Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе“

„Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе“

„Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе“

„Јехова е на мојата страна; нема да се плашам. Што може да ми направи земен човек?“ (ПСАЛМ 118:6).

1. Пред какви важни настани стои човештвото?

 ДЕНЕС човештвото стои пред катастрофални настани од досега невидени размери. Исус прорекол дека вакво нешто ќе се случи во нашево време кога им го дал следново предупредување на своите следбеници: „Ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има. И ако не се скратат тие дни, никој нема да се спаси. Но заради избраните, ќе се скратат тие дни“ (Матеј 24:21, 22).

2. Зошто големата неволја сѐ уште не започнала?

2 Небесните војски од ангели, кои се невидливи за човечките очи, сега ја задржуваат таа голема неволја. Во едно видение што му го дал Исус, Апостол Јован имал чест да види зошто го прават тоа. Остарениот апостол го опишал она што го видел со следниве зборови: „Видов четири ангели како стојат на четирите агли на земјата, цврсто држејќи ги четирите земни ветрови... И видов друг ангел како влегува од исток и го има печатот на живиот Бог. И им викна на сет глас на четирите ангели... ‚Немојте да ѝ наштетите на земјата, ниту на морето, ниту на дрвјата, додека не ги обележиме со печат челата на робовите на нашиот Бог!‘“ (Откровение 7:1-3).

3. Како ќе започне големата неволја?

3 Конечното обележување со печат на помазаните ‚робови на нашиот Бог‘ сега е при крај. Четирите ангели се спремни да ги пуштат тие разорни ветрови. Што ќе се случи веднаш штом ќе го сторат тоа? Еден ангел одговара на ова прашање: „Во миг ќе биде фрлен Вавилон, големиот град, и никогаш повеќе нема да постои“ (Откровение 18:21). Колку голема ќе биде радоста на небесата кога ќе се случи ова, односно кога ќе биде уништено светското царство на лажната религија! (Откровение 19:1, 2).

4. Што ни претстои во иднина?

4 Сите народи на Земјата ќе се обединат против Јеховиниот народ. Дали ќе успеат да ги збришат овие верни христијани? Можеби ќе изгледа дека ќе успеат. Но тогаш небесните војски што го следат Исус Христос ќе ги уништат овие човечки непријатели! (Откровение 19:19-21). На крајот, Ѓаволот и неговите ангели ќе бидат фрлени во една симболична бездна на неактивност. Повеќе нема да можат да ги заведуваат луѓето бидејќи ќе бидат врзани илјада години. Колкаво олеснување ќе биде тоа за големото мноштво преживеани! (Откровение 7:9, 10, 14; 20:1-3).

5. Каква радост ги очекува оние што ќе му останат верни на Јехова?

5 Наскоро ќе ги доживееме овие прекрасни, но и страшни настани. Сите тие се поврзани со оправдувањето на Јеховиното неприкосновено право да владее како Севишен Господар на вселената. Не заборавај: ако му останеме верни на Јехова и ако стоиме цврсто на неговата страна, ќе имаме можност да придонесеме да се посвети Јеховиното име и да се исполни неговата намера. Каква неизмерна радост ќе ни донесе тоа!

6. Што ќе разгледаме во врска со претстојните настани?

6 Дали сме подготвени за овие значајни настани? Дали имаме вера дека Јехова има моќ да нѐ спаси? Дали имаме доверба дека тој ќе ни помогне во вистинско време и на најдобар можен начин? Кога одговараме на овие лични прашања, може да го имаме на ум она што апостол Павле им го кажал на сохристијаните во Рим: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Меѓу она што било напишано за наша поука, за да ни даде утеха и надеж, е и записот за времето кога Јехова ги избавил Израелците од челичниот стисок на нивните египетски поробувачи. Ако ги разгледаме одблизу тие возбудливи настани кога Јехова ги избавил синовите на Израел, многу ќе се охрабриме додека ја очекуваме големата неволја која брзо се приближува.

