Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди ревносен за Јеховиниот дом!

Биди ревносен за Јеховиниот дом!

Биди ревносен за Јеховиниот дом!

„Ревноста за твојот дом ќе ме изеде“ (ЈОВАН 2:17)

1, 2. Што направил Исус во храмот во 30 год. од н.е., и зошто?

 ПРЕТСТАВИ СИ ЈА сцената — Пасха, 30 год. од н.е. Шест месеци пред тоа Исус ја започнал својата служба на Земјата. Сега оди во Ерусалим. Во храмот, во Дворот на не-Евреите, ги затекнува ‚оние што продаваат говеда, овци и гулаби, како и менувачите на пари како седат таму‘. Си прави бич од јажиња и со него ги истерува од храмот сите животни, а трговците, се разбира, одат по нив. Исус им ги истура парите на менувачите на пари и им ги испревртува масите. На оние што продаваат гулаби им наредува да си соберат сѐ и да си одат (Јован 2:13-16).

2 Од овие постапки на Исус се гледа колку му бил важен храмот. „Не правете од домот на мојот Татко трговска куќа!“ — заповедал тој. Додека неговите ученици го гледале што прави, се сетиле на зборовите што со векови пред тоа ги запишал псалмистот Давид: „Ревноста за твојот дом ќе ме изеде“ (Јован 2:16, 17; Пс. 69:9).

3. а) Што е ревност? б) За кое прашање е добро да размислиме?

3 Она што го натерало Исус да постапи така била неговата грижа, односно ревност за Божјиот дом. Ревност е голема одушевеност, желба или посветеност на нешто. Во овој 21 век, над седум милиони христијани покажуваат ревност за Божјиот дом. Добро е секој од нас да размисли: ‚Како можам јас да покажувам уште поголема ревност за Јеховиниот дом?‘ За да одговориме на ова прашање, од помош ќе ни биде најнапред да разгледаме што е Божјиот дом денес. Потоа ќе спомнеме неколку библиски примери на верни мажи кои покажувале ревност за Божјиот дом. Нивниот пример е запишан „за наша поука“ и може да нѐ поттикне да бидеме уште поревносни (Рим. 15:4).

Божјиот дом — некогаш и сега

4. За што служел храмот што го изградил Соломон?

4 Во древниот Израел, Божји дом бил храмот во Ерусалим. Се разбира, Јехова не живеел таму во буквална смисла на зборот. Тој рекол: „Небесата се мојот престол, а земјата ми е подножје на нозете. Тогаш, каде можете да ми изградите дом? Тогаш, каде е местото за моето живеалиште?“ (Иса. 66:1). Сепак, храмот што бил изграден за време на владеењето на Соломон бил главното место каде што се обожавал Јехова и од каде што му се упатувале молитви (1. Цар. 8:27-30).

5. Што е Јеховиниот дом во денешно време?

5 Денес, Јеховиниот дом не е некоја градба во Ерусалим или на некое друго место. Во денешно време, тој го претставува сето она што Бог го подготвил за да можеме да му служиме на темел на откупната жртва на Христос. Сите верни Божји слуги на Земјата обединето го обожаваат Јехова во овој духовен храм (Иса. 60:4, 8,  13; Дела 17:24; Евр. 8:5; 9:24).

6. Кои цареви на Јуда покажале исклучителна ревност за обожавањето на вистинскиот Бог?

6 Откако Израел се поделил на две царства во 997 год. пр.н.е, четворица од 19-те цареви што владееле со јужниот дел, Јуда, покажале исклучителна ревност за обожавањето на вистинскиот Бог. Тоа биле Аса, Јосафат, Езекија и Јосија. Кои важни работи можеме да ги научиме од нив?

Благослови кога се служи со сето срце

7, 8. а) Каква служба благословува Јехова? б) На што нѐ предупредува примерот на цар Аса?

7 За време на владеењето на цар Аса, Јехова испраќал пророци да го водат неговиот народ по исправниот пат. На пример, Библијата ни кажува дека Аса го слушал пророкот Азарија, синот на Одед. (Прочитај 2. Летописи 15:1-8.) Реформите што ги спровел Аса ги обединиле сите жители на Јуда, но и голем број луѓе од царството Израел кои дошле во Ерусалим за да присуствуваат на еден голем собир. Сите тие изјавиле дека се цврсто решени верно да му служат на Јехова. Во извештајот читаме: „Му се заколнаа на Јехова со силен глас, воскликнувајќи радосно и трубејќи во труби и рогови. Целиот народ на Јуда се радуваше поради таа заклетва, зашто се заколнаа со сето свое срце и го бараа со задоволство, па тој им дозволи да го најдат. И Јехова им даде мир на сите нивни граници“ (2. Лет. 15:9-15). Јехова сигурно ќе нѐ благослови и нас ако му служиме со сето срце (Мар. 12:30).

