Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог“

„Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог“

„Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог“

Раскажала Кристабел Конел

Толку бевме занесени зборувајќи со Кристофер за Библијата, што ниту еден од нас не забележа дека е доста доцна и дека Кристофер постојано погледнува низ прозорецот. По некое време ни рече: „Сега е безбедно да излезете“. Тогаш нѐ испрати до велосипедите и ни посака добра ноќ. Но, што беше тоа толку опасно што го виде надвор?

РОДЕНА сум во Шефилд (Англија), во 1927 год. Нашата куќа беше бомбардирана во Втората светска војна, па затоа ме испратија да живеам кај баба ми додека да завршам со училиштето. Бидејќи учев во католичко училиште, постојано ги прашував калуѓерките зошто има толку злоба и насилство. Ниту тие, ниту другите побожни луѓе што ги распрашував не можеа да дадат задоволувачки одговор на моите прашања.

По војната, учев за медицинска сестра. Се преселив во Лондон каде што се вработив на Општата клиника Падингтон. Но, во градот бев сведок на уште поголемо насилство. Еднаш, набрзо откако мојот постар брат замина во Корејската војна, пред болницата видов една опасна тепачка. Никој не му помогна на претепаниот, кој остана слеп од тоа тепање. Отприлика во истото време, одевме со мајка ми на сеанси кај разни спиритисти, но сѐ уште не можев да сфатам зошто има толку многу злоба.

Поттик да ја проучувам Библијата

Еден ден, мојот најстар брат, Џон, кој веќе беше Јеховин сведок, дојде да ме види. „Знаеш ли зошто се случуваат сите овие лоши работи?“ ме праша. „Не знам“, реков. Тој ја отвори својата Библија и прочита Откровение 12:7-12. Тогаш ми стана јасно дека, всушност, Сатана и демоните се главните виновници за злото во светот. Па така, го послушав советот на Џон и набрзо почнав да ја проучувам Библијата. Но, во тој период дозволив стравот од луѓето да ме спречи да се крстам (Изр. 29:25).

И сестра ми Дороти стана Сведок. Кога таа и нејзиниот свршеник Бил Робертс се вратија од меѓународниот конгрес во Њујорк (1953), им кажав дека ја проучував Библијата. Бил ме праша: „Ги читаше ли сите стихови во книгата? Ги подвлекуваше ли одговорите?“ Кога реков дека не го правев тоа, ми рече: „Тогаш не си проучувала! Јави ѝ се на сестрата што те поучувала, и почни одново!“ Во тоа време, демоните почнаа многу да ме измачуваат. Се сеќавам дека го молев Јехова да ме заштити и да ме ослободи од нивното влијание.

Пионерска служба во Шкотска и Ирска

Се крстив на 16 јануари 1954 год. Во мај ми истече договорот за работа во болницата, и во јуни почнав да служам како пионер. Осум месеци подоцна, бев испратена како специјален пионер во Гренџмаут (Шкотска). Таму почувствував дека Јеховините ангели ‚се улогорени околу мене‘ додека работев на тоа изолирано подрачје (Пс. 34:7).

Во 1956 год., бев замолена да служам во Ирска. Јас и уште две сестри бевме испратени во градот Голвеј. Првиот ден таму се погоди да тропнам на вратата на еден свештеник. Неколку минути подоцна дојде еден полицаец и нѐ одведе мене и сестрата во полициската станица. Откако ни ги запиша имињата и адресата, веднаш отиде да телефонира. Го слушнавме како вели: „Да, оче, знам точно каде живеат“. Сфативме — свештеникот го викнал да дојде по нас! Човекот кај кого што живеевме под кирија беше присилен да нѐ избрка, па затоа од Бетелот нѐ советуваа да си заминеме од тој крај. Кога стигнавме на железничката станица, доцневме десетина минути. Но, возот сѐ уште беше таму, а еден човек чекаше за да види дека навистина ќе се качиме. Ова се случи само три седмици откако пристигнавме во Голвеј.

Оттаму бевме испратени во Лимерик, уште еден град во кој католичката црква имаше огромно влијание. Толпи луѓе постојано викаа по нас и нѐ исмеваа. На мнозина им беше страв да отворат кога ќе им тропневме на врата. Една година пред тоа, еден брат бил претепан во блиското гратче Клунлара. Затоа бевме среќни кога го запознавме Кристофер, кого го спомнав во почетокот. Тој нѐ покани пак да дојдеме за да зборуваме за Библијата. Додека бевме кај него, еден свештеник влезе внатре и му нареди да нѐ избрка. Кристофер смело му рече на свештеникот: „Јас ги поканив овие жени да влезат, а пред да влезат, прво тропнаа на вратата. Ти ниту си поканет, ниту тропна“. Свештеникот си замина лут.

Не знаевме дека истиот тој свештеник потоа собрал голема група мажи, кои нѐ чекаа пред куќата на Кристофер. Гледајќи дека мажите се гневни, Кристофер се однесуваше како што опишав во почетокот. Нѐ задржа кај него додека тие не се разотидоа. Подоцна дознавме дека тој и неговото семејство кратко по овој настан морале да си заминат од тоа место и се преселиле во Англија.

