Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Песната на морето“ — ракопис што го премости јазот

„Песната на морето“ — ракопис што го премости јазот

„Песната на морето“ — ракопис што го премости јазот

НА 22 мај 2007 год., во Израелскиот музеј во Ерусалим беше изложен еден фрагмент од свиток на хебрејски јазик, кој датира од 7 или 8 век од н.е. Тоа е ракопис кој ја содржи 2. Мојсеева 13:19 — 16:1. Во овој дел од Библијата спаѓа и таканаречената „Песна на морето“, односно победничката песна што ја пееле Израелците откако со чудо биле избавени низ Црвеното Море. Зошто изложбата на овој фрагмент е толку значајна?

Одговорот е поврзан со датумот на пишувањето на овој ракопис. Свитоците од Мртвото Море биле напишани некаде помеѓу 3 век пр.н.е. и 1 век од н.е. Пред да бидат откриени — пред околу 60 години — најстариот хебрејски ракопис беше Кодексот Алепо, кој датира од 930 год. од н.е. Со исклучок на неколку фрагменти, не беа најдени други хебрејски ракописи што биле пишувани во периодот меѓу пишувањето на списите од Мртвото Море и Кодексот Алепо, кој траел повеќе векови.

„Ракописот ‚Песната на морето‘ го премостува јазот во историјата меѓу пишувањето на списите од Мртвото Море... и пишувањето на Кодексот Алепо“, вели Џејмс С. Снајдер, директор на Израелскиот музеј. Според него, овој ракопис, заедно со други древни библиски текстови, е „уникатен пример за тоа како еден текст може да опстои без да претрпи промени“.

Се смета дека овој е еден од многуте ракописи што биле откриени во втората половина од 19 век во една синагога во Каиро (Египет). Но, еден колекционер на хебрејски ракописи не бил свесен за неговата важност сѐ додека не поразговарал со еден стручњак при крајот на 1970-тите. Тогаш била одредена староста на фрагментот со помош на јаглеродната метода, а потоа бил архивиран сѐ до изложбата во Израелскиот музеј.

Во врска со важноста на овој фрагмент, Адолфо Ројтман, раководител на Светилиштето на Книгата при Израелскиот музеј и кустос одговорен за списите од Мртвото Море, вели: „Ракописот ‚Песната на Морето‘ покажува со каква извонредна прецизност мазоретската верзија на Библијата била пренесувана низ вековите. Просто неверојатно е како специфичниот стил на Песната на морето е ист денес како што бил и во 7 или 8 век.

Библијата е вдахновена Божја реч, и Јехова е најзаслужен за тоа што била зачувана. Освен тоа, книжниците ја препишувале многу внимателно. Можеме слободно да заклучиме дека библискиот текст што го имаме денес е апсолутно доверлив.

[Извор на слика на страница 32]

Со љубезна дозвола на Израелскиот музеј, Ерусалим