Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каква личност сакаш да бидеш?

Каква личност сакаш да бидеш?

Каква личност сакаш да бидеш?

КОМАНДИРОТ на полицијата во еден град на Филипините му го поставил следново прашање на еден пионер: „Што му направивте на тој човек за да се смени толку многу?“ Покажувајќи на купот листови на своето биро, тој додал: „Дали знаете дека сите овие документи се судски случаи што досега биле водени против него? Ни симнавте голем товар од врат!“ Човекот за кого станувало збор, порано бил насилен пијаница кој постојано правел проблеми. Што го натерало да направи огромни промени во животот? Вдахновената порака од Божјата реч, Библијата.

Мнозина го зеле присрце советот што го дал апостол Павле да ‚ја соблечат старата личност, обликувана според поранешниот начин на живот, и да ја облечат новата личност, која е создадена по Божја волја‘ (Еф. 4:22-24). Сеедно дали треба да направиме големи или мали промени, кога стануваме христијани, ние ја облекуваме новата личност.

Меѓутоа, промените што ги правиме пред крштавањето се само почеток. Во моментот кога се крштаваме, ние сме како едно парче дрво кое било изделкано за да му се даде еден основен облик. Иако веќе личи на нешто, сепак останува уште многу работа. Резбарот треба да го обработи во детали за да направи од него убав предмет. Кога ќе се крстиме, ние ги имаме основните особини што се неопходни за некој да биде Божји слуга. Сепак, нашата нова личност е сѐ уште во својот зародиш. Мора да продолжиме да ја подобруваме со тоа што и понатаму ќе правиме промени.

Дури и Павле увидел дека треба да се подобрува. Тој признал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Рим. 7:21). Павле сигурно бил свесен каков бил и каков сакал да биде. А што е со нас? И ние треба да се прашаме: ‚Што е во мене? Каква личност сум јас? И каква личност сакам да бидам?‘

Што „е во мене“?

Кога некој реновира стара куќа, не е доволно само однадвор убаво да ја бојадиса, ако внатрешните греди ѝ се гнили. Ако не се поправат недостатоците на носечката конструкција, подоцна сигурно ќе има проблеми. Истото важи и за нас — не е доволно само однадвор да си ставиме маска на праведност. Мора да се преиспитаме до срж и да видиме кои работи мора да ги расчистиме со себеси. Во спротивно, карактерните црти на старата личност кога-тогаш пак ќе излезат на површина. Значи, од пресудна важност е темелно да се преиспитаме (2. Кор. 13:5). Треба да ги препознаеме непожелните особини и да работиме на нив. Јехова ни дава помош за успешно да го направиме ова.

Павле напишал: „Речта Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила и продира дури дотаму што ги разделува душата и духот, коските и нивната срцевина, па може да ги процени мислите и намерите на срцето“ (Евр. 4:12). Пораката од Божјата пишана реч, Библијата, може силно да влијае врз нашиот живот. Таа продира длабоко во нас — симболично, до срцевината, до највнатрешниот дел на коските. Ние можеби мислиме дека имаме одредени особини и оставаме некоја слика за себеси кај другите, но Библијата открива какви сме навистина однатре, ги разоткрива нашите мисли и мотиви. Божјата реч навистина ни овозможува да си ги увидиме слабостите!

Кога се поправа стара куќа, можеби нема да биде доволно само да се заменат оштетените материјали. Ако ја знаеме причината за недостатоците, ќе можеме да преземеме мерки за повторно да не се појават истите проблеми. Слично на ова, не е доволно само да ги препознаеме лошите особини кај себе. Треба да утврдиме и што ги предизвикало или што придонело за нив. Тоа ќе ни помогне да ги држиме своите слабости под контрола. Нашата личност ја обликуваат бројни фактори. Меѓу нив се нашата положба во општеството и нашата економска состојба, средината во која живееме, културата, родителите, пријателите и верата на која сме припаѓале порано. Врз нас оставаат траги дури и телевизијата и филмовите што ги гледаме, како и другите облици на забава. Ако сфатиме кои работи влијаат негативно врз нашата личност, ќе бидеме во подобра положба да го сведеме тоа влијание на минимум.

