Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Постојано мисли на Јехова

Постојано мисли на Јехова

Постојано мисли на Јехова

„Постојано го имам Јехова пред себе“ (ПС. 16:8).

1. Како можат библиските записи да влијаат врз нас?

ЈЕХОВИНАТА пишана реч содржи извонреден запис за тоа како Бог постапувал со луѓето. Во неа се спомнати многу лица кои имале удел во исполнувањето на Божјата намера. Се разбира, нивните зборови и постапки не се запишани во Библијата само како прикаски кои можеме да си ги читаме во слободно време. Напротив, тие записи можат да нѐ зближат со Бог (Јак. 4:8).

2, 3. Што значат зборовите запишани во Псалм 16:8?

2 Сите ние учиме многу од она што го доживеале познати личности од Библијата, како што се Авраам, Сара, Мојсеј, Рут, Давид, Естира, апостол Павле и други. Но, можеме да извлечеме корист и од она што е запишано за некои не толку познати личности. Ако размислуваме за библиските извештаи, ќе можеме да постапиме како псалмистот, кој рекол: „Постојано го имам Јехова пред себе. Тој ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам“ (Пс. 16:8). Што значат овие зборови?

3 Еден војник обично го држел мечот во десната рака, што значи дека таа страна не можел да ја брани со штитот кој му бил во левата рака. Но, сепак имал заштита доколку некој пријател се борел близу до него, од неговата десна страна. Ако мислиме на Јехова и ако ја вршиме неговата волја, тој ќе нѐ штити. Затоа, да видиме како размислувањето за библиските извештаи може да ни ја зајакне верата и да ни помогне ‚постојано да го имаме Јехова пред себе‘.

Јехова одговара на нашите молитви

4. Наведи пример од Библијата кој ни покажува дека Бог одговара на молитвите.

4 Ако мислиме на Јехова, тој ќе одговори на нашите молитви (Пс. 65:2; 66:19). Доказ за ова ни е она што му се случило на Елеазар, најстариот слуга на Авраам. Авраам го испратил овој слуга во Месопотамија за да му најде побожна жена на Исак. Елеазар го молел Бог да го води во врска со ова, и сфатил дека Јехова му одговорил на молитвата кога Ревека му ги напоила камилите. Бидејќи се молел од срце, Елеазар ја нашол жената што му станала сакана сопруга на Исак (1. Мој. 24:12-14, 67). Иако е точно дека слугата на Авраам имал посебна задача, зар не треба и ние да имаме иста таква доверба дека Јехова ги слуша и нашите молитви?

5. Зошто може да се рече дека Јехова одговара дури и на кратки молитви што ќе ги кажеме во себе?

5 Понекогаш можеби ќе мораме брзо да го помолиме Бог за нешто. Во една прилика, персискиот цар Артаксеркс забележал дека неговиот пехарник Неемија е тажен. „Што бараш?“ — прашал царот. ‚Во тој час [Неемија] му се помолил на небесниот Бог‘. Неемија немал време долго да зборува во таа молитва која очигледно ја кажал во себе. Сепак, Бог му одговорил, бидејќи царот му одобрил повторно да бидат изградени ѕидовите на Ерусалим. (Прочитај Неемија 2:1-8.) Значи, Јехова може да одговори дури и на една кратка молитва што некој ќе ја каже во себе.

6, 7. а) Каков пример ни дал Епафрас во врска со молитвата? б) Зошто треба да се молиме за другите?

6 Поттикнати сме и ‚да се молиме еден за друг‘, иако понекогаш нема веднаш да добиеме доказ дека таквите молитви се услишени (Јак. 5:16). Епафрас, еден „верен слуга Христов“, се молел сесрдно за своите соверници. Во едно свое писмо што го испратил од Рим, Павле за него рекол: „Ве поздравува Епафрас, кој дојде откај вас [Колошани], роб на Христос Исус. Тој секогаш се бори за вас во своите молитви, за да се одржите до крај зрели и да имате цврсти уверувања во поглед на сѐ што е Божја волја. Навистина сведочам за него дека многу се труди за вас и за оние во Лаодикија и за оние во Хиераполис“ (Кол. 1:7; 4:12, 13).