8 За жал, подоцна Аса се навредил кога добил укор од јасновидецот Ананиј (2. Лет. 16:7-10). Како реагираме ние кога Јехова ќе ни даде некој совет или укор преку христијанските старешини? Дали без приговор ги прифаќаме нивните библиски совети и не дозволуваме кај нас да се роди огорченост?

9. Во каква опасност биле Јосафат и народот на Јуда, и што направиле?

9 Јосафат царувал во Јуда во 10 век пр.н.е. Тој и целата Јуда биле во опасност затоа што здружените сили на Амон, Моав и народите од планинскиот регион Сеир се спремале да ги нападнат. Што направил царот и покрај тоа што бил уплашен? Тој и сите жители на Јуда, вклучувајќи ги и жените и децата, отишле во Јеховиниот дом да се молат. (Прочитај 2. Летописи 20:3-6.) Во склад со зборовите што Соломон ги кажал при посветувањето на храмот, Јосафат горливо го молел Јехова: „Боже наш, зарем нема да им пресудиш? Зашто, ние сме немоќни пред ова големо мноштво што доаѓа против нас. Ние не знаеме што да правиме, но нашите очи се вперени во тебе“ (2. Лет. 20:12, 13). Откако Јосафат се помолил, Јеховиниот дух слегол „среде заедницата“ и го поттикнал левитот Јазиел да им каже на луѓето утешни зборови кои им влеале доверба. (Прочитај 2. Летописи 20:14-17.)

10. а) На кој начин добиле упатства Јосафат и народот на Јуда? б) Како ќе покажеме ценење за упатствата што Јехова ни ги дава денес?

10 Да, во таа прилика Јосафат и царството Јуда добиле упатства од Јехова преку Јазиел. Денес, ние добиваме утеха и упатства преку верниот и разборит роб. Затоа, треба секогаш да ги почитуваме и да соработуваме со именуваните старешини, кои вложуваат многу труд за да нѐ водат и да ги спроведуваат упатствата од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45; 1. Сол. 5:12, 13).

11, 12. Што учиме од она што им се случило на Јосафат и народот на Јуда?

11 Исто како што Јосафат и неговиот народ се собрале за да бараат водство од Јехова, и ние не смееме да го запоставиме редовното присуство на собраниските состаноци на кои сме заедно со нашите браќа и сестри. Ако некогаш се најдеме во тешка ситуација и не знаеме што да правиме, да се угледаме на убавиот пример што ни го оставиле Јосафат и народот на Јуда и да му се молиме на Јехова со потполна доверба во него (Изр. 3:5, 6; Фил. 4:6, 7). Дури и ако сме сами, без ниеден соверник околу нас, кога му се молиме на Јехова, се чувствуваме обединети со нашите „браќа по светот“ (1. Пет. 5:9).

12 Јосафат и неговиот народ ги послушале упатствата што Јехова им ги дал преку Јазиел. Каков бил резултатот? Победиле во битката и „радосно“ се вратиле во Ерусалим и „во Јеховиниот дом со псалтири, харфи и труби“ (2. Лет. 20:27, 28). И ние треба да се држиме за Јеховините упатства што ги добиваме преку верниот роб и заедно со него да го фалиме Бог.

Добро да се грижиме за нашите места за состаноци

13. Каква работа започнал Езекија во почетокот на своето царување?

13 Во првиот месец од своето царување, Езекија покажал ревност за обожавањето на Јехова со тоа што повторно го отворил и го поправил храмот. Ги организирал свештениците и левитите да го исчистат Божјиот дом. Таа работа била завршена за 16 дена. (Прочитај 2. Летописи 29:16-18.) Ова нѐ потсетува на грижата и поправките што се потребни за да ги одржуваме нашите места за состаноци во состојба од која ќе се види нашата ревност за Јехова. Сигурно си чул искуства за луѓе кои се одушевени од ревноста на браќата и сестрите што го прават тоа. Да, нивниот труд му донесува голема фалба на Јехова.

14, 15. Со која служба му се носи голема фалба на Јехова? Наведи примери.

14 Во еден град на северот од Англија, еден човек не дозволувал да се реновира Салата на Царството која граничела со неговиот имот. Браќата љубезно му понудиле една услуга. Бидејќи забележале дека ѕиданата ограда помеѓу Салата на Царството и имотот на соседот треба да се поправи, му предложиле да го направат тоа на свој трошок. Но, направиле нешто повеќе — ја изѕидале наново речиси целата ограда. Браќата постапиле толку убаво што соседот го сменил својот став. Тој сега дури и внимава да не се случи нешто лошо со Салата на Царството.

