Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Оди по Јеховините патишта

Оди по Јеховините патишта

Оди по Јеховините патишта

„Среќен е секој што се бои од Јехова и оди по неговите патишта“ (ПС. 128:1).

1, 2. Зошто може да бидеме сигурни дека среќата не е недостижна?

КОЈ не сака да биде среќен? Но, сигурно ќе се сложиш дека, едно е човек да сака да биде среќен и да ја бара среќата, а сосема друго е навистина да се чувствува среќен.

2 Сепак, среќата не е недостижна! „Среќен е секој што се бои од Јехова и оди по неговите патишта“, вели Псалм 128:1. Можеме да бидеме среќни ако имаме страхопочит кон Бог и ако одиме по неговите патишта вршејќи ја неговата волја. Како ќе влијае ова врз нашето однесување и врз нашите особини?

Покажи дека си човек од збор

3. Каква врска има твојот завет на Бог со тоа дали си човек од збор?

3 Оние што се бојат од Јехова си стојат на зборот, исто како него. Јехова ги исполнил сите ветувања што му ги дал на древниот Израел (1. Цар. 8:56). Кога ние сме му се заветувале на Бог, сме го дале најзначајното ветување што човек може да го даде, а редовната молитва ќе ни помогне да го одржиме. Можеме да се молиме исто како што се молел псалмистот Давид: „Зашто, ти, Боже, слушна што ти се заветував... Засекогаш ќе го славам твоето име со песна, за да ги исполнувам моите завети од ден на ден“ (Пс. 61:5, 8; Проп. 5:4-6). За да бидеме Божји пријатели, мора да сме луѓе од збор (Пс. 15:1, 4).

4. Каков став покажале Јефтај и неговата ќерка кон заветот што тој му го дал на Јехова?

4 Во времето на израелските судии, Јефтај се заветувал дека, ако Јехова му ги предаде в раце Амонците, тој ќе го принесе како „жртва паленица“ првиот од својот дом што ќе му излезе во пресрет кога ќе се врати од битката. Првиот што излегол била неговата ќерка единица. Бидејќи имале вера во Јехова, и Јефтај и неговата немажена ќерка го одржале неговиот завет. Иако во Израел бракот и раѓањето деца се сметале за едни од најважните работи, ќерката на Јефтај спремно останала немажена и имала чест да му служи на Јехова во светиот шатор (Суд. 11:28-40).

5. Како Ана си стоела на зборот?

5 Богобојазливата Ана исто така си стоела на зборот. Таа живеела во ефремските планини заедно со својот маж, Елкана, кој бил од племето на Леви, и неговата втора жена, Фенина. Фенина му родила неколку деца на Елкана и ја исмевала Ана, која била неротка, особено кога целото семејство одело во местото каде што се наоѓал светиот шатор. Во една таква прилика, Ана му ветила на Јехова дека, ако роди син, ќе му го даде нему. Наскоро забременила и родила синче на кое му го дале името Самоил. Откако престанала да го дои, Ана го одвела детето во Сило за да му го дарува на Бог, и го оставила таму за да му служи на Јехова „за сите денови од неговиот живот“ (1. Сам. 1:11). Така си го одржала ветувањето иако воопшто не знаела дека ќе има и други деца (1. Сам. 2:20, 21).

6. Како Тихик покажал дека е човек на место?

6 Тихик, христијанин од првиот век, бил уште еден „верен слуга“ на Бог и човек на место (Кол. 4:7). Тој патувал со апостол Павле од Грција преку Македонија па сѐ до Мала Азија, а можеби и до Ерусалим (Дела 20:2-4). Можеби токму тој бил „братот“ што му помогнал на Тит да го организира собирањето прилози за сиромашните соверници во Јудеја (2. Кор. 8:18, 19; 12:18). Кога Павле првпат бил в затвор во Рим, преку овој доверлив човек им испратил писма на соверниците во Ефес и Колоси (Еф. 6:21, 22; Кол. 4:8, 9). Кога по вторпат бил затворен во Рим, Павле го испратил Тихик во Ефес (2. Тим. 4:12). Јехова ќе ја благослови и нашата служба за него ако сме лица на кои другите слободно можат да се потпрат.

