Сопрузи, покажувајте љубов како Христовата!
Сопрузи, покажувајте љубов како Христовата!
ПОСЛЕДНАТА ноќ од својот живот на Земјата, Исус им рекол на своите верни апостоли: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). Значи, вистинските христијани мораат да се сакаат еден со друг.
Обраќајќи им се директно на христијанските сопрузи, апостол Павле напишал: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:25). Како може еден маж да го примени овој библиски совет во својот брак, особено кога и неговата жена е верен слуга на Јехова?
Христос го сакал собранието
„Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела“, вели Библијата. „Кој ја сака својата жена, се сака самиот себе. Зашто, никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува, како и Христос собранието“ (Еф. 5:28, 29). Исус многу ги сакал своите ученици. Иако тие биле несовршени, тој бил благ и љубезен со нив. Бидејќи сакал „да го доведе пред себе собранието во неговиот сјај“, Исус се концентрирал на добрите особини на своите ученици (Еф. 5:27).
Исто како што Христос му покажувал љубов на собранието, така и мажот мора на својата жена и да ѝ каже со збор и да ѝ покаже на дело дека ја сака. Тогаш жената се чувствува сакана и среќна. Од друга страна, ако мажот ја запоставува, жената ќе биде очајна и несреќна, макар и да ги има сите удобности во животот.
Како еден маж ќе покаже дека ја сака својата жена? Кога се меѓу други луѓе, ѝ се обраќа со почит и отворено ја фали за поддршката што му ја дава. Ако таа помогнала да направат нешто важно како семејство, тој отворено го кажува тоа пред другите. Кога се насамо, жената ја чувствува љубовта на мажот. Можеби еден допир, една насмевка, една прегратка, еден комплимент не е голема работа, но на една жена тоа многу ѝ значи.
‚Не се срамел да ги нарекува „браќа“‘
Исус Христос ‚не се срамел да ги нарекува [своите помазани следбеници] „браќа“‘ (Евр. 2:11, 12, 17). Ако си во брак, не заборавај дека твојата жена ти е и христијанска сестра. Заветот што му го дала на Јехова доаѓа пред нејзиниот брачен завет, без разлика дали се крстила пред или откако се омажила за тебе. Кога братот што има точка на некој собраниски состанок ќе ѝ даде можност на твојата жена да коментира, ѝ се обраќа со „сестра...“. Но, таа е и твоја сестра, и тоа не само во Салата на Царството туку и дома. Затоа, ако е важно да бидеш љубезен и обѕирен кон неа во Салата на Царството, исто толку е важно така да се однесуваш со неа и кога сте дома.
Ако имаш дополнителни задачи во собранието, можеби понекогаш ти е тешко да најдеш рамнотежа меѓу собраниските и семејните одговорности. Но, ако има добра соработка меѓу старешините и слугите-помошници и ако се распоредат
собраниските одговорности на повеќе луѓе, ќе имаш повеќе време за сестрата на која најмногу ѝ требаш — на твојата жена. Не заборавај, има и други браќа кои сигурно би можеле да ги завршат собраниските должности што ти се доделени, но ти си единствениот брат кој има брачна должност кон твојата жена.Освен тоа, ти си ѝ поглавар на својата жена. Библијата вели: „Глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот“ (1. Кор. 11:3). Како треба да се однесуваш како поглавар? Со љубов, а не така што постојано ќе ѝ го цитираш овој стих на жена си и ќе инсистираш да те почитува. За исправно да ја вршиш својата улога на поглавар, учи од Исус Христос и постапувај така со својата жена (1. Пет. 2:21).
„Вие сте мои пријатели“
Исус ги нарекувал своите ученици пријатели. Тој им рекол: „Повеќе не ве нарекувам робови, бидејќи робот не знае што прави неговиот господар. Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“ (Јован 15:14, 15). Исус и неговите ученици имале многу добра комуникација. Многу работи правеле заедно. „Исус и неговите ученици“ биле поканети на една свадба во Кана (Јован 2:2). Имале и заеднички омилени места, како што била градината Гетсиманија. Библијата вели дека ‚Исус често се состанувал таму со своите ученици‘ (Јован 18:2).
Една жена има потреба да чувствува дека таа му е најдобриот пријател на својот маж. Затоа, многу е важно вие, мажи и жени, да му се радувате на животот заедно! Служете му на Бог заедно. Проучувајте ја Библијата заедно. Поминувајте време заедно — шетајте, разговарајте и јадете заедно. Не бидете само брачни партнери — бидете блиски пријатели.
„Им покажуваше љубов до крај“
Исус ‚им покажал љубов на своите ученици до крај‘ (Јован 13:1). Некои мажи не го следат примерот на Исус во овој поглед. На пример, има мажи што дури ја оставаат „жената на својата младост“, можеби за некоја помлада (Мал. 2:14, 15).
Но други, како Вили, се угледуваат на Христос. Поради слабото здравје, на неговата жена веќе долги години постојано ѝ треба нега. Што мисли Вили за ова? Тој вели: „Отсекогаш ја сметав жена ми за дар од Бог и токму така и се однесувам со неа. Освен тоа, пред 60 години ветив дека ќе се грижам за неа и во добро и во зло. Никогаш нема да го погазам тоа ветување“.
Сопрузи, покажувајте љубов како Христовата. Сакајте ја својата богобојазлива жена — таа е ваша сестра и ваша пријателка.
[Слика на страница 20]
Дали твојата жена ти е најдобриот пријател?
[Слика на страница 20]
‚Сакај ја својата жена‘