Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Остани лојален и со неподелено срце

Остани лојален и со неподелено срце

Остани лојален и со неподелено срце

„Ќе одам во твојата вистина. Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име!“ (ПС. 86:11).

1, 2. а) Според Псалм 86:2, 11, што ќе ни помогне да му останеме верни на Јехова кога ќе се соочиме со испити или искушенија? б) Уште кога треба да се трудиме со цело срце да му бидеме лојални на Јехова?

ЗОШТО некои христијани, кои биле верни со години и покрај тоа што биле затворани или прогонувани, подоцна паѓаат во замката на материјализмот? Одговорот е поврзан со нашето симболично срце — она што навистина сме однатре. Псалм 86 покажува дека постои многу тесна врска меѓу лојалноста и неподеленото срце. „Чувај ми ја душата, зашто сум ти лојален“, се молел псалмистот Давид. „Ти си мојот Бог — спаси го својот слуга, кој има доверба во тебе!“ Давид исто така го молел Бог: „Поучи ме, о Јехова, за својот пат! Ќе одам во твојата вистина. Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име!“ (Пс. 86:2, 11).

2 Ако немаме доверба во Јехова со сето свое срце, другите грижи и желби лесно можат да ја поткопаат нашата лојалност кон вистинскиот Бог. Себичните желби се како копнени мини што се скриени на патот по кој одиме. Иако можеби сме му останале верни на Јехова во тешки околности, сепак би можеле да паднеме во сатанските замки или стапици. Колку е важно да се трудиме со цело срце да му бидеме лојални на Јехова уште сега, пред да се соочиме со испити или искушенија! „А од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето“, вели Библијата (Изр. 4:23). Во врска со оваа работа, можеме да извлечеме скапоцени поуки од она што му се случило на пророкот од Јуда кого Јехова го испратил кај израелскиот цар Јеровоам.

‚Ќе ти дадам подарок‘

3. Како реагирал Јеровоам на пораката на осуда што му ја пренел Божјиот пророк?

3 Замисли си ја сцената. Божјиот човек само што му пренел порака на осуда на цар Јеровоам, кој вовел обожавање на телиња во северното десетплеменско царство Израел. Царот е бесен и им заповеда на своите слуги да го фатат гласникот. Но, Јехова е со својот слуга. Во истиот момент, раката што царот гневно ја испружил се суши преку чудо, а жртвеникот што служи за обожавање на лажен бог се распаѓа. Наеднаш Јеровоам го менува своето однесување и почнува да го моли Божјиот човек: „Смилостиви го, те молам, лицето на Јехова, својот Бог, и моли се за мене да ми оздрави раката“. Пророкот се моли, и раката на царот оздравува (1. Цар. 13:1-6).

4. а) Зошто понудата на царот била вистински испит на лојалноста на пророкот? б) Што одговорил пророкот?

4 Тогаш Јеровоам му вели на Божјиот човек: „Дојди со мене дома за да се поткрепиш, а ќе ти дадам и подарок“ (1. Цар. 13:7). Што ќе направи пророкот сега? Треба ли да го одбие гостопримството на царот со оглед на тоа што му пренел порака на осуда? (Пс. 119:113). Или, пак, треба да ја прифати поканата на царот затоа што, по сѐ изгледа, тој се кае? Јеровоам сигурно може да ги опсипе своите пријатели со скапи подароци. Доколку Божјиот пророк има каква и да било скриена желба за материјални работи, веројатно понудата на царот ќе му претставува големо искушение. Но, Јехова му заповедал: „Не јади и не пиј, и не враќај се по патот по кој си дошол!“ Затоа пророкот решително одговара: „Да ми дадеш половина од куќата, не би пошол со тебе, ниту би јадел, ниту би пиел на ова место“. И, си заминува од Ветил по друг пат (1. Цар. 13:8-10). Што учиме од одлуката на пророкот во врска со искрената лојалност? (Рим. 15:4).

„Да бидеме задоволни“

5. Како материјализмот може да биде испит на лојалноста?

5 Иако на прв поглед се чини дека материјализмот нема врска со лојалноста, сепак има. Дали имаме доверба дека Јехова ќе го исполни своето ветување и ќе ни го даде она што навистина ни треба? (Мат. 6:33; Евр. 13:5). Наместо да се трудиме по секоја цена да добиеме одредени луксузи во животот кои моментално ни се недостижни, дали би можеле да поминеме и без нив? (Прочитај Филипјаните 4:11-13.) Дали сме на искушение да правиме помалку во собранието или во службата за Јехова само за да го добиеме она што го сакаме сега? Дали лојалната служба за Јехова е на прво место во нашиот живот? Нашиот одговор во голема мера зависи од тоа дали со цело срце му служиме на Јехова или не. Апостол Павле напишал: „Оддаденоста на Бог е извор на голема добивка, кога човек е задоволен со она што го има. Зашто, ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме од него. Значи, ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тим. 6:6-8).