7, 8. Зошто може да се каже дека Давид и Јонатан биле вистински пријатели?

7 Бог очекува да бидеме верни пријатели (Изр. 17:17). Синот на цар Саул, Јонатан, му станал пријател на Давид. Кога Јонатан слушнал дека Давид го убил Голијат, ‚душата на Јонатан се врзала за душата на Давид, и Јонатан го засакал како својата душа‘ (1. Сам. 18:1, 3). Тој дури и го предупредил Давид кога Саул сакал да го убие. Откако Давид избегал, тие повторно се сретнале и Јонатан склучил сојуз со него. Саул за малку ќе го убиел својот син кога овој му зборувал за Давид, но, и покрај тоа, Јонатан пак се видел со Давид и го уверил во своето пријателство (1. Сам. 20:24-41). Кога се сретнале за последен пат, Јонатан му ја зацврстил довербата на Давид во Бог (1. Сам. 23:16-18).

8 Јонатан загинал во битка со Филистејците (1. Сам. 31:6). Во една тажачка, Давид пеел: „Жалам за тебе, брате Јонатане! Колку многу ми беше мил! Твојата љубов ми беше почудесна од женската љубов!“ (2. Сам. 1:26). Оваа љубов била силна пријателска наклоност и немала никаква сексуална конотација. Давид и Јонатан биле вистински пријатели.

Секогаш биди „понизен“

9. Каква поука за понизноста содржи 9. поглавје од Книгата за судиите?

9 За да бидеме Божји пријатели, мора да бидеме понизни (1. Пет. 3:8; Пс. 138:6). Од 9. поглавје од Книгата за судиите учиме колку е важна понизноста. Јотам, синот на Гедеон, рекол: „Еднаш тргнале дрвјата за да помазаат цар за себе“. Потоа ги спомнал маслинката, смоквата и виновата лоза. Тие биле симбол за угледни лица во Израел кои не сакале да владеат над своите сонародници. Но, трнливата грмушка — која служи само за огрев — го претставувала царувањето на гордиот Авимелех, убиец кој имал незаситна желба да владее над другите. Иако ‚вообразено се правел кнез над Израел три години‘, на крајот загинал млад (Суд. 9:8-15, 22, 50-54). Колку подобро е да бидеме понизни!

10. Што научи од тоа што Ирод пропуштил да „му оддаде слава на Бог“?

10 Во првиот век од н.е., имало судир помеѓу горделивиот јудејски цар Ирод Агрипа и жителите на Тир и Сидон, кои подоцна побарале мир со него. Кратко потоа, кога Ирод почнал да држи говор, тие извикале: „Тоа е глас на бог, а не на човек!“ Бидејќи Ирод не ги отфрлил тие фалби, Јеховиниот ангел го удрил, и тој умрел на страшен начин ‚затоа што не му оддал слава на Бог‘ (Дела 12:20-23). Што ако ние сме добри говорници или вешто ги поучуваме другите за библиската вистина? Тогаш, да му благодариме на Бог и да го славиме за она што ни дава да го правиме (1. Кор. 4:6, 7; Јак. 4:6).

Биди храбар и силен

11, 12. Како примерот на Енох покажува дека Јехова им дава храброст и сила на своите слуги?

11 Ако понизно одиме по Јеховините патишта, тој ќе ни даде храброст и сила (5. Мој. 31:6-8, 23). Енох, седмо колено од Адам, храбро одел по Јеховините патишта постапувајќи исправно за разлика од своите злобни современици (1. Мој. 5:21-24). Јехова му дал сила да објави строга осуда над тие луѓе поради нивните безбожни зборови и дела. (Прочитај Јуда 14, 15.) Дали и ти ја имаш храброста што ни е потребна за да ги објавуваме Божјите осуди?

12 Во глобалниот Потоп во времето на Ное, Јехова го извршил својот суд над безбожниците. Затоа, нас нѐ охрабрува пророштвото на Енох бидејќи и безбожниците во нашево време наскоро ќе бидат уништени од Божјите десетици илјади свети ангели (Отк. 16:14-16; 19:11-16). Јехова одговара на нашите молитви со тоа што ни дава храброст да ја објавуваме неговата порака, сеедно дали зборуваме за неговите судови или за благословите што ќе ги донесе неговото Царство.

13. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ни ги даде храброста и силата што ни се потребни кога се соочуваме со проблеми што нѐ тиштат?

13 Потребна ни е храброст и сила од Бог кога се соочуваме со проблеми што нѐ тиштат. Двете Хетејки со кои се оженил Исав ‚им го загорчувале животот на Исак и Ревека‘. Ревека дури се жалела: „Ми се смачи животов од ќерките на Хет. Ако се ожени и [другиот син] Јаков со некоја од ќерките на оваа земја, како што се ќерките на Хет, тогаш што ќе ми е животот?“ (1. Мој. 26:34, 35; 27:46). Исак не седел со скрстени раце. Тој го испратил Јаков далеку за да си најде жена меѓу слугите на Јехова. Иако Исак и Ревека не можеле да го променат она што го сторил Исав, Бог им дал мудрост, храброст и сила да му останат верни Нему. Ако се молиме за потребната помош, Јехова сигурно ќе ни ја даде и нам (Пс. 118:5).

14. Како едно израелско девојче покажало храброст?

14 Со векови подоцна, една млада Израелка која била заробена од непријателите, станала слугинка во домот на заповедникот на сириската војска. Тој човек се викал Нааман и бил болен од лепра. Бидејќи имало слушнато дека Бог правел чуда преку пророкот Елисеј, ова девојче храбро ѝ рекло на жената на Нааман: ‚Кога мојот господар би отишол во Израел, Јеховиниот пророк би го излекувал од лепрата‘. Нааман отишол во Израел и навистина бил излекуван со чудо (2. Цар. 5:1-3). Колку добар пример е тоа девојче за младите кои бараат храброст од Јехова за да им сведочат на наставниците, соучениците и на другите!

15. Со која постапка покажал храброст Авдија, управителот на дворецот на Ахав?

15 Храброста што ни ја дава Бог ни помага да не попуштиме кога сме прогонувани. Размисли за Авдија, управителот на дворецот на цар Ахав, кој живеел во времето на пророкот Илија. Кога царицата Језавела наредила да се убијат Божјите пророци, Авдија скрил стотина од нив, „по педесет во една пештера“ (1. Цар. 18:13; 19:18). Дали храбро ќе им помагаш на прогонуваните сохристијани, како што Авдија им помагал на Јеховините пророци?

16, 17. Како влијаело прогонството врз Аристарх и Гај?

16 Ако сме прогонувани, можеме да имаме доверба дека Јехова ќе биде со нас (Рим. 8:35-39). Во отворениот театар во Ефес, соработниците на Павле — Аристарх и Гај — се соочиле со насилна толпа, која веројатно броела илјадници души. Сребрарот Димитриј ги поттикнал да се побунат. Тој и другите занаетчии правеле сребрени храмчиња на божицата Артемида, и нивниот профитен бизнис се нашол во опасност кога мнозина од жителите на градот ги отфрлиле идолите откако Павле им проповедал. Толпата луѓе ги одвлекле Аристарх и Гај во театарот, викајќи: „Велика е Артемида ефеска!“ Веројатно Аристарх и Гај мислеле дека им нема спас, но градскиот писар го стивнал мноштвото (Дела 19:23-41).

17 Кога ти би доживеал вакво нешто, дали би се повлекол и би решил да водиш живот со помалку проблеми? Ништо не укажува на тоа дека Аристарх или Гај ја изгубиле храброста. Бидејќи бил од Солун, Аристарх веќе знаел дека ќе биде прогонуван затоа што ја проповеда добрата вест. Нешто кратко пред тоа имало немири кога Павле проповедал во неговиот град (Дела 17:5; 20:4). Јехова им дал храброст и сила на Аристарх и Гај за да го поднесат прогонството затоа што тие оделе по неговите патишта.

‚Грижете се за другите‘

18. Како Приска и Акила се грижеле за другите?