Покана за Гилеад

Веќе правев планови да одам на меѓународниот конгрес во Њујорк во 1958 год. со наслов „Божја волја“, кога добив писмо во кое бев поканета да присуствувам на 33. клас на Гилеад. По конгресот не се вратив дома, туку служев во Колингвуд (Онтарио, Канада) до почетокот на Школата во 1959 год. Но, за време на конгресот, се запознав со Ерик Конел. Тој ја дознал вистината во 1957 и почнал со пионерска служба во 1958 год. По конгресот, цело време додека бев во Канада и на Гилеад, Ерик секој ден ми пишуваше писма. Се прашував што ќе се случи со нас откако ќе ја завршам Школата.

Еден од најубавите периоди во мојот живот беше времето што го поминав на Школата Гилеад. Сестра ми, Дороти, и маж ѝ беа во истиот клас со мене. Тие беа испратени како мисионери во Португалија. На мое големо изненадување, јас бев испратена во Ирска. Многу бев разочарана што нема да одам со сестра ми! Затоа прашав еден од инструкторите да не сум направила нешто погрешно. „Не“, ми рече тој. „Ти и твојата соработничка на оваа мисионерска задача, Ајлин Махони, се согласивте да бидете испратени каде и да било“, а во тоа секако спаѓаше и Ирска.

Назад во Ирска

Пристигнав во Ирска во август 1959 год. и бев доделена да служам во собранието Дун Лери. Во меѓувреме, Ерик се врати во Англија и многу му беше мило што сум толку близу до него. И тој сакаше да биде мисионер. Бидејќи во тоа време Ирска се сметаше за мисионерско подрачје, тој размислуваше да служи таму како пионер. Се пресели во Дун Лери и се венчавме во 1961 год.

Шест месеци подоцна, Ерик доживеа тешка сообраќајна несреќа. Имаше скршеници на черепот и лекарите не беа сигурни дали ќе преживее. Помина три седмици во болница, но следните пет месеци јас се грижев за него додека не закрепна. Продолжив да проповедам најмногу што можев.

Во 1965 год., добивме задача да служиме во едно собрание со осум објавители во Слајго, пристанишен град на северозападниот брег. Три години подоцна, отидовме во друго мало собрание во Лондондери, уште понасевер. Еден ден, кога се враќавме од служба, видовме дека улицата каде што живеевме е оградена со бодликава жица. Тоа беше почетокот на немирите во Северна Ирска. Банди составени од млади луѓе палеа автомобили по улиците. Градот веќе беше поделен на протестантски и на католички делови и беше опасно да се преминува од еден во друг дел.

Животот и службата за време на немирите

Но, нашата служба нѐ носеше насекаде. Повторно имавме чувство како ангелите да се улогорени околу нас. Ако се најдевме на некое место каде што ќе избиеја немири, брзо си заминувавме и се враќавме кога ќе се смиреа работите. Еднаш, кога во близина на нашиот стан имаше немири, врз нашите прозорци паѓаа запалени остатоци од блиската продавница за бои. Цела ноќ останавме будни за случајно да не ја зафати пожар целата зграда. Откако во 1970 год. се преселивме во Белфаст, дознавме дека подоцна врз продавницата бил фрлен молотов коктел и дека тогаш до темел изгорела зградата каде што живеевме.

Во друга прилика, додека јас и една сестра бевме во служба, забележавме едно необично парче цевка на еден прозорец. Продолживме да одиме и само неколку минути подоцна се слушна силна експлозија. Кога луѓето од околните куќи излегоа и нѐ видоа, помислија дека ние сме ја подметнале бомбата! Токму во тој момент, една сестра што живееше таму нѐ викна кај неа. Така соседите се смирија и сфатија дека не сме виновни за експлозијата.

Во 1971 год. се вративме во Лондондери за да посетиме една сестра. Кога ѝ опишавме по кој пат дојдовме и на кој контролен пункт поминавме, таа нѐ праша: „Немаше никој на пунктот?“ Се зачуди кога ѝ рековме: „Имаше, ама не нѐ ни погледнаа“. Зошто беше толку изненадена? Затоа што претходните денови на тој пункт насила им биле одземени и запалени автомобилите на еден лекар и на еден полицаец.

Во 1972 год. се преселивме во Корк. Подоцна служевме во Нас, а потоа во Арклоу. Во 1987 год., бевме доделени во Каслбар, каде што сме и денес. Тука имавме прекрасна можност да учествуваме во изградбата на Салата на Царството. Ерик тешко се разболе во 1999 год. Сепак, со помошта од Јехова и со љубовта и поддршката од собранието, повторно можев да се грижам за него додека не оздраве.

Јас и Ерик досега двапати бевме на Школата за пионери. Ерик сѐ уште служи како старешина. Јас патам од артритис и имам вештачки колкови и колена. Иако морав да се соочам со остро верско противење и поминав низ периоди на сериозни политички и општествени превирања, сепак, еден од најголемите проблеми ми беше тоа што морав да се откажам од возењето. Тоа ми падна многу тешко зашто така ми се скрати слободата што ја имав. Собранието многу ми помага и ме поддржува. Сега одам со помош на бастун, а за поголеми далечини користам автоматска количка на три тркала.

Заедно со Ерик имаме поминато вкупно над 100 години во специјална пионерска служба, а 98 од нив ги поминавме во Ирска. Немаме намера да се пензионираме. Не очекуваме чуда, но веруваме дека Јеховините моќни ангели ‚стојат улогорени околу оние што се бојат од него‘ и му служат верно.