Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јов го возвишувал името на Јехова

Јов го возвишувал името на Јехова

Јов го возвишувал името на Јехова

„Нека биде благословено името Јеховино!“ (ЈОВ 1:21)

1. Кој веројатно ја напишал книгата Јов, и кога?

 МОЈСЕЈ имал 40-ина години кога избегал од Египет за да се скрие од гневот на фараонот и се населил во Мадијам (Дела 7:23). Додека живеел таму, веројатно чул за искушенијата на Јов, кој живеел во близина, во земјата Уз. Со години подоцна, кога Мојсеј и израелскиот народ биле близу до Уз, при крајот на своето патување низ пустината, можеби Мојсеј чул и за последните години од животот на Јов. Според еврејската традиција, Мојсеј ја напишал книгата Јов некое време по смртта на Јов.

2. Како книгата Јов им ја зајакнува верата на Божјите слуги денес?

2 Книгата Јов им ја зајакнува верата на Божјите слуги денес. Како? Од оваа книга дознаваме за некои настани што се случиле на небото и кои се од големо и далекосежно значење. Во неа е нагласено и најважното прашање — дали Бог има неприкосновено право да владее? Извештајот за Јов ни помага подобро да сфатиме што значи да се биде беспрекорен и зошто Јехова понекогаш дозволува неговите слуги да страдаат. Освен тоа, книгата Јов го разоткрива Сатана Ѓаволот како најголемиот противник на Јехова и главниот непријател на луѓето. Од оваа книга дознаваме и дека несовршените луѓе, како што бил Јов, можат да му останат верни на Јехова и покрај многу тешки испити. Да разгледаме некои настани опишани во оваа книга.

Сатана го искушува Јов

3. Што знаеме за Јов, и зошто му станал мета на Сатана?

3 Јов бил богат, влијателен и чесен семеен човек. Очигледно неговите совети биле многу ценети, а им помагал и на сиромашните. Но, што е најважно, имал страв од Бог. Библијата вака го опишува Јов: „Тој човек беше непорочен и праведен, се боеше од Бога и го одбегнуваше злото“. Токму затоа што му бил оддаден на Бог — а не затоа што бил богат и влијателен — му станал мета на Сатана Ѓаволот (Јов 1:1; 29:7-16; 31:1).

4. Што значи некој да е беспрекорен?

4 Книгата Јов започнува со описот на еден собир што се одржал на небото кога ангелите застанале пред Јехова. На собирот бил присутен и Сатана, кој изнел обвиненија против Јов. (Прочитај Јов 1:6-11.) Иако го спомнал богатството на Јов, Сатана пред сѐ ја довел во прашање неговата беспрекорност. Зборот „беспрекорен“ може да значи и чесен, непорочен, справедлив и без маана. Кога во Библијата за некого се вели дека е беспрекорен, тоа значи дека потполно, со цело срце му е оддаден на Јехова.

5. Што тврдел Сатана во врска со Јов?

5 Сатана тврдел дека Јов му служи на Јехова од себични причини, а не затоа што му е потполно оддаден. Кажал дека Јов ќе му биде верен на Јехова сѐ додека Тој го благословува и го штити. За да одговори на тоа обвинение, Јехова му дозволил на Сатана да го нападне овој верен човек. Како последица на тоа, за само еден ден Јов добил вести дека стоката му била или украдена или уништена, дека неговите слуги биле убиени и дека неговите десет деца загинале (Јов 1:13-19). Дали Јов попуштил под нападите на Сатана? Во Библијата читаме како реагирал на несреќата што го снашла: „Јехова даде, Јехова и зеде. Нека биде благословено името Јеховино!“ (Јов 1:21).

6. а) Што се случило на еден друг собир на небото? б) Кого имал Сатана на ум кога ја довел во прашање беспрекорноста на Јов?

6 Подоцна имало уште еден собир на небото. Сатана повторно изнел обвиненија против Јов, тврдејќи: „Кожа за кожа! Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа. Туку, те молам, пружи ја раката и допри ги неговите коски и неговото месо, па види дали нема да те проколне в лице!“ Забележи дека, кога рекол „човекот ќе даде сѐ што има за својата душа“, Ѓаволот, всушност, не ја довел во прашање само беспрекорноста на Јов, туку и на секој човек што му служи на Јехова. Тогаш Бог му дозволил на Сатана да го удри Јов со тешка болест (Јов 2:1-8). Но, и тоа не било крај на искушенијата на Јов.

Што учиме од ставот на Јов

7. Како жена му на Јов и неговите пријатели го ставиле под силен притисок?

