Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Служба од куќа до куќа — како да се справиме со предизвиците?

Служба од куќа до куќа — како да се справиме со предизвиците?

Служба од куќа до куќа — како да се справиме со предизвиците?

„Собравме смелост со помош на нашиот Бог да ви ја проповедаме Божјата добра вест со голема борба“ (1. СОЛ. 2:2).

1. Со кои предизвици се соочил Еремија, и како можел да се справи со нив?

 ЕРЕМИЈА имал слични чувства како нас. Кога Јехова му дал задача да им биде „пророк на народите“, тој одговорил: „Леле, Севишен Господару Јехова! Еве, јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете!“ Сепак, со доверба во Јехова, тој ја прифатил задачата (Ерем. 1:4-10). Повеќе од 40 години, Еремија морал да се бори со рамнодушност, противење, исмевање, па дури и со физичко насилство (Ерем. 20:1, 2). Имало моменти кога сакал да крене раце од сѐ. И покрај тоа, истрајно продолжил да им објавува една неомилена порака на луѓе од кои повеќето не сакале да го слушаат. Бог му дал сила, и Еремија успеал да ја изврши задачата што никогаш не би ја извршил сам. (Прочитај Еремија 20:7-9.)

2, 3. Како Божјите слуги денес се соочуваат со предизвици слични на оние со кои се соочил Еремија?

2 Многу Божји слуги денес сфаќаат како се чувствувал Еремија. Кога сме размислувале дека еден ден ќе треба да проповедаме од куќа до куќа, мнозина од нас си рекле: ‚Никогаш не би можел да го правам тоа!‘ Но кога сме сфатиле дека Јехова сака да ја објавуваме добрата вест, сме го совладале стравот и сме почнале да проповедаме. Сепак, мнозина од нас се соочуваат со ситуации во животот кои, барем некое време, ни отежнуваат да продолжиме да проповедаме. Нема сомнение дека е вистински предизвик некој да почне да проповеда од куќа до куќа и да продолжи да го прави тоа до самиот крај (Мат. 24:13).

3 Што можеш да сториш ако веќе некое време ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци и одиш на собраниските состаноци, но се колебаш да започнеш да проповедаш од куќа до куќа? А што да сториш ако си крстен Сведок, но сепак ти е тешко да одиш во служба од куќа до куќа, иако физички ништо не те спречува во тоа? Утешно е да знаеш дека многу лица со најразлично потекло успешно се справуваат со предизвиците што ги носи службата од куќа до куќа. А со Јеховина помош, ќе можеш да се справиш и ти!

Да се собере смелост

4. Што му помогнало на апостол Павле да ја објавува добрата вест со смелост?

4 Сигурно сфаќаш дека меѓународното проповедничко дело не се извршува со човечка сила или мудрост, туку со Божјиот дух (Зах. 4:6). Истото ова важи и за службата што ја врши секој христијанин (2. Кор. 4:7). Размисли за апостол Павле. Во врска со времето кога тој и еден негов пријател, кој служел како мисионер заедно со него, биле малтретирани од противниците, тој напишал: „Откако во Филипи... најпрво пострадавме и бевме малтретирани, собравме смелост со помош на нашиот Бог да ви ја проповедаме Божјата добра вест со голема борба“ (1. Сол. 2:2; Дела 16:22-24). Можеби ни е тешко да си замислиме дека еден ревносен проповедник како што бил Павле повремено морал да проповеда со голема борба. Сепак, како и сите ние, и Павле морал да се потпира на Јехова за да ја проповеда добрата вест со смелост. (Прочитај Ефешаните 6:18-20.) Како можеме да го следиме неговиот пример?

5. Што може, меѓу другото, да ни помогне да собереме смелост да проповедаме?

5 Молитвата е една работа која ни помага да собереме смелост за да проповедаме. Една сестра, која служи како пионер, вели: „Се молам да зборувам со увереност, се молам да го допрам срцето на луѓето и се молам да бидам радосна во службата. На крајот на краиштата, ова е Јеховино дело, а не наше. Затоа, и да сакаме, не можеме да направиме ништо без негова помош“ (1. Сол. 5:17). Сите ние треба постојано да го молиме Јехова да ни помогне со својот свет дух да проповедаме со смелост (Лука 11:9-13).

