Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Бог дава да расте‘!

‚Бог дава да расте‘!

‚Бог дава да расте‘!

„Ниту е нешто оној што сади, ниту оној што залева, туку Бог, кој дава да расте“ (1. КОР. 3:7).

1. Во која смисла сме „Божји соработници“?

 „БОЖЈИ соработници.“ Со овие зборови апостол Павле ја опишал честа што може да ја има секој од нас. (Прочитај 1. Коринќаните 3:5-9.) Службата за која зборува Павле во овие стихови е, всушност, поучувањето на луѓето за Бог со цел да станат ученици на Христос. Тој ја споредил со садење и со залевање семе. Ако сакаме успешно да ја вршиме оваа животоважна служба, потребна ни е Јеховината помош. Павле нѐ потсетува дека Бог е тој „кој дава да расте“.

2. Зошто тоа што знаеме дека ‚Бог дава да расте‘ ни помага да имаме исправно гледиште за нашата служба?

2 Овој отрезнувачки факт ни помага исправно да гледаме на нашата служба. Иако можеби трудољубиво проповедаме и ги поучуваме луѓето, на крајот, кога некој ќе стане Христов ученик, сета заслуга му припаѓа на Јехова. Зошто? Затоа што, сеедно колку се напрегаме, никој од нас не може да разбере како некој станува ученик и како почнува да гради свој однос со Бог, а уште помалку може да влијае врз тој процес. Цар Соломон точно го опишал ова со следниве зборови: „Не го знаеш делото на вистинскиот Бог, кој прави сѐ“ (Проп. 11:5).

3. Каква сличност постои меѓу сеењето дословно семе и делото на поучување?

3 Дали тоа што не можеме да разбереме како точно некој станува ученик треба да нѐ обесхрабри? Не. Напротив, тоа ни ја прави службата уште поинтересна и повозбудлива. Цар Соломон рекол: „Наутро сеј го семето свое и до вечерта нека не ти почива раката. Зашто, не знаеш каде ќе имаш успех, овде или онде, или и едното и другото ќе биде еднакво добро“ (Проп. 11:6). Точно е дека, кога станува збор за сеење дословно семе, не знаеме каде ќе никне и дали воопшто ќе никне. Многу фактори се вон наша контрола. Нешто слично може да се каже и за делото на поучување. Исус го нагласил овој факт во две споредби што се запишани за нас во четвртото поглавје од Евангелието според Марко. Да видиме што можеме да научиме од тие две споредби.

Различни видови земја

4, 5. Раскажи ја накратко споредбата што ја дал Исус за сејачот кој сеел семе.

4 Според Марко 4:1-9, Исус опишува еден сејач кој фрла, односно сее семе, а тоа паѓа на различни места: „Слушајте! Еден сејач излезе да сее. Додека сееше, дел од семето падна покрај патот, па дојдоа птици и го исколваа. А дел од него падна на каменито место, каде што немаше доволно земја. И веднаш никна, зашто земјата не беше длабока. Но, кога излезе сонцето, го спржи и се исуши бидејќи немаше корен. А дел, пак, падна меѓу трња, и трњата нараснаа и го задушија, па не даде плод. А дел падна на добра земја. Никна, израсна и почна да дава плод, па даваше триесет, шеесет и сто пати повеќе од посеаното“.

5 Во библиски времиња, сејачот го сеел семето така што го фрлал на широка површина. Тој го носел во скутникот на својата наметка или во торба, и го расфрлал широко замавнувајќи со раката. Значи, во оваа споредба, сејачот не го сее семето намерно на различна земја. Напротив, кога тој замавнува, тоа паѓа на различни места.

6. Како ја објаснил Исус споредбата за сејачот?

6 Не треба да нагаѓаме што значи оваа споредба, бидејќи самиот Исус ја објаснил. Неговото објаснување е запишано во Марко 4:14-20: „Сејачот ја сее речта. Она покрај патот, каде што е посеана речта, тоа се оние што слушаат, но веднаш потоа доаѓа Сатана и ја одзема речта што е посеана во нив. А посеаното на каменито место, тоа се оние што, кога ќе ја слушнат речта, веднаш ја прифаќаат со радост, но немаат корен во себе, туку се одржуваат само некое време, а кога ќе дојде до неволја или до прогонство поради речта, веднаш се колебаат. А посеаното меѓу трње, тоа се оние што ја слушаат речта, но во срцето им се вовлекуваат грижите од овој свет, примамливото богатство и желбите за сѐ друго, и ја задушуваат речта, па таа останува без плод. А она што е посеано на добра земја, тоа се оние што ја слушаат речта и ја прифаќаат, па донесуваат плод — триесет, шеесет и стопати повеќе од посеаното“.

7. Што претставуваат семето и различните видови земја?

7 Забележи дека Исус не рекол оти сејачот сее различно семе. Напротив, рекол дека истото семе паѓа на различна земја, и затоа дава и различни резултати. Првата земја е тврда, односно набиена, втората е плитка, третата е обрасната со трње, а четвртата е добра земја која богато раѓа (Лука 8:8). Што е семето? Тоа е пораката за Царството која се наоѓа во Божјата реч (Мат. 13:19). Што претставуваат различните видови земја? Луѓе со различна состојба на срцето. (Прочитај Лука 8:12, 15.)