7 Колоси, Лаодикија и Хиераполис биле градови кои се наоѓале во истата област на Мала Азија. Христијаните во Хиераполис живееле меѓу обожавателите на божицата Кибела, на христијаните во Лаодикија им се заканувал материјализмот, а Колошаните биле во опасност од човечки филозофии (Кол. 2:8). Ништо чудно што Епафрас, кој бил од Колоси, ‚се борел во своите молитви‘ за верниците во тој град! Библијата не ни кажува како биле одговорени молитвите на Епафрас, но тој не престанал да се моли за соверниците. И ние не треба да престанеме да се молиме за нашите соверници. Иако ‚не се мешаме во туѓи работи‘, можеби знаеме дека некој член на семејството или пријател минува низ тежок испит на верата (1. Пет. 4:15). Колку е добро да го спомнуваме тоа лице во нашите лични молитви! На Павле му помогнале сесрдните молитви на соверниците, а и нашите молитви можат многу да помогнат (2. Кор. 1:10, 11).

8. а) Од каде знаеме дека старешините од Ефес знаеле колку е важно да се молат? б) Како треба да гледаме на молитвите до Бог?

8 Дали другите нѐ сметаат за луѓе кои ја ценат молитвата и кои често се молат? Откако Павле се сретнал со старешините од Ефес, ‚клекнал со сите нив и се помолил. Тогаш сите силно заплакале, па го изгушкале... и од срце го избакнале, бидејќи посебно ги заболело тоа што рекол дека повеќе нема да го видат неговото лице‘ (Дела 20:36-38). Не ги знаеме имињата на сите тие старешини, но очигледно тие знаеле колку е важно да се молат. Сигурно и ние треба многу да ја цениме честа што можеме да му се молиме на Бог и треба да ‚ги креваме верните раце‘, со потполна доверба дека нашиот небесен Татко ќе ни одговори (1. Тим. 2:8).

Слушај го Бог во сѐ

9, 10. а) Каков пример дале ќерките на Салпад? б) Како послушноста на ќерките на Салпад може да влијае врз ставот што го имаат неженетите или немажените христијани кон бракот?

9 Ако постојано мислиме на Јехова, ќе ни биде полесно да го слушаме и, како резултат на тоа, ќе бидеме благословени (5. Мој. 28:13; 1. Сам. 15:22). Значи, треба да бидеме послушни. Размисли за ставот што го покажале ќерките на Салпад, пет телесни сестри кои живееле во времето на Мојсеј. Кај Израелците било обичај синовите да го добијат наследството од таткото. Меѓутоа, Салпад умрел без синови, и Јехова заповедал овие пет жени да го добијат сето наследство од татко им, но под еден услов: морале да се омажат за синови на Манасија за да може наследениот имот да остане во истото племе (4. Мој. 27:1-8; 36:6-8).

10 Ќерките на Салпад биле уверени дека сѐ ќе биде во ред ако го послушаат Јехова. „Како што му заповеда Јехова на Мојсеј, така направија ќерките на Салпад“, вели Библијата. „Мала, Терса, Огла, Мелха и Нуа, ќерките на Салпад, се омажија за синови на своите стриковци. Се омажија во семејствата на синовите на Манасија, синот на Јосиф, и така нивното наследство остана во племето на кое му припаѓаше семејството на нивниот татко“ (4. Мој. 36:10-12). Тие послушни жени го направиле она што им го заповедал Јехова (Ис. Нав. 17:3, 4). Бидејќи имаат слична доверба, духовно зрелите неженети или немажени христијани му се послушни на Бог и стапуваат во брак „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39).

11, 12. Како Халев покажал доверба во Бог?

11 Треба да сме му послушни на Јехова во сѐ, исто како Израелецот Халев (5. Мој. 1:36). По избавувањето на Израелците од Египет во 16 век пр.н.е., Мојсеј испратил 12 мажи да го извидат Ханаан, но само двајца од извидувачите — Халев и Исус Навин — го молеле народот да има целосна доверба во Бог и да влезе во земјата (4. Мој. 14:6-9). Околу четири децении подоцна, Исус Навин и Халев сѐ уште биле живи и потполно го следеле Јехова. Затоа Бог го употребил Исус Навин да ги води Израелците во Ветената земја. За разлика од нив, десетте неверни извидувачи, по сѐ изгледа, умреле додека Израел лутал 40 години низ пустината (4. Мој. 14:31-34).

