Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова нема да ги остави оние што му се лојални

Јехова нема да ги остави оние што му се лојални

Јехова нема да ги остави оние што му се лојални

„[Јехова] нема да ги остави оние што му се лојални. Тие ќе бидат заштитени за навек“ (ПС. 37:28).

1, 2. а) Кои настани во 10 век пр.н.е. ја ставиле на испит лојалноста на Божјите слуги? б) Во кои три ситуации Јехова ги заштитувал своите лојални слуги?

ДЕСЕТТИ ВЕК е пр.н.е. — време кога Јеховините слуги треба да донесат одлука. За влакно била избегната граѓанска војна така што на бунтовните израелски племиња на север им била дадена извесна мера независност. Нивниот новопоставен цар, Јеровоам, дејствува брзо за да ја зацврсти својата власт, воведувајќи нова државна религија. Тој бара од своите поданици да му се покоруваат во сѐ. Што ќе прават верните слуги на Јехова? Ќе му останат ли лојални на Богот на кој му служат? Илјадници избираат да му останат лојални на Јехова, и тој ги чува додека тие цврсто стојат на негова страна (1. Цар. 12:1-33; 2. Лет. 11:13, 14).

2 Лојалноста на Божјите слуги и денес е ставена на испит. „Бидете трезвени, бдејте“, предупредува Библијата. „Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта.“ Дали можеме успешно да му се ‚спротивставиме цврсти во верата‘? (1. Пет. 5:8, 9). Да разгледаме некои настани што се случиле во периодот кога се зацарил Јеровоам во 997 год. пр.н.е. и да видиме што можеме да научиме од нив. Во тие многу значајни времиња, Јеховините верни слуги биле угнетувани. Освен тоа, биле изложени на отпадничко влијание и вршеле тешки задачи. Во ниту една од тие ситуации, Јехова не ги напуштил своите лојални слуги, а нема да ги напушти ни денес (Пс. 37:28).

Кога се угнетувани

3. Зошто Давид не ги угнетувал своите поданици?

3 Да видиме најпрво во кои околности Јеровоам станал цар. Во Изреки 29:2 се вели: „Кога владее злиот, народот воздивнува“. Кога со древниот Израел владеел цар Давид, народот не воздивнувал. Давид не бил совршен, но му бил верен на Бог и имал доверба во него. Тој не ги угнетувал своите поданици. Јехова склучил сојуз со Давид, велејќи: „Твојот дом и твоето царство ќе траат довека. Твојот престол цврсто ќе стои довека“ (2. Сам. 7:16).

4. Од што зависеле благословите во кои уживал народот кога владеел Соломон?

4 Владеењето на Соломон, синот на цар Давид, во почетокот било толку мирољубиво и успешно што со право може да се смета за претслика на идното илјадагодишно владеење на Исус Христос (Пс. 72:1, 17). Ниту едно од 12-те племиња на Израел во тоа време немало причина да се побуни. Сепак, благословите во кои уживале Соломон и неговите поданици биле условни. Јехова му рекол на Соломон: „Ако живееш според моите одредби, ако ги извршуваш моите закони и ако се држиш за сите мои заповеди и живееш според нив, тогаш и јас ќе ги исполнам на тебе ветувањата што му ги дадов на Давид... Ќе живеам меѓу синовите на Израел и нема да го оставам својот народ Израел“ (1. Цар. 6:11-13).

5, 6. Какви биле последиците од тоа што Соломон му станал неверен на Бог?

5 На стари години, Соломон не му останал верен на Јехова и почнал да им служи на лажни богови (1. Цар. 11:4-6). Постепено престанал да се држи за Јеховините закони и почнал сѐ повеќе да ги угнетува своите поданици. Неговото владеење на крајот станало толкав товар за народот што, кога Соломон умрел, луѓето му се жалеле од него на неговиот син и наследник, Ровоам, од кого барале олеснување (1. Цар. 12:4). Како реагирал Јехова кога Соломон му станал неверен?