7 Во почетокот, и жената на Јов ги претрпела истите несреќи што ги претрпел маж ѝ. Сигурно била скршена кога чула дека ѝ загинале сите деца и дека изгубиле сѐ. Освен тоа, мора да ѝ било многу тешко кога гледала какви болки трпи маж ѝ. Затоа му рекла: „Зарем уште си постојан во својата беспрекорност? Проколни го Бог и умри!“ Потоа дошле тројца мажи — Елифаз, Вилдад и Софар — наводно за да го утешат Јов. Но, наместо тоа, тие изнеле погрешни размислувања и се покажале како „мачни тешители“. На пример, Вилдад рекол дека веројатно децата на Јов направиле некој грев и затоа си го заслужиле она што ги снашло. Елифаз, пак, очигледно сметал дека сегашното страдање на Јов е казна за некои негови поранешни гревови. Дури не верувал ни дека оние што се беспрекорни вредат нешто во Божји очи! (Јов 2:9, 11; 4:8; 8:4; 16:2; 22:2, 3). И под таков силен притисок, Јов останал беспрекорен. Точно е дека не бил во право кога почнал ‚да тврди дека неговата душа е поправедна од Бог‘ (Јов 32:2). Сепак, останал верен до крај.

8. Каков добар пример е Елиу за оние што треба да даваат совети?

8 Понатаму читаме дека кај Јов дошол и Елиу. Тој прво сослушал што имале да кажат Јов и другите тројца пријатели. Иако бил помлад од сите четворица, Елиу се покажал помудар од нив. Тој му се обратил на Јов со почит и го пофалил за тоа што бил чесен човек. Но, му кажал и дека премногу му било важно да докаже дека не направил ништо лошо. Потоа Елиу го уверил Јов дека секогаш вреди верно да му се служи на Бог. (Прочитај Јов 36:1, 11.) Ова е одличен пример за оние што треба да даваат совети. Елиу покажал стрпливост, слушал внимателно, го пофалил Јов кога можел и му дал охрабрувачки совет (Јов 32:6; 33:32).

9. Како Јехова му помогнал на Јов?

9 На крајот, Јов доживеал нешто неверојатно — Јехова зборувал со него! Во Библијата читаме: „Тогаш Јехова му одговори на Јов од виорот“. Користејќи низа прашања, Јехова му дал на Јов љубезен, но директен совет, кој му помогнал да го исправи своето погрешно мислење. Јов без приговор го прифатил укорот и признал: „Еве, мал сум пред тебе... и се каам во прав и пепел“. Откако завршил со Јов, Јехова ги укорил и тројцата пријатели на Јов, затоа што ‚не ја зборувале вистината‘. Јов требало да се моли за нив. Потоа читаме што направил Јехова: „Кога Јов се помоли за своите пријатели, Јехова го избави од неволјата што го беше заробила. И Јехова му даде на Јов двојно повеќе од сето она што го имаше порано“ (Јов 38:1; 40:4; 42:6-10).

Колку е силна нашата љубов кон Јехова?

10. Зошто Јехова ниту го игнорирал ниту го уништил Сатана?

10 Јехова е Творецот на вселената, Семоќниот Владетел на сѐ што постои. Зошто едноставно не ги игнорирал обвиненијата на Ѓаволот? Затоа што знаел дека спорното прашање што било покренато нема да се реши ниту ако го игнорира Сатана ниту ако го уништи. Ѓаволот тврдел дека Јов, кој бил беспрекорен слуга на Јехова, нема да остане верен ако го изгуби своето богатство. Но, Јов го побил тоа тврдење. Потоа Сатана тврдел дека секој човек што ќе доживее тешки физички страдања ќе му сврти грб на Бог. Јов страдал, но останал верен. Така, во случајот на овој верен несовршен човек, било докажано дека Сатана е лажливец. Но, што може да се каже за другите Божји слуги?

11. Како Исус потполно ги побил обвиненијата на Сатана?

11 Всушност, секој Божји слуга кој ќе остане верен и покрај сѐ што Сатана ќе му направи, ќе докаже дека, и во неговиот случај, обвиненијата на тој бездушен непријател се чиста лага. Исус дошол на Земјата и потполно ги побил обвиненијата на Сатана. Исус бил совршен човек, исто како и нашиот прататко, Адам. Со тоа што останал верен до смрт јасно покажал дека Сатана е лажливец и дека неговите обвиненија се неосновани (Отк. 12:10).

12. Каква можност и одговорност има секој слуга на Јехова?

12 Но, и покрај сѐ, Сатана продолжува да ги искушува слугите на Јехова. Сите ние имаме можност, но и одговорност, со својата лојалност да покажеме дека му служиме на Јехова затоа што го сакаме, а не од себични причини. Како гледаме на таа одговорност? За нас е посебна чест да му бидеме лојални на Јехова. Нѐ теши и тоа што знаеме дека Јехова ни дава сила да издржиме и дека има граници до кои ќе дозволи да бидеме искушани, како што било и во случајот со Јов (1. Кор. 10:13).

Сатана — дрзок непријател и отпадник

13. Какви детали во врска со Сатана дознаваме од книгата Јов?

