Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Задржи библиско гледиште за здравјето и лекувањето

Задржи библиско гледиште за здравјето и лекувањето

Задржи библиско гледиште за здравјето и лекувањето

„Сакај го Јехова, својот Бог... со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (МАР. 12:30)

1. Каква била Божјата првобитна намера со луѓето?

ЈЕХОВА БОГ никогаш немал намера луѓето да се разболуваат и да умираат. Тој ги сместил Адам и Ева во градината Еден, односно во рајот на милината, ‚за да ја обработуваат и да се грижат за неа‘, и тоа не само 70 или 80 години, туку засекогаш (1. Мој. 2:8, 15; Пс. 90:10). Ако му останела верна на Јехова и ако од љубов ѝ се подложела на неговата власт, таа прва човечка двојка никогаш немало да искуси слабо здравје, немоќ и смрт.

2, 3. а) Како е опишана староста во книгата Проповедник? б) Кој е виновен за смртта наследена од Адам, и како ќе бидат поништени последиците од неа?

2 Во Проповедник 12. поглавје ни е даден многу жив опис на ‚злите денови‘ со кои е проследено стареењето на несовршените луѓе. (Прочитај Проповедник 12:1-7.) Седата коса е споредена со „бадемот... во цвет“. Нозете се споредени со „јунаци“ кои се поднаведнуваат и треперат. Жените кои гледаат низ прозорецот за да видат светлина, но наидуваат само на темнина, се соодветен опис на очите кои полека го губат видот. Како што забите паѓаат еден по еден, ‚мелничарките престануваат да работат, зашто ги има малку‘.

3 Нозе што треперат, сѐ послаб вид и вилици без заби во никој случај не биле дел од Божјата првобитна намера со луѓето. Всушност, смртта што сме ја наследиле од Адам е едно од „делата на Ѓаволот“, кои Божјиот Син ќе ги уништи преку своето месијанско Царство. Апостол Јован напишал: „Затоа дојде Синот Божји, да ги уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јов. 3:8).

Нормално е да се грижиме во разумна мера

4. Зошто Јеховините слуги се грижат за своето здравје во разумна мера, но, сепак, за што се свесни?

4 Денес некои Јеховини слуги се соочуваат со проблеми што ги носи староста или болестите, кои се вообичаени за грешните луѓе. Во таква ситуација е нормално, па дури и корисно, да се грижиме за нашето здравје во разумна мера. Зарем не сакаме да му служиме на Јехова „со сета своја сила“? (Мар. 12:30). Но, додека се трудиме колку што можеме да си го чуваме здравјето, треба да бидеме реални и свесни дека, всушност, не можеме да сториме многу за да го забавиме стареењето или потполно да ги спречиме болестите.

5. Која поука можеме да ја извлечеме од начинот на кој верните Божји слуги се справувале со разни болести?

5 Многу верни Јеховини слуги морале да се борат со здравствени проблеми. Еден од нив бил Епафродит (Фил. 2:25-27). Тимотеј, верниот соработник на апостол Павле, честопати имал проблеми со желудникот, па затоа Павле го советувал да пие „по малку вино“ (1. Тим. 5:23). Самиот Павле морал да се бори со „трн во телото“ — можеби некоја болест на очите или друга физичка немоќ за која немало лек во тоа време (2. Кор. 12:7; Гал. 4:15; 6:11). Апостол Павле горливо го молел Јехова во врска со својот „трн во телото“. (Прочитај 2. Коринќаните 12:8-10.) Бог не го отстранил тој „трн“ со чудо. Наместо тоа, му дал сила за да го поднесува. На тој начин, во слабоста на Павле, Јехова ја покажал својата сила. Зар не учиме нешто од овој пример?

Не биди претерано загрижен за своето здравје

6, 7. Зошто не треба претерано да се грижиме за здравјето?

6 Како што знаеме, Јеховините сведоци прифаќаат лекарска помош и различни начини на лекување. Нашето списание Разбудете се! честопати содржи статии поврзани со здравјето. И, иако не се залагаме за некој посебен третман, ја цениме помошта и соработката од медицинските лица. Се разбира, свесни сме дека сѐ уште не можеме да имаме совршено здравје. Според тоа, знаеме дека е мудро да не дозволиме да се преокупираме со здравјето и тоа да ни стане опсесија. Треба да имаме поинаков став од оние што се „без надеж“, кои мислат дека овој живот е сѐ што имаме и кои се спремни да прифатат секакво лекување само за да оздрават (Еф. 2:2, 12). Решени сме да не ја изгубиме Јеховината милост трудејќи се да си го спасиме животот сега, бидејќи сме уверени дека, ако му останеме верни на Бог, ‚ќе го освоиме вистинскиот живот‘, односно вечниот живот во новиот свет што ни го ветува Тој (1. Тим. 6:12, 19; 2. Пет. 3:13).

