Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не знаеш каде ќе имаш успех!

Не знаеш каде ќе имаш успех!

Не знаеш каде ќе имаш успех!

„Наутро сеј го семето свое и до вечерта нека не ти почива раката. Зашто, не знаеш каде ќе имаш успех“ (ПРОП. 11:6).

1. Зошто процесот на растење нѐ восхитува, но и нѐ прави понизни?

 ЗЕМЈОДЕЛЕЦОТ треба да биде стрплив (Јак. 5:7). Откако ќе го посее семето, треба да чека тоа да никне и да порасне. Постепено, кога условите се поволни, семето пушта стебленца кои излегуваат од земјата, а потоа растат и раѓаат жито. На крајот, нивата на земјоделецот е спремна за жнеење. Ваквиот чудесен раст навистина предизвикува восхит кај нас! Но, помислата на Оној што го овозможува тоа нѐ прави и понизни. Иако ние можеме да го негуваме и да го залеваме семето, само Бог е тој што дава да расте. (Спореди 1. Коринќаните 3:6.)

2. Кои поуки ги дал Исус во врска со духовниот раст во споредбите што ги разгледавме во претходната статија?

2 Како што видовме во претходната статија, Исус го споредил проповедањето за Царството со работата на еден земјоделец кој сее семе. Во споредбата за различните видови земја, Исус нагласил дека, иако земјоделецот сее добро семе, дали тоа ќе созрее или не, зависи од состојбата на срцето на поединецот (Мар. 4:3-9). Во споредбата за сејачот што спие, Исус нагласил дека земјоделецот не разбира во потполност како семето никнува и расте. Ова е затоа што растот е резултат на Божјата сила, а не на трудот што го вложува човекот (Мар. 4:26-29). Да разгледаме сега уште три споредби кои ги дал Исус — споредбите за синаповото зрно, за квасецот и за мрежата. a

Споредбата за синаповото зрно

3, 4. Кои аспекти на пораката за Царството се нагласени во споредбата за синаповото зрно?

3 Во споредбата за синаповото зрно, која исто така е запишана во четвртото поглавје од Марко, се нагласени две работи: прво, неверојатниот пораст на пораката за Царството, и второ, заштитата што ја добиваат оние кои ја прифаќаат пораката. Исус рекол: „Со што да го споредиме Божјето царство? Со каква споредба да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее во земјата, е најмалото од сите семиња на земјата. Но кога еднаш ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите други растенија во градината, и пушта големи гранки, така што птиците небесни можат да се населат под неговата сенка“ (Мар. 4:30-32).

4 Овде, всушност, е опишан растот на „Божјето царство“, кој јасно се гледа од ширењето на пораката за Царството и од растот на христијанското собрание од Педесетница 33 год. од н.е. наваму. Синаповото зрно е многу ситно семе кое може да означува нешто многу мало. (Спореди Лука 17:6.) Но, на крајот, растението што излегува од него може да достигне височина од 3 до 5 метри и да има дебели и цврсти гранки, така што практично личи на дрво (Мат. 13:31, 32).

5. Каков пораст имало во христијанското собрание во првиот век?

5 Христијанското собрание почнало да расте во 33 год. од н.е. кога само околу 120 ученици биле помазани со свет дух. За релативно кратко време, ова мало собрание веќе броело неколку илјади верници. (Прочитај Дела 2:41; 4:4; 5:28; 6:7; 12:24; 19:20.) За три децении, бројот на жетвари толку многу пораснал што апостол Павле можел да му каже на собранието во Колоси дека добрата вест веќе била ‚проповедана меѓу сите суштества под небото‘ (Кол. 1:23). Каков неверојатен пораст!

6, 7. а) Каков пораст имало од 1914 год. наваму? б) Каков раст ќе следи во иднина?

6 Откако било воспоставено Божјето Царство на небото во 1914 год., гранките на синаповото „дрво“ пораснале над сите очекувања. Божјиот народ гледа како дословно се исполнува следново пророштво од Исаија: „Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ“ (Иса. 60:22). Малата група помазаници, кои проповедале за Царството на самиот почеток од 20 век, воопшто немале претстава дека до 2008 год. ова дело ќе го вршат околу седум милиони Сведоци во над 230 земји. Навистина невиден раст, сличен на растот на синаповото зрно од споредбата на Исус!

7 Но, дали овој раст запира тука? Не. На крајот секој човек на Земјата ќе биде поданик на Божјето Царство. Сите противници ќе бидат отстранети. Ова нема да се постигне со човечки напори, туку ќе биде резултат на тоа што Севишниот Господар Јехова ќе се вмеша во работите на Земјата. (Прочитај Даниел 2:34, 35.) Тогаш ќе бидеме сведоци на конечното исполнување на уште едно пророштво кое го запишал Исаија: „Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Иса. 11:9).

8. а) Кого го претставуваат птиците во споредбата на Исус? б) Од што сме заштитени уште сега?

