Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ангелите — „духови чија должност е да служат“

Ангелите — „духови чија должност е да служат“

Ангелите — „духови чија должност е да служат“

„Зарем сите тие не се духови чија должност е да служат и кои се испратени да им служат на оние што ќе наследат спасение?“ (ЕВР. 1:14)

1. Каква утеха ни даваат зборовите од Матеј 18:10 и Евреите 1:14?

 ИСУС ХРИСТОС го дал следново предупредување за сите што би спрепнале некој од неговите следбеници: „Гледајте да не презрете еден од овие мали, зашто ви велам дека нивните ангели на небото секогаш го гледаат лицето на мојот Татко кој е на небото“ (Мат. 18:10). Во врска со верните ангели, апостол Павле напишал: „Зарем сите тие не се духови чија должност е да служат и кои се испратени да им служат на оние што ќе наследат спасение?“ (Евр. 1:14). Овие зборови се утешно уверување дека Бог ги користи овие небесни суштества за да им помагаат на луѓето. Што ни кажува Библијата за ангелите? Како ни помагаат тие? Што можеме да научиме од нив?

2, 3. Кои се некои задачи што ги имаат небесните духовни суштества?

2 На небото има милиони верни ангели. Сите тие се ‚моќни во силата и ја извршуваат Божјата реч‘ (Пс. 103:20; прочитај Откровение 5:11). Овие духовни синови на Бог имаат свој карактер, особини слични на Божјите и слободна волја. Совршено се организирани и имаат висока положба во Божјата организација, во која архангел е Михаел (името што Исус го има на небото) (Дан. 10:13; Јуда 9). Овој „првороден од сѐ што е создадено“ е „Речта“, или Божјиот Гласноговорник, и преку него Јехова создал сѐ друго (Кол. 1:15-17; Јован 1:1-3).

3 Под архангелот се серафимите, кои ја објавуваат светоста на Јехова и му помагаат на неговиот народ да живее според неговите високи мерила. Потоа се херувимите кои ја поддржуваат неговата власт (1. Мој. 3:24; Иса. 6:1-3, 6, 7). Другите ангели, или гласници, ја вршат Божјата волја на разни начини (Евр. 12:22, 23).

4. Како реагирале ангелите кога ѝ биле поставени темелите на Земјата, и каков живот ќе имале луѓето доколку исправно ја користеле слободната волја?

4 Сите ангели се радувале ‚кога ѝ биле поставени темелите на земјата‘ и со задоволство ги вршеле доделените задачи додека Јехова ја подготвувал оваа уникатна планета во вселената да им стане дом на луѓето (Јов 38:4, 7). Јехова го создал човекот „малку понизок од ангелите“, но според својот „лик“, што значи дека ги оспособил луѓето да ги покажуваат истите возвишени особини што ги има и тој, нивниот Творец (Евр. 2:7; 1. Мој. 1:26). Да го користеле исправно дарот што Бог им го дал — слободната волја — Адам и Ева и нивните потомци ќе можеле да му се радуваат на животот во рајот како дел од Јеховиното големо семејство кое се состои од духовни и човечки суштества обдарени со разум.

5, 6. До каква побуна дошло на небото, и како реагирал Бог на тоа?

5 Верните ангели сигурно се запрепастиле кога виделе како некој за првпат се побунил во Божјето небесно семејство. На еден од нив повеќе не му било доволно да го велича Јехова, туку сакал самиот да биде обожаван. Со тоа што го довел во прашање правото на Јехова да владее и со тоа што амбициозно се обидел да воспостави свое владетелство, тој ангел станал Сатана (што значи „Противник“). Со првата изречена лага, Сатана подмолно ги навел првите луѓе да му се придружат во побуната против нивниот добар Творец (1. Мој. 3:4, 5; Јован 8:44).