6. Какви „дарови“ би можеле да ни бидат понудени, и што ќе ни помогне да одлучиме дали да ги прифатиме?

6 На пример, можеби нашиот работодавач ќе ни понуди унапредување со подобра плата и други поволности. Или, пак, гледаме дека може да заработуваме повеќе ако најдеме работа во некоја соседна земја или во друг дел од светот и ако се преселиме таму. Во почетокот, можеби ќе ни се чини дека таквата шанса е благослов од Јехова. Но, пред да ја прифатиме, зарем нема да биде добро да ги преиспитаме своите мотиви? Најважното прашање треба да биде: „Како мојата одлука ќе влијае врз моето пријателство со Јехова?“

7. Зошто е важно да ги искорениме материјалистичките желби?

7 Сатановиот свет неуморно го поттикнува материјализмот кај луѓето. (Прочитај 1. Јованово 2:15, 16.) Целта на Ѓаволот е да го расипе нашето срце. Затоа, треба будно да внимаваме за да ги препознаеме и да ги искорениме од нашето срце материјалистичките желби (Отк. 3:15-17). На Исус не му било проблем да го одбие Сатана кога му ги понудил сите царства на светот (Мат. 4:8-10). Тој предупредил: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Лојалноста ќе ни помогне да се потпираме на Јехова наместо да имаме доверба во себеси.

Еден стар пророк ‚го излажал‘

8. Како била испитана лојалноста на Божјиот пророк?

8 Сѐ ќе било во ред за Божјиот пророк да си продолжел по патот до дома. Но, речиси веднаш потоа тој се соочува со уште еден испит. Библијата вели: „Во Ветил живееше еден стар пророк, чии синови дојдоа и му раскажаа за сѐ“ што се случило. Стариот пророк ги слуша до крај, и тогаш бара од нив да му го оседлаат магарето за да го стигне Божјиот пророк. Набрзо, го наоѓа пророкот како се одмора под едно големо дрво и му вели: „Појди со мене дома за да јадеш нешто“. Кога Божјиот човек ја одбива поканата, старецот му вели: „И јас сум пророк како и ти, и ангел ми се обрати според Јеховината реч, велејќи: ‚Врати го кај себе дома за да јаде и да пие‘“. Но, Библијата вели: „Тој го излажа“ (1. Цар. 13:11-18).

9. Што вели Библијата за лицата што се служат со лаги, и кого го повредуваат тие?

9 Сеедно од каков мотив го направил тоа, стариот пророк лажел. Можеби едно време тој му бил верен пророк на Јехова. Но, во овој момент лажел. Библијата строго го осудува таквото постапување. (Прочитај Изреки 6:16, 17.) Лицата што се служат со лаги си го нарушуваат својот однос со Јехова, но честопати им наштетуваат и на другите.

„Тој се врати со“ старецот

10. Како реагирал Божјиот пророк на поканата од старецот, и каков бил исходот?

10 Пророкот од Јуда требало да ја проѕре измамата на стариот пророк. Можел да се праша: ‚Зошто Јехова би му пратил ангел на друг човек со нови упатства за мене?‘ Пророкот можел да го замоли Јехова да му ги објасни упатствата, но Библијата не кажува дека направил такво нешто. Наместо тоа, се вратил со старецот во неговата куќа за да јаде и да пие. Ова не му било по волја на Јехова. Кога измамениот пророк на крајот тргнал кон Јуда, му излегол еден лав и го убил. Колку трагичен крај на неговата пророчка служба! (1. Цар. 13:19-25). *

11. Каков добар пример дал Ахија?

11 Од друга страна, пророкот Ахија, кој бил испратен да го помаза Јеровоам за цар, останал верен до својата длабока старост. Кога Ахија веќе бил стар и слеп, Јеровоам ја испратил својата жена да го праша што ќе се случи со нивниот болен син. Ахија смело претскажал дека синот на Јеровоам ќе умре (1. Цар. 14:1-18). Еден од многуте благослови што ги добил Ахија било и тоа што дал свој придонес за Божјата вдахновена реч. Како? Подоцна свештеникот Езра ги употребил неговите списи како извор на некои информации (2. Лет. 9:29).

12-14. а) Што можеме да научиме од случката со помладиот пророк? б) Наведи примери за тоа кога треба внимателно и под молитва да се размисли за библиските совети што ги даваат старешините.

12 Библијата не кажува зошто помладиот пророк не го распрашал Јехова пред да се врати назад за да јаде и да пие кај старецот. Можно ли е старецот да му го кажал она што тој сакал да го чуе? Што учиме ние од тоа? Мора да бидеме апсолутно уверени дека, штом Јехова бара нешто од нас, тоа мора да е исправно. И, мора да бидеме решени да ги исполнуваме неговите барања, сеедно што ќе се случи.