6 Библијата ни кажува: „Јехова се разгневи на Соломон затоа што го одврати своето срце од... Богот на Израел, кој му се покажа двапати“. Јехова му рекол на Соломон: „Затоа што... не се држеше за мојот сојуз, ниту за моите одредби што ти ги дадов, ќе го истргнам царството од тебе и ќе му го дадам на твојот слуга“ (1. Цар. 11:9-11).

7. Иако го отфрлил Соломон, како Јехова се погрижил за своите лојални слуги?

7 Потоа Јехова го испратил пророкот Ахија да помаза човек кој ќе го избави народот од угнетувањето на Соломон. Тој избавител бил Јеровоам, способен човек кој дотогаш му служел на Соломон. Иако Јехова не го раскинал сојузот за Царство што го склучил со Давид, сепак одобрил 12-те племиња да се поделат во две групи. Десет племиња му биле дадени на Јеровоам, а две останале во семејната лоза на Давид, која сега ја претставувал цар Ровоам (1. Цар. 11:29-37; 12:16, 17, 21). Јехова му рекол на Јеровоам: „Ако послушаш сѐ што ќе ти заповедам и ако одиш по моите патишта и ако го правиш она што е исправно во мои очи, држејќи ги моите одредби и моите заповеди, како што го правеше тоа Давид, мојот слуга, јас ќе бидам со тебе и ќе ти изградам траен дом, како што му изградив на Давид, и ќе ти го дадам Израел“ (1. Цар. 11:38). Јехова дејствувал во интерес на својот народ и отворил пат за да им донесе олеснување од угнетувањето.

8. Со какви тешки испити се соочува Божјиот народ денес?

8 Денес угнетувањето и неправдите се секојдневие. „Човек владее над човек на негова штета“, стои во Проповедник 8:9. Алчното трговско работење и корумпираните влади можат да предизвикаат тешки економски услови во земјата. Владејачките лидери, како и водечките бизнисмени и верски лица честопати се лош пример во однос на моралот. Затоа, слично на праведниот Лот, и Божјите лојални слуги денес ‚страдаат поради бесрамните дела на дрските беззаконици‘ (2. Пет. 2:7). Освен тоа, иако мирољубиво се трудиме да живееме според Божјите мерила, честопати сме прогонувани од страна на горделиви владетели (2. Тим. 3:1-5, 12).

9. а) Што направил веќе Јехова за да го избави својот народ? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус секогаш ќе му биде лојален на Бог?

9 Сепак, можеме да бидеме уверени во оваа непобитна вистина: Јехова нема да ги напушти оние што му се лојални! Помисли само на чекорите што досега ги презел за да ги отстрани и замени расипаните владетели на светот. Веќе е воспоставено Божјето месијанско Царство на чело со Христос Исус. Исус Христос владее од небото речиси сто години. Наскоро ќе им донесе потполно олеснување на оние што се бојат од Божјето име. (Прочитај Откровение 11:15-18.) Исус веќе му останал лојален на Бог до смрт. Тој никогаш нема да ги разочара своите поданици, како што ги разочарал Соломон (Евр. 7:26; 1. Пет. 2:6).

10. а) Како може да покажеме дека Божјето Царство многу ни значи? б) Во што можеме да бидеме уверени кога ќе се најдеме во неволја?

10 Божјето Царство е вистинска влада која ќе му стави целосен крај на угнетувањето. Ние треба да му бидеме верни на Јехова Бог и на неговото Царство. Со потполна доверба во Царството, ние ја отфрламе безбожноста на светот и ревносно правиме добри дела (Тит 2:12-14). Се трудиме да останеме неизвалкани од овој свет (2. Пет. 3:14). Сеедно со какви неволји се соочуваме сега, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ заштити кога верата ќе ни биде нападната. (Прочитај Псалм 97:10.) Освен тоа, Псалм 116:15 нѐ уверува: „Скапоцена е во очите на Јехова смртта на оние што му се лојални“. Оние што му служат се толку скапоцени за Јехова што тој никогаш нема да дозволи да бидат уништени како група.

Кога сме изложени на отпадничко влијание

11. Како Јеровоам станал неверен?