18 Сеедно дали моментално сме прогонувани или не, треба да се грижиме за сохристијаните. Приска и Акила ‚се грижеле за другите‘. (Прочитај Филипјаните 2:4.) Веројатно таа примерна брачна двојка го зела Павле во својот дом кога тој бил во Ефес, каде што сребрарот Димитриј ги подбуцнал немирите кои веќе ги спомнавме. Можеби таа ситуација ги навела Акила и Приска ‚да го изложат на опасност својот живот‘ поради Павле (Рим. 16:3, 4; 2. Кор. 1:8). Денес сме „претпазливи како змии“ затоа што сакаме да им биде добро на нашите прогонувани браќа (Мат. 10:16-18). Проповедаме претпазливо и не им ги кажуваме нивните имиња или други податоци на оние што нѐ прогонуваат.

19. Какви добри дела правела Дорка за другите?

19 Можеме да се грижиме за другите на разни начини. Некои христијани имаат потреба од помош, и можеби ние сме во состојба да им помогнеме (Еф. 4:28; Јак. 2:14-17). Во првиот век, во собранието во Јопа имало една дарежлива жена по име Дорка. (Прочитај Дела 9:36-42.) Дорка ‚постојано правела добри дела и им помагала на сиромасите‘. Очигледно, меѓу другото, изработувала и облеки за сиромашните вдовици. Кога умрела во 36 год. од н.е., вдовиците многу тагувале по неа. Бог го употребил апостол Петар да ја воскресне Дорка, и многу е веројатно дека таа го поминала преостанатиот дел од животот на Земјата радосно проповедајќи ја добрата вест и правејќи добри дела за другите. Колку сме среќни што и денес имаме такви несебични христијанки меѓу нас!

20, 21. а) Каква е врската меѓу храбрењето на другите и нашата грижа за нив? б) Како можеш да ги охрабруваш другите?

20 Се грижиме за другите и со тоа што ги храбриме (Рим. 1:11, 12). Сила, еден од соработниците на Павле, бил еден таков извор на охрабрување за другите. Откако во 49 год. од н.е. била донесена одлука во врска со обрежувањето, водечкото тело во Ерусалим испратило претставници да однесат писмо до соверниците на разни места. Сила, Јуда, Варнава и Павле го однеле писмото во Антиохија. Таму Сила и Јуда ‚ги охрабриле браќата со многу зборови и ги зајакнале‘ (Дела 15:32).

21 Подоцна, Павле и Сила биле затворени во Филипи, но биле ослободени како резултат на еден земјотрес. Колку се радувале што можеле да му посведочат на затворскиот чувар и што тој и неговото семејство станале верници! Пред да си заминат оттаму, Сила и Павле ги охрабриле браќата (Дела 16:12, 40). Исто како Павле и Сила, труди се да ги храбриш браќата со твоите коментари и говори и со твоето ревносно проповедање. И, секогаш кога имаш „некаков збор на охрабрување“, немој да пропуштиш да го кажеш! (Дела 13:15).

Продолжи да одиш по Јеховините патишта

22, 23. Како може вистински да ни користат библиските извештаи?

22 Колку благодарни треба да бидеме за сите вистинити животни приказни што се запишани во Речта на Јехова, „Богот на секое охрабрување“! (2. Кор. 1:3, Byington). Ако сакаме навистина да ни користат, мора да ги применуваме поуките од Библијата во животот и да дозволиме да нѐ води Божјиот свет дух (Гал. 5:22-25).

23 Ако длабоко размислуваме за библиските извештаи, полесно ќе ги покажуваме особините што му се допадливи на Бог. Тоа ќе го зацврсти нашето пријателство со Јехова, кој ни дарува „мудрост и знаење и радост“ (Проп. 2:26). А за возврат, можеме да го израдуваме доброто срце на нашиот Бог (Изр. 27:11). Затоа, да бидеме решени да правиме сѐ што Јехова бара од нас со тоа што и понатаму ќе одиме по неговите патишта.

Како би одговорил?

• Како можеш да покажеш дека си човек од збор?

• Зошто треба да бидеме понизни?

• Како библиските извештаи можат да ни помогнат да бидеме храбри?

• На кои начини можеме да се грижиме за другите?

[Прашања]

[Слика на страница 8]

Јефтај, кој бил човек од збор, и неговата ќерка го исполниле неговото ветување, иако не им било лесно

[Слика на страница 10]

Млади, што научивте од израелското девојче?

[Слика на страница 11]

Како Дорка им помагала на сохристијаните?