Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не се плашевме — Јехова беше со нас

Не се плашевме — Јехова беше со нас

Не се плашевме — Јехова беше со нас

Раскажа Египтија Петриду

Во 1972 год., сите ние, Јеховини сведоци од Кипар, се собравме во Никозија за да го слушнеме специјалниот говор на Натан Х. Нор, кој веќе долги години предводеше во делото на Јеховините сведоци. Тој веднаш ме препозна, и уште пред да успеам да му се претставам, ме праша: „Си чула ли нешто ново од Египет?“ Со него се запознавме 20 години пред тоа, во мојот роден град Александрија, во Египет.

РОДЕНА сум на 23 јануари 1914 год., како најстара од четирите деца. Израснавме на чекор од морето. Александрија во тогашно време беше прекрасен космополитски град, надалеку познат по својата архитектура и историја. Бидејќи во градот Европејците и Арапите живееја измешано, ние децата, освен нашиот мајчин јазик, грчки, научивме да зборуваме и англиски, арапски, италијански и француски.

Откако завршив со школувањето, се вработив во една француска модна куќа и многу уживав во креирањето и шиењето на елегантни вечерни фустани за дамите од повисоките класи. Освен тоа, бев и многу побожна и многу сакав да ја читам Библијата, иако малку разбирав од она што го читав.

Некаде во тоа време, кон средината на 1930-тите, запознав еден фин млад човек по потекло од Кипар. Теодотос Петридис беше вешт професионален борач, но освен тоа беше слаткар и работеше во една позната слаткарница. Тој се заљуби во ситната и темнокоса девојка, каква што бев тогаш. Често ќе застанеше под мојот прозорец и ќе ми пееше романтични грчки песни. На 30 јуни 1940 год., се венчавме. Тоа беа убави времиња. Живеевме во станот веднаш под мајка ми. Нашето прво дете, Џон, се роди во 1941 година.

Ја дознавме библиската вистина

Еден период, Теодотос беше некако незадоволен од нашата религија, и го копкаа многу прашања поврзани со Светото писмо. Без да знам, Јеховините сведоци почнале да ја проучуваат Библијата со него. Еден ден бев дома со бебето, кога една госпоѓа тропна на вратата и ми подаде да прочитам една картичка со текст врз основа на Библијата. Ја прочитав чисто од култура. Потоа ми понуди некои библиски публикации. Кога ги видов, сфатив дека се исти со книгите што Теодотос еднаш ги донесе дома!

„Јас ги имам овие книги“, ѝ одговорив. „Повели, влези.“ Речиси веднаш почнав да ѝ поставувам прашања. Таа се викаше Елени Николау и беше Јеховин сведок. Стрпливо ми одговараше користејќи ја Библијата, што многу ми се допадна. За првпат во својот живот, почна да ми станува јасно за што зборува Библијата. По некое време, Елени ја здогледа сликата од маж ми. „Па, јас го познавам овој господин!“ — извикна изненадено. Тајната на Теодотос беше разоткриена. Јас се стаписав. Тео одел на состаноците на Јеховините сведоци без мене, дури и без да знам за тоа! Кога тој се врати дома, му реков: „Таму кај што си бил минатата недела — оваа недела ќе дојдам и јас!“

На првиот состанок на кој појдов, група од десетина души разговараа за библиската книга Михеј. Јас како сунѓер впивав сѐ што слушав! Оттогаш натаму, секој петок навечер кај нас доаѓаа Јоргос и Катерини Петраки за да ја проучуваме заедно Библијата. Татко ми и двајцата браќа беа против тоа што проучувавме со Сведоците, а сестра ми не се противеше, но не стана Сведок. Мајка ми, за разлика од нив, ја прифати библиската вистина. Во 1942 год., мама, Теодотос и јас се крстивме во морето покрај Александрија како симбол на нашиот завет дека ќе му служиме на Јехова.

Отежнат живот

Во 1939 год. започна Втората светска војна и набрзо уште повеќе се разгори. Во почетокот на 1940-тите год., германскиот генерал Ервин Ромел и неговите тенковски трупи пристигнаа во блискиот град Ал Алмаин, а Александрија беше полна со британски војници. Насобравме резерви од сува храна. Потоа газдата на Теодотос отвори нова слаткарница во Порт Тефик, близу Суец, и побара Теодотос да работи таму, па затоа се преселивме во тоа место. Еден брачен пар Грци, кои беа Јеховини сведоци, се потрудиле да нѐ најдат. Иако ја немаа нашата адреса, тие проповедале од куќа до куќа сѐ додека не нѐ нашле.

Во Порт Тефик ја проучувавме Библијата со Ставрос и Јула Кипреос и нивните деца, Тотос и Јоргија. Многу се зближивме со нив. Ставрос толку многу сакаше да ја проучува Библијата што имаше обичај да ги врати сите часовници кај него дома еден час назад за да го испуштиме последниот воз за дома и да мора да останеме кај нив подолго. Потоа разговаравме до доцна во ноќта.

Во Порт Тефик живеевме 18 месеци, а потоа се вративме во Александрија затоа што се разболе мајка ми. Во 1947 год., таа умре. До крај му остана верна на Јехова. Тогаш повторно почувствувавме како Јехова нѐ охрабри преку доброто друштво на нашите пријатели кои беа зрели христијани. И ние имавме повеќе можности да покажеме гостопримство кога бродовите со кои мисионерите патуваа на своите задачи на кратко остануваа во Александрија.