Јехова го избавува својот народ

7. Каква напната ситуација постоела во Египет во 1513 год. пр.н.е.?

7 Годината е 1513 пр.н.е. Јехова веќе им нанел девет неволји на Египќаните. Откако поминува деветтата неволја, фараонот грубо го отпушта Мојсеј, велејќи му: „Оди си откај мене! Гледај да не ми излезеш повеќе пред очи, зашто во тој ден кога ќе ми излезеш пред очи, ќе умреш!“ Мојсеј му одговара: „Како што рече, така ќе биде. Повеќе нема да ти излегувам пред очи“ (2. Мојсеева 10:28, 29).

8. Какви упатства за преживување им биле дадени на Израелците, и каков бил резултатот?

8 Јехова сега му открива на Мојсеј дека ќе им нанесе уште една, последна неволја на фараонот и на сите Египќани. На 14 авив (нисан), првородениот на секој Египќанец и на секое животно ќе умре. Но, семејствата на Израелците ќе бидат поштедени ако внимателно ги следат упатствата што Бог им ги дава преку Мојсеј. Секој треба да земе крв од заклано машко јагне и со неа да ги попрска двата довратника и надвратникот на влезната врата од својата куќа, и сите треба да останат внатре во куќата. Што се случува таа ноќ? Да видиме што вели Мојсеј: „На полноќ, Јехова ги погуби сите првородени во египетската земја“. Фараонот веднаш реагира. Ги повикува Мојсеј и Арон кај себе и им вели: „Станувајте, одете си од мојот народ... Одете, служете му на Јехова, како што баравте!“ Израелците не чекаат да им каже двапати. Веројатно повеќе од три милиони луѓе веднаш тргнуваат на пат, а заедно со нив од Египет излегува и големо „мноштво други луѓе“ (2. Мојсеева 12:1-7, 29, 31, 37, 38).

9. По кој пат Бог ги извел Израелците од Египет, и зошто?

9 Најблискиот пат по кој можат да тргнат Израелците е покрај Средоземното Море, низ филистејската земја. Но, тоа е непријателска територија. Затоа, веројатно за да ги поштеди од војување, Јехова ги води низ пустината покрај Црвеното Море. Иако ова големо мноштво брои милиони, во него владее ред. Библијата вели: „Синовите на Израел ја напуштија египетската земја во борбени редови“ (2. Мојсеева 13:17, 18).

„Гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе“

10. Зошто Бог им рекол на Израелците да се улогорат пред Пи-Аирот?

10 Наеднаш се случува нешто неочекувано. Јехова му вели на Мојсеј: „Речи им на синовите на Израел да се вратат и да се улогорат пред Пи-Аирот, меѓу Мигдол и морето, спроти Ваал-Сефон“. Големото мноштво луѓе ги следат овие упатства, и кога стигнуваат таму сфаќаат дека се фатени во стапица меѓу планините и еден залив на Црвеното Море. Се чини дека немаат никаков излез. Но, Јехова знае што прави. Тој му вели на Мојсеј: „Ќе дозволам да му закорави срцето на фараонот, па ќе тргне во потера по нив. А јас ќе се прославам над фараонот и над сета војска негова. Така Египќаните ќе знаат дека јас сум Јехова“ (2. Мојсеева 14:1-4).

11. а) Што направил фараонот, и како реагирале Израелците? б) Како одговорил Мојсеј кога Израелците почнале да негодуваат?

11 Фараонот, кој сфаќа дека направил грешка што им дозволил на Израелците да си заминат од Египет, тргнува во жестока потера по нив со 600 одбрани воени коли. Кога ја здогледуваат египетската војска, Израелците се преплашени и викаат кон Мојсеј: „Зарем немаше гробови во Египет, па нѐ изведе да изумреме во пустинава?“ Уверен дека Јехова ќе ги спаси, Мојсеј им одговара: „Не плашете се! Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе денес!.. Јехова ќе се бори за вас, а вие ќе стоите мирно“ (2. Мојсеева 14:5-14).

