Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади — вашиот напредок нека биде видлив

Млади — вашиот напредок нека биде видлив

Млади — вашиот напредок нека биде видлив

„Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. ТИМ. 4:15)

1. Што им посакува Бог на младите?

 „РАДУВАЈ СЕ, момче, во младоста своја, и нека те весели срцето во деновите на младоста“ (Проп. 11:9). Така напишал мудриот цар Соломон од древниот Израел. Млади, може да бидете сигурни дека Јехова Бог, оној од кого, всушност, потекнуваат тие зборови, сака да бидете среќни — и тоа не само во младоста туку во текот на целиот свој живот! Меѓутоа, честопати во младоста се прават грешки што можат да ја нарушат среќата подоцна во животот. Дури и верниот Јов жалел затоа што морал да ги трпи „последиците од престапите на [својата] младост“ (Јов 13:26). Како тинејџер и како млад човек, еден христијанин честопати мора да донесе некои сериозни одлуки. Лошите одлуки можат да му остават длабоки емоционални лузни и да доведат до проблеми што ќе влијаат врз остатокот од неговиот живот (Проп. 11:10).

2. Кој библиски совет ќе им помогне на младите да не направат сериозни грешки?

2 Значи, младите треба добро да ги просудуваат работите кога донесуваат одлуки. Размисли за советот што им го дал апостол Павле на Коринќаните. Тој напишал: „Не бидете деца во разборитоста... во разборитоста бидете возрасни“ (1. Кор. 14:20). Ако младите го послушаат советот да научат да размислуваат како возрасни луѓе, тоа ќе им помогне да не направат сериозни грешки.

3. Што можеш да правиш за да станеш зрела личност?

3 Ако си млад, имај на ум дека, за да станеш зрела личност, треба да вложиш труд. Павле му рекол на Тимотеј: „Никој нека не те потценува поради твојата младост, туку биди им пример на верните во говорот, во постапките, во љубовта, во верата, во чистотата... посвети се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето... Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:12-15). Младите христијани треба да напредуваат и нивниот напредок треба да им биде видлив на другите.

Што е напредок?

4. Што вклучува духовниот напредок?

4 Напредок значи „развој, подобрување“. Павле го поттикнал Тимотеј да се посвети на тоа да се подобрува во говорот, постапките, љубовта, верата и чистотата, но и во начинот на кој ја вршел својата служба. Тимотеј требало да се труди со својот начин на живот да им остави пример на другите. Затоа морал да продолжи духовно да напредува.

5, 6. а) Кога почнал да станува видлив напредокот на Тимотеј? б) Како можат младите да напредуваат слично како Тимотеј?

5 Кога Павле го напишал овој совет, некаде помеѓу 61 и 64 год. од н.е., Тимотеј веќе бил искусен старешина. Тој не бил на првото скалило од духовниот напредок. Во 49 или 50 год. од н.е., кога Тимотеј имал 20-ина години, за него ‚зборувале добро браќата во Листра и во Иконија‘, кои го набљудувале како духовно напредува (Дела 16:1-5). Тогаш Павле го зел со себе на своето мисионерско патување. Откако неколку месеци набљудувал како Тимотеј и понатаму напредува, го испратил во Солун за да ги утеши и да ги зацврсти христијаните во тој град. (Прочитај 1. Солуњаните 3:1-3, 6.) Очигледно, уште додека Тимотеј бил млад, неговиот напредок им бил видлив на другите.

6 Вие млади во собранието, уште сега работете на тоа да ги развивате потребните особини, за да може јасно да се види дека се подобрувате како христијани и дека повешто поучувате за библиската вистина. Веќе на 12-годишна возраст, Исус ‚напредувал во мудроста‘ (Лука 2:52). Да разгледаме сега како можеш да покажеш дека напредуваш на три подрачја од животот: 1) кога ќе наидеш на проблеми, 2) додека се подготвуваш за брак и 3) додека се трудиш да станеш „добар слуга“ (1. Тим. 4:6).

Соочи се со проблемите со „разборитост“

7. Како можат стресните ситуации да влијаат врз младите?

7 Керол, 17-годишна христијанка, вели: „Понекогаш бев толку емоционално, физички и психички исцрпена што не ми се стануваше наутро“. * Зошто ѝ било толку тешко? Кога имала 10 години, нејзините родители се развеле, а таа морала да живее со мајка ѝ, која не сакала повеќе да живее според библиските морални мерила. Можеби и ти, како Керол, се соочуваш со некои особено стресни ситуации од кои ти се чини дека нема излез.

8. Со какви проблеми се борел Тимотеј?

