Творештвото — огледало на Јеховината мудрост
Творештвото — огледало на Јеховината мудрост
„Неговите невидливи својства... се распознаваат по она што е создадено“ (РИМ. 1:20)
1. Какво влијание има световната мудрост врз мнозина денес?
ЗБОРОТ „мудрост“ денес има многу широко значење. Понекогаш се вели дека е мудар и оној што едноставно има големо знаење. Сепак, оние што светот ги нарекува „интелектуалци“ и ги смета за „мудри“ не им помогнале на луѓето да ја пронајдат вистинската смисла во животот. Напротив, оние што се поведуваат по нив, на крајот се ‚како фрлани од бранови и како носени ваму-таму од секој ветар на учењето‘ (Еф. 4:14).
2, 3. а) Зошто Јехова е „единствениот мудар“? б) По што се разликува Божјата мудрост од мудроста на светот?
2 Колку голема разлика има меѓу нив и оние што стекнуваат вистинска мудрост — мудрост чиј Извор е Јехова Бог! Библијата за него вели дека тој е „единствениот мудар“ (Рим. 16:27). Јехова знае сѐ за вселената — знае како е направено сѐ и ја знае сета нејзина историја. Тој ги поставил и сите физички закони што постојат во природата, а на кои луѓето ги темелат своите истражувања. Затоа не го восхитуваат човечките изуми и не го воодушевуваат човечките филозофии што некои ги сметаат за возвишени. Всушност, „мудроста на овој свет е глупост пред Бог“ (1. Кор. 3:19).
3 Библијата вели дека Јехова им „дава мудрост“ на своите слуги (Изр. 2:6). Човечките филозофии честопати се нејасни, но Божјата мудрост не е таква. Напротив, таа се повикува на здравиот разум и се темели на точно познавање и разбирање на фактите. (Прочитај Јаков 3:17.) Апостол Павле ѝ се восхитувал на Јеховината мудрост. Тој напишал: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (Рим. 11:33). Бидејќи Јехова е семудар, ние сме уверени дека неговите закони можат да ни помогнат да живееме на најдобар можен начин. Впрочем, зарем Јехова не знае подобро од кој и да е друг што ни треба за да бидеме среќни? (Изр. 3:5, 6).
Исус — „вешт градител“
4. Во што се гледа Јеховината мудрост?
4 Јеховината мудрост, како и другите негови неспоредливи особини, јасно се гледаат во она што го создал. (Прочитај Римјаните 1:20.) Сите Јеховини дела — од најголемото па сѐ до најмалото — ни откриваат каков Бог е тој. Каде и да го свртиме погледот — нагоре кон небото или надолу кон земјата под нашите нозе — гледаме изобилни докази за постоењето на еден семудар Творец кој е полн со љубов. Ако размислуваме за она што го создал, можеме да научиме многу за него (Пс. 19:1; Иса. 40:26).
5, 6. а) Кој друг бил вклучен во создавањето заедно со Јехова? б) Што ќе разгледаме, и зошто?
5 Јехова не бил сам кога ‚ги создал небото и земјата‘ (1. Мој. 1:1). Библијата покажува дека, долго пред да го создаде материјалниот свет, тој создал едно духовно суштество преку кое направил сѐ друго. Тоа духовно суштество бил Божјиот единороден Син — „првороден од сѐ што е создадено“ — кој подоцна дошол да живее на Земјата како човекот Исус (Кол. 1:15-17). Исто како Јехова, и Исус има огромна мудрост. Всушност, во Изреки 8. поглавје, тој е претставен како олицетворение на мудроста. Во истото поглавје од Библијата, за Исус се вели и дека е Божјиот „вешт градител“ (Изр. 8:12, 22-31).