12. Како Јехова го спасил својот народ?

12 Во склад со зборовите на Мојсеј, Јехова навистина потврдува дека ќе се бори за Израелците. Небесните војски, во склад со упатствата од Јехова, сега ја преземаат работата во свои раце. Јеховиниот ангел со чудо го преместува зад нив столбот од облак кој цело време го води израелскиот табор. Од страната на Египќаните, облакот е мрачен, но од другата страна им ја осветлува ноќта на Израелците (2. Мојсеева 13:21, 22; 14:19, 20). Послушен на Божјата заповед, сега Мојсеј ја испружува раката. Извештајот понатаму вели: „Јехова цела ноќ го потиснуваше морето со силен источен ветар... Тогаш синовите на Израел тргнаа среде морето по суво, а водите им стоеја како ѕид оддесно и одлево“. Египќаните тргнуваат во потера, но Јехова е на страната на својот народ. Тој создава безредие во таборот на Египќаните, а потоа му вели на Мојсеј: „Испружи ја раката над морето за да се вратат водите врз Египќаните, врз нивните бојни коли и врз нивните коњаници!“ Уништувањето на фараоновата војска е толку темелно што ниту еден војник не останува жив! (2. Мојсеева 14:21-28; Псалм 136:15).

Што учиме од спасението на Израел

13. Што направиле синовите на Израел откако биле избавени?

13 Какво влијание имало ова чудесно избавување врз преживеаните? И Мојсеј и синовите на Израел спонтано му запеале песни на фалба на Јехова! Тие пееле: „На Јехова ќе му запеам, зашто многу се прослави... Јехова ќе царува довека, во сета вечност“ (2. Мојсеева 15:1, 18). Да, прво нешто што им дошло во срцето било да го слават Бог. Во таа ситуација, Јехова докажал дека има неприкосновено право да владее.

14. а) Што учиме за Јехова од она што го доживеале Израелците? б) Кој е годишниот стих за 2008 година?

14 Каква поука, утеха и надеж има за нас во овие возбудливи настани? Сигурно гледаме дека Јехова е подготвен за секоја неволја низ која мора да помине неговиот народ. Тој може да се справи со секоја ситуација со која ќе се соочат неговите слуги. Црвеното Море не било никаква препрека за Израел кога Јехова пуштил да дува силен источен ветар. Освен тоа, тој лесно предизвикал истото Црвено Море да им стане водна гробница на фараоновите војски. Кога размислуваме за ова, можеби во мислите ни одѕвонуваат зборовите на псалмистот, кој рекол: „Јехова е на мојата страна; нема да се плашам. Што може да ми направи земен човек?“ (Псалм 118:6). Освен тоа, можеме да најдеме утеха и во зборовите на Павле кои се запишани во Римјаните 8:31: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ Колку цврсто уверување ни влеваат овие вдахновени зборови! Тие го смируваат секој страв и сомнеж што можеби ги имаме и нѐ исполнуваат со надеж. Според тоа, навистина е соодветен нашиот годишен стих за 2008 година, кој гласи: „Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе“ (2. Мојсеева 14:13).

15. Колку било важно Израелците да бидат послушни за да бидат избавени од Египет, и колку е важно ова денес?

15 Што друго учиме од излегувањето на Израелците од Египет? Учиме дека мора да го слушаме Јехова сеедно што ќе побара да правиме. Израелците послушно ги направиле деталните подготовки во врска со Пасхата. Послушно останале внатре во куќите ноќта на 14 нисан. Кога конечно излегле од Египет, морале да заминат „во борбени редови“ (2. Мојсеева 13:18). Денес е многу важно да го следиме водството што ни го дава „верниот и разборит роб“! (Матеј 24:45). Мора многу внимателно да ја слушаме Божјата реч зад нас, која ни вели: „Ако скршнете надесно или налево, вашите уши ќе ја чујат речта зад вас како вели: ‚Тоа е патот, одете по него!‘“ (Исаија 30:21). Како што наближува почетокот на големата неволја, најверојатно ќе добиваме сѐ подетални упатства. Дали успешно ќе ги пребродиме тие тешки денови ќе зависи од тоа дали одиме во чекор со другите верни слуги на Јехова.