8 Тимотеј напредувал духовно, но се борел и со тешки околности. На пример, често бил болен поради проблеми со желудникот (1. Тим. 5:23). Еднаш Павле го испратил во Коринт за да среди извесни проблеми што ги предизвикале некои поединци кои се противеле на авторитетот на овој апостол. Во своето писмо до Коринќаните, Павле го поттикнал ова собрание да соработува за да може Тимотеј „да биде без страв“ кај нив (1. Кор. 4:17; 16:10, 11). Очигледно, Тимотеј бил срамежлив, или плашлив по природа.

9. Што е разборитост, и како таа се разликуваа од плашливоста?

9 За да му помогне на Тимотеј, Павле подоцна го потсетил: „Бог не ни даде дух кој нѐ прави плашливи, туку дух кој ни дава сила, љубов и разборитост“ (2. Тим. 1:7). Оној што е ‚разборит‘ добро расудува и се води по разумот, а не по чувствата. Тоа значи дека ги прифаќа работите такви какви што се, а не какви што би сакал да бидат. Некои млади се плашливи и се обидуваат да избегаат од стресната реалност така што премногу спијат или гледаат ТВ, почнуваат да се дрогираат или да пијат, нон-стоп одат на забави или се оддаваат на неморал. Христијаните се советувани ‚да се откажат од безбожноста и од световните желби и да живеат разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет‘ (Тит 2:12).

10, 11. Како разборитоста ни помага да се зајакнеме како христијани?

10 Библијата ги поттикнува „помладите мажи... да бидат разборити“ (Тит 2:6). Ако се држиш за овој совет, кога ќе имаш проблеми, ќе се молиш и ќе имаш доверба во Бог. (Прочитај 1. Петрово 4:7.) На тој начин, ќе научиш со целосна доверба да се потпираш на „силата што ја дава Бог“ (1. Пет. 4:11).

11 Токму разборитоста и молитвата ѝ помогнале на Керол. Таа вели: „Една од најтешките работи што морав да ги направам беше јасно да ѝ ставам на мајка ми до знаење дека не го одобрувам нејзиниот неморален живот. Но, молитвата многу ми помогна во тоа. Знам дека Јехова е со мене, и веќе не се плашам“. Не заборавај, проблемите може да те направат подобра личност и да те зајакнат (Пс. 105:17-19; Плач 3:27). Сеедно каков проблем имаш, Бог никогаш нема да те остави. Тој ‚ќе ти помогне‘ (Иса. 41:10).

Подготовка за успешен брак

12. Зошто христијаните што сакаат да стапат во брак треба да го земат предвид начелото од Изреки 20:25?

12 Некои млади избрзано стапуваат во брак бидејќи мислат дека така веќе нема да се чувствуваат несреќни и осамени и дека ќе се спасат од здодевноста и од проблемите дома. Меѓутоа, брачниот завет е многу сериозна работа. Во библиски времиња, некои брзоплето дале свет завет, без внимателно да размислат што значи тоа. (Прочитај Изреки 20:25.) Понекогаш, младите не размислуваат сериозно што сѐ е потребно за еден брак да успее. Дури отпосле сфаќаат дека треба многу повеќе отколку што мислеле.

13. За кои прашања треба да размислат оние што размислуваат да почнат врска, и каде можат да најдат корисни совети?

13 Затоа, пред да почнеш врска, размисли: „Зошто сакам да стапам во брак? Што очекувам од бракот? Дали тој или таа е вистинската личност за мене? Дали сум спремен за должностите што ги носи бракот?‘ За да ти помогне добро да се преиспиташ, „верниот и разборит роб“ има издадено статии што детално зборуваат на оваа тема * (Мат. 24:45-47). Сметај ги како совет што Јехова ти го дава лично тебе. Внимателно размисли за она што е напишано во нив и примени го. Никогаш не дозволувај да станеш „како коњ или маска без разум“ (Пс. 32:8, 9). Добро запознај се со одговорностите што ги носи бракот. А ако сметаш дека си спремен да започнеш врска, никогаш не губи од вид дека треба да бидеш „пример... во чистотата“ (1. Тим. 4:12).

14. Како ќе ти помогне духовната зрелост ако стапиш во брак?

14 Духовната зрелост помага и откако двајца ќе стапат во брак. Еден духовно зрел христијанин се труди да ‚порасне до Христовата полнота‘ (Еф. 4:11-14). Со сите сили работи на тоа да биде како Исус. Христос, како наш Пример, ‚не си угодувал себеси‘ (Рим. 15:3). Кога ниеден од брачните другари не ја бара својата корист, туку користа на другиот, бракот ќе им биде едно сигурно прибежиште каде што ќе најдат спокој и среќа (1. Кор. 10:24). Сопругот ќе покажува самопожртвувана љубов, а сопругата ќе биде решена да му биде подложна како што Исус му е подложен на својот Поглавар (1. Кор. 11:3; Еф. 5:25).

