Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од посланијата до Коринќаните

Избрани стихови од посланијата до Коринќаните

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од посланијата до Коринќаните

АПОСТОЛ Павле е загрижен за духовната состојба на собранието во Коринт. Слушнал дека меѓу тамошните браќа има неслога. Не презеле ништо против неморалот. Собранието му испратило писмо со прашања околу некои работи. Затоа, некаде во 55 год. од н.е., додека се наоѓа во Ефес на своето трето мисионерско патување, Павле го пишува своето прво писмо од двете што им ги испраќа на Коринќаните.

Второто писмо очигледно го пишува неколку месеци по првото, како негово продолжение. Со оглед на тоа што во првиот век во Коринт состојбата во собранието и надвор од него е во многу погледи слична со состојбата во нашево време, пораката од писмата на Павле до собранието во Коринт многу ни користи и нам (Евр. 4:12).

‚БДЕЈТЕ, БИДЕТЕ НЕПОКОЛЕБЛИВИ, БИДЕТЕ ЈАКИ‘

(1. Кор. 1:1 — 16:24)

„Сите да зборувате едно“, ги поттикнува Павле браќата (1. Кор. 1:10). ‚Никој не може да постави друг темел освен Исус Христос‘, темел врз кој се изградени христијанските особини (1. Кор. 3:11-13). За секој блудник во собранието, Павле вели: „Отстранете го злобниот од својата средина!“ (1. Кор. 5:13). „Телото не е за блуд“, вели Павле, „туку за Господарот“ (1. Кор. 6:13).

Како одговор ‚на она за кое пишале‘, Павле им дава добри совети во врска со бракот и самештвото (1. Кор. 7:1). Откако зборува за христијанското поглаварство, за редот на христијанските состаноци и откако објаснува колку сигурно е воскресението, Павле поттикнува: „Бдејте, бидете непоколебливи во верата, држете се машки, бидете јаки!“ (1. Кор. 16:13).

Одговорени библиски прашања:

1:21 — Дали Јехова навистина користи ‚глупост‘ за да ги спаси оние што веруваат? Се разбира дека не. Но, бидејќи ‚светот со својата мудрост не го запознал Бог‘, начинот што Бог го користи за да ги спаси луѓето е глупост за светот (Јован 17:25).

5:5 — Што значат зборовите „таквиот [што е расипан] да го предадете на Сатана за да се отстрани телесното влијание, за да биде спасен духот на собранието“? Кога е исклучен од собранието, оној што непокајнички прави голем грев повторно станува дел од Сатановиот злобен свет (1. Јов. 5:19). Затоа, се вели дека му е предаден на Сатана. Откако е отстранет од собранието, тој повеќе не влијае лошо врз него, и така е сочуван духот на собранието, односно ставот што преовладува во него (2. Тим. 4:22).

7:33, 34 — На што се однесува изразот „световното“ за кое што се грижи оженетиот или мажената? Павле овде зборува за работи што се дел од секојдневниот живот за кои христијаните што се во брак мора да се грижат. Тука спаѓа грижата за храна, облека и покрив над главата, но не и злобните работи од овој свет, од кои христијаните се држат настрана (1. Јов. 2:15-17).

11:26 — Колку често и до кога треба да се одбележува Исусовата смрт? Павле овде објаснува дека секогаш кога ќе земат од симболите, што се случувало еднаш годишно, на 14 нисан, помазаните христијани ‚ја објавуваат смртта на Господарот‘. Тоа треба да го прават сѐ „додека тој не дојде“, односно додека не ги однесе на небесата така што ќе ги воскресне (1. Сол. 4:14-17).

13:13 — Во која смисла љубовта е поголема од верата и надежта? Кога ќе го добиеме „она на кое се надеваме“ и кога ќе стане реалност она за кое сме биле ‚цврсто уверени‘, верата и надежта веќе нема да ја имаат истата улога за нас како пред тоа (Евр. 11:1). Љубовта е поголема од нив затоа што останува вечно.

15:29 — Во која смисла некои „се крштаваат за да бидат мртви“? Павле овде не сака да каже дека живите луѓе се крштаваат заради оние што умреле без да се крстат, заклучок до кој може да се дојде кога овој стих се чита во некои други преводи на Библијата. Тој објаснува дека помазаните христијани се потопени, односно сосема оддадени на начин на живот со кој ќе треба да му останат верни на Јехова до смрт за потоа да бидат воскреснати во духовен живот.

Поуки за нас:

1:26-31; 3:3-9; 4:7. Ако скромно се фалиме со Јехова, а не со себеси, ќе придонесеме во собранието да има единство.

2:3-5. Додека Павле сведочел во Коринт, тогашен центар на грчката филозофија и наука, можеби го загрижувало прашањето дали ќе биде способен да ги увери своите слушатели. Сепак, не дозволил каква и да е слабост или стравот што можеби ги имал да го спречат да ја изврши службата што му ја дал Бог. И ние не треба да дозволиме да престанеме да ја објавуваме добрата вест, без оглед какви околности ни отежнуваат да го правиме тоа. Како Павле, и ние можеме да се потпираме на Јехова, со потполна доверба дека тој ќе ни помогне.