6 Според тоа, материјалниот свет ни ја открива мудроста и на Јехова и на неговиот Вешт Градител, Исус. Творештвото навистина содржи скапоцени поуки за нас. Да разгледаме четири творби за кои во Изреки 30:24-28 се вели дека се ‚природно мудри‘. *
Поуки за трудољубивоста
7, 8. Кои факти во врска со мравката ти се интересни?
7 Ако ги испитаме градбата и активностите дури и на творбите што можат да се наречат „најмали на земјата“, ќе можеме да научиме нешто од нив. На пример, размисли за мравката, која е природно, или инстинктивно мудра. (Прочитај Изреки 30:24, 25.)
8 Некои истражувачи сметаат дека на Земјата има најмалку 200.000 мравки на човек, и сите тие неуморно работат на почвата и во неа. Мравките се организирани во колонии, а во повеќето од нив има три вида мравки: матици, мажјаци и работнички. Секоја група придонесува на свој начин за да се задоволат потребите на целата колонија. За еден посебен вид мравка, јужноамериканскиот листорезец, може слободно да се каже дека е многу вешт градинар. Овој ситен инсект ги ѓубри, пресадува и поткаструва габите што ги одгледува во своите подземни градини за да добие што е можно поголем род. Истражувачите откриле дека овој вешт „градинар“ се труди градината да даде токму толку храна колку што ѝ е потребна на колонијата. *
9, 10. Како можеме да бидеме трудољубиви како мравката?
9 И ние можеме да учиме од мравките. Тие нѐ учат дека треба да бидеме трудољубиви ако сакаме да имаме добри резултати. Библијата ни кажува: „Оди кај мравката, мрзливецу, набљудувај ги нејзините патишта и стани мудар. Иако нема ни заповедник, ни управител, ни господар, таа си приготвува храна лете, собира резерви од храна во времето на жетва“ (Изр. 6:6-8). И Јехова и неговиот Вешт Градител, Исус, се трудољубиви. Исус рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:17).
10 Бидејќи сакаме да го следиме примерот на Бог и на Христос, и ние треба да бидеме трудољубиви. Сеедно каква задача имаме во Божјата организација, сите ние треба да бидеме „зафатени во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58). Затоа, добро е да го послушаме советот што Павле им го дал на христијаните во Рим: „Во работата не бидете мрзливи. Духот нека ве поттикнува на ревност. Робувајте му на Јехова“ (Рим. 12:11). Трудот што го вложуваме за да ја вршиме Јеховината волја, никогаш не е залуден, бидејќи Библијата нѐ уверува: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евр. 6:10).
Заштитени од духовни опасности
11. Наведи некои карактеристики на пештерникот.
11 Пештерникот е уште едно релативно мало суштество од кое можеме да научиме важни работи. (Прочитај Изреки 30:26.) Донекаде личи на голем зајак, но има кратки, округли ушиња и кратки ножиња. Ова мало животинче живее во карпести предели. Неговиот остар вид добро му служи да ја препознае опасноста, а дупките и пукнатините во неговото карпесто живеалиште му нудат сигурно засолниште од грабливци. Пештерникот е создаден да живее во тесно поврзани заедници што му обезбедуваат заштита, како и топлина во зима. *
12, 13. Што учиме од пештерникот?
12 Што учиме од пештерникот? Прво, забележи дека ова животно не се изложува лесно на опасност. Напротив, со помош на својот остар вид уште оддалеку ги забележува грабливците, и останува близу до дупките и пукнатините каде што може да се скрие и да најде спас. Слично на него, и ние треба да имаме остар духовен вид за да ги забележиме опасностите што нѐ демнат во Сатановиот свет. Апостол Петар ги советувал христијаните: „Бидете трезвени, бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Пет. 5:8). Кога бил на Земјата, Исус постојано бил на штрек за да се заштити од Сатана што на секој начин се обидувал да ја скрши неговата верност (Мат. 4:1-11). Исус навистина им дал добар пример на своите следбеници!
