Служба од куќа до куќа — зошто е важна сега?
Служба од куќа до куќа — зошто е важна сега?
„Секој ден, во храмот и од куќа до куќа, без престан поучуваа и ја објавуваа добрата вест за Христос, Исус“ (ДЕЛА 5:42).
1, 2. а) По која метода на проповедање се познати Јеховините сведоци? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ТИЕ се позната глетка во речиси секоја земја на планетава. Две убаво облечени лица тропнуваат на нечија врата и се трудат накратко да позборуваат со станарот за пораката за Божјето Царство, која е запишана во Библијата. Ако тој покаже интерес, можеби ќе му остават библиска литература и ќе му понудат бесплатно да ја проучуваат Библијата со него. Потоа продолжуваат кон следната куќа. Доколку и самиот учествуваш во ова дело, веројатно си забележал дека луѓето веќе сфаќаат дека си Јеховин сведок уште пред да кажеш нешто. Всушност, службата од куќа до куќа станала наш заштитен знак.
2 Се разбира, ние користиме најразлични методи за да го извршиме налогот што ни го дал Исус — да проповедаме и да ги поучуваме другите (Мат. 28:19, 20). Сведочиме на пазари, на улица и на други јавни места (Дела 17:17). Со мнозина контактираме преку писмо или по телефон. Разговараме за библиските вистини со оние што ги среќаваме додека ги вршиме секојдневните обврски. Дури имаме и официјална веб-страница на која се достапни библиски информации на повеќе од 300 јазици. a Сите овие методи носат добри резултати. Сепак, во повеќето места, главно ја шириме добрата вест проповедајќи од куќа до куќа. На што се заснова оваа метода на проповедање? Како дошло до тоа Божјиот народ толку многу да ја користи во нашево време? И зошто е важна денес?
Метода што ја користеле апостолите
3. Какви упатства за проповедање им дал Исус на апостолите, и што покажува тоа за начинот на кој требало да проповедаат?
3 Методата на проповедање од куќа до куќа се заснова на Светото писмо. Кога ги испратил апостолите да проповедаат, Исус им го дал следново упатство: „Штом ќе влезете во некој град или село, побарајте го во него оној што е достоен да ве прими вас и вашата порака“. Како требало да ги бараат ваквите достојни лица? Исус им рекол да одат дома кај луѓето: „Кога ќе влезете во куќата, поздравете ги домашните. Ако куќата е достојна, нека дојде на неа мирот што ѝ го посакувате“. Дали требало да им појдат на луѓето без покана? Забележи што рекол Исус понатаму: „Таму каде што никој нема да ве прими или да ги послуша вашите зборови, на излегување од таа куќа или од тој град истресете го правот од нозете“ (Мат. 10:11-14). Од овие упатства јасно се гледа дека, додека апостолите ‚оделе од село во село, објавувајќи ја добрата вест‘, требало сами да појдат во домовите на луѓето (Лука 9:6).
4. На кои места во Библијата конкретно се спомнува проповедањето од куќа до куќа?
4 Библијата конкретно наведува дека апостолите проповедале од куќа до куќа. На пример, набрзо по основањето на христијанското собрание во 33 год. од н.е., во Дела 5:42 за првите христијани било кажано: „Секој ден, во храмот и од куќа до куќа, без престан поучуваа и ја објавуваа добрата вест за Христос, Исус“. Околу 20 години подоцна, апостол Павле ги потсетил старешините во собранието во Ефес: „Не пропуштив да ви кажам сѐ што е корисно и да ве поучувам јавно и одејќи од куќа до куќа“. Дали Павле ги посетил тие старешини пред да станат верници? Очигледно да, бидејќи ги поучил, меѓу другото, и „за покајанието пред Бог и за верата во нашиот Господар Исус“ (Дела 20:20, 21). Во врска со Дела 20:20, во еден прирачник се вели следново: „Вредно е да се забележи дека овој најголем проповедник проповедал од куќа до куќа“ (Word Pictures in the New Testament од Робертсон).
Современа војска од скакулци
5. Каков опис на проповедничкото дело содржи пророштвото на Јоил?
5 Сведочењето во првиот век било само навестување на многу поголемото дело што се врши во нашево време. Пророкот Јоил го споредил проповедањето на помазаните христијани со страшна неволја предизвикана од инсекти, меѓу кои имало и скакулци (Јоил 1:4). Напредувајќи како војска, скакулците ги совладуваат пречките, влегуваат во куќите и јадат сѐ што ќе им се најде на патот. (Прочитај Јоил 2:2, 7-9.) Колку жив опис на истрајното и темелно дело на сведочење што го врши Божјиот народ денес! Најистакната метода што ја користат помазаните христијани и нивните придружници, ‚другите овци‘, во исполнување на оваа пророчка претслика, е службата од куќа до куќа (Јован 10:16). На кој начин ние, како Јеховини сведоци, почнавме да ја користиме оваа апостолска метода на проповедање?
