Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ќе ти помогне да истраеш во службата?

Што ќе ти помогне да истраеш во службата?

Што ќе ти помогне да истраеш во службата?

ДАЛИ некогаш си се чувствувал толку исцрпен што си посакал да престанеш да проповедаш? Некои работи што можат да ја стават на испит нашата истрајност се: острото противење, грижите, лошото здравје, притисокот од околината или незаинтересираноста на луѓето на кои им проповедаме. Но, размисли за Исус. Тој истрајал под најтешкиот испит. Зошто? ‚Поради радоста што стоела пред него‘ (Евр. 12:2). Исус знаел дека ќе го израдува Јехова со тоа што ќе докаже дека обвинувањата против Него се целосно неосновани (Изр. 27:11).

Кога истрајуваш во службата, и ти го радуваш Јехова. Меѓутоа, што ако некои пречки ти ја црпат духовната сила? Кристина, која е на постари години и има слабо здравје, вели: „Не ретко ми се случува да се чувствувам уморна и потиштена. Проблемите што ми ги носи староста, како што се слабото здравје и секојдневните грижи, можат на моменти да ми ја задушат ревноста“. Што ќе ти помогне да истраеш во службата и покрај ваквите пречки?

Следи го примерот на пророците

За да истрајат во проповедањето, добро е верните објавители на Царството да се трудат да имаат ист став како пророците од старо време. Да го земеме за пример Еремија. Кога бил повикан да служи како пророк, отпрвин малку се колебал. Сепак, успеал да истрае во својата тешка задача над 40 години, затоа што научил да има безусловна доверба во Бог (Ерем. 1:6; 20:7-11).

Примерот на Еремија многу го охрабрува Хенрик. Тој вели: „Во овие преку 70 години служба, понекогаш ме обесхрабруваше реакцијата на луѓето — нивната неприемливост или рамнодушност. Во тие моменти, си спомнував за Еремија. Неговата љубов кон Јехова и неговиот близок однос со него му давале сила да продолжи да пророкува“ (Ерем. 1:17). И Рафал црпи сила од примерот на Еремија. Тој вели: „Наместо да мисли само на себеси и на своите чувства, Еремија се потпирал на Јехова. Бестрашно продолжил со својата служба и покрај омразата на која наишол. Се трудам постојано да се потсетувам на ова“.

Друг пророк чиј пример им помага на мнозина да истрајат во службата е Исаија. Бог му рекол дека неговите сонародници нема да го слушаат. „Направи го неприемливо срцето на тој народ за да бидат неосетливи нивните уши“, рекол Јехова. Дали поради ова Исаија бил осуден на неуспех? Од гледна точка на Бог, воопшто не! Кога добил задача да служи како пророк, Исаија рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8-10). Тој истрајно ја вршел својата задача. Дали и ти реагираш така на заповедта да проповедаме?

Ако сакаме и ние, исто како Исаија, да истраеме во службата и покрај тоа што луѓето не се заинтересирани, не смееме да мислиме само на ситуациите кога некој нѐ одбил. Рафал вака се справува со обесхрабрувањето: „Се трудам да не мислам на нељубезните зборови. Луѓето на моето подрачје имаат право да реагираат на пораката како што сакаат“. Ана додава: „Не си дозволувам да размислувам за нешто што е непријатно или што може да ме обесхрабри. Во тоа многу ми помага молитвата и разгледувањето на дневниот стих пред да одам во служба. Така брзо ги растерувам сите негативни мисли“.

Пророкот Езекиел служел кај тврдоглавите израелски изгнаници во Вавилон (Езек. 2:6). Доколку не им ја пренесел Божјата реч на луѓето и доколку некој злобен човек умрел без да го чуе предупредувањето, Езекиел ќе бил одговорен за неговата смрт. Јехова му рекол на овој пророк: „Неговата крв ќе ја барам од твојата рака“ (Езек. 3:17, 18).

Хенрик се труди да има ист став како Езекиел: „Не сакам да бидам виновен за ничија смрт. На коцка се скапоцени човечки животи“ (Дела 20:26, 27). Збигњев го дели неговото мислење: „Што и да мислеле другите, Езекиел морал да продолжи со својата задача. Ова ми помага да гледам на проповедањето исто како што гледа и нашиот Творец“.

Не си сам

Не си сам кога проповедаш. Исто како апостол Павле, и ние можеме да речеме: „Ние сме Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). Кристина, која признава дека понекогаш се обесхрабрува, вели: „Токму затоа го преколнувам Јехова да ми даде сила, и тој никогаш не ме изневерува“. Да, потребен ни е Божјиот дух за да ни помага во службата! (Зах. 4:6).