12 Како еден од постарите што талкал заедно со Израелците низ пустината, Халев можел да застане пред Исус Навин и да каже: „Јас ја вршев волјата на Јехова, својот Бог, во сѐ“. (Прочитај Исус Навин 14:6-9.) Халев, кој тогаш имал 85 години, побарал да му биде даден планинскиот предел што му го ветил Бог, иако тој крај бил населен со непријатели кои живееле во големи утврдени градови (Ис. Нав. 14:10-15).

13. И покрај испитите, што треба да правиме за да бидеме благословени?

13 Исто како верниот и послушен Халев, Јехова ќе ни помогне и нам ако ‚ја вршиме неговата волја во сѐ‘. Додека се соочуваме со големи проблеми, Јехова ќе ни ја даде својата поддршка затоа што ‚ја вршиме неговата волја во сѐ‘. Сепак, нема да биде лесно да го правиме ова во текот на целиот живот, како што го правел Халев. На пример, дури и цар Соломон му бил послушен на Јехова во почетокот на своето владеење, но кога остарел, неговите жени му го навеле срцето да им служи на други богови и тој ‚не го слушал Јехова во сѐ како што го слушал Давид, неговиот татко‘ (1. Цар. 11:4-6). Затоа, сеедно со какви испити ќе се соочиме ние, секогаш да го слушаме Бог во сѐ и постојано да мислиме на него.

Секогаш имај доверба во Јехова

14, 15. Што учиш од примерот на Ноемина во врска со довербата во Бог?

14 Мора да имаме доверба во Бог особено кога сме во депресија поради тоа што сѐ ни изгледа црно. Размисли за она што ѝ се случило на остарената Ноемина, на која ѝ починале мажот и двата сина. Кога се вратила од Моав во Јуда, таа тажела: „Не викајте ме Ноемина [„моја веселба“, фус.]! Викајте ме Мара [„горчило“, фус.] зашто Семоќниот ме исполни со голема горчина. Заминав со полни раце, а Јехова ме врати со празни раце. Зошто да ме викате Ноемина кога Јехова ме понижи и кога Семоќниот ми нанесе неволја?“ (Рут 1:20, 21).

15 Иако Ноемина била длабоко потресена, ако внимателно ја читаме книгата Рут, ќе видиме дека таа и понатаму имала доверба во Јехова. И, работите навистина се промениле! Нејзината снаа Рут, која била вдовица од едниот син, му станала жена на Воз и родила син. Ноемина го чувала детето, а извештајот вели: „Сосетките му дадоа име, велејќи: ‚На Ноемина ѝ се роди син!‘ И го нарекоа Овид. Тој му е татко на Јесеј, Давидовиот татко“ (Рут 4:14-17). Кога Ноемина ќе воскресне на Земјата, ќе дознае дека Рут — која исто така ќе биде таму — станала предок на Месијата Исус (Мат. 1:5, 6, 16). Исто како Ноемина, и ние не можеме да бидеме сигурни каков исход ќе имаат некои лоши ситуации. Затоа, секогаш да имаме доверба во Бог, како што сме советувани и во Изреки 3:5, 6: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“.

Потпирај се на светиот дух

16. Како Божјиот свет дух им помагал на некои старешини во древниот Израел?

16 Ако постојано мислиме на Јехова, тој ќе нѐ води со својот свет дух (Гал. 5:16-18). Бог им го дал својот дух на 70-те старешини што биле избрани да му помагаат на Мојсеј ‚да го носи товарот на народот‘. Иако само Елдад и Медад се спомнати по име, духот им помогнал на сите нив да ги исполнат своите одговорности (4. Мој. 11:13-29). Без сомнение, тие биле способни, богобојазливи, доверливи и чесни исто како што биле и другите кои биле избрани пред тоа (2. Мој. 18:21). Истите овие особини ги покажуваат и христијанските старешини денес.