11 Владеењето на цар Јеровоам можело да му донесе извесно олеснување на Божјиот народ. Но, наместо тоа, со своето постапување, тој одново ја ставил на испит лојалноста на Израелците кон Бог. Незадоволен од честа и од царската положба што веќе му биле дадени, Јеровоам се трудел да изнајде начини да ја зајакне својата позиција. Тој почнал да размислува: „Ако овој народ продолжи да оди во Ерусалим да принесува жртви во Јеховиниот дом, срцето на овој народ ќе му се врати на нивниот господар Ровоам, царот на Јуда, па ќе ме убијат и ќе му се вратат на Ровоам, царот на Јуда“. Затоа решил да воведе нова религија во чие средиште било обожавањето на две златни телиња. „Едното го постави во Ветил, а другото во Дан“, вели Библијата. „Тоа беше повод за грев, и народот одеше кај едното теле дури до Дан. Тој направи светилиште, височинка, и за свештеници постави луѓе од обичниот народ, кои не беа од синовите на Леви.“ Јеровоам дури измислил и сопствен ‚празник за Израеловите синови и принесувал жртви на жртвеникот и ги горел‘ (1. Цар. 12:26-33).

12. Што сториле Божјите лојални слуги од северното царство кога Јеровоам го вовел обожавањето на телиња во Израел?

12 Што можеле да направат сега лојалните слуги на Бог кои живееле во северното царство? Исто како своите верни прататковци, левитите што живееле во градовите кои им биле дадени на подрачјето на северното царство не губеле време (2. Мој. 32:26-28; 4. Мој. 35:6-8; 5. Мој. 33:8, 9). Оставајќи го своето наследство, тие се преселиле со своите семејства на југ во Јуда, каде што можеле без пречки да продолжат да му служат на Јехова (2. Лет. 11:13, 14). Други Израелци што привремено живееле во Јуда решиле засекогаш да останат таму и да не се враќаат дома (2. Лет. 10:17). Јехова се погрижил да остане отворен патот за сите оние што сакале да му служат на исправен начин, и така да можат и други Израелци од следните генерации кои останале во северното царство да престанат да им се клањаат на телињата и да се вратат во Јуда (2. Лет. 15:9-15).

13. Како отпадничкото влијание го става на испит Божјиот народ во нашево време?

13 На Божјиот народ денес му се заканува опасност од влијанието на отпадниците. Некои владетели се обидуваат да воспостават свој облик на државна религија и да ги принудат своите поданици да ја прифатат. Свештенството во христијанскиот свет и други горделиви лица тврдат дека тие се избрани од Бог да служат како свештеници во Неговиот голем духовен храм. Но, само меѓу вистинските христијани има вистински помазаници, кои го сочинуваат ‚царското свештенство‘ (1. Пет. 2:9; Отк. 14:1-5).

14. Како треба да реагираме на отпадничките идеи?

14 Исто како верните левити во 10 век пр.н.е., Божјите лојални слуги денес не дозволуваат да бидат измамени од идеите на отпадниците. Помазаниците и нивните христијански придружници брзо ги препознаваат и ги отфрлаат отпадничките идеи. (Прочитај Римјаните 16:17.) Иако спремно им се подложуваме на световните власти, ние заземаме неутрален став кон светските конфликти и му остануваме лојални на Божјето Царство (Јован 18:36; Рим. 13:1-8). Ги отфрламе лажните изјави на оние што тврдат дека му служат на Бог, а истовремено го срамат со своето однесување (Тит 1:16).

15. Зошто „верниот и разборит роб“ заслужува да му бидеме лојални?

15 Размисли и за тоа дека Јехова, во симболична смисла, им овозможува на искрените лица да се иселат од злобниот свет и да се населат во духовниот рај што го создал тој (2. Кор. 12:1-4). Со срца полни со благодарност, ние остануваме близу до „верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време“. Христос го поставил овој роб „над целиот свој имот“ (Мат. 24:45-47). Според тоа, дури и ако лично не разбираме зошто верниот роб зазема некој став кон некоја работа, тоа не е никаква причина да го отфрлиме или да се вратиме во Сатановиот свет. Напротив, лојалноста ќе нѐ тера да постапуваме понизно и да чекаме Јехова да ни ги разјасни работите.