6 Јехова веднаш му изрекол пресуда на Сатана, како што се гледа од првото библиско пророштво. Тој рекол: „Јас ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мој. 3:15). Според овие зборови, ќе постоело големо непријателство меѓу Сатана и Божјата ‚жена‘. Да, Јехова ја смета небесната организација од верни духовни суштества за своја сакана жена. Ова пророштво било цврст темел за надеж, иако деталите останале „света тајна“ која требало постепено да се разоткрива. Бог одлучил еден ангел од небесниот дел на неговата организација да ги уништи сите бунтовници и преку него да се состави „она што е на небесата и она што е на земјата“ (Еф. 1:8-10).

7. Што направиле некои ангели во времето на Ное, и што се случило со нив?

7 Во времето на Ное, некои ангели го напуштиле своето „вистинско живеалиште“ и се материјализирале во луѓе за да си ги задоволат своите себични желби на Земјата (Јуда 6; 1. Мој. 6:1-4). Јехова ги фрлил тие бунтовници во густа темнина, со што тие му се придружиле на Сатана и станале ‚зли духовни сили‘ и опасни непријатели на Божјите слуги (Еф. 6:11-13; 2. Пет. 2:4).

Како ни помагаат ангелите?

8, 9. Како Јехова ги користел ангелите да им помагаат на луѓето?

8 Авраам, Јаков, Мојсеј, Исус Навин, Исаија, Даниел, Исус, Петар, Јован и Павле се некои од оние на кои ангелите им служеле. Праведните ангели ги извршувале Божјите осуди и пренесувале пророштва и упатства, меѓу кои бил и Мојсеевиот закон (2. Цар. 19:35; Дан. 10:5, 11, 14; Дела 7:53; Отк. 1:1). Бидејќи сега ја имаме целата Божја реч, веројатно ангелите веќе не пренесуваат Божји пораки (2. Тим. 3:16, 17). Меѓутоа, далеку од човечките очи, тие многу трудољубиво ја извршуваат Божјата волја и им помагаат на неговите слуги.

9 Библијата нѐ уверува: „Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог, и ги избавува“ (Пс. 34:7; 91:11). Бидејќи Сатана ја довел во прашање верноста на луѓето, Јехова му дозволува да нѐ испита на најразлични начини (Лука 21:16-19). Меѓутоа, Бог знае до кој степен неговите слуги можат да издржат некој испит за да докажат дека му се верни. Тој знае до каде се нашите граници. (Прочитај 1. Коринќаните 10:13.) А ангелите секогаш се спремни да преземат нешто, кога тоа е во склад со Божјата волја. Тие ги спасиле Седрах, Мисах, Авденаго, Даниел и Петар, но не ги спречиле непријателите да ги убијат Стефан и Јаков (Дан. 3:17, 18, 28; 6:22; Дела 7:59, 60; 12:1-3, 7, 11). Очигледно, околностите и испитите што ги имале се разликувале. Слично на тоа, иако Јехова се погрижил да преживеат повеќето наши браќа што биле во нацистичките логори, некои сепак биле погубени.

10. На кој друг начин ни помага Бог освен преку ангелите?

10 Во Библијата никаде не се вели дека секој човек на Земјата си има свој ангел-чувар. Се молиме со доверба дека „што и да бараме во склад со неговата волја, [Бог] нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14). Се разбира, Јехова би можел да испрати ангел да ни помогне, но помошта може да дојде и на друг начин. Можеби сохристијаните ќе бидат поттикнати да ни помогнат и да нѐ утешат. Бог може да ни ги даде мудроста и силата што ни се потребни за да издржиме кога некој „трн во телото“ нѐ мачи и нѐ удира како да е „ангел на Сатана“ (2. Кор. 12:7-10; 1. Сол. 5:14).

Да се угледаме на Исус

11. Како Бог ги користел ангелите да му помогнат на Исус, и што докажал тој со тоа што му останал верен на Бог?

11 Да разгледаме како Јехова ги користел ангелите во врска со Исус. Тие го објавиле неговото раѓање и неговото воскресение и му помагале додека бил на Земјата. Ангелите можеле да ги спречат неговото апсење и суровата смрт. Но, не добиле таква задача. Наместо тоа, еден ангел бил испратен да го зајакне (Мат. 28:5, 6; Лука 2:8-11; 22:43). Во склад со Јеховината намера, Исус го дал својот живот како жртва и со тоа докажал дека еден совршен човек може да му остане верен на Бог дури и ако претрпи тешки страдања. Како награда, Јехова го воскреснал како бесмртно небесно суштество, му ја дал „сета власт“ и му ги подложил ангелите (Мат. 28:18; Дела 2:32; 1. Пет. 3:22). Така Исус покажал дека тој е главниот дел од ‚потомството‘ на Божјата ‚жена‘ (1. Мој. 3:15; Гал. 3:16).