13 Хебрејските списи даваат детали за тоа како Сатана бесрамно го обвинил Јехова и ги навел луѓето да го остават Бог. Од Христијанските грчки списи дознаваме уште повеќе за непријателството на Сатана кон Јехова, а од книгата Откровение дознаваме како наскоро ќе биде непобитно докажано дека Јехова има право да владее, а Сатана ќе биде уништен. Книгата Јов ни помага да научиме нешто повеќе за бунтовноста на Сатана. Тој не одел на собирите што се одржале на небото за да го фали Јехова. Напротив, имал злобна намера. Откако го обвинил Јов и добил дозвола да го искуша, ‚Сатана заминал од пред лицето на Јехова‘ (Јов 1:12; 2:7).

14. Каков став имал Сатана кон Јов?

14 Според тоа, книгата Јов го разоткрива Сатана како безмилосен непријател на луѓето. Не е кажано точно колку време поминало помеѓу собирот на небото спомнат во Јов 1:6 и собирот опишан во Јов 2:1, но во тој период Јов бил ставен на тешки искушенија. Поради неговата верност, Јехова можел да му каже на Сатана: „[Јов] уште е постојан во својата непорочност, иако ти ме наведе да се нафрлам на него и да го упропастам без причина“. Но, Сатана не признал дека неговите тврдења се неосновани. Напротив, барал Јов да биде ставен на уште еден тежок испит. Со тоа Ѓаволот го испитал Јов и кога бил богат и кога бил сиромашен. Очигледно, Сатана нема ни трошка жал за сиромашните или за оние што ќе доживеат некоја несреќа. Тој ги мрази беспрекорните луѓе (Јов 2:3-5). Сепак, со својата верност, Јов докажал дека Сатана е лажливец.

15. Што им е заедничко на денешните отпадници и на Сатана?

15 Сатана бил првото суштество што станало отпадник. Денешните отпадници имаат слични карактеристики како Ѓаволот. Нивниот ум може да биде затруен со негативен став кон поединци во собранието, кон христијанските старешини или кон Водечкото тело. Некои отпадници не сакаат да се користи Божјето име, Јехова. Не сакаат да учат за Јехова ниту да му служат. Исто како нивниот татко, Сатана, и отпадниците намерно сакаат да им ја поткопаат верата на непорочните луѓе (Јован 8:44). Не е ни чудо што слугите на Јехова не сакаат да имаат никаков контакт со нив! (2. Јов. 10, 11).

Јов го возвишувал името на Јехова

16. Каков став имал Јов кон Јехова?

16 Јов го користел и го славел името на Јехова. Дури и кога бил скршен поради смртта на своите деца, тој не рекол ништо лошо за Бог. Иако не бил во право кога мислел дека Бог му ги нанел загубите, Јов го возвишувал името на Јехова. Подоцна рекол: „Гледај, стравот од Јехова — тоа е мудрост! Да се одбегнува злото — тоа е разборитост!“ (Јов 28:28).

17. Што му помогнало на Јов да остане беспрекорен?

17 Што му помогнало на Јов да остане беспрекорен? Очигледно, тој имал близок однос со Јехова уште пред да го снајдат неволјите. Иако немаме докази дека му било познато обвинението што Сатана го изнел против Јехова, Јов бил решен да остане верен. Тој рекол: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5). Како станал толку близок со Бог? Без сомнение, многу му значело она што го чул за постапките на Бог со Авраам, Исак и Јаков, кои му биле далечни роднини. Освен тоа, можел многу да научи за особините на Јехова и од творештвото. (Прочитај Јов 12:7-9, 13, 16.)

18. а) Како покажал Јов дека му е оддаден на Јехова? б) Како можеме да го следиме убавиот пример на Јов?

18 Сето она што го научил, родило кај Јов желба да го прави она што му е по волја на Јехова. Плашејќи се дека некои во неговото семејство можеби направиле нешто што го налутило Бог или дека „го проколнале Бог во своето срце“, Јов редовно принесувал жртви (Јов 1:5). Дури и кога бил ставен на тешки испити, Јов зборувал добро за Јехова (Јов 10:12). Зарем ова не е убав пример? И ние мораме редовно да учиме за Јехова и за неговите намери. Имаме добри навики кои ни го зајакнуваат пријателството со Јехова, како што се проучувањето, редовното присуство на состаноците, молитвата и проповедањето на добрата вест. Освен тоа, правиме сѐ што е во наша моќ да го објавуваме името на Јехова. И, исто како што се радувал на беспрекорноста на Јов, Јехова се радува и денес кога ја гледа беспрекорноста на своите слуги. За ова повеќе ќе се зборува во следната статија.

Се сеќаваш ли?

• Зошто Јов му станал мета на Сатана Ѓаволот?

• Какви неволји претрпел Јов, и како реагирал?

• Што ќе ни помогне да останеме беспрекорни како Јов?

• Што учиме за Сатана од книгата Јов?

[Прашања]

[Слика на страница 4]

Книгата Јов ни го свртува вниманието на најважното прашање — дали Бог има неприкосновено право да владее

[Слика на страница 6]

Во кои околности може да биде ставена на испит твојата беспрекорност?