Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Угледај се на најголемиот Мисионер

Угледај се на најголемиот Мисионер

Угледај се на најголемиот Мисионер

„Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христос“ (1. КОР. 11:1).

1. Зошто треба да се угледаме на Исус Христос?

АПОСТОЛ Павле го следел примерот на најголемиот Мисионер, Исус Христос. Тој ги поттикнал и сохристијаните да го прават истото кога им напишал: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христос“ (1. Кор. 11:1). Откако им дал на своите апостоли пример за понизност со тоа што им ги измил нозете, Исус им рекол: „Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:12-15). Денес, како христијани, ние сме должни да го следиме примерот на Исус Христос и со зборови и со дела, но и со тоа што ќе ги покажуваме особините што ги имал тој (1. Пет. 2:21).

2. Дури и ако Водечкото тело не те испратило како мисионер, каков став можеш да имаш?

2 Во претходната статија видовме дека мисионер е оној што е испратен да проповеда — да им однесе добра вест на другите. Во врска со ова, Павле поставил неколку интересни прашања. (Прочитај Римјаните 10:11-15.) Забележи дека апостолот прашал: „Како ќе чујат ако никој не проповеда?“ А потоа ги цитирал зборовите од пророштвото на Исаија: „Колку се убави нозете на оние што објавуваат добра вест за она што е добро!“ (Иса. 52:7). Дури и ако ти не си бил именуван и испратен да служиш како мисионер во некоја друга земја, можеш со ревност да проповедаш исто како што проповедал Исус, кој со сето срце ја објавувал добрата вест. Минатата година, 6.957.852 објавители на Царството ја ‚проповедаа добрата вест‘ во 236 земји (2. Тим. 4:5).

„Ние оставивме сѐ и те следиме“

3, 4. Што оставил Исус на небото, и што треба да правиме ние за да бидеме негови следбеници?

3 За да ја изврши доделената задача на Земјата, Исус ‚се одрекол од самиот себе и зел облик на роб‘, откажувајќи се од животот и славата што ги имал на небото (Фил. 2:7). Сето она што ние го правиме додека го следиме Христос не може ни оддалеку да се спореди со она што го направил Исус кога дошол на Земјата. Сепак, можеме и понатаму непоколебливо да го следиме и да не се свртуваме со жалење по она што сме го имале во Сатановиот свет (1. Јов. 5:19).

4 Во една прилика, апостол Петар му рекол на Исус: „Еве, ние оставивме сѐ и те следиме“ (Мат. 19:27). Петар, Андреј, Јаков и Јован веднаш ги оставиле рибарските мрежи кога Исус ги повикал да тргнат по него. Тие го оставиле рибарењето, и проповедањето им станало животен позив. Според извештајот од евангелието по Лука, Петар рекол: „Еве, ние оставивме сѐ и појдовме по тебе“ (Лука 18:28). Повеќето од нас не морале да остават буквално сѐ за да го следат Исус. Сепак, сите сме морале да се ‚одречеме од себе‘ за да станеме следбеници на Христос и целосно да му служиме на Јехова (Мат. 16:24). Но, за тоа сме биле богато наградени. (Прочитај Матеј 19:29.) Кога проповедаме со ревност, исто како Христос, ние многу се радуваме, особено ако барем малку сме му помогнале некому да се зближи со Бог и со неговиот сакан Син.

5. Раскажи едно искуство кое покажува што може да реши еден емигрант откако ќе ја дознае библиската вистина.

5 Валмир, еден Бразилец што живее во внатрешноста на Суринам, работел во рудник за злато. Многу пиел и водел неморален живот. Кога еднаш бил во еден град, Јеховините сведоци почнале да ја проучуваат Библијата со него. Проучувал секој ден, направил многу промени и наскоро се крстил. Кога сфатил дека работата не му дозволува да живее во склад со библиските учења, тој ја продал својата профитабилна фирма и се преселил во Бразил за да му помогне на своето семејство да пронајде духовно богатство. Откако ќе ја дознаат библиската вистина, и многу други емигранти спремно ја оставаат работата во побогатите земји и се враќаат во својата татковина за да им помогнат на своите роднини и на други лица да го запознаат Јехова. Таквите објавители на Царството навистина проповедаат со ревност.

6. Што друго можеме да сториме ако не можеме да се преселиме онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството?

6 Многу Сведоци биле во можност да се преселат во подрачја каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Некои се преселиле и во други земји. Иако можеби лично не можеме да направиме таков чекор, сепак можеме да го следиме Исус со тоа што секогаш ќе го даваме најдоброто во службата.

Јехова ни ја дава потребната обука

7. На кои школи можат да добијат обука оние што сакаат да станат подобри објавители на Царството?