17. Каква улога имал светиот дух додека се правел светиот шатор?

17 Јеховиниот свет дух играл важна улога додека се правел светиот шатор во пустината. Јехова го поставил Веселеил како главен мајстор, кој требало да го направи светиот шатор, и му ветил дека ‚ќе го исполни со духот Божји за да добие мудрост, разбирање и знаење за секакви занаетчиски работи‘ (2. Мој. 31:3-5). И други вешти луѓе работеле со Веселеил и со неговиот помошник Олијав во извршувањето на таа прекрасна задача. Освен тоа, Јеховиниот дух ги поттикнал лицата со спремно срце да дадат великодушни прилози (2. Мој. 31:6; 35:5, 30-34). Истиот тој дух ги поттикнува Божјите слуги денес да прават сѐ што можат ставајќи го Царството на прво место (Мат. 6:33). Иако можеби имаме извесни способности, не треба да се потпираме на нив, туку треба да се молиме за свет дух и да дозволиме тој да нѐ води ако сакаме да го извршиме делото што Јехова му го доверил на својот народ во нашево време (Лука 11:13).

Секогаш почитувај го Јехова над војските и бој се од него

18, 19. а) Каков став поттикнува Божјиот свет дух во нас? б) Што научи од примерите на Симеон и Ана?

18 Светиот дух во нас создава страхопочит кон Бог која ни помага постојано да мислиме на Јехова. На древниот Божји народ му било кажано: „Јехова над војските — само тој нека ви биде свет, од него плашете се“ (Иса. 8:13). Две такви богобојазливи лица, кои живееле во првиот век во Ерусалим, биле Симеон и Ана. (Прочитај Лука 2:25-38.) Симеон имал вера во пророштвата за Месијата и ‚ја чекал Израеловата утеха‘. Бог го излеал својот свет дух врз него и го уверил дека ќе дочека да го види Месијата. И навистина било така. Еден ден, во 2 год. пр.н.е., Марија и Јосиф — мајката и очувот на Исус — го донеле малиот Исус во храмот. Понесен од светиот дух, Симеон изрекол пророштво за Месијата и прорекол тага за Марија, која доживеала болка кога Исус бил прикован на маченички столб. Но, замисли си колку бил среќен Симеон кога го зел в раце Христос, кој бил испратен од Јехова! И каков одличен пример за богобојазливост е Симеон за сите Божји слуги денес!

19 Богобојазливата 84-годишна вдовица Ана ‚никогаш не изостанувала од храмот‘. Таа му служела на Јехова ден и ноќ „со пости и со сесрдни молитви“. И Ана била во храмот кога бебето Исус било донесено таму. Колку била благодарна што го видела идниот Месија! Всушност, таа ‚почнала да му заблагодарува на Бог и да им зборува за детето на сите што го чекале избавувањето на Ерусалим‘. Едноставно, Ана морала да им каже на другите за таа добра вест! Исто како Симеон и Ана, христијаните кои сега се во поодминати години многу се радуваат што му служат на Јехова како негови Сведоци бидејќи човек никогаш не е престар за тоа.

20. Сеедно дали сме млади или стари, што треба да правиме, и зошто?

20 Сеедно дали сме млади или стари, треба постојано да мислиме на Јехова. Тогаш тој ќе нѐ благослови затоа што понизно се трудиме да им зборуваме на другите за неговото Царство и за неговите чудесни дела (Пс. 71:17, 18; 145:10-13). Но, ако сакаме да го славиме Јехова, мора да покажуваме и особини кои му се допаѓаат нему. Што можеме да научиме за таквите особини од некои други библиски извештаи?

Како би одговорил?

• Од каде знаеме дека Јехова ги слуша молитвите?

• Зошто треба да го слушаме Бог во сѐ?

• Дури и да сме во депресија, зошто треба секогаш да имаме доверба во Јехова?

• Како Божјиот свет дух му помага на неговиот народ?

[Прашања]

[Слика на страница 4]

Неемија не му се молел залудно на Јехова

[Слика на страница 5]

Ќе имаме уште поголема доверба во Јехова ако размислиме за благословите што ги добила Ноемина