8. а) Кого го претставува сејачот? б) Зошто луѓето различно реагираат кога им се проповеда за Царството?

8 Кого го претставува сејачот? Тој ги претставува Божјите соработници, оние што ја објавуваат добрата вест за Царството. Исто како Павле и Аполо, тие садат и залеваат. Но, иако работат напорно, резултатот од нивниот труд не е ист. Зошто? Поради различната состојба на срцето на оние што ја слушаат пораката. Во споредбата, сејачот не може да влијае врз овој резултат. Колку е утешно ова, особено за оние верни браќа и сестри кои напорно се трудат со години — понекогаш и со децении — а навидум имаат сосема мал успех! a Зошто велиме така?

9. Која утешна вистина ја нагласиле апостол Павле и Исус?

9 Верноста на сејачот не се мери со резултатите што ги постигнува. Павле мислел на ова кога рекол: „Секој ќе добие награда според својот труд“ (1. Кор. 3:8). Наградата се добива според трудот, а не според резултатите од тој труд. И Исус го нагласил ова кога неговите ученици се вратиле кај него по едно проповедничко патување. Тие биле пресреќни затоа што демоните им се покорувале кога го користеле името на Исус. Иако биле восхитени од ова, Исус им рекол: „Не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:17-20). Дури и ако сејачот не гледа голем напредок како резултат на својот труд, тоа не значи дека не бил доволно трудољубив или дека бил помалку трудољубив или верен од другите. Резултатите во голема мера зависат од состојбата на срцето на оној што ја слуша пораката. Но, на крајот, Бог е тој што дава да расте!

Одговорноста на оние што ја слушаат речта

10. Што одредува дали некое лице што ја слуша речта ќе личи на добра земја или не?

10 А што е со оние кои ја слушаат речта? Дали нивната реакција е предодредена? Не. Од нив лично зависи дали ќе се покажат како добра земја или не. Всушност, нечија состојба на срцето може или да се подобри или да се влоши (Рим. 6:17). Во својата споредба, Исус рекол дека некои „слушаат, но веднаш потоа доаѓа Сатана и ја одзема речта што е посеана во нив“. Но, ова не мора да се случи. Во Јаков 4:7, христијаните се поттикнати да му се ‚спротивстават на Ѓаволот‘, и тогаш тој ќе побегне од нив. Исус вели дека други со радост ја прифаќаат речта во почетокот, но потоа се колебаат затоа што „немаат корен во себе“. Сепак, Божјите слуги се советувани да ‚бидат вкоренети и втемелени‘ за да можат да разберат ‚што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината и да ја спознаат Христовата љубов, која го надминува знаењето‘ (Еф. 3:17-19; Кол. 2:6, 7).

11. Како може човек да ги спречи грижите и богатството да ја задушат речта во него?

11 Трети, пак, што ја слушаат речта дозволуваат во срцето да им се вовлечат „грижите од овој свет [и] примамливото богатство“ и да ја задушат речта (1. Тим. 6:9, 10). Како можат да го спречат тоа? Апостол Павле го дава одговорот: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто, тој рекол: ‚Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам‘“ (Евр. 13:5).

12. Зошто оние што се претставени со добрата земја не донесуваат ист плод?

12 На крајот, Исус рекол дека семето што паѓа на добра земја ‚донесува плод — триесет, шеесет и стопати повеќе од посеаното‘. Иако некои од оние што ја прифаќаат речта имаат добра состојба на срцето и донесуваат плод, она што можат да го направат во објавувањето на добрата вест се разликува во зависност од нивните околности. На пример, некои не можат толку да проповедаат затоа што се во години или имаат тешка болест. (Спореди Марко 12:43, 44.) Значи, и во ваков случај, сејачот може да има мала или никаква контрола над работите, но, сепак се радува кога гледа како Јехова дава да расте. (Прочитај Псалм 126:5, 6.)

Сејачот кој спие

13, 14. а) Раскажи ја накратко Исусовата споредба запишана во Марко 4:26-29. б) Што претставува сејачот, и што е семето?

13 Во Марко 4:26-29 има уште една споредба за сејач: „Божјето царство е како кога човек фрла семе на земја, и ноќе спие и дење станува, а семето никнува и расте, а тој и не знае како. Земјата сама од себе постепено донесува плод — прво стебленце, потоа клас и, на крајот, полно зрно во класот. А штом плодот ќе созрее, тој го зема српот, зашто дошло времето за жетва“.

14 Кој е овој сејач? Некои во христијанскиот свет сметаат дека тој го претставува самиот Исус. Но, тогаш, како може да се каже дека Исус спие и не знае како расте семето? Тој сигурно е свесен како расте тоа семе! Според тоа, овој сејач, како и оној што беше спомнат во претходната споредба, ги претставува поединечните објавители на Царството, оние кои го сејат семето за Царството така што ревносно проповедаат. Семето што паѓа на земјата е речта што ја проповедаат. b

15, 16. Која вистина за дословниот и за духовниот развој ја изнел Исус во оваа споредба за сејачот?