Откако ќе се преиспитаме, можеби ќе ни дојде да речеме: ‚Па, таков сум, што да правам!‘ Ова е погрешен заклучок. Во врска со оние во собранието во Коринт што биле блудници, хомосексуалци, пијаници и слично, Павле рекол: „Такви беа некои од вас, но испрани сте... со духот на нашиот Бог“ (1. Кор. 6:9-11). Со помош на Јеховиниот свет дух, и ние можеме успешно да ги направиме потребните промени.

Размисли за еден човек по име Маркос, * кој живее на Филипините. Во врска со своето минато, Маркос вели: „Моите родители постојано се караа. Затоа станав бунтовник на 19 години“. Маркос го биел лош глас затоа што се коцкал и крадел. Заедно со уште неколкумина други, тој се подготвувал да киднапира авион, но планот не успеал. Продолжил да се однесува лошо и откако се оженил. На крајот, загубил на коцка сѐ што имал. Кратко потоа, Маркос ѝ се придружил на својата жена додека Јеховините сведоци ја проучувале Библијата со неа. Во почетокот си мислел дека не е достоен да стане Сведок. Сепак, почнал да го применува она што го учел и почнал да оди на состаноци. Тоа му помогнало да расчисти со поранешниот начин на живот. Сега е крстен христијанин кој редовно ги поучува другите за тоа како можат и тие да се променат.

Каков сакаш да бидеш ти?

Какви промени можеби треба да направиме ние за да ги подобриме своите христијански особини? Павле ги советува христијаните: „Отфрлете го сето ова: гневот, лутината, злобата, погрдниот говор, а безобразни зборови да не излегуваат од вашата уста. Не лажете се еден со друг. Соблечете ја старата личност и нејзините дела“. А потоа додава: „Облечете ја новата личност, која се обновува преку доброто познавање на Божјата волја според сликата на оној што ја создал“ (Кол. 3:8-10).

Значи, нашата главна цел е да ја соблечеме старата личност и да ја облечеме новата. Кои особини треба да ги развиваме за да успееме во тоа? Павле вели: „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие. Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:12-14). Ако совесно се напрегаме да ги развиеме овие особини, ќе можеме да му станеме ‚помили и на Јехова и на луѓето‘ (1. Сам. 2:26). Кога бил на Земјата, Исус во извонредна мера ги покажувал Божјите особини. Ако го проучуваме и го следиме неговиот пример, ќе станеме послични на него бидејќи се ‚угледуваме на Бог‘ (Еф. 5:1, 2).

Друг начин да видиме кои промени треба да ги направиме е да ги проучуваме карактерните особини на личностите од Библијата, и да размислуваме што било добро кај нив, а што не. На пример, размисли за Јосиф, синот на семејниот поглавар Јаков. Иако бил жртва на неправди, Јосиф останал позитивен и ја зачувал својата внатрешна убавина (1. Мој. 45:1-15). Од друга страна, Авесалом, синот на цар Давид, се преправал дека многу се интересира за народот, и мнозина го фалеле затоа што бил убав. Но, всушност, тој бил предавник и убиец (2. Сам. 13:28, 29; 14:25; 15:1-12). Лажната доброта и надворешната убавина не нѐ прават привлечни и мили.

Може да успееме

За да се подобриме и да бидеме убави во Божји очи, треба да обрнеме внимание на внатрешната личност (1. Пет. 3:3, 4). За да направиме промени во личноста, мора да си ги увидиме лошите особини и факторите кои придонесуваат за нив, но истовремено треба да ги развиваме и особините што му се допадливи на Бог. Можеме ли да бидеме сигурни дека трудот што го вложуваме за да се подобриме ќе се исплати?

Да! Со Јеховина помош можеме да ги направиме потребните промени. Исто како псалмистот, може да се молиме: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух“ (Пс. 51:10). Може да го молиме Бог неговиот дух да дејствува во нас и да ја зголеми нашата желба уште повеќе да го усогласиме својот живот со неговата волја. Навистина можеме да му станеме уште помили на Јехова!

[Фуснота]

^ пас. 11 Не е неговото вистинско име.

[Слика на страница 4]

Ќе биде ли доволно да се бојадиса однадвор оваа куќа уништена од бура?

[Слика на страница 5]

Дали твојата личност личи на Христовата?