13 Некои, кога им се дава совет, го слушаат само она што сакаат да го чујат. На пример, можеби на еден објавител му се пружа можност да најде работа која ќе му го одземе времето што обично го поминува со семејството или го користи за теократски активности. Можеби ќе праша некој старешина за совет. Веројатно, во почетокот на разговорот, старешината ќе му каже на братот дека тој не може да одлучува наместо него како да си го издржува семејството. Потоа можеби ќе поразговара со него за духовните опасности во кои може да се најде тој и семејството доколку ја прифати работата што му се нуди. Дали братот ќе ги запамти само првите зборови на старешината или сериозно ќе подразмисли за она што му го кажува потоа? Очигледно, братот треба да одлучи што ќе биде најдобро за него во духовен поглед.

14 Размисли и за друга можна ситуација. Една сестра можеби ќе праша некој старешина дали би требало да се одвои од својот сопруг, кој не е Сведок. Старешината сигурно ќе ѝ објасни дека самата треба да одлучи дали да се одвои од сопругот или не. Веројатно потоа ќе разгледа заедно со неа кои совети ги дава Библијата по тоа прашање (1. Кор. 7:10-16). Дали сестрата добро ќе размисли за она што ѝ го вели старешината? Или веќе има одлучено да го остави сопругот? Кога ќе донесува одлука, мудро е под молитва да размисли за библиските совети.

Биди скромен

15. Што учиме од грешката на Божјиот пророк?

15 Што друго можеме да научиме од грешката на пророкот од Јуда? Изреки 3:5 вели: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум“. Наместо и понатаму да се потпира на Јехова како што правел порано, во оваа ситуација пророкот од Јуда имал доверба во својата сопствена проценка. За својата грешка платил со живот и си го уништил доброто име кај Јехова. Неговото искуство силно нагласува колку е важно да бидеме скромни и лојални додека му служиме на Јехова!

16, 17. Што ќе ни помогне да му останеме лојални на Јехова?

16 Нашето себично срце има склоност да нѐ турка во погрешен правец. „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Ерем. 17:9). За да му останеме лојални на Јехова, мора и понатаму да се напрегаме да ја соблечеме старата личност која е склона да си зема преголема слобода и има претерана самодоверба. И мора да ја облечеме новата личност, „која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“. (Прочитај Ефешаните 4:22-24.)

17 „Мудроста е кај скромните“, се вели во Изреки 11:2. Ако скромно се потпираме на Јехова, полесно ќе можеме да ги избегнеме сериозните грешки. На пример, обесхрабрувањето лесно може да го искриви нашето просудување (Изр. 24:10). Би можеле да се измориме од вршењето на некој аспект од светата служба и да почнеме да мислиме дека сме направиле доволно низ годините и дека можеби сега е време други да го понесат товарот. Или, би можеле да посакаме да живееме „понормален“ живот. Но, ако ‚силно се напрегаме‘ и ако сме „секогаш зафатени во делото на Господарот“, ќе си го зачуваме срцето (Лука 13:24; 1. Кор. 15:58).

18. Што да правиме ако не знаеме каква одлука да донесеме?

18 Понекогаш можеби ќе треба да донесеме важни одлуки кога нема да е толку јасно што би било најдобро да направиме. Дали тогаш ќе се најдеме на искушение да ги земеме работите во свои раце? Секогаш кога ќе се најдеме во такви ситуации, би било мудро да го молиме Јехова да ни помогне. Во Јаков 1:5 стои: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно“. Нашиот небесен Татко ќе ни го даде светиот дух што ни е потребен за да донесеме добри одлуки. (Прочитај Лука 11:9, 13.)

Биди решен да останеш лојален

19, 20. На што треба да бидеме решени?

19 Во немирните години кои следеле откако Соломон отстапил од вистинскиот Бог, Божјите слуги се соочиле со голем испит на лојалноста. Мнозина од нив направиле компромис на ваков или таков начин. Сепак, имало поединци што му останале лојални на Јехова.

20 Секој ден се соочуваме со одлуки што ја ставаат на испит нашата лојалност. И ние можеме да покажеме дека сме му верни на Бог. Да му останеме секогаш лојални на Јехова и со неподелено срце, потполно уверени дека тој ќе продолжи да ги благословува оние што му се верни (2. Сам. 22:26).

[Фуснота]

^ пас. 10 Библијата не кажува дали подоцна Јехова го казнил стариот пророк со смрт.

Како би одговорил?

• Зошто треба да се напрегаме да ги искорениме од нашето срце материјалистичките желби?

• Што ќе ни помогне да му останеме лојални на Јехова?

• Како може скромноста да ни помогне да му останеме лојални на Бог?

[Прашања]

[Слики на страница 9]

Дали ти е тешко да им се спротивставиш на искушенијата?

[Слики на страница 10]

Дали под молитва ќе размислиш за советите од Библијата?