6. Каков поттик да се сведочи од куќа до куќа бил даден во 1922 год., но како реагирале некои?
6 Од 1919 год. наваму, се нагласува дека секој христијанин има одговорност лично да им сведочи на другите. На пример, една статија со наслов „Службата е многу важна“, во Стражарска кула од 15 август 1922 год. (англ.), ги потсети помазаните христијаните колку е важно „активно да им ја пренесуваат печатената порака на луѓето и да разговараат со нив на нивните врати, сведочејќи им дека небесното царство се приближи“. Во Билтенот (сега познат како Нашата служба за Царството) беа дадени детални презентации. Сепак, во почетокот, бројот на оние што проповедаа од куќа до куќа беше мал. Некои се воздржуваа да го прават тоа. Иако изнаоѓаа најразлични изговори, главниот проблем беше што сметаа дека е под нивното достоинство да проповедаат од куќа до куќа. Како што сѐ повеќе се нагласуваше службата на подрачјето, мнозина од нив постепено се повлекуваа од Јеховината организација.
7. Која потреба стана очигледна во 1950-тите?
7 Во децениите што следеа, сѐ повеќе Сведоци почнаа да проповедаат. Но, стана јасно дека е потребно секој од нив да добие додатна обука за да ја вршат службата од куќа до куќа. Да ја земеме, на пример, ситуацијата во САД. Во раните 1950-ти, 28 отсто од Сведоците во таа земја проповедаа само така што делеа летоци или стоеја со списанија на улица. Над 40 отсто не проповедаа редовно, и дозволуваа да поминат месеци без воопшто да сведочат. Што можеше да се стори за да им се помогне на сите крстени христијани да проповедаат од куќа до куќа?
8, 9. Каква програма за оспособување започна во 1953 год., и какви беа резултатите?
8 На еден меѓународен конгрес што се одржа во Њујорк во 1953 год., особено внимание ѝ се посвети на службата од куќа до куќа. Брат Натан Х. Нор изјави дека главната должност на сите христијански надгледници е да му помогнат на секој Сведок редовно да проповеда од куќа до куќа. Тој рече: „Секој би требало да знае како да ја проповеда добрата вест од куќа до куќа“. За да се оствари оваа цел, се започна со една меѓународна програма за оспособување. Оние што сѐ уште не проповедаа од куќа до куќа беа поучени како да им пристапат на луѓето на врата, како да разговараат со нив на темел на Библијата и како да одговараат на нивните прашања.
9 Резултатите од ваквото оспособување беа одлични. За само една деценија, бројот на објавители во светот порасна за 100 отсто, бројот на повторни посети се зголеми за 126 отсто, а бројот на библиски студии за 150 отсто. Денес речиси седум милиони објавители на Царството ја проповедаат добрата вест низ целиот свет. Овој извонреден пораст е доказ дека Јехова ги благословува своите слуги во нивната служба од куќа до куќа (Иса. 60:22).
Луѓето добиваат знак за преживување
10, 11. а) Според Езекиел, 9. поглавје, какво видение добил овој пророк? б) Како ова видение се исполнува во нашево време?
10 Од едно видение што му било дадено на пророкот Езекиел јасно се гледа колку е важна службата од куќа до куќа. Во тоа видение, Езекиел гледа шест луѓе со оружје во рацете, како и седми човек, кој е облечен во лен и носи писарски прибор на колкот. Седмиот маж добива заповед да ‚помине низ градот‘ и да ги ‚обележи со знак челата на луѓето што тажат и плачат поради сите гадости што се прават сред него‘. Откако тој завршува со обележувањето, шесте мажи со убиственото оружје добиваат заповед да ги погубат сите оние што го немаат тој знак. (Прочитај Езекиел 9:1-6.)
11 Ние разбираме дека, во исполнувањето на ова пророштво, човекот „облечен во лен“ го претставува остатокот од помазани христијани. Со делото на проповедање и поучување, помазаната класа става симболичен знак на челата на оние што стануваат дел од Христовите „други овци“ (Јован 10:16). Кој е тој знак? Тоа е доказот — како знак кој јасно се гледа на непокриено чело — дека таквите ‚овци‘ се ученици на Исус Христос кои му го заветувале својот живот на Бог и се крстиле, и дека ја облекле новата личност која е слична на Христовата (Еф. 4:20-24). Овие лица слични на овци стануваат едно стадо со помазаните христијани и им помагаат да го извршат важното дело на обележување и на други луѓе (Отк. 22:17).
12. Како видението на Езекиел нагласува колку е важно и понатаму да ги бараме кротките луѓе?
12 Во видението на Езекиел е истакната една причина зошто и понатаму е итно да ги бараме луѓето што „тажат и плачат“. Нивниот живот е на коцка. Наскоро, Јеховините небесни војски — претставени со шесте вооружени мажи — ќе ги уништат оние што го немаат симболичниот знак. Во врска со тој претстоен суд, апостол Павле напишал дека Господарот Исус, во придружба на „своите моќни ангели... ќе изврши одмазда над оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“ (2. Сол. 1:7, 8). Забележи дека луѓето ќе бидат судени според тоа како реагираат на добрата вест. Значи, ние мора неуморно да продолжиме да ја објавуваме Божјата порака сѐ до самиот крај (Отк. 14:6, 7). Ова им наметнува многу тешка одговорност на сите што му ветиле на Јехова дека ќе му служат. (Прочитај Езекиел 3:17-19.)