7 Исто како што Исус бил поучен од својот Татко, и ние можеме да извлечеме корист од поуките што Јехова сега ни ги дава. Самиот Исус рекол: „Во Пророците е напишано: ‚Сите ќе бидат поучени од Јехова‘“ (Јован 6:45; Иса. 54:13). Денес има школи кои се посебно наменети да нѐ обучат како објавители на Царството. Сигурно на сите нас ни користи на некој начин Теократската школа за служба која се одржува во нашите собранија. Пионерите имаат предност да одат на Школата за пионери. Мнозина долгогодишни пионери имале можност да одат и по вторпат на оваа Школа. Старешините и слугите помошници биле на Школата за именувани браќа која им помага да бидат уште подобри учители и во поголема мера да им служат на своите соверници. Голем број неженети старешини и слуги помошници биле на Школата за организациско оспособување, која ги учи како да им помагаат на другите во проповедничкото дело. И, мнозина од браќата и сестрите што се испратени да служат во странство добиле обука на мисионерската школа Гилеад.

8. Колку многу некои браќа ја ценат обуката што ја дава Јехова?

8 Многу Јеховини сведоци направиле промени во животот за да присуствуваат на овие школи. За да оди на Школата за организациско оспособување во Канада, Југу дал отказ од световната работа бидејќи неговиот работодавец не сакал да му даде слободни денови. „Воопшто не жалам за тоа“, рекол Југу. „Всушност, ако ми дадеа слободни денови како еден вид отстапка од правилата на фирмата, можеби ќе очекуваа да им бидам лојален и да останам со нив. Но, сега стојам на располагање за која и да е задача што можеби ќе ми ја даде Јехова.“ Мнозина спремно го жртвувале она што пред тоа многу им значело само за да ја добијат обуката што ја дава Бог (Лука 5:28).

9. Наведи еден пример што покажува до каков напредок можат да водат библиската поука и искрените напори.

9 Библиската поука и нашите искрени напори можат да им помогнат на луѓето извонредно да напредуваат (2. Тим. 3:16, 17). Да видиме што се случило со Сауло од Гватемала. Тој е роден со мал ментален хендикеп и една негова учителка ѝ рекла на мајка му дека не треба да го тера детето да учи да чита бидејќи само ќе се мачи без причина. И така, Сауло го напуштил училиштето. Сепак, еден Сведок го научил да чита со помош на брошурата Научи да читаш и пишуваш. На крајот, Сауло напредувал до тој степен што можел да држи говори во Теократската школа за служба. Нешто подоцна неговата мајка ја сретнала учителката додека проповедала од куќа до куќа. Штом чула дека Сауло научил да чита, учителката ѝ рекла да го однесе кај неа следната седмица. Кога се сретнале, учителката го прашала: „Што ќе ме научиш сега?“ Сауло почнал да ѝ чита еден пасус од книгата Што навистина учи Библијата? „Не можам да верувам дека ти ме учиш мене!“ — рекла учителката и го прегрнала, не можејќи да ги задржи солзите.

Поучување што допира до срце

10. Која одлична публикација ни помага да ги поучуваме другите за библиската вистина?

10 Исус го темелел своето поучување на она што Јехова лично му го кажал и на упатствата од Божјата пишана реч (Лука 4:16-21; Јован 8:28). Ние го следиме примерот на Исус така што ги применуваме неговите совети и се држиме за она што стои во Библијата. Затоа сите зборуваме и размислуваме во согласност, и тоа помага да бидеме обединети (1. Кор. 1:10). Колку сме благодарни што „верниот и разборит роб“ ни обезбедува библиски публикации за да ни помогне да бидеме единствени во нашето поучување и да го извршиме проповедничкото дело! (Мат. 24:45; 28:19, 20). Една од овие публикации е книгата Што учи Библијата, која сега е излезена на 179 јазици.

11. Како една сестра во Етиопија се справила со противење користејќи ја книгата Што учи Библијата?

11 Проучувањето на Библијата со помош на книгата Што учи Библијата може да им ги промени срцата дури и на противниците. Еднаш, Лула, сестра која служи како пионер во Етиопија, ја проучувала Библијата со една жена кога наеднаш во собата влегла некоја роднина на жената и им рекла дека не смеат да проучуваат. Лула смирено поразговарала со неа, кажувајќи ѝ ја споредбата за лажните пари од 15. поглавје во книгата Што учи Библијата. Жената полека се смирила и им дозволила да продолжат со проучувањето. Всушност, следниот пат дошла пак и побарала и таа да проучува. Дури сакала да плати за тоа! Наскоро проучувала трипати седмично и добро напредувала во вистината.

12. Наведи еден пример за да покажеш како младите можат успешно да ги поучуваат другите за библиската вистина.

12 И младите можат да им помогнат на другите со книгата Што учи Библијата. Кога 11⁠-годишниот Кијану од Хаваите ја читал оваа книга на училиште, еден соученик го прашал: „Зошто вие не славите празници?“ Кијану му го прочитал одговорот директно од Додатокот, со наслов: „Треба ли да славиме празници?“ Потоа свртел на содржината и го прашал детето која тема најмногу го интересира. Така започнал да ја проучува Библијата со соученикот. Минатата службена година, Јеховините сведоци водеа 6.561.426 библиски студии, многу од нив со книгата Што учи Библијата. Дали и ти ја користиш за да ги поучуваш другите?