2:16. Да „го имаме Христовиот ум“ значи да знаеме како размислува Исус и зошто размислува на тој начин, да размислуваме исто како него, многу добро да ги познаваме неговите особини и да го следиме неговиот пример (1. Пет. 2:21; 4:1). Затоа е многу важно внимателно да ги проучуваме животот и службата на Исус!

3:10-15; 4:17. Треба да се анализираме себеси и да ги подобруваме своите способности за поучување и за правење ученици (Мат. 28:19, 20). Ако не сме добри учители, оној кого го поучуваме може да падне на испитите на својата вера, а загубата може толку да нѐ боли што ќе се чувствуваме како да сме се спасиле „низ оган“.

6:18. Да ‚бегаме од блуд‘ значи, не само да не правиме ништо од она што го вклучува зборот порни́а туку и да немаме ништо со порнографијата, моралната нечистотија, да не фантазираме за неморални работи и да не флертуваме — да сме далеку од сѐ што би можело да води до блуд (Мат. 5:28; Јак. 3:17).

7:29. Брачните другари треба да внимаваат да не станат толку преокупирани еден со друг што делото на Царството ќе го стават на второ место во својот живот.

10:8-11. Јехова бил многу навреден кога Израел мрморел против Мојсеј и Арон. Мудро е да се пазиме да не ни стане навика да мрмориме.

16:2. Ќе можеме редовно да даваме доброволни прилози за да напредува делото на Царството ако однапред планираме и се придржуваме за тој план.

„Браќа,.. исправајте се“

(2. Кор. 1:1 — 13:14)

Павле им вели на Коринќаните дека треба ‚спремно да му простат и да го утешат‘ грешникот што бил исклучен и се покајал. Иако неговото прво писмо ги разжалостило, Павле вели дека се радува затоа што ‚таа жалост ги навела на покајание‘ (2. Кор. 2:6, 7; 7:8, 9).

‚Како што изобилувале во сѐ‘, Павле ги поттикнува Коринќаните да ‚изобилуваат и во собирањето прилози‘. Откако им одговара на противниците, го завршува писмото со следниов совет до собранието: „Радувајте се, исправајте се, примајте утеха, еднакво размислувајте, живејте во мир!“ (2. Кор. 8:7; 13:11).

Одговорени библиски прашања:

2:15, 16 — Како „ние сме за Бог пријатен мирис Христов“? Тоа е случај затоа што сме подложни на библиските учења и ја проповедаме библиската порака. Иако овој „мирис“ може да им е одвратен на неправедните, на Јехова и на чесните луѓе тој им е пријатен.

5:16 — Во која смисла помазаниците ‚никого не го познаваат по тело‘? Тие не ги гледаат луѓето на телесен начин, што би било случај кога би покажувале пристрасност поради нечие богатство, раса, етничко или национално потекло. Она што ним им е важно е духовната поврзаност со соверниците.

11:1, 16; 12:11 — Дали Павле бил неразумен кон Коринќаните? Не. Но, на некои можеби им оставал впечаток како да се фали или да е неразумен поради она што морал да го каже за да го одбрани своето апостолство.

12:1-4 — Кој бил „однесен во рајот“? Бидејќи Библијата не кажува за друг човек што имал таква визија, а во претходните стихови Павле го брани своето апостолство, најверојатно станува збор за негово лично искуство. Она што го видел во визија најверојатно е духовниот рај што ќе владее во христијанското собрание во „времето на крајот“ (Дан. 12:4).

Поуки за нас:

3:5. Во основа, овој стих ни кажува дека Јехова ги оспособува христијаните за службата преку својата Реч, преку светиот дух и преку земниот дел на својата организација (Јован 16:7; 2. Тим. 3:16, 17). Затоа треба внимателно да ја проучуваме Библијата и публикациите кои се темелат на Библијата, постојано да се молиме за свет дух и редовно да одиме и да учествуваме на христијанските состаноци (Пс. 1:1-3; Лука 11:10-13; Евр. 10:24, 25).

4:16. Бидејќи Јехова го обновува нашиот ‚внатрешен човек од ден на ден‘, треба редовно да користиме сѐ што тој ни обезбедува и да не дозволиме ни ден да ни помине без да направиме нешто што ќе ни го зацврсти пријателството со него.

4:17, 18. Ако постојано имаме на ум дека нашата неволја е „моментална и лесна“, ќе ни биде полесно да му останеме верни на Јехова кога имаме некаква тешкотија.

5:1-5. Колку убаво Павле ги изразува чувствата на помазаните христијани за нивната надеж да живеат на небото!

10:13. Освен ако не сме добиле задача да помогнеме на подрачје каде што има поголема потреба, по правило треба да одиме во служба само на подрачјето што му припаѓа на нашето собрание.

13:5. За да ‚испитаме дали сме во верата‘, треба да се преиспитаме дали нашето однесување е во склад со она што го учиме од Библијата. За да ‚се провериме самите себе‘, мора да процениме колку цврст однос имаме со Бог, да видиме до кој степен е развиена нашата „моќ на согледување“ и колку и како ја покажуваме нашата вера со дела (Евр. 5:14; Јак. 1:22-25). Ако го послушаме овој мудар совет што ни го дава Павле, ќе можеме да продолжиме да одиме по патот на вистината.

[Слика на страници 26 и 27]

Колку често и до кога треба да се одбележува Исусовата смрт? (1. Кор. 11:26)