13 Еден начин да останеме будни и претпазливи е да ја користиме духовната заштита што ни ја обезбедува Јехова. Не смееме да ги занемариме проучувањето на Божјата реч и присуството на христијанските состаноци (Лука 4:4; Евр. 10:24, 25). Освен тоа, исто како што пештерникот живее во тесно поврзана заедница со другите пештерници, така и ние треба да останеме блиски со сохристијаните за да можеме „заемно да се охрабриме“ (Рим. 1:12). Ако на таков начин ја користиме заштитата што ни ја дава Јехова, покажуваме дека се согласуваме со псалмистот Давид, кој напишал: „Јехова е моја спила, моја тврдина и мој избавител. Мојот Бог е мојата карпа. Тој ми е прибежиште“ (Пс. 18:2).
Да истраеме и покрај противење
14. Иако еден скакулец не е ништо посебно, што може да се каже за рој скакулци?
14 Можеме да научиме нешто и од скакулецот. Иако еден скакулец, долг само околу 5 сантиметри, можеби не е ништо посебно, роевите скакулци навистина влеваат страв. (Прочитај Изреки 30:27.) Еден рој од вакви незапирливи инсекти, кои се познати по својот незаситен апетит, можат брзо да соголат цело поле зрело за жетва. Библијата го споредува звукот на рој инсекти кои наближуваат — во кој има и скакулци — со тропот на коли и со потпукнување на пламења што проголтуваат стрниште (Јоил 2:3, 5). Луѓето понекогаш палат огнови за да го спречат надоаѓањето на вакви роеви, но обично тоа е залудно. Зошто? Па, телата на загинатите скакулци го гаснат огнот, и по нив останатите скакулци продолжуваат непречено да се движат напред. Иако нема цар или водач, еден рој скакулци дејствува како добро обучена војска, која може да ја совлада речиси секоја пречка * (Јоил 2:25).
15, 16. Во која смисла денешните објавители на Царството личат на рој скакулци?
15 Пророкот Јоил ја споредил активноста на Јеховините слуги со она што го прават скакулците. Тој напишал: „Трчаат како јунаци. Се качуваат на ѕид како војници, и секој оди по својот пат и не скршнува од својата патека. Не се туркаат еден со друг. Како силен човек на својата патека, тие продолжуваат напред. Па дури и некои да паднат меѓу стрелите, другите не се откажуваат“ (Јоил 2:7, 8).
16 Колку добро ова пророштво ги опишува денешните објавители на Божјето Царство! Никаков „ѕид“ на противење не може да го спречи нивното проповедање. Напротив, тие го следат примерот на Исус, кој истрајно ја вршел Божјата волја иако мнозина го презирале (Иса. 53:3). Точно, некои христијани ‚паднале меѓу стрелите‘ така што биле убиени за својата вера. Сепак, проповедањето продолжува, а бројот на објавители на Царството и понатаму расте. Всушност, прогонството честопати помогнало добрата вест да стигне и до луѓе што инаку не би ја чуле пораката за Царството (Дела 8:1, 4). Дали и ти ја вршиш службата со истрајност слична на онаа што ја покажува скакулецот — дури и кога се соочуваш со рамнодушност и противење? (Евр. 10:39).
„Држете се за доброто“
17. Зошто стапалцата на геконот се лепат за мазни површини?
17 Се чини дека геконот, еден вид малечок гуштер, може да ја побие гравитацијата. (Прочитај Изреки 30:28.) Всушност, научниците се восхитуваат на способноста на ова малечко суштество да се качува по ѕидови па дури и да претрчува преку мазни тавани без да падне. Како го прави ова? Тајната не е во тоа дека стапалата му создаваат некаков вакуум, а не е ни во некој вид лепак. Наместо тоа, секое прсте е прекриено со правилни набори, а од секој набор излегуваат илјадници тенки испупчувања во облик на влакна. Секое испупчување, пак, на врвот се разгранува на стотици додатни микроскопски влакненца. Врвчето на секое од овие влакненца е во облик на микроскопска чинија. Меѓумолекуларната сила од сите овие влакненца е доволно јака да додржи и тежина која е неколку пати поголема од онаа на гуштерот — дури и кога тој претрчува свртен наопаку по некоја стаклена површина! Научниците, кои се восхитени од оваа способност на геконот, велат дека, по примерот на неговите стапалца, би можеле да направат вештачки материјал кој би се користел како многу силно лепило. *
18. Што ќе ни помогне секогаш да ‚се држиме за доброто‘?