12. Како можеме да бидеме ‚разборити‘ како Исус?

12 Исус знаел дека е погрешно да го стави Јехова на испит и да очекува ангелите да го спасат ако намерно направи нешто со што би се довел во опасност. (Прочитај Матеј 4:5-7.) Затоа, да се угледаме на Исус и да живееме „разборито“, без непотребно да се изложуваме на ризик, но сепак да ги поднесуваме прогонствата со доверба во Бог (Тит 2:12).

Што учиме од верните ангели

13. Што учиме од примерот на верните ангели спомнати во 2. Петрово 2:9-11?

13 Кога ги укорил оние што ‚зборувале погрдно‘ за Јеховините помазани слуги, апостол Петар укажал на добриот пример на праведните ангели. Иако имале голема моќ, „од почит кон Јехова“, ангелите понизно се воздржале да не им судат на другите и да ги обвинуваат. (Прочитај 2. Петрово 2:9-11.) И ние не треба да судиме за работи за кои немаме право да судиме. Напротив, треба да ги почитуваме оние што се поставени да го надгледуваат собранието и да ги оставиме работите во рацете на Јехова, Врховниот Судија (Рим. 12:18, 19; Евр. 13:17).

14. Што учиме од ангелите во врска со понизноста?

14 Од Јеховините ангели учиме и дека треба да бидеме понизни во службата. Некои ангели не сакале да им го кажат своето име на луѓето (1. Мој. 32:29; Суд. 13:17, 18). Иако на небото има милиони духовни суштества, во Библијата се запишани имињата само на Михаел и на Гавриел. Ова веројатно е така за да не се случи да почнеме да им оддаваме претерана чест на ангелите (Лука 1:26; Отк. 12:7). Кога апостол Јован паднал пред еден ангел да му се поклони, ангелот му рекол: „Не прави го тоа! Јас сум само роб како и ти и твоите браќа“ (Отк. 22:8, 9). Треба да го обожаваме и да му се молиме само на Бог. (Прочитај Матеј 4:8-10.)

15. Каков пример за стрпливост ни даваат ангелите?

15 Ангелите се одличен пример и за стрпливост. Тие се многу заинтересирани за Божјите свети тајни, но не ги знаат сите. „Во тоа и ангелите сакаат да ѕирнат“, вели Библијата (1. Пет. 1:12). И што прават? Стрпливо чекаат да дојде времето што го одредил Бог за неговата ‚разнолика мудрост да се објави преку собранието‘ (Еф. 3:10, 11).

16. Како може нашето однесување да влијае врз ангелите?

16 Христијаните кои трпат испити се ‚глетка за ангелите‘ (1. Кор. 4:9). Тие се многу задоволни кога гледаат дека сме верни, па дури и се радуваат кога некој грешник ќе се покае (Лука 15:10). Ангелите забележуваат и кога христијанките се однесуваат онака како што сака Бог. Во Библијата читаме дека „поради ангелите, жената треба да има на главата знак на подложност“ (1. Кор. 11:3, 10). Да, ангелите се радуваат кога гледаат дека христијанките и другите Божји слуги се подложуваат на теократскиот ред и поглаварство. Таквата подложност е убав пример и за небесните Божји синови.

Ангелите помагаат во проповедањето

17, 18. Зошто може да се рече дека ангелите ни помагаат во проповедањето?