„Потполно изврши ја својата служба“

15, 16. Што можеш да направиш за да напредуваш во службата?

15 Нагласувајќи му на Тимотеј колку важна задача има, Павле напишал: „Те заколнувам пред Бог и пред Христос Исус... проповедај ја Божјата реч и прави го тоа со чувство на итност“. Потоа додал: „Проповедај ја добрата вест, потполно изврши ја својата служба“ (2. Тим. 4:1, 2, 5). За да го исполни ова, Тимотеј морал да биде „хранет со зборовите на верата“. (Прочитај 1. Тимотеј 4:6.)

16 Како можеш да бидеш „хранет со зборовите на верата?“ Павле напишал: „Посвети се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето. Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа“ (1. Тим. 4:13, 15). За да напредуваш, мора темелно да проучуваш. Изразот „сиот посвети се“ ја пренесува мислата да бидеш задлабочен во некоја работа. Какви навики на проучување имаш? Дали сиот си посветен на истражување на „Божјите длабочини“? (1. Кор. 2:10). Или, пак, вложуваш само минимален напор? Ако размислуваш за она што го проучуваш, тоа ќе допре до твоето срце. (Прочитај Изреки 2:1-5.)

17, 18. а) Кои вештини треба да ги развиваш? б) Од каква помош ќе ти биде во службата ако имаш став како Тимотеј?

17 Една млада пионерка по име Мишел, вели: „За да можам делотворно да ја извршувам службата, имам добар распоред за лично проучување и редовно одам на состаноците. Како резултат на тоа, постојано растам духовно“. Пионерската служба може многу да ти помогне повешто да ја користиш Библијата кога проповедаш и да напредуваш духовно. Труди се да бидеш добар читач и да даваш обмислени коментари на христијанските состаноци. За да се види дека духовно си созреал, треба да подготвуваш поучни говори за Теократската школа за служба, при што ќе се држиш за материјалот што ти е доделен.

18 ,Да ја проповедаш добрата вест‘ значи да се трудиш службата да ти биде поделотворна и да им помагаш на луѓето да се спасат. За ова е потребно да бидеш „вешт во поучувањето“ (2. Тим. 4:2). Ако одиш во служба со поискусни објавители, ќе можеш да учиш од нив, исто како што Тимотеј учел од Павле (1. Кор. 4:17). Во врска со оние што ги поучил за вистината, Павле рекол дека, не само што им ја пренел добрата вест туку го дал, односно го користел и „својот живот“ за да им помогне, бидејќи ги засакал (1. Сол. 2:8). За да го следиш примерот на Павле во службата, треба да имаш ист став како Тимотеј, кој вистински се грижел за другите и ‚робувал во ширењето на добрата вест‘. (Прочитај Филипјаните 2:19-23.) Дали и ти си толку самопожртвуван во службата?

Напредокот донесува вистинско задоволство

19, 20. Зошто сме задоволни и среќни кога напредуваме духовно?

19 За да напредуваш духовно, треба да вложиш труд. Но, ако стрпливо работиш на тоа да станеш повешт учител, со текот на времето ќе ‚збогатиш мнозина‘ во духовен поглед, а тие ќе ти бидат ‚радост или круна со која ќе се гордееш‘ (2. Кор. 6:10; 1. Сол. 2:19). „Како никогаш порано, времето го трошам на тоа да им помагам на другите“, објаснува Фред, полновремен објавител. „Чиста вистина е дека повеќе усреќува давањето отколку примањето.“

20 Една млада пионерка по име Дафне, кажува колку голема радост и задоволство чувствува поради тоа што созрева духовно: „Колку повеќе го запознавав Јехова, толку поблиска станував со него. Тоа што знам дека со сите сили, со сета душа го правам она што го радува Јехова ми носи вистинско задоволство и среќа!“ Иако можеби луѓето не го забележуваат секогаш духовниот напредок, Јехова го гледа и го цени (Евр. 4:13). Нема никакво сомнение, вие, млади христијани, можете да му донесете слава и чест на нашиот небесен Татко. Продолжете да го радувате со тоа што навистина ќе се трудите вашиот напредок да биде видлив! (Изр. 27:11).

[Фусноти]

^ Некои имиња се сменети.

^ „Дали тој е за мене?“ во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2; „Божествено водство при изборот на брачен партнер“ во Стражарска кула од 15 мај, 2001 и „Дали сум спремен за брак?“ во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1.

Што научи?

• Што вклучува духовниот напредок?

• Како ќе се види дека напредуваш...

...кога имаш проблеми?

...кога размислуваш за брак?

...во службата?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Молитвата може да ти помогне кога имаш проблеми

[Слика на страница 16]

Како можат младите да научат делотворно да поучуваат?