Кога им проповедаме на луѓето, светиот дух ни помага и да ги покажуваме „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). Тоа, пак, ни дава сила истрајно да проповедаме, што и да се случи. Хенрик вели: „Проповедањето ми помага да станам подобра личност. Учам да бидам стрплив и обѕирен и да не се предавам лесно“. Кога истрајуваш во службата, и покрај сите пречки, тоа ќе ти помогне уште повеќе да ги развиваш плодовите на духот.

Јехова ги користи своите ангели за да го води ова неповторливо дело (Отк. 14:6). Библијата ни кажува дека има „миријади миријади и илјадници илјади“ такви духовни суштества (Отк. 5:11). Предводени од Исус, ангелите им помагаат на Божјите слуги на Земјата. Го имаш ли ова на ум кога си во служба?

„Кога размислувам дека ангелите се со нас додека сме во служба, тоа ми дава голема сила“, вели Ана. „Многу ја ценам помошта што ми ја даваат под водство на Јехова и Исус.“ Каква чест е да се соработува со верните ангели!

А како ни помага соработката со другите објавители? Вистински благослов е што познаваме големо мноштво верни Сведоци. Сигурно и ти си се уверил во вистинитоста на библиската изрека: „Железо со железо се остри. Така човекот го остри лицето на друг човек“ (Изр. 27:17).

Кога соработуваме со другите во службата, имаме одлична прилика да видиме некои делотворни методи што можеби се нови за нас. Елжбјета вели: „Кога одам во служба со различни објавители, имам можност да им покажам љубов и на браќата и сестрите и на луѓето што ги среќаваме“. Труди се да одиш во служба со различни објавители. Така службата ќе ти биде поинтересна.

Грижи се добро за себе

За да останеме ревносни во службата, мораме добро да планираме, да имаме добри навики на проучување и доволно да се одмораме. Со други зборови, мораме добро да се грижиме за своето духовно и физичко здравје.

Библијата вели: „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изр. 21:5). Зигмунд, кој сега има 88 години, вели: „Си правам добар распоред кој ми помага службата да ми биде успешна. Внимателно планирам за да имам доволно време за проповедање“.

Доброто познавање на Библијата ни дава сила и нѐ опремува да ја вршиме службата. Исто како што ни треба храна за да живееме, така треба и редовно духовно да се храниме за да продолжиме да проповедаме. Ако секојдневно се храниме од Божјата реч и ја земаме духовната „храна во вистинско време“, ќе имаме сила да ја вршиме службата (Мат. 24:45-47).

Елжбјета направила прилично големи промени во својот живот за да може да си ја подобри службата. Таа вели: „Скратив многу од времето што го трошев на гледање ТВ за да имам повеќе време да се подготвам за службата. Секоја вечер кога ја читам Библијата, си размислувам за луѓето што сум ги сретнала на подрачјето. Барам стихови и статии што би можеле да им помогнат“.

Ако доволно се одмораш, ќе имаш повеќе сила и ќе можеш повеќе да даваш во службата. Од друга страна, ако трошиш премногу време на рекреација, тоа може лошо да влијае врз квалитетот на твојата служба. Анджеј, ревносен објавител, вели: „Ако не се одмориш доволно, се чувствуваш преморен, а тоа е само чекор до обесхрабрувањето. Со сите сили се трудам да не дојде до такво нешто“ (Проп. 4:6).

И покрај нашите искрени напори, релативно малку луѓе ја прифаќаат добрата вест. Но, Јехова нема никогаш да го заборави нашиот труд (Евр. 6:10). Дури и ако повеќето не сакаат да разговараат, можеби ќе зборуваат за нас откако ќе си отидеме. Можеби и ние ќе имаме сличен резултат како Езекиел: Луѓето „ќе знаат дека меѓу нив имало пророк“ (Езек. 2:5). Точно е дека нашата служба не е лесна, но таа е за наше добро и за доброто на луѓето што нѐ слушаат.

„Проповедањето ни помага да ја облечеме новата личност и да покажуваме љубов кон Бог и кон ближните“, вели Зигмунд. Анджеј додава: „Вистинска чест е да учествуваш во ова дело со кое се спасуваат животи. Службата што ја вршиме сега никогаш нема да се повтори во истите размери ниту во истите услови“. И ти можеш да добиеш големи благослови ако продолжиш истрајно да проповедаш (2. Кор. 4:1, 2).

[Слики на страница 31]

Ќе истраеме во службата ако се грижиме за нашето духовно и физичко здравје