Кога вршиме задачи што ни ги доверил Бог

16. Каква задача добил еден пророк од Јуда?

16 Јехова го осудил Јеровоам поради неговото отпадничко однесување. Затоа испратил пророк од Јуда да појде на север до Ветил и да излезе пред Јеровоам кога овој цар служел покрај жртвеникот. Пророкот требало да му пренесе страшна порака на осуда на Јеровоам. Ова сигурно не била лесна задача (1. Цар. 13:1-3).

17. Како Јехова го заштитил својот гласник?

17 Јеровоам се разбеснил кога ја слушнал Јеховината осуда. Ја испружил раката кон Божјиот претставник и повикал кон луѓето што стоеле во близина: „Фатете го!“ Но, во тој миг, пред да може некој да мрдне со прст, ‚раката што ја испружил кон оној човек му се исушила и не можел повеќе да ја повлече кон себе. А жртвеникот се распаднал и се истурила мрсната пепел од жртвеникот‘. Јеровоам бил принуден да го моли пророкот да го смилостиви лицето на Јехова за да му оздрави исушената рака. Пророкот се помолил, и раката на Јеровоам оздравела. Така Јехова го заштитил својот гласник (1. Цар. 13:4-6).

18. Како нѐ чува Јехова додека му служиме без страв?

18 Додека лојално проповедаме и ги поучуваме другите за Библијата, понекогаш наидуваме на непријателска реакција (Мат. 24:14; 28:19, 20). Сепак, не смееме никогаш да дозволиме стравот дека ќе нѐ одбијат да ни ја задуши ревноста за службата. Исто како неименуваниот пророк од времето на Јеровоам, имаме чест „бестрашно да му служиме [на Јехова] во лојалност“ * (Лука 1:74, 75). Иако не очекуваме Јехова да ни помага правејќи чуда денес, тој сѐ уште нѐ чува и ни помага со својот свет дух и со ангелите бидејќи сме негови Сведоци. (Прочитај Јован 14:15-17; Откровение 14:6.) Бог никогаш нема да ги напушти оние што без страв ја зборуваат неговата Реч (Фил. 1:14, 28).

Јехова ќе ги чува оние што му се лојални

19, 20. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова никогаш нема да нѐ напушти? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?

19 Јехова е нашиот лојален Бог (Отк. 15:4; 16:5). Тој е „лојален во сите свои дела“ (Пс. 145:17). А Библијата нѐ уверува: „[Тој] го чува патот на оние што му се лојални“ (Изр. 2:8). Кога се соочуваат со испити или со отпаднички идеи, или кога вршат тешки задачи, Божјите лојални слуги можат да бидат уверени дека Јехова ќе им даде водство и ќе им помага.

20 Она за кое секој од нас треба да размисли сега е следново: Што ќе ми помогне да му останам лојален на Јехова без оглед на испитите или искушенијата со кои можеби ќе се соочам? Со други зборови, како да бидам уште поодлучен да му останам лојален на Бог?

[Фуснота]

^ пас. 18 Во следната статија ќе разгледаме дали пророкот му останал послушен на Јехова и што се случило подоцна со него.

Како би одговорил?

• Како покажал Јехова дека не ги напушта оние што му се лојални кога ќе доживеат угнетување?

• Како треба да реагираме на отпадниците и на нивните идеи?

• Како Јехова ги чува своите лојални слуги кога тие учествуваат во христијанската служба?

[Прашања]

[Карта/слика на страница 5]

(Види во публикацијата)

СЕВЕРНО ЦАРСТВО (Јеровоам)

Дан

СИХЕМ

Ветил

ЈУЖНО ЦАРСТВО (Ровоам)

ЕРУСАЛИМ

[Слика]

Јехова не ги напуштил своите лојални слуги кога Јеровоам го вовел обожавањето на телиња

[Слика на страница 3]

Благословите во кои уживале Соломон и неговите поданици биле условни