиле и угледот кога претрпеле понижувачки порази. Тие не можат да ги замолкнат слугите на вистинскиот Бог за кои претставува чест да ја објавуваат ‚вечната добра вест‘ за Божјето месијанско Царство пред крајот на овој поредок (Откровение 14:6). Кога видел како сурово се постапува со Јеховините слуги, еден затворски чувар во една африканска земја рекол: ‚Бадијала ги прогонувате овие луѓе. Тие никогаш нема да попуштат. Напротив, стануваат сѐ побројни‘.

11. Како Бог го одржал ветувањето што го дал во Захарија 12:4?

11 Прочитај го Захарија 12:4. Јехова ветува дека симболично ќе ги ослепи и ќе ги удри „со збунетост“ оние што се борат против неговите храбри гласници на Царството. Тој си стои на зборот. На пример, во една земја каде што беше забрането да му се служи на вистинскиот Бог, противниците не можеа да спречат духовната храна да дојде до рацете на Божјиот народ. Еден весник дури тврдеше дека Јеховините сведоци користат балони за да внесат библиска литература во земјата! Се исполни ветувањето што Бог им го дал на своите верни слуги: „Ќе ги отворам своите очи... и сите коњи на народите ќе ги удрам со слепило“. Заслепени од бес, непријателите на Царството не знаат каде да се свртат. Но, ние сме уверени дека Јехова ќе го зачува својот народ како група и дека ќе се грижи за негово добро (2. Царевите 6:15-19).

12. а) Во која смисла Исус запалил оган кога бил на Земјата? б) Како помазаниот остаток запалил оган во симболична смисла, и со какви резултати?

12 Прочитај го Захарија 12:5, 6. „Кнезовите на Јуда“ се оние што служат како надгледници меѓу Божјиот народ. Јехова ги исполнува овие лица со огнена ревност за да служат на Земјата во интерес на Царството. Во една прилика, Исус им го рекол следново на своите ученици: „Јас дојдов да запалам оган на земјата“ (Лука 12:49). И тој навистина запалил оган. Благодарение на неговото ревносно проповедање, Божјето Царство станало најважната тема на разговор меѓу луѓето. Ова разгорело вжештени расправи меѓу тогашните Евреи (Матеј 4:17, 25; 10:5-7, 17-20). На сличен начин, „како мангал меѓу дрвјата и како запален факел во штотуку ожнеано жито“, следбениците на Христос во нашево време палат оган во симболична смисла. Книгата Тајната е разоткриена (The Finished Mystery), a која излезе во 1917 год., отворено го разоткри лицемерството на христијанскиот свет. Таа наиде на бурна реакција кај свештенството. А неодамна, Веста за Царството бр. 37, со наслов „Крајот на лажната религија е близу!“, натера многу луѓе да заземат став или за или против Божјето Царство.

„Шаторите на Јуда“ ќе бидат спасени

13. На што укажува изразот „шаторите на Јуда“, и зошто Јехова ќе ги спаси оние што ќе бидат нападнати?

13 Прочитај го Захарија 12:7, 8. Шаторите биле специфично обележје на древната израелска земја бидејќи понекогаш ги користеле овчарите и земјоделците. Кога некој непријателски народ доаѓал да го нападне Ерусалим, овие луѓе биле први на удар и имале потреба од заштита. Изразот „шаторите на Јуда“ укажува дека остатокот од помазаници денес на некој начин престојува на отворено, односно не се во утврдени градови. Таму, тие бестрашно го бранат месијанското Царство. Јехова над војските „прво ќе ги спаси шаторите на Јуда“ бидејќи тие се главна мета на нападот што ќе го изведе Сатана.

14. Како Јехова ги брани оние во „шаторите на Јуда“, и на кој начин не дозволува да се сопнат?

14 И навистина, историјата докажува дека Јехова ги брани овие помазани амбасадори на Царството, кои се наоѓаат на отворено во своите ‚шатори‘. b Тој не дозволува да се ‚сопнат‘ со тоа што им помага да бидат силни и храбри како Давид, царот-воин.

15. Зошто Јехова ‚сигурно ќе ги истреби сите народи‘, и кога ќе го стори тоа?

15 Прочитај го Захарија 12:9. Зошто Јехова ‚сигурно ќе ги истреби сите народи‘? Бидејќи упорно му се противат на месијанското Царство. Тие се осудени затоа што го малтретираат и го прогонуваат Божјиот народ. Наскоро Сатановите застапници на Земјата ќе го започнат последниот напад на слугите на вистинскиот Бог, кој ќе води до светската ситуација која во Библијата е опишана како Ар-Магедон (Откровение 16:13-16). Како одговор на тој напад, Врховниот Судија ќе ги одбрани своите слуги и ќе го посвети своето име меѓу народите (Езекиел 38:14-18, 22, 23).

16, 17. а) Кое е „наследството на Јеховините слуги“? б) Што докажуваме со тоа што истрајуваме и покрај нападите на Сатана?

16 Сатана не поседува оружје што може да ја ослабне верата или да ја згасне ревноста на Божјиот народ на Земјата. Нашиот духовен мир, кој го имаме затоа што Јехова нѐ поддржува со својата спасувачка моќ, е „наследството на Јеховините слуги“ (Исаија 54:17). Никој не може сосила да ни ги одземе мирот и духовниот напредок (Псалм 118:6). Сатана ќе продолжи да го разгорува жестокото противење и ќе се труди да ни создава неволји. Но, ако верно истраеме кога ќе бидеме оцрнувани, тоа е доказ дека Божјиот дух почива врз нас (1. Петрово 4:14). Добрата вест за Јеховиното воспоставено Царство се објавува низ целиот свет. Многу симболични камења биле фрлени врз Божјиот народ со цел да нѐ заплашат и да нѐ одвратат од ова дело. Сепак, со силата од Јехова, неговите слуги ги запираат тие камења и го поништуваат нивното влијание (Захарија 9:15). Остатокот од помазаници и нивните верни придружници нема да бидат запрени!

17 Со радост очекуваме конечно да бидеме избавени од нападите на Ѓаволот. Каква огромна утеха ни дава гаранцијата дека ‚никакво оружје направено против нас нема да успее, и дека ќе го прогласиме за зол секој јазик што ќе се подигне на суд против нас‘!

[Фусноти]

a Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.

b Повеќе детали во врска со ова има во книгата Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство, на страници 675, 676 (англ.), издадена од Јеховините сведоци.

Како би одговорил?

• Што покажува дека оружјето на Сатана немало успех?

• Како небесниот Ерусалим станал „тежок камен“?

• Како Јехова ги спасува „шаторите на Јуда“?

• Во што сме уверени додека се ближи Армагедон?

[Прашања]

[Слики на страница 21]

Јеховиниот народ во Албанија остана верен и покрај нападите на Сатана

[Слика на страница 23]

Исус ги побил лажните обвиненија

[Слики на страница 24]

Никакво оружје против оние што ја објавуваат добрата вест нема да успее