18 Што учиме од овој гуштер? Библијата нѐ советува: „Мразете го злото, држете се за доброто“ (Рим. 12:9). Поради расипаните влијанија што се раширени во Сатановиот свет може да се случи полека да престанеме да се држиме за Божјите начела. На пример, ако се дружиме со лица кои не се држат за Божјите закони — сеедно дали на училиште, на работа или преку некој неисправен облик на забава — тоа може да ја ослабне нашата решеност да го правиме она што е исправно. Не дозволувај да ти се случи такво нешто! Божјата реч предупредува: „Не мисли самиот за себе дека си мудар“ (Изр. 3:7). Наместо тоа, послушај го мудриот совет што Мојсеј му го дал на Божјиот народ во старо време: „Бој се од Јехова, својот Бог. Нему служи му, за него држи се“ (5. Мој. 10:20). Ако се држиме за Јехова, ќе го следиме примерот на Исус, за кого се вели: „Ја сакаше праведноста и го мразеше беззаконието“ (Евр. 1:9).
Што учиме од творештвото
19. а) Кои Јеховини особини ги гледаш ти лично во творештвото? б) Како може да ни користи Божјата мудрост?
19 Како што видовме, Јеховините особини јасно се гледаат од она што тој го создал, но неговите творби содржат и други скапоцени поуки. Колку повеќе ги истражуваме Јеховините дела, толку повеќе ѝ се восхитуваме на неговата мудрост. Ако продолжиме да ѝ обрнуваме внимание на Божјата мудрост, ќе бидеме посреќни сега и таа ќе нѐ чува во иднина (Проп. 7:12). Тоа значи дека лично ќе се увериме во вистинитоста на гаранцијата дадена во Изреки 3:13, 18, каде што стои: „Среќен е човекот што ќе најде мудрост и човекот што ќе стане прониклив. Таа е дрво на животот за оние што ќе ја прифатат, и за среќни се прогласени оние што цврсто ја држат“.
[Фусноти]
^ Особено помладите и децата можат да уживаат ако разгледаат некои од статиите наведени во фуснотите подолу, а потоа да коментираат за она што го прочитале кога оваа статија ќе се разгледува на Собраниското проучување на Стражарска кула.
^ Повеќе информации за мравката листорезец можеш да најдеш во српските изданија на Разбудете се! од 22 март 1997, страница 31, и од 22 мај 2002, страница 31.
^ Повеќе информации за пештерникот можеш да најдеш во англиското издание на Разбудете се! од 8 септември 1990, страници 15, 16.
^ Повеќе информации за скакулецот можеш да најдеш во Стражарска кула од 15 јули 1996, страница 23.
^ Повеќе информации во врска со геконот можеш да најдеш во Разбудете се! од април 2008, страница 26.
Дали се сеќаваш?
Кои практични работи ги учиме од...
• мравката?
• пештерникот?
• скакулецот?
• геконот?
[Прашања]
[Слика на страница 16]
Дали си трудољубив како мравката листорезец?
[Слики на страница 17]
Пештерникот наоѓа заштита во тесно поврзана заедница. Дали е тоа случај и со тебе?
[Слики на страница 18]
Слично на скакулците, и христијаните покажуваат истрајност
[Слика на страница 18]
Исто како што геконот цврсто се држи за површините, христијаните цврсто се држат за она што е добро
[Извор на слика]
Stockbyte/Getty Images