13. а) Каква одговорност чувствувал апостол Павле, и зошто? б) Каква одговорност чувствуваш ти кон луѓето на твоето подрачје?
13 Апостол Павле сметал дека има лична одговорност да им ја пренесува добрата вест на другите. Тој напишал: „Должник сум им и на Грците и на останатите народи, и на мудрите и на неуките. Оттаму е и мојата силна желба да ви ја објавам добрата вест и вам во Рим“ (Рим. 1:14, 15). Од голема благодарност за милосрдието што му била покажано, Павле се чувствувал должен да им помага и на другите да извлечат корист од Божјата незаслужена доброта (1. Тим. 1:12-16). За него било исто како да имал долг кон секого што го сретнал — долг што можел да го исплати само ако му ја пренел добрата вест на тоа лице. Дали сфаќаш дека и ти имаш сличен долг кон луѓето на твоето подрачје? (Прочитај Дела 20:26, 27.)
14. Која е најважната причина зошто им проповедаме на луѓето јавно и од куќа до куќа?
14 Освен што е многу важно да се спасат човечки животи, има една многу посилна причина зошто проповедаме од куќа до куќа. Во пророштвото запишано во Малахија 1:11, Јехова објавува: „Од сончевиот исток до неговиот запад, моето име ќе биде големо меѓу народите и... на моето име ќе се принесува дар — чист дар. Зашто, моето име ќе биде големо меѓу народите“. Во исполнување на ова пророштво, оддадените слуги на Јехова го фалат јавно неговото име по целата Земјина топка со тоа што понизно ја вршат својата служба (Пс. 109:30; Мат. 24:14). Значи, најважната причина зошто им проповедаме на луѓето јавно и од куќа до куќа е да му принесеме на Јехова „жртва на фалба“ (Евр. 13:15).
Ни претстојат многу значајни настани
15. а) Како Израелците ја засилиле својата активност додека го обиколувале Ерихон на седмиот ден? б) Што покажува ова во врска со проповедничкото дело?
15 Што може да очекуваме во поглед на нашето проповедничко дело во иднина? Опсадата на Ерихон, за која пишува во книгата на Исус Навин, е еден вид претслика за она што нѐ чека. Сети се дека, пред да го уништи Ерихон, Бог им заповедал на Израелците да го обиколат градот по еднаш во текот на шест дена. Но, на седмиот ден, требало значително да ја зголемат својата активност. Јехова му рекол на Исус Навин: „Обиколете го градот седум пати и свештениците нека затрубат во роговите. И кога тие ќе затрубат во овнешките рогови... целиот народ нека крене силна воена викотница, и градските ѕидишта ќе се урнат до темел“ (Ис. Нав. 6:2-5). Можно е да има слично зголемување на обемот на нашето проповедничко дело. Како и да е, до моментот кога ќе биде уништен сегашниов поредок, ќе биде дадено најголемото сведоштво за Божјето име и за Царството во историјата на овој свет.
16, 17. а) Што ќе се постигне пред да заврши „големата неволја“? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
16 Веројатно ќе дојде време кога пораката што ја објавуваме ќе зазвучи како „силна воена викотница“. Во книгата Откровение, силните пораки на суд се претставени со „голем град, со зрна тешки околу еден талант“. b А во Откровение 16:21 се вели: „Тоа зло беше многу големо“. Останува да се види каква точно улога ќе одигра службата од куќа до куќа во објавувањето на тие последни пораки на суд. Но, можеме да бидеме сигурни дека пред да заврши „големата неволја“, Јеховиното име ќе биде објавено како никогаш порано во човечката историја (Отк. 7:14; Езек. 38:23).
17 Додека ги очекуваме значајните настани што ни претстојат, да продолжиме и понатаму ревносно да ја објавуваме добрата вест за Царството. Со какви предизвици се соочуваме кога ја вршиме оваа задача од куќа до куќа, и како може да се справиме со нив? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.
[Фусноти]
a Адресата на веб-страницата е www.watchtower.org.
b Ако ова се однесува на грчкиот талант, тогаш секое зрно град би тежело околу 20 килограми.
Како би одговорил?
• Која е библиската основа за проповедањето од куќа до куќа?
• Како беше нагласена службата од куќа до куќа во нашево време?
• Зошто оние што му ветиле на Јехова дека ќе му служат се должни да проповедаат?
• Кои значајни настани ни претстојат?
[Прашања]
[Слики на страница 4]
Дали и ти, исто како Павле, чувствуваш одговорност да им проповедаш на другите?
[Слика на страница 5]
Брат Нор (1953)