6, 7. а) Какво видение добил Езекиел, и што значело тоа? б) Каква поука содржи видението на Езекиел за Божјите слуги денес?

6 Книгата на Езекиел ни открива уште една работа што може да ни помогне да зборуваме со смелост. Во едно видение, Јехова му дал на Езекиел свиток испишан од двете страни со „тажачки, редења и оплакувања“, и му заповедал да го изеде, велејќи: „Сине човечки, нахрани го својот стомак и насити ја својата утроба со овој свиток што ти го давам!“ Што значело ова видение? Езекиел морал целосно да ја впие пораката што требало да ја пренесе. Таа требало да стане дел од него, да влијае врз неговите најдлабоки чувства. Пророкот понатаму раскажува: „Го изедов, и во устата ми беше сладок како мед“. За Езекиел било вистинско задоволство да ја објавува Божјата порака во јавност, исто како да вкусил мед. За него било огромна чест да го застапува Јехова и да ја исполни задачата што му ја доверил Тој, иако тоа значело да им се пренесува тешка порака на неприемливи луѓе. (Прочитај Езекиел 2:8 — 3:4, 7-9.)

7 Ова видение содржи скапоцена поука за Божјите слуги денес. И ние им објавуваме силна порака на луѓе кои не се секогаш благодарни за трудот што го вложуваме за да зборуваме со нив. За да продолжиме да ја сметаме нашата христијанска служба како задача од Бог која имаме чест да ја вршиме, мора духовно добро да се храниме. Ако имаме навика само површно или повремено да проучуваме, нема да можеме целосно да ја впиеме Божјата реч. Можеш ли уште поредовно или подлабоко да ја читаш и да ја проучуваш Библијата? Дали би можел почесто да размислуваш за она што го читаш? (Пс. 1:2, 3).

Да се започне разговор за Библијата

8. Кој пристап им помогнал на некои објавители на Царството да започнат разговор за Библијата во службата од куќа до куќа?

8 Во службата од куќа до куќа, на голем број објавители им е најтешко да го воспостават првиот контакт со станарот. Мора да признаеме, има подрачја каде што не е лесно да се започне разговор. Некои објавители се чувствуваат попријатно во разговор на врата ако најпрво ја започнат својата презентација со неколку добро избрани зборови, а потоа му дадат на станарот трактат, слично како што е опишано во рамката подолу. Можеби насловот на трактатот или живописната слика ќе го привлече неговото внимание, па така ќе имаме време накратко да кажеме зошто сме дошле и да поставиме прашање. Друга метода слична на оваа е да му покажеме на станарот три-четири трактати и да го замолиме да си избере еден што го интересира. Се разбира, целта не ни е само да даваме трактати или да ги користиме на секоја врата, туку да започнеме разговор за Библијата што може да води до библиска студија.

9. Зошто е важно добро да се подготвиме?

9 Сеедно кој пристап го користиме, добрата подготовка ќе ни помогне да бидеме сталожени и воодушевени кога проповедаме од куќа до куќа. Еден пионер забележува: „Порадосен сум кога сум добро подготвен. Тогаш едвај чекам да ја кажам мојата презентација“. Еден друг пионер вели: „Кога добро знам за што се зборува во публикациите што ги нудам, воодушевен сум што можам да ги користам“. Иако е корисно да си повториме во себе што ќе кажеме, за мнозина е уште подобро наглас да ја пробаат својата презентација. Тоа им помага да му го дадат најдоброто на Јехова (Кол. 3:23; 2. Тим. 2:15).

10. Како можат состаноците за проповедање да бидат практични и корисни?

10 Практичните состаноци за проповедање ни помагаат да бидеме уште поделотворни и радосни во службата од куќа до куќа. Ако дневниот стих директно се однесува на проповедањето, може да се прочита и кратко да се обработи. Како и да е, братот што го води состанокот за проповедање треба да одвои доволно време за да разгледа или да прикаже едноставна презентација која добро одговара за подрачјето или, пак, да разгледа други практични информации што можат да се употребат во службата тој ден. Ова ќе им помогне на присутните да сведочат уште поделотворно. Ако добро се подготват однапред, старешините и другите кои ги водат овие состаноци ќе ја постигнат оваа цел, и сепак ќе го завршат состанокот навреме (Рим. 12:8).