7 Се трудиме да не мислиме претерано на своето здравјето и од друга причина. Од претерана грижа за себеси, би можеле да станеме себични. Павле предупредил дека постои оваа опасност кога ги поттикнал Филипјаните да ‚не се грижат само за себе туку и за другите‘ (Фил. 2:4). Во ред е да се грижиме за себеси во разумна мера, но ако искрено се интересираме за нашите браќа и за луѓето на кои им ја носиме „оваа добра вест за царството“, нема да се преокупираме со нашето телесно здравје (Мат. 24:14).

8. На што би можела да нѐ наведе претераната грижа во врска со нашето здравје?

8 Постои опасност некој христијанин да ја занемари својата служба за Јехова затоа што претерано се грижи за своето здравје. Ако здравјето ни стане главна преокупација, би можеле да почнеме да им го наметнуваме на другите своето лично мислење за важноста на некој вид исхрана, терапија или додаток во исхраната. Во врска со ова, размисли за начелото што го содржат следниве зборови на Павле: ‚Проценете што е најважно, за да бидете непорочни и да не ги спрепнувате другите сѐ до Христовиот ден‘ (Фил. 1:10).

Што е најважно?

9. Која е една од најважните работи кои не треба да ги занемариме, и зошто?

9 Ако процениме што е најважно, активно ќе учествуваме во делото на духовно лекување, кое се врши со проповедањето и поучувањето за Божјата реч. Од оваа радосна активност имаме корист и ние, а и оние кои ги поучуваме (Изр. 17:22; 1. Тим. 4:15, 16). Во Стражарска кула и во Разбудете се! одвреме-навреме излегуваат статии за некои наши духовни браќа и сестри кои се тешко болни. Во овие статии понекогаш се објаснува како тие се справуваат со своите проблеми, па дури и привремено забораваат на нив, додека им помагаат на другите да учат за Јехова и за неговите прекрасни ветувања. *

10. Зошто е важно како се лекуваме?

10 Кога ќе се соочи со здравствен проблем, секој возрасен христијанин мора да си „го носи својот товар“ на одговорност кога избира како ќе се лекува (Гал. 6:5). Но, не треба да заборавиме дека на Јехова му е важно на кој начин ќе се лекуваме. Исто како што почитта кон библиските начела нѐ тера да ‚се воздржуваме од крв‘ така и нашето длабоко ценење кон Божјата реч ќе нѐ наведе да не избереме лекување со кое ќе прекршиме некое библиско мерило или кое ќе влијае врз нашиот однос со Јехова (Дела 15:20). Некои дијагностички постапки и начини на лекување се граничат со спиритизам. Јехова се разгневил на отпадничките Израелци кога почнале да се занимаваат со „магија“, односно со спиритизам. Тој изјавил: „Престанете да донесувате безвредни житни жртви! Темјанот ми е одвратен. Вие празнувате млади месечини, го држите денот за одмор и свикувате собири — не поднесувам кога се собирате на свечености, па се занимавате со магија!“ (Иса. 1:13). Ако сме болни, тогаш тоа во никој случај не е време да направиме нешто кое може да го спречи Бог да ги слуша нашите молитви и да ни го загрози пријателството со Него! (Плач 3:44).

Многу е важно да сме разборити

11, 12. Каква улога игра разборитоста во изборот на лекување?

11 Кога сме болни, не можеме да очекуваме Јехова да нѐ излекува со чудо, но можеме да го молиме да ни даде мудрост кога одлучуваме како да се лекуваме. Треба да се молиме при нашиот избор да нѐ водат библиски начела и здравиот разум. Ако се работи за потежок случај, можеби е мудро, доколку е можно, да се консултираме со повеќе специјалисти, во склад со мислата изразена во Изреки 15:22, каде што стои: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“. Апостол Павле ги поттикнал соверниците ‚да живеат разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет‘ (Тит 2:12).

12 Мнозина се нашле во ситуација слична на онаа во која била една болна жена во времето на Исус. Во Марко 5:25, 26 читаме: „Една жена дванаесет години страдаше од крвавење и претрпе големи маки од многу лекари, и потроши сѐ што имаше, и ништо не ѝ беше од полза, туку ѝ беше уште полошо“. Исус ја излекувал оваа жена и постапил сочувствително кон неа (Мар. 5:27-34). Во очај, некои христијани се нашле на искушение да изберат дијагностичка метода или начин на лекување кои се спротивни на библиските начела.

13, 14. а) Како може Сатана да го искористи нашиот избор на лекување за да ни ја скрши верноста? б) Зошто треба да се држиме настрана од сѐ што има призвук на спиритизам?

13 Сатана ќе се послужи со кое и да било средство за да ни го одврати вниманието од служењето на вистинскиот Бог. Исто како што го користи сексуалниот неморал и материјализмот за да спрепне некои христијани, тој се обидува да ја скрши верноста на други со сомнителни здравствени третмани кои, всушност, би можеле да бидат поврзани со окултни сили и спиритизам. Се молиме Јехова да нѐ избави од „Злобниот“ и од „секое беззаконие“. Затоа треба да внимаваме да не му паднеме в раце така што ќе се изложиме на нешто кое се граничи со магија и спиритизам (Мат. 6:13; Тит 2:14).