Радости и маки

Во 1952 год. ни се роди вториот син, Џејмс. Како родители, ни беше јасно дека за децата е многу важно да растат во средина каде што најмногу се ценат духовните работи, па затоа го ставивме на располагање нашиот дом за состаноци и честопати каневме на гости полновремени слуги. Тоа му помогна на постариот син, Џон, да ја засака вистината од Библијата и, уште додека беше тинејџер, стана пионер. Во исто време одеше во вечерна школа за да го доврши образованието.

Кратко потоа лекарите открија дека срцето на Теодотос е во многу лоша состојба и му препорачаа да најде поинаква работа. Помалиот син, Џејмс, тогаш имаше само четири години. Се прашувавме што да правиме. Но, зар Јехова не ни ветил: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе“? (Иса. 41:10). Замислете си колку бевме изненадени и среќни кога во 1956 год. добивме покана да служиме како пионери во Исмаилија, близу Суецкиот Канал! Тие години во Египет беа тешки, и на браќата навистина им требаше некој што ќе ги бодри.

Во 1960 год. моравме да си заминеме од Египет со по еден куфер во рацете. Се преселивме на Кипар, островот од каде потекнуваше маж ми. Дотогаш, состојбата на Теодотос многу се влоши и не можеше веќе ништо да работи. Но, еден љубезен брачен пар, наши брат и сестра, ни понудија да живееме во една нивна куќа. За жал, по две години Теодотос умре, а јас останав сама со малиот Џејмс. Џон, кој исто така се пресели на Кипар, во меѓувреме се ожени и имаше свое семејство за кое требаше да се грижи.

Згрижена и во тешко време

Потоа Ставрос и Дора Кајрис ни понудија да живееме кај нив. Клекнав на колена и му се заблагодарив на Јехова што уште еднаш се погрижи да го добиеме она што ни беше потребно (Пс. 145:16). Кога Ставрос и Дора решија да ја продадат таа куќа и да направат нова во која ќе има Сала на Царството на првиот кат, тие љубезно додадоа уште две сопчиња за Џејмс и мене.

По некое време и Џејмс се ожени, и со неговата сопруга служеа како пионери сѐ додека не се роди првото од нивните четири деца. Во 1974, две години по значајната посета на брат Нор, на Кипар имаше политички немири. a Многу луѓе, меѓу нив и Сведоци, засекогаш ги напуштија своите домови и мораа да започнат сѐ одново на друго место. Тоа го стори и син ми Џон. Тој со својата сопруга и трите деца се пресели во Канада. Но, на Кипар во истиот период се радувавме што имаше пораст во бројот на објавители.

Откако почнав да примам пензија, можев повеќе да ѝ се посветам на службата. Но пред неколку години имав благ мозочен удар, па се преселив кај син ми Џејмс и неговото семејство. Подоцна здравјето ми се влоши и морав да лежам во болница неколку седмици, а потоа бев префрлена во дом за стари луѓе. Иако постојано чувствувам болки, им сведочам на сестрите, пациентите и посетителите. Исто така многу време проучувам и, благодарение на љубезноста на моите духовни браќа, успевам да одам на Собраниското проучување на книга што се одржува во близина.

Ведрина во последните години од животот

Секогаш се разведрувам кога ќе слушнам вести за оние на кои заедно со Теодотос бевме во можност да им помогнеме. Многу нивни деца и внуци се полновремени слуги. Некои од нив служат во Австралија, Англија, Грција, Канада и Швајцарија. Син ми Џон со сопругата и синот сѐ уште живее во Канада. Нивната постара ќерка и нејзиниот сопруг се пионери. Нивната најмала ќерка и нејзиниот сопруг, Линда и Џошуа Снејп, беа поканети во 124. клас на Школата Гилеад.

Другиот син, Џејмс, со својата сопруга сега живее во Германија. Два нивни сина служат во Бетел, едниот во Атина, а другиот во Селтерс (Германија). Нивниот најмал син и нивната ќерка со својот сопруг се пионери во Германија.

Колку работи имаме да им раскажуваме на мајка ми и на мојот мил Теодотос кога ќе се видиме по воскресението! Ќе се радуваат кога ќе видат колку убаво наследство ѝ оставиле на својата фамилија. b

[Фусноти]

a Види Разбудете се! од 22 октомври 1974, на англиски јазик, страници 12-15.

b Додека се подготвуваше оваа статија, сестра Петриду почина на возраст од 93 години.

[Истакната мисла на страница 24]

Повторно почувствувавме како Јехова нѐ охрабри преку доброто друштво на нашите пријатели кои беа зрели христијани

[Карта на страница 24]

(Види во публикацијата)

КИПАР

НИКОЗИЈА

СРЕДОЗЕМНО МОРЕ

ЕГИПЕТ

КАИРО

Ал Алмаин

Александрија

Исмаилија

Суец

Порт Тефик

Суецки Канал

[Извор на слика]

Врз основа на NASA/Visible Earth imagery

[Слика на страница 23]

Со Теодотос во 1938 год.

[Слика на страница 25]

Син ми Џон со сопругата

[Слика на страница 25]

Син ми Џејмс со сопругата