Важно е да слушаме

11, 12. Зошто е важно сочувствително да ги слушаме луѓето за да им допреме до срцето? Наведи примери.

11 За да започнеме разговор за Библијата и да допреме до срцето на луѓето што ги среќаваме во службата, освен добрата подготовка, потребно е и да бидеме искрено заинтересирани за нив. Еден начин на кој можеме да покажеме интерес е ако ги слушаме. Еден патувачки надгледник забележал: „Стрпливоста и спремноста да се сослушаат луѓето имаат неверојатна моќ да ги привлечат кон добрата вест и се прекрасен израз на нашиот срдечен личен интерес за нив“. Како што ќе видиме и од следново искуство, сочувствителното слушање навистина може да биде клучот кој ќе му го отвори срцето на станарот.

12 Во едно отворено писмо, отпечатено во весникот Le Progrès од Сент Етијен (Франција), една жена ја опишала посетата од две други жени кои тропнале на нејзината врата кратко по трагичната смрт на нејзината тримесечна ќеркичка. „Веднаш сфатив дека се Јеховини сведоци“, напишала таа. „Бев спремна учтиво да ги одбијам, но тогаш ја забележав брошурата што ја нудеа. Беше за тоа зошто Бог допушта страдање. Ги поканив да влезат со намера да ги побијам нивните аргументи... Сведоците останаа нешто повеќе од еден час. Ме сослушаа покажувајќи големо сочувство и, кога си заминаа, се чувствував многу подобро, па затоа се согласив пак да дојдат“ (Рим. 12:15). Со време, оваа жена се согласила да ја проучува Библијата. Можеме многу да научиме од она што го запамтила при првата посета. Нејзе не ѝ оставило впечаток она што Сведоците го кажале, туку начинот на кој ја слушале.

13. Како можеме да ја скроиме презентацијата на добрата вест според лицата со кои разговараме?

13 Кога слушаме сочувствително, ние всушност им дозволуваме на луѓето да си кажат зошто им треба Царството. Така сме во многу подобра положба да им ја пренесеме добрата вест. Веројатно си забележал дека оние што имаат успех кога проповедаат обично се добри слушатели (Изр. 20:5). Тие покажуваат искрен интерес за луѓето што ги среќаваат во службата. Не само што забележуваат како се викаат и каде живеат туку забележуваат и за што се интересираат и какви потреби имаат. Кога некој ќе каже дека нешто посебно го загрижува, тие истражуваат повеќе на таа тема, и набрзо се враќаат за да му кажат на станарот што откриле во врска со тоа. Исто како апостол Павле, ја кројат презентацијата на пораката за Царството според потребите на лицата со кои разговараат. (Прочитај 1. Коринќаните 9:19-23.) Таквиот искрен интерес ги привлекува луѓето кон добрата вест и на прекрасен начин го одразува „длабокото сочувство на нашиот Бог“ (Лука 1:78).

Биди позитивен

14. Како можеме да ги одразуваме Јеховините особини додека ја вршиме нашата служба?

14 Јехова покажал дека нѐ цени како личности со тоа што ни дал слободна волја. Иако тој е Семоќен Бог, не присилува никого да му служи, туку ги повикува луѓето да му служат од љубов и ги благословува оние што реагираат со ценење на прекрасните работи што ги прави за нив (Рим. 2:4). Како негови слуги, секогаш кога сведочиме, треба да бидеме спремни да ја пренесеме добрата вест на начин кој е достоен на нашиот милосрден Бог (2. Кор. 5:20, 21; 6:3-6). За таа цел, треба да задржиме позитивен став кон луѓето што живеат на нашето подрачје. Што ќе ни помогне да се справиме со ваквиот предизвик?

15. а) Според упатствата на Исус, што требало да направат апостолите кога луѓето ќе ја одбиеле нивната порака? б) Што може да ни помогне да се трудиме да ги најдеме достојните?