14 Јехова им забранил на Израелците да се занимаваат со гатање и со магија (5. Мој. 18:10-12). Павле го наведува гатањето кога ги набројува „делата на телото“ (Гал. 5:19, 20). Освен тоа, гаталците нема да влезат во Јеховиниот нов свет (Отк. 21:8). Тогаш, јасно е дека сѐ што има и најмал призвук на спиритизам му е одвратно на Јехова.

„Вашата разумност нека им биде позната на сите“

15, 16. Зошто ни треба мудрост кога избираме како ќе се лекуваме, и кој мудар совет го дало водечкото тело во првиот век?

15 Со оглед на сето ова што беше кажано, ако имаш какви било сомневања во врска со некоја дијагностичка постапка или начин на лекување, би било мудро да ја одбиеш. Се разбира, тоа што лично не можеме да објасниме како функционира некоја метода на лекување не значи дека таа сигурно вклучува некој облик на спиритизам. За да задржиме библиско гледиште за здравјето и лекувањето, потребна ни е мудрост од Бог и добро просудување од наша страна. Во Изреки, 3. поглавје, се наоѓа следниов совет: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки... Зачувај ја мудроста и способноста за расудување, и ќе бидат живот за твојата душа“ (Изр. 3:5, 6, 21, 22).

16 Според тоа, додека се трудиме да си го чуваме здравјето, мора да внимаваме да не ја изгубиме Божјата милост кога се соочуваме со болест или со староста. И во грижата за здравјето, како и во други работи, нашата ‚разумност треба да им биде позната на сите луѓе‘ на тој начин што ќе живееме според библиските начела (Фил. 4:5). Во едно многу важно писмо, водечкото тело во првиот век ги советувало христијаните да се воздржуваат од идолопоклонство, од крв и од блуд. Во тоа писмо стоело и уверувањето: „Ако се чувате од тоа, ќе ви биде добро“ (Дела 15:28, 29). Во кој поглед?

Разумна грижа бидејќи нѐ очекува совршено здравје

17. Каква здравствена корист имаме од тоа што се држиме за библиските начела?

17 Би било добро секој од нас да се праша: ‚Дали сфаќам колкава корист имам досега од тоа што строго се држам за библиските начела во врска со крвта и со блудот?‘ Освен тоа, размисли и за користа што ја имаме затоа што се трудиме „да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“ (2. Кор. 7:1). Кога се држиме за библиските мерила за лична хигиена, се чуваме од многу болести. Добро ни е бидејќи не пушиме и не земаме дрога, нешто што би нѐ извалкало во духовен и во телесен поглед. Размисли и за здравствената корист што ја имаме од тоа што не претеруваме со јадење и со пиење. (Прочитај Изреки 23:20; Тит 2:2, 3.) Иако работи како што се одморот и вежбањето можат да придонесат општо за нашето здравје, особено ни користи во физички и во духовен поглед тоа што го прифаќаме водството од Библијата.

18. Што треба да ни биде најважно, и кое пророштво за здравјето со нетрпение очекуваме да се исполни?

18 Пред сѐ, треба да се грижиме за нашето духовно здравје и да го зацврстиме скапоценото пријателство со нашиот небесен Татко, Изворот на нашиот „живот — сегашен и иден“, во неговиот ветен нов свет (1. Тим. 4:8; Пс. 36:9). Во Божјиот нов свет, ќе бидеме излекувани целосно — и духовно и телесно — со тоа што ќе ни бидат простени гревовите на темел на откупната жртва на Исус. Јагнето Божје, Исус Христос, ќе нѐ води на „извори на води на животот“, и Бог ќе ја избрише секоја солза од нашите очи (Отк. 7:14-17; 22:1, 2). Тогаш ќе го доживееме и исполнувањето на ова возбудливо пророштво: „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Иса. 33:24).

19. Додека се грижиме за своето здравје во разумна мера, каква гаранција имаме?

19 Уверени сме дека нашето избавување е близу, и со радост го чекаме денот кога Јехова ќе го сврти во обратна насока процесот на болеста и смртта кај луѓето. Во меѓувреме, имаме гаранција дека нашиот Татко, кој многу нѐ сака, ќе ни помогне да го поднесеме товарот на нашите болести и болки бидејќи ‚се грижи за нас‘ (1. Пет. 5:7). Затоа, да водиме сметка за нашето здравје, но секогаш во склад со јасните упатства што ги содржи Божјата вдахновена реч!

[Фуснота]

^ пас. 9 Список на некои такви статии има во рамката на 17. страница во Стражарска кула од 1 септември 2003.

За повторување

• Кој е виновен за болестите, и кој ќе нѐ спаси од последиците на гревот?

• Иако е нормално да се грижиме за нашето здравје, што треба да избегнуваме?

• Зошто на Јехова му е важно на кој начин ќе се лекуваме?

• Во однос на здравјето, како ни користи тоа што се држиме за библиските начела?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Луѓето не биле создадени за да се разболуваат и да стареат

[Слика на страница 25]

И покрај здравствените проблеми, Јеховините слуги со радост ја вршат службата