17 Ангелите се вклучени во некои од најзначајните работи што се случуваат во „денот на Господарот“. На пример, имале удел кога било воспоставено Царството во 1914 год. и кога „Михаел и неговите ангели“ ги исфрлиле од небото Сатана и неговите демони (Отк. 1:10; 11:15; 12:5-9). Апостол Јован видел еден „ангел како лета среде небото, носејќи вечна добра вест за да им ја објави на оние што живеат на земјата“. Ангелот објавувал: „Бојте се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд! Поклонете му се на оној што ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода!“ (Отк. 14:6, 7). Ова ги уверува Јеховините слуги дека ангелите им помагаат додека ја објавуваат добрата вест за воспоставеното Царство и покрај тоа што Ѓаволот немилосрдно им се противи (Отк. 12:13, 17).

18 Иако еден ангел директно му се обратил на Филип и го упатил до етиопскиот дворјанин, денес ангелите нас не нѐ водат на таков начин до искрените луѓе (Дела 8:26-29). Сепак, многу искуства се доказ дека, иако не можеме да ги видиме, ангелите ни помагаат во проповедањето за Царството и нѐ водат до оние ‚кои исправно гледаат на вечниот живот‘ * (Дела 13:48). Затоа, многу е важно редовно да проповедаме со што ќе го дадеме својот дел барајќи ги оние што сакаат да „му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина“! (Јован 4:23, 24).

19, 20. Каква улога имаат ангелите во настаните што го обележуваат „свршетокот на овој поредок“?

19 Зборувајќи за нашето време, Исус рекол дека „на свршетокот на овој поредок“, ангелите „ќе ги одвојат злите од праведните“ (Мат. 13:37-43, 49). Ангелите учествуваат во конечното собирање и запечатување на помазаниците. (Прочитај Матеј 24:31; Отк. 7:1-3.) Освен тоа, тие ќе бидат со Исус кога ќе „ги одвојува овците од јарците“ (Мат. 25:31-33, 46).

20 „Кога од небото ќе се појави Господарот Исус со своите моќни ангели“, ќе бидат уништени сите „што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“ (2. Сол. 1:6-10). Јован, кој го видел истиот овој настан во видение, опишал дека Исус и небесните ангелски војски јаваат на бели коњи и праведно војуваат (Отк. 19:11-14).

21. Што ќе направи со Сатана и со демоните ангелот што го има „клучот од бездната“ и „голем синџир во раката“?

21 Јован видел и „еден ангел како слегува од небото со клучот од бездната и со голем синџир во раката“. Овој ангел не е никој друг туку архангелот Михаел, кој ќе го врзе Ѓаволот и ќе го фрли во бездната, а очигледно со него ќе бидат фрлени и демоните. Тие ќе бидат накратко ослободени на крајот од илјадагодишното владеење на Христос кога совршените луѓе ќе бидат испитани за последен пат. Потоа Сатана и сите други бунтовници ќе бидат уништени (Отк. 20:1-3, 7-10; 1. Јов. 3:8). Така, побуната против Бог ќе биде целосно задушена.

22. Какви задачи ќе имаат ангелите во настаните што се пред нас, и како треба да гледаме на тоа?

22 Наскоро ќе бидеме избавени од Сатановиот злобен свет. Ангелите ќе имаат важни задачи во текот на тие значајни настани со кои ќе биде докажано дека Јехова има право да владее и со кои потполно ќе се изврши неговата намера за Земјата и за луѓето. Праведните ангели навистина се „духови чија должност е да служат и кои се испратени да им служат на оние што ќе наследат спасение“. Затоа, да му бидеме благодарни на Јехова Бог за начинот на кој ги користи да ни помагаат да ја извршуваме неговата волја и да добиеме вечен живот.

[Фуснота]

Како ќе одговориш?

• Како се организирани небесните духовни суштества?

• Што направиле некои ангели во времето на Ное?

• Како Бог ги користел и ги користи ангелите да ни помагаат?

• Какви задачи имаат ангелите во нашево време?

[Прашања]

[Слика на страница 21]

Ангелите со радост ја вршат Божјата волја

[Слика на страница 23]

Исто како во случајот на Даниел, ангелите секогаш се спремни да преземат нешто, кога тоа е во склад со Божјата волја

[Слики на страница 24]

Биди смел, зашто ангелите ни помагаат додека проповедаме за Царството!

[Извор на слика]

Земја: фотографија на НАСА