Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Време за молчење“

„Време за молчење“

„Време за молчење“

„МОЛЧЕЊЕТО е злато“, вели една стара поговорка. Според еден речник, на хебрејски оваа поговорка гласи: „Ако еден збор вреди една сикла, тогаш молчењето вреди две“ (Бруеров речник на фрази и бајки — Brewer’s Dictionary of Phrase and Fable). А Соломон, мудриот цар на древниот Израел, напишал: „Сѐ си има свое време, сѐ што се прави под небото си има свое време... време за молчење и време за зборување“ (Проп. 3:1, 7).

Но, кога е подобро да се молчи отколку да се зборува? Зборот „молчи“ и неговите различни варијанти многу често се спомнуваат во Библијата. Контекстот во кој се користат овие зборови ни открива најмалку три подрачја од животот кога е подобро да молчиме. Да го разгледаме подетално молчењето како знак на почит, како доказ дека сме разборити и како помош кога длабоко размислуваме.

Знак на почит

Молчењето е знак на почит или чест. Пророкот Авакум рекол: „Јехова е во својот свет храм. Молчи пред него, цела земјо!“ (Авак. 2:20). Слугите на вистинскиот Бог треба ‚без збор да го чекаат, спасението од Јехова‘ (Плач 3:26). Псалмистот пеел: „Молчи пред Јехова и желно чекај го. Не гневи се на оној што е успешен на својот пат“ (Пс. 37:7).

Но, можеме ли да го славиме Јехова ако не зборуваме? Па, зарем не ни се случува понекогаш да занемиме пред убавината на некоја Јеховина творба? Кога размислуваме за таквите убавини, зарем не го славиме Творецот во нашето срце? Во почетокот на еден свој псалм, Давид вели: „За тебе, Боже, е фалбата и тишината на Сион, исполнет е заветот што ти е даден тебе“ (Пс. 65:1).

Ако Јехова ја заслужува нашата почит, тогаш истото важи и за она што го вели тој. На пример, кога Божјиот пророк Мојсеј за последен пат му се обратил на израелскиот народ, тој и свештениците го дале следниов совет: „Молчи и слушај... Слушај го гласот на Јехова, својот Бог“. Дури и од децата се барало внимателно да слушаат кога Израелците се собирале за да го слушаат читањето на Божјиот закон. Мојсеј рекол: „Собери го народот — мажите, жените, децата... за да слушаат и да научат“ (5. Мој. 27:9, 10; 31:11, 12).

И во наше време слугите на Јехова треба со почит да ги слушаат упатствата што ги добиваат на христијанските собири, меѓу кои се и големите конгреси. Ако непотребно си разговараме меѓу себе додека од подиумот се изнесуваат важни библиски вистини, зарем со тоа не би покажале непочитување кон Божјата реч и кон неговата организација? За време на програмата треба да молчиме и да слушаме.

Дури и во нашите лични разговори ќе покажеме почит ако внимателно слушаме. На пример, верниот Јов им рекол на своите обвинители: „Поучете ме, а јас ќе молчам!“ Јов бил спремен да слуша додека тие зборувале. А кога дошло ред тој да зборува, ги замолил: „Молчете и оставете ме, оставете ме да зборувам“ (Јов 6:24; 13:13).

Доказ за разборитост

Библијата вели: „Кој си ги зауздува усните, постапува разборито“. „Вистински разборитиот човек молчи“ (Изр. 10:19; 11:12). Размисли само каква разборитост покажал Исус со тоа што знаел кога да молчи. Кога сфатил дека нема да постигне ништо ако зборува пред своите непријатели кои биле полни со омраза кон него, ‚Исус молчел‘ (Мат. 26:63). Подоцна, кога бил изведен пред Пилат, Исус ‚не одговорил‘ ништо. Мудро одлучил неговите дела да зборуваат наместо него (Мат. 27:11-14).