15 Исус ги поучил своите следбеници да не се грижат премногу ако некој ја одбие нивната порака, туку да се трудат да ги најдат достојните лица. (Прочитај Матеј 10:11-15.) Ако си поставиме мали, достижни цели, ќе ни биде полесно да го постигнеме ова. Еден брат се споредува себеси со копач на злато. Неговото мото е: „Се надевам дека денес ќе најдам некое зрно злато!“ Еден друг брат има цел „да запознае по една фина личност секоја недела и да ја посети пак за неколку дена за да го одржи нејзиниот интерес“. Некои објавители се трудат, секогаш кога е можно, да му прочитаат барем по еден стих на секој станар. Каква реалистична цел би можел да си поставиш ти?

16. Од кои причини треба и понатаму да проповедаме?

16 Успехот во службата од куќа до куќа не зависи само од реакцијата на луѓето на подрачјето. Иако е точно дека проповедањето игра клучна улога во спасението на искрените лица, со него се постигнуваат и други важни работи. Христијанската служба ни дава можност да ја покажеме нашата љубов кон Јехова (1. Јов. 5:3). Ни помага да не бидеме виновни за крв (Дела 20:26, 27). Ги предупредува безбожните дека е дојден „часот на [Божјиот] суд“ (Отк. 14:6, 7). Но, најважно од сѐ, со проповедањето на добрата вест, Јеховиното име се слави по целата Земја (Пс. 113:3). Затоа, сеедно дали луѓето слушаат или не, ние мора и понатаму да ја разгласуваме пораката за Царството. Всушност, сѐ што правиме за да ја објавуваме добрата вест е нешто прекрасно во Јеховини очи (Рим. 10:13-15).

17. Што ќе мораат да признаат луѓето наскоро?

17 Иако мнозина денес не го сфаќаат сериозно нашето проповедање, наскоро ќе почнат да гледаат поинаку (Мат. 24:37-39). Јехова го уверил Езекиел дека, кога судовите што ги објавил тој ќе се извршат, бунтовничкиот дом на Израел ‚ќе знае дека меѓу нив имало пророк‘ (Езек. 2:5). Нешто слично ќе се случи кога Бог ќе ги изврши своите судови над сегашниов поредок — луѓето ќе мораат да признаат дека пораката што Јеховините сведоци ја проповедале на јавни места и од куќа до куќа навистина била од единствениот вистински Бог, Јехова, и дека тие навистина биле негови застапници. Огромна чест е да го носиме неговото име и да ја објавуваме неговата порака во овие значајни времиња! Со негова сила, да продолжиме и понатаму успешно да се справуваме со секој предизвик во службата од куќа до куќа.

Како би одговорил?

• Како можеме да собереме храброст да проповедаме?

• Што ќе ни помогне да започнеме разговор за Библијата додека сме во служба од куќа до куќа?

• Како ќе покажеме дека искрено се интересираме за другите?

• Што може да ни помогне да бидеме позитивни кон луѓето на нашето подрачје?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 9]

Како да започнеш разговор за Библијата

Како да почнеш:

◼ Откако ќе го поздравиш станарот, би можел да му дадеш еден трактат и да кажеш: „Дојдов кај Вас за да Ви кажам нешто убаво во врска со оваа важна тема“.

◼ Или, пак, би можел да му дадеш трактат и да кажеш: „Накратко дојдов кај Вас бидејќи ме интересира што мислите за оваа тема“.

Ако го земе трактатот:

◼ Без многу да чекаш, прашај го што мисли за насловот на трактатот.

◼ Слушај го внимателно и обиди се да разбереш зошто размислува така. Покажи му дека си го ислушал и земи го предвид она што го кажал додека го продолжуваш разговорот.

Како да го продолжиш разговорот:

◼ Прочитај и објасни еден или повеќе стихови, кроејќи ја својата презентација според интересите и потребите на станарот.

◼ Ако покаже интерес, понуди му литература и, ако е можно, покажи му како би можел да ја проучува Библијата. Договори се кога да дојдеш пак.