Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Да се стремиме кон она што придонесува за мир“

„Да се стремиме кон она што придонесува за мир“

„Да се стремиме кон она што придонесува за мир“

Е ДЕН штотуку поплочен тротоар може да изгледа толку цврст и непропустлив што ќе одолее на секакви надворешни влијанија. Сепак, со текот на времето, на него можат да се појават пукнатини и дупки. Тогаш е неопходно да се поправи со цел да се зачува, а и понатаму да биде безбеден за пешаците.

На сличен начин, нашите односи со другите повремено можат да се затегнат, па дури и да „пукнат“. Апостол Павле признал дека христијаните во Рим имале различни ставови по некои прашања. Затоа ги советувал: „Да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Рим. 14:13, 19). Зошто е неопходно „да се стремиме кон она што придонесува за мир“? Како можеме храбро и успешно да го правиме тоа?

Зошто да се стремиме кон мир?

Ако не се обрне внимание, малите пукнатини на тротоарот можат да се претворат во опасни дупки. Слично на ова, може да биде опасно и ако не ги расчистуваме меѓусебните недоразбирања. Апостол Јован напишал: „Ако некој каже: ‚Го сакам Бог‘, а го мрази својот брат, тој е лажливец. Зашто, кој не го сака својот брат, кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јов. 4:20). Некое нерасчистено несогласување меѓу двајца христијани на крајот може да води до тоа едниот да го замрази другиот.

Исус Христос покажал дека Бог нема да ја прифати нашата служба ако не сме во мир со другите. Тој ги поучил своите ученици: „И така, ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Мат. 5:23, 24). Значи, главна причина зошто треба да се стремиме кон мир е тоа што сакаме да му угодиме на Јехова Бог. *

Од една ситуација во собранието во Филипи дознаваме уште една причина зошто да се стремиме кон мир. Помеѓу две христијански сестри, Еводија и Синтихија, постоел некаков проблем, кој очигледно се заканувал да го наруши мирот на целото собрание (Фил. 4:2, 3). За нерасчистените недоразбирања можат многу брзо да дознаат и други браќа и сестри. Желбата да ги зачуваме љубовта и единството што владеат во собранието нѐ поттикнува да се стремиме кон мир со соверниците.

„Среќни се миротворците“, рекол Исус (Мат. 5:9). Ако се стремиме кон мир, ќе бидеме задоволни и радосни. Освен тоа, мирот придонесува за подобро здравје, бидејќи „мирното срце е живот за телото“ (Изр. 14:30). Но, ако подолго време чувствуваме огорченост, постои поголема опасност и дословно да се разболиме.

Иако повеќето христијани се согласуваат дека е неопходно да се стремиме кон мир, можеби лично не знаеш како да расчистиш некое недоразбирање што го имаш со некого. Да разгледаме неколку библиски начела што можат да ни користат во овој поглед.

Со смирен разговор може да се обнови мирот

Малите пукнатини на тротоарот честопати можат да се поправат така што оштетеното место ќе се пополни и ќе се покрие. Дали е можно и ние да им простиме на нашите браќа и да ги „покриеме“ нивните ситни пропусти? Веројатно така ќе можеме да решиме многу недоразбирања, бидејќи апостол Петар напишал дека „љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Пет. 4:8).

Меѓутоа, понекогаш некој проблем ни се чини толку сериозен што едноставно не можеме да го игнорираме. Размисли за она што им се случило на Израелците кратко откако ја зазеле Ветената земја. Пред да прејдат од другата страна на реката Јордан, „синовите на Рувим, синовите на Гад и половината племе на Манасија“ подигнале ‚еден голем и многу уочлив жртвеник‘. Другите израелски племиња помислиле дека тие ќе го користат тој жртвеник за идолопоклонство и не можеле едноставно да го игнорираат проблемот. Затоа се подготвиле за војна (Ис. Нав. 22:9-12).

Некои Израелци можеби сметале дека веќе има доволно докази против нивните браќа и дека, ако ги нападнат ненадејно, ќе поминат со помалку жртви. Сепак, наместо да постапат избрзано, племињата западно од Јордан испратиле претставници да разговараат за проблемот со своите браќа. Тие ги прашале: „Какво е тоа неверство што му го правите на Богот на Израел? Зошто сте се одвратиле денес од Јехова?“ Всушност, племињата што го направиле жртвеникот не постапиле неверно. Но, како ќе реагираат на едно такво обвинение? Дали ќе им се развикаат на оние што ги обвинуваат или ќе одбијат да разговараат со нив? Обвинетите племиња постапиле благо, но јасно кажале дека тоа што го направиле, всушност, било од желба да му служат на Јехова. Со својот одговор, тие си го зачувале своето пријателство со Бог и спречиле да се пролее крв. Смирениот разговор помогнал да се расчисти проблемот и да се обнови мирот (Ис. Нав. 22:13-34).