Мудро е и ние да знаеме да си ги зауздаме усните, особено кога некој нѐ провоцира. Една изрека гласи: „Кој е бавен на гнев, многу е разборит, а кој е нестрплив, покажува глупавост“ (Изр. 14:29). Ако непромислено кажеме нешто во некоја напната ситуација, веројатно ќе ни излетаат зборови за кои подоцна ќе зажалиме што сме ги кажале. Во тие околности нашите зборови ќе звучат глупаво, а поради тоа може да чувствуваме и внатрешен немир.

Мудро е да си го контролираме јазикот и кога сме во присуство на лоши луѓе. Кога во служба некој нѐ исмејува, можеби е најдобро да молчиме. Освен тоа, понекогаш е мудро да молчиме и за да не оставиме впечаток дека одобруваме кога соучениците или колегите кажуваат безобразни шеги или зборуваат вулгарно (Еф. 5:3). Псалмистот напишал: „На устата ќе си ставам нарилник како стража, сѐ додека злосторникот е пред мене“ (Пс. 39:1).

„Вистински разборитиот“ човек е доверлив (Изр. 11:12). Еден вистински христијанин нема да открива доверливи работи пред други така што ќе зборува непромислено. Христијанските старешини мораат особено да внимаваат на ова за да ја задржат довербата на членовите на собранието.

Молчењето може да има многу добро влијание. Во врска со еден свој современик, англискиот писател од 19 век, Сидни Смит, напишал: „Кога тој понекогаш избира да молчи, неговите разговори се совршено пријатни“. И навистина, во секојдневните разговори меѓу двајца пријатели треба и двајцата да можат да се искажат. За некој да биде добар соговорник, мора да знае и да слуша.

„Многуте зборови не остануваат без грев“, предупредил Соломон, „а кој си ги зауздува усните, постапува разборито“ (Изр. 10:19). Значи, ако помалку зборуваме, помали се шансите да кажеме нешто неразборито. Всушност, „за мудар го сметаат и глупавиот кога молчи, и за разборит го сметаат оној што си ја држи устата затворена“ (Изр. 17:28). Затоа, да го молиме Јехова ‚да постави чувар на вратата од нашите усни‘ (Пс. 141:3).

Помош кога длабоко размислуваме

Библијата ни кажува дека оној што постапува праведно „внимателно го чита [Божјиот] закон дење и ноќе (Пс. 1:2). Во Преводот на д-р Д. Х. Константинов овој стих гласи: „За Неговиот Закон размислува дење и ноќе“. Во каква атмосфера можеме најдобро да размислуваме?

Исак, синот на Божјиот слуга Авраам, ‚излегол во полето за да размислува во приквечерината‘ (1. Мој. 24:63). Тој избрал тивко време и место за да размислува. Цар Давид размислувал во ноќната тишина (Пс. 63:6). Иако бил совршен човек, Исус бил свесен дека му треба време кога ќе биде сам за да размислува и затоа, за да побегне од вревата, одел на планина, во пустина и на други осамени места (Мат. 14:23; Лука 4:42; 5:16).

Тишината има голема закрепнувачка моќ. Таа ни дава одлична можност да се преиспитаме — многу важен чекор што ќе ни помогне да се подобруваме. Тишината може да ни донесе спокој. Кога размислуваме во тишина, кај нас можат да се разбудат скромноста и понизноста и може да се продлабочи нашето ценење за поважните работи во животот.

Иако молчењето може да се смета за доблест, сепак, има и „време за зборување“ (Проп. 3:7). Слугите на вистинскиот Бог ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство „по целиот свет“ (Мат. 24:14). Нивниот весел џагор станува сѐ погласен затоа што им се придружуваат уште многу други луѓе (Мих. 2:12). Затоа, по секоја цена, да бидеме и ние меѓу оние што ревносно ја објавуваат добрата вест за Царството и кои зборуваат за прекрасните Божји дела. Но, додека учествуваме во ова важно дело, од нашиот живот нека се види дека сме свесни дека понекогаш молчењето е злато.

[Слика на страница 3]

За време на нашите христијански состаноци треба да слушаме и да учиме

[Слика на страница 4]

Кога некој нѐ навредува во служба, можеби ќе биде најдобро да молчиме

[Слика на страница 5]

Тишината ни помага длабоко да размислуваме