8 Исус вели дека небесните птици можат да се населат под сенката на ова Царство. Овие птици не ги претставуваат непријателите на Царството кои се обидуваат да го изедат доброто семе, како што било случај со птиците во споредбата за човекот кој сеел семе на различни видови земја (Мар. 4:4). Напротив, во оваа споредба птиците ги претставуваат праведните лица кои бараат заштита во христијанското собрание. Тие уште сега се заштитени од некои навики што би им го нарушиле добриот однос со Бог, како и од нечистите обичаи на овој злобен свет. (Спореди Исаија 32:1, 2.) И Јехова на сличен начин го споредил месијанското Царство со дрво, и пророчки изјавил: „Ќе ја посадам на високата Израелова планина, и таа ќе пушти гранки и ќе донесе плод и ќе стане величествен кедар. Сите птици од секаков вид ќе живеат под него, ќе живеат во сенката на неговата крошна“ (Езек. 17:23).

Споредбата за квасецот

9, 10. а) Која мисла ја нагласил Исус во споредбата за квасецот? б) Што обично симболизира квасецот во Библијата, и кое прашање ќе го разгледаме во врска со квасецот што го спомнал Исус?

9 Човек не може секогаш да го види растот со голо око. Во својата следна споредба, Исус ја нагласува токму таа мисла. Тој вели: „Со царството небесно е како со квасец што го зема жена и го замесува со три големи мери брашно, додека не скисне целото“ (Мат. 13:33). Што претставува овој квасец, и каква врска има со порастот на Царството?

10 Во Библијата, квасецот честопати служи како симбол за гревот. Апостол Павле го употребил со вакво значење кога зборувал за расипувачкото влијание што го имал еден грешник во собранието во древниот Коринт (1. Кор. 5:6-8). Дали Исус го спомнал квасецот во својата споредба за да го означи растот на нешто лошо?

11. Кога древните Израелци го користеле квасецот?

11 Пред да одговориме на ова прашање, мора да забележиме три важни факти. Прво, иако Јехова не дозволувал никаков квасец за време на празникот Пасха, во други ситуации прифаќал жртви кои содржеле квасец. Квасец имало во заедничките жртви благодарници, кои Израелците доброволно ги принесувале затоа што му биле благодарни на Јехова за многуте благослови. Овој заеднички оброк бил радосен настан за сите учесници (3. Мој. 7:11-15).

12. Што учиме од начинот на кој Библијата се служи со симболи?

12 Второ, иако некоја работа во еден контекст во Библијата може да се користи како симбол за нешто негативно, во друг контекст истата работа може да симболизира нешто позитивно. На пример, во 1. Петрово 5:8, Сатана е спореден со лав, што укажува на тоа дека е опасен и свиреп. Но, во Откровение 5:5, и Исус е спореден со лав — „лавот од Јудиното племе“. Во вториов случај, лавот се користи како симбол на храбрата правда.

13. Што покажува Исусовата споредба за квасецот во врска со нечиј духовен развој?

13 Трето, во споредбата што ја дал, Исус не рекол дека целото брашно се расипало од квасецот и морало да се фрли. Тој само кажал како обично се прави леб. Домаќинката намерно ставила квасец, и тоа имало позитивен резултат. Квасецот бил скриен во брашното. Значи, процесот на потквасување на тестото бил скриен од погледот на домаќинката. Ова нѐ потсетува на човекот кој сее семе и спие преку ноќ. Исус рекол дека „семето никнува и расте, а [сејачот] не знае како“ (Мар. 4:27). На колку едноставен начин го објаснил невидливиот духовен развој на едно лице! Иако можеби во почетокот не го забележуваме тој раст, на крајот резултатите од него се видливи.

14. Кој аспект на проповедањето е нагласен со фактот дека квасецот го потквасува целото тесто?

14 Овој развој не само што е невидлив за човечките очи туку, исто така, се случува по целата Земјина топка. И овој аспект е нагласен во споредбата за квасецот. Со него се потквасува целото тесто, сите „три големи мери брашно“ (Лука 13:21). Исто како квасецот, проповедањето за Царството, кое придонесува за порастот на ученици, се раширило до тој степен што Царството сега се проповеда „до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Мат. 24:14). Колку голема чест е да имаме удел во ова неповторливо ширење на делото за Царството!

Мрежата

15, 16. а) Раскажи ја во кратки црти споредбата за мрежата. б) Што претставува мрежата, и на кој аспект од растот на Царството укажува оваа споредба?

15 Бројот на оние што тврдат дека се ученици на Исус Христос не е најважното нешто. Многу поважна е состојбата на нивното срце. Исус укажува и на овој аспект од растот на Царството кога дава една друга споредба — споредбата за мрежата. Тој рекол: „Исто така, со царството небесно е како со мрежа фрлена во морето, во која се собираат секакви риби“ (Мат. 13:47).

16 Во мрежата, која го претставува делото на проповедање за Царството, се собираат секакви риби. Исус понатаму вели: „Кога [мрежата] ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот, седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде на свршетокот на овој поредок: ќе излезат ангелите, ќе ги одвојат злите од праведните и ќе ги фрлат во вжарена печка. Таму ќе плачат и ќе чкртаат со забите“ (Мат. 13:48-50).