15 Исус вели дека сејачот „ноќе спие и дење станува“. Ова не значи дека на сејачот не му е грижа што ќе биде со семето, туку само укажува на нормалниот живот што го водат повеќето луѓе. Зборовите што се користат во овој стих укажуваат на еден постојан процес при кој, во текот на одреден период, дење се работи, а ноќе се спие. Исус нагласил што се случува во тој период. „Семето никнува и расте“, вели тој, и додава: „А тој и не знае како“. Акцентот е ставен на тоа дека семето расте ‚само од себе‘. c

16 Што сакал да каже Исус со ова? Забележи дека е нагласен процесот на растење, како и фактот дека тој се одвива постепено. „Земјата сама од себе постепено донесува плод — прво стебленце, потоа клас и, на крајот, полно зрно во класот“ (Мар. 4:28). Овој процес е постепен и минува низ повеќе фази. Не може ниту да се присили ниту да се забрза. Истото важи и за духовниот развој. И тој минува низ повеќе фази додека Јехова дозволува вистината постепено да расте во срцето на искрените лица (Дела 13:48; Евр. 6:1).

17. Кој се радува кога семето на вистината ќе даде плод?

17 На кој начин сејачот има удел во жетвата „штом плодот ќе созрее“? Кога Јехова дава вистината за Царството да расте во срцата на новите ученици, на крајот тие стигнуваат до точка кога, поттикнати од љубов кон Бог, му се заветуваат и го симболизираат ова со крштавање во вода. Браќата кои и понатаму напредуваат кон зрелост постепено се во можност да преземат повеќе одговорности во собранието. На тој начин жнеат плод и сејачот, но и другите објавители на Царството, кои можеби лично не учествувале во сеењето на семето од кое „никнал“ токму тој ученик. (Прочитај Јован 4:36-38.) Значи, навистина „се радуваат заедно [и] сејачот и жетварот“.

Поуки за нас денес

18, 19. а) Како тебе лично те охрабрија споредбите што ги дал Исус? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Што научивме од овие две споредби што се запишани во четвртото поглавје од Марко? Јасно е дека имаме работа — треба да сееме. Не треба да си бараме изговори ниту, пак, да дозволиме можните проблеми и тешкотии да нѐ спречат да ја вршиме таа работа (Проп. 11:4). Истовремено сме свесни дека е огромна чест тоа што Бог нѐ смета за свои соработници. Јехова е тој што го предизвикува духовниот развој, и на тој начин ги благословува нашите напори, како и напорите што ги вложуваат оние што ја прифаќаат пораката. Сфаќаме дека не можеме никого да присилиме духовно да созрее. Но, не треба ни да се обесхрабриме или да се разочараме ако тој развој е бавен или, пак, воопшто не дојде до него. Колку е утешно што знаеме дека нашиот успех се мери со тоа дали сме му верни на Јехова и дали верно ја проповедаме ‚добрата вест за царството... за сведоштво на сите народи‘ (Мат. 24:14).

19 Што друго нѐ поучил Исус за растот на новите ученици и за делото на Царството? Одговорот на ова прашање се наоѓа во некои други споредби што се запишани во евангелијата. Во следната статија подетално ќе разгледаме три од нив.

[Фусноти]

a Размисли за службата на брат Георг Фјелнир Линдал во Исланд, за кого пишуваше во Годишникот на Јеховините сведоци за 2005 (срп.), на страници 210, 211, како и за искуствата на верните Божји слуги кои со години истрајно проповедале во Ирска без да имаат резултати веднаш, за кои пишува во Годишникот на Јеховините сведоци за 1988 (англ.), страници 82-99.

b Порано во ова списание беше објаснето дека семето ги претставува личните особини кои треба да созреат додека во меѓувреме врз нив влијаат надворешни фактори. Сепак, треба да се забележи дека во споредбата на Исус семето не се расипува и не дава лош плод, туку едноставно созрева. (Види го српското издание на Стражарска кула од 1 октомври 1980, страници 26-29).

c Овој израз се користи на само уште едно место во Библијата, во Дела 12:10, каде што се вели дека една железна порта се отворила „сама од себе“.

Дали се сеќаваш?

• Какви сличности има меѓу сеењето дословно семе и проповедањето на пораката за Царството?

• Како Јехова ја мери верноста на еден објавител на Царството?

• Која сличност меѓу дословниот и духовниот раст ја нагласил Исус?

• Како „се радуваат заедно сејачот и жетварот“?

[Прашања]

[Слики на страница 13]

Зошто Исус го споредил со сејач оној што проповеда за Божјето Царство?

[Слики на страница 15]

Оние што се претставени со добрата земја со цело срце проповедаат за Царството во склад со своите околности

[Слики на страница 16]

Бог е тој што постојано дава да расте