16. Што учиме од начинот на кој Јехова ги водел работите кога ги избавил Израелците?

16 Сети се дека Јехова ги довел Израелците во положба кога се чинело дека се во стапица меѓу планините од едната страна и Црвеното Море од другата. Изгледало дека тоа едноставно не е мудар чекор. Но, Јехова имал контрола над ситуацијата, и на крајот сѐ било на негова слава и за спасение на неговиот народ. Можеби денес не ни е сосем јасно зошто некои работи во организацијата се вршат на одреден начин, но имаме причина со доверба да го прифатиме водството што Јехова ни го дава преку своите верни посредници. Понекогаш можеби ни се чини дека противниците имаат успех. Бидејќи нашиот увид е ограничен, можно е да не ја гледаме целата слика. Сепак, Јехова може да ги насочи работите каде што треба во вистинскиот момент, исто како што било случај со синовите на Израел кога се нашле пред Црвеното Море (Изреки 3:5).

Имај доверба во Јехова

17. Зошто можеме да бидеме апсолутно сигурни во Божјето водство?

17 Можеш ли да замислиш каква сигурност мора да чувствувале Израелците кога размислувале за столбот од облак дење и столбот од оган ноќе? Тоа било доказ дека „ангелот на вистинскиот Бог“ ги води по патот (2. Мојсеева 13:21, 22; 14:19). Денес можеме да бидеме сигурни дека Јехова го води, го штити и го избавува својот народ. Можеме да го земеме присрце следново ветување: „[Јехова] нема да ги остави оние што му се лојални. Тие ќе бидат заштитени за навек“ (Псалм 37:28). Никогаш да не заборавиме дека денес Божјите слуги ја имаат поддршката на силните војски од ангели. Со нивна помош, можеме да ‚стоиме цврсто и да го гледаме спасението што ќе ни го донесе Јехова‘ (2. Мојсеева 14:13).

18. Зошто треба да ја ‚облечеме сета Божја воена опрема‘?

18 Што ќе ни помогне да ‚стоиме цврсто‘ на патот на вистината? Тоа што ќе ја носиме духовната воена опрема која ја опишал Павле во своето писмо до Ефешаните. Забележи дека овој апостол нѐ советува да ја ‚облечеме сета Божја воена опрема‘. Дали ги имаме облечено сите делови на оваа духовна опрема? Во следнава календарска година, ќе биде добро секој од нас да се преиспита за да провери дали го носи секој дел од таа опрема и дали добро му е наместен. Нашиот непријател, Сатана Ѓаволот, ги знае нашите слабости и се обидува да нѐ фати на препад или да нѐ удри во некоја болна точка. Ние „се бориме“ против зли духовни сили. Сепак, со силата од Јехова, ние можеме да ги победиме (Ефешаните 6:11-18; Изреки 27:11).

19. Каква чест можеби ќе имаме ако истраеме до крајот?

19 Исус им рекол на своите следбеници: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:19). Да бидеме и ние меѓу оние што верно ќе истрајат низ сите неволји со кои можеби ќе се соочат, и така да имаме чест, благодарение на Божјата незаслужена доброта, ‚да стоиме цврсто и да го гледаме спасението што ќе ни го донесе Јехова‘.

Како би одговорил?

• Кои возбудливи настани ни претстојат во многу блиска иднина?

• Како Јехова покажал дека има моќ да спасува во 1513 год. пр.н.е.?

• Што си решен да правиш во иднина?

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 20]

Годишен стих за 2008: „Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе“ (2. Мојсеева 14:13).

[Слика на страница 17]

„Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука“

[Слика на страница 18]

Египет бил уништен поради тврдоглавоста на фараонот

[Слика на страница 19]

Израелците преживеале затоа што направиле сѐ што им заповедал Јехова