17. Во кој временски период се врши одвојувањето за кое станува збор во споредбата со мрежата?

17 Дали ова одвојување се однесува на последниот суд на овците и јарците, кој ќе биде извршен кога Исус ќе пристигне во својата слава? (Мат. 25:31-33). Не. Тој последен суд ќе настапи кога Исус ќе дојде во големата неволја. За разлика од него, одвојувањето за кое станува збор во споредбата за мрежата се случува за време на „свршетокот на овој поредок“. b Тоа е времето во кое живееме сега — период што завршува со големата неволја. Според тоа, како се врши тоа одвојување денес?

18, 19. а) Какво одвојување се врши сега? б) Кој чекор мораат да го преземат искрените лица? (Види ја и фуснотата на 21. страница.)

18 Дословно милиони симболични риби од морето на човештвото се привлечени кон Јеховината организација во нашево време. Некои присуствуваат на Спомен-свеченоста, други доаѓаат на нашите состаноци, а трети со задоволство ја проучуваат Библијата. Но, дали сите тие стануваат вистински христијани? Можеби ќе бидат ‚извлечени на брегот‘, но Исус ни кажува дека само „добрите риби“ ги собираат во садови, кои ги претставуваат христијанските собранија. Лошите риби се тргаат настрана, и на крајот се фрлаат во симболична вжарена печка, која го означува идното уништување.

19 Исто како лошите риби, мнозина од оние што порано ја проучувале Библијата со Јеховиниот народ престанале да проучуваат. Некои чии родители се христијани никогаш и не сакале да тргнат по стапките на Исус. Тие не биле спремни да донесат одлука да му служат на Јехова или, пак, откако му служеле извесно време, престанале c (Езек. 33:32, 33). Но, пред да дојде последниот ден на суд, неопходно е сите искрени лица да дозволат да бидат собрани во собранијата што се претставени со садови и да останат на безбедно место.

20, 21. а) Што научивме од разгледувањето на Исусовите споредби за растот? б) Што си решен да правиш?

20 Значи, што научивме од нашето кратко разгледување на споредбите за растот, кои ги дал Исус? Прво, како што расте синаповото зрно, таков огромен пораст имало и делото за Царството овде на Земјата. Никој не може да го спречи ширењето на Јеховиното дело! (Иса. 54:17). Освен тоа, на оние што ‚се населуваат под сенката на‘ ова симболично дрво им е обезбедена духовна заштита. Второ, Бог е тој што дава да расте. Исто како што скриениот квасец се шири низ целото тесто така се шири и делото, иако овој раст не може секогаш лесно да се забележи или, пак, не се разбира. Трето, не се покажале како добри сите што ја прифатиле пораката. Некои се како лошите риби од споредбата на Исус.

21 Но, колку сме охрабрени што гледаме толку многу добри лица кои се привлечени од Јехова! (Јован 6:44). Ова води до огромен пораст од земја во земја. Сета слава за овој раст му припаѓа на Јехова. Кога го гледаме ова, сите ние треба да бидеме поттикнати да го послушаме советот кој бил запишан пред многу векови: „Наутро сеј го семето свое... Зашто, не знаеш каде ќе имаш успех, овде или онде, или и едното и другото ќе биде еднакво добро“ (Проп. 11:6).

[Фусноти]

a Објаснувањата што следат се промена на она што претходно беше објаснето во Стражарска кула од 15 јуни 1992, страници 17-22, и во англиското издание на Стражарска кула од 1 октомври 1975, страници 589-608.

b Иако во Матеј 13:39-43 станува збор за друг аспект на проповедањето за Царството, овие стихови се исполнуваат во исто време кога се исполнува споредбата за мрежата, имено, на „свршетокот на овој поредок“. Одвојувањето на симболичните риби е процес што трае, исто како што сеењето и жнеењето траат низ целиот овој период (Стражарска кула од 15 октомври 2000, страници 25, 26; Обожавај го единствениот вистински Бог, страници 178-181, пасуси 8-11).

c Дали ова значи дека сите што престанале да проучуваат и да се дружат со Јеховиниот народ се фрлени како лоши риби од страна на ангелите? Не! Ако некој искрено сака да му се врати на Јехова, Тој спремно ќе го прифати (Мал. 3:7).

Како би одговорил?

• Што учиме за ширењето на делото за Царството и за духовната заштита од Исусовата споредба за синаповото зрно?

• Што претставува квасецот од споредбата на Исус, и која вистина за ширењето на Царството ја нагласил тој?

• Кој аспект од растот на Царството е истакнат во споредбата за мрежата?

• Како можеме да бидеме сигурни дека ќе останеме меѓу оние што се ‚собрани во садови‘?

[Прашања]

[Слики на страница 18]

Што учиме за ширењето на делото за Царството од споредбата за синаповото зрно?

[Слика на страница 19]

Што учиме од споредбата за квасецот?

[Слика на страница 21]

Што претставува одвојувањето на добрите од лошите риби?