Пред да преземат драстични мерки, другите Израелци мудро разговарале за тој проблем со племињата на Рувим и на Гад и со половината племе на Манасија. „Немој брзо да се навредуваш, зашто навредливоста почива во пазувите на безумните“, вели Божјата реч (Проп. 7:9). Библијата советува да ги расчистуваме сериозните несогласувања со смирен и отворен разговор. Дали воопшто можеме да очекуваме Јехова да нѐ благословува ако негуваме огорченост и не му пристапуваме на лицето за кое мислиме дека ни згрешило?

А како ќе реагираме ние ако некој сохристијанин ни пристапи да ни каже дека сме го навредиле, па дури и ако лажно нѐ обвини за нешто? „Благиот одговор го смирува гневот“, вели Библијата (Изр. 15:1). Обвинетите израелски племиња го објасниле својот став благо, но јасно, и на тој начин ги смириле страстите во оваа прилично бурна средба со своите браќа. Сеедно дали ние му пристапуваме на некој брат или тој ни изнесува некој проблем, би можеле да се прашаме: ‚Со кои зборови, тон на гласот и однесување најверојатно ќе придонесеме за мир?‘

Мудро користи го својот јазик

Јехова разбира дека имаме потреба да си ги кажеме работите што нѐ тиштат. Но, ако не расчистиме некое недоразбирање, веројатно ќе паднеме во искушение да му се довериме некому. Долготрајната огорченост може лесно да води до критизирање. Во врска со неисправното користење на јазикот, Изреки 11:11 вели: „Со устата на злите [градот] се разорува“. Нешто слично ќе се случи ако не пазиме што зборуваме за некој сохристијанин — би можеле да го нарушиме мирот во собранието, кое е како еден град.

Сепак, да се стремиме кон мир не значи да не зборуваме ништо за нашите браќа и сестри. Апостол Павле ги советувал соверниците: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста“. Но, потоа додал: „Туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист... А бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг“ (Еф. 4:29-32). Ако ти пристапи брат кого си го навредил со своите зборови или однесување, зарем нема да ти биде полесно да му се извиниш и да се смириш со него ако претходно тој зборувал убаво за тебе пред другите? Значи, ако имаме навика да зборуваме убаво за соверниците, ќе ни биде полесно да се смириме со нив кога ќе дојде до некое недоразбирање (Лука 6:31).

Служете му на Бог сложно

Како несовршени луѓе, склони сме да се тргаме настрана од оние што нѐ навредиле и да се повлекуваме. Но, тоа не е мудро (Изр. 18:1). Како обединет народ што го повикува името на Јехова, ние сме решени ‚да му служиме сложно‘ (Соф. 3:9).

Тоа што другите не зборуваат или не постапуваат исправно никогаш не треба да нѐ наведе да му служиме на вистинскиот Бог со помала ревност. Само неколку дена пред да ги замени жртвите во храмот со својата жртва и кратко откако отворено ги осудил книжниците, Исус забележал како една сиромашна вдовица ‚пуштила сѐ што имала за живот‘ во едно храмско ковчеже за прилози. Дали Исус се обидел да ја спречи? Напротив, тој ја пофалил затоа што со тоа му дала верна поддршка на Јеховиното собрание во тоа време (Лука 21:1-4). Тоа што другите не постапувале праведно не значело дека и самата не требало да ја изврши својата должност и да го поддржи обожавањето на Јехова.

Иако можеби мислиме дека некој христијански брат или сестра не постапува исправно, па дури и дека постапува неправедно, како ќе реагираме? Дали ќе дозволиме тоа да влијае врз службата што со сета душа му ја вршиме на Јехова? Или, пак, храбро ќе преземеме чекори да го расчистиме секое недоразбирање со цел да го зачуваме скапоцениот мир на Божјето собрание денес?

Библијата нѐ советува: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Рим. 12:18). Да бидеме решени да го послушаме овој совет, и така да останеме на патот што води во живот!

[Фуснота]

^ пас. 6 Во врска со Исусовиот совет запишан во Матеј 18:15-17, види ја Стражарска кула од 15 октомври 1999, страници 17-22.

[Слика на страница 17]

Еводија и Синтихија требало да се стремат кон мир

[Слика на страница 18]

Со кои зборови, тон на гласот и однесување најверојатно ќе го зачуваме мирот?