13. Како може проучувањето на Библијата силно да влијае врз луѓето?

13 Проучувањето на Библијата со помош на книгата Што учи Библијата има силно влијание врз оние што сакаат да ја вршат Божјата волја. Еден брачен пар, специјални пионери во Норвешка, почнале да ја проучуваат Библијата со едно семејство од Замбија. Мажот и жената имале три ќерки и не сакале четврто дете. Затоа, кога жената повторно забременила, се решиле на абортус. Неколку дена пред да одат на лекар, го проучувале поглавјето со наслов: „Божјето гледиште за животот“. Сликата на едно неродено дете во тоа поглавје толку ги трогнала што решиле да го задржат детето. Продолжиле духовно да напредуваат и на новороденото синче му го дале името на Сведокот што проучувал со нив.

14. Наведи пример што покажува како тоа што живееме во склад со она што го учиме може да има добри резултати.

14 Исус главно поучувал и со тоа што живеел во склад со она што го зборувал. Многу луѓе се импресионирани од убавото однесување на Јеховините сведоци, кои и во тоа го следат примерот на Исус. На еден бизнисмен од Нов Зеланд му провалиле во автомобилот и му ја украле актовката. Тој го пријавил случајот во полиција, а полицаецот му рекол: „Ќе ја добиете актовката само ако ја најде некој Јеховин сведок“. Една сестра што разнесува весници навистина ја нашла. Му јавиле за тоа, и бизнисменот отишол кај неа дома. Многу му олеснило кога видел дека документот што му бил многу важен сѐ уште бил тука. Сестрата му рекла: „Морав да Ви го вратам она што е Ваше затоа што јас сум Јеховин сведок“. Овој човек се запрепастил бидејќи се сетил на зборовите што полицаецот му ги кажал истиот ден. Јасно е дека вистинските христијани живеат во склад со она што го учи Библијата и го следат примерот на Исус (Евр. 13:18).

Имај ист став кон луѓето како што имал Исус

15, 16. Како можеме да ги привлечеме луѓето кон пораката што ја проповедаме?

15 Исус ги привлекувал луѓето кон пораката и со ставот што го имал кон нив. На пример, неговата љубов и понизност ги привлекувала кротките кон него. Тој покажувал сочувство кон оние што му пристапувале и ги тешел со љубезни зборови, а мнозина и физички ги излекувал. (Прочитај Марко 2:1-5.) Не можеме да правиме чуда, но можеме да покажеме љубов, понизност и сочувство — особини што помагаат луѓето да бидат привлечени кон вистината.

16 Сочувството одиграло важна улога кога една специјална пионерка по име Тарија тропнала на вратата на еден постар човек, кој се вика Бире и живее на еден од изолираните острови Кирибати во Јужниот Пацифик. Иако се гледало дека човекот не сака да слуша, Тарија забележала дека е делумно парализиран и ѝ паднало жал за него. „Знаете ли што ветува Бог за оние што се постари и болни?“ — го прашала. Потоа му прочитала дел од едно пророштво на Исаија. (Прочитај Исаија 35:5, 6.) Човекот се заинтересирал и ѝ рекол: „Ја читам Библијата со години и долго време ме посетува еден свештеник од мојата црква, но никогаш не сум ги видел тие стихови во Светото писмо“. Тој почнал да ја проучува Библијата и добро напредувал во духовен поглед. Иако е тежок инвалид, сега е крстен, се грижи за една изолирана група и може да оди по целиот остров за да ја проповеда добрата вест.

Продолжи да го следиш Христос

17, 18. а) Како можеш да станеш добар проповедник? б) Што ќе добијат оние што со сета душа ја вршат својата служба?

17 Како што постојано покажуваат радосните искуства во службата, можеме да бидеме добри проповедници ако ги негуваме и ако ги покажуваме истите особини што ги имал Исус. Затоа, навистина вреди да го следиме ревносниот пример на проповедање што ни го дал Исус!

18 Кога некои станале ученици на Исус во првиот век, Петар прашал: „Што ќе добиеме за тоа?“ А Исус му одговорил: „Секој што оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја заради моето име, ќе добие многу повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Мат. 19:27-29). Ова сигурно ќе го добиеме и ние ако продолжиме да го следиме примерот на најголемиот Мисионер, Исус Христос.

Како би одговорил?

• Како Јехова нѐ обучува да проповедаме?

• Зошто книгата Што учи Библијата ни помага успешно да проповедаме?

• Како можеме да го имаме истиот став што Исус го имал кон луѓето?

[Прашања]

[Слика на страница 17]

Кога Исус ги повикал Петар, Андреј, Јаков и Јован да го следат, тие веднаш тргнале по него

[Слика на страница 19]

Публикациите како што е книгата „Што учи Библијата“ ни помагаат да бидеме единствени во нашето поучување