15 Јеховиниот народ учествува во една меѓународна програма на изградба. Локални доброволци спремно им се придружуваат на полновремените меѓународни слуги за да градат не само Сали на Царството туку и Конгресни сали и Бетели. Сем е стручњак за парно греење, за вентилација и за клима-уреди. Тој и неговата жена, Рут, помагале на градежни проекти во неколку земји во Европа и во Африка. Но, каде и да одат, тие сакаат и да проповедаат заедно со браќата од тамошните собранија. Сем објаснува што го поттикнало да учествува во такви меѓународни проекти: „Многу ме охрабрија оние што служат во Бетелите во разни земји. Кога ја гледав нивната ревност и радост, посакав да ја вршам оваа служба“.

Послушни на упатствата од Бог

16, 17. Во каква посебна активност ревносно учествува Божјиот народ, и со каков резултат?

16 Освен што го поправил храмот, Езекија повторно ја вовел и прославата на Пасхата секоја година, како што заповедал Јехова. (Прочитај 2. Летописи 30:1, 4, 5.) Езекија и жителите на Ерусалим го поканиле да дојде целиот народ — дури и луѓето од северното царство. Низ целата земја биле испратени гласници со писма со кои ги повикувале луѓето (2. Лет. 30:6-9).

17 Во изминативе години и ние правиме нешто слично. Користиме убави покани за да ги поканиме луѓето на нашето подрачје заедно со нас да ја прослават Господаровата вечера, зашто така заповедал Исус (Лука 22:19, 20). На Состанокот за нашата служба добиваме упатства како да го правиме тоа, и потоа со ревност ги применуваме. И гледаме дека Јехова ги благословува нашите напори! На пример, минатата година, околу седум милиони Сведоци делеа покани, а на Спомен-свеченоста присуствуваа вкупно 17.790.631 лице!

18. Зошто е толку важно ревносно да му служиме на вистинскиот Бог?

18 За Езекија читаме: „Имаше доверба во Јехова, Богот на Израел, и како него немаше друг меѓу сите цареви на Јуда по него, а ни меѓу оние пред него. Цврсто се држеше за Јехова и не отстапи од него, туку ги држеше заповедите кои Јехова му ги даде на Мојсеј“ (2. Цар. 18:5, 6). Да се угледаме на него. Нашата ревност за Божјиот дом ќе ни помогне ‚цврсто да се држиме за Јехова‘, имајќи го на ум вечниот живот (5. Мој. 30:16).

Брзо реагирај на упатствата

19. Какви ревносни напори се вложуваат во времето околу Спомен-свеченоста?

19 Кога царувал Јосија, и тој организирал да се прославува Пасхата и правел детални подготовки за тој настан (2. Цар. 23:21-23; 2. Лет. 35:1-19). И ние обрнуваме посебно внимание на тоа добро да се подготвиме за обласните конгреси, за покраинските и за посебните собири, како и за Спомен-свеченоста. Браќата во некои земји дури и си го ризикуваат животот за да бидат присутни на одбележувањето на Христовата смрт. Ревносните старешини се грижат никој во собранието да не биде изоставен. На постарите и на болните им се помага да присуствуваат на тој настан.

20. а) Што се случило за време на владеењето на цар Јосија, и како реагирал тој? б) Каква поука треба да извлечеме од ова?

20 За време на обновата што ја спровел цар Јосија, првосвештеникот Хелкија ‚ја пронашол книгата на Јеховиниот закон, добиена преку Мојсеј‘. Му ја предал оваа книга на царевиот писар Сафан, кој почнал да му ја чита на Јосија. (Прочитај 2. Летописи 34:14-18.) Каков ефект имало тоа? Царот веднаш си ја раскинал облеката од жалост и им заповедал на своите луѓе да побараат совет од Јехова. Преку пророчицата Олда, Бог пратил порака во која осудил некои од верските обичаи што се правеле во Јуда. Но, Бог ги забележал напорите на Јосија да го отстрани идолопоклонството и затоа останал во Неговата милост, и покрај неволјите што биле проречени за народот како целина (2. Лет. 34:19-28). Што можеме да научиме од ова? Сигурно и ние имаме иста желба како Јосија. Сакаме брзо да реагираме на упатствата од Јехова, имајќи го на ум овој предупредувачки пример кој покажува што може да се случи ако дозволиме во нашето обожавање да се вовлечат отпадништво и неверност. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ја забележи нашата ревност, исто како во случајот на Јосија.

21, 22. а) Зошто треба да бидеме ревносни за Божјиот дом? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Овие четири цареви на Јуда — Аса, Јосафат, Езекија и Јосија — ни даваат многу убав пример за тоа што значи да се биде ревносен за Божјиот дом и за службата за Бог. Ревноста треба и нас да нѐ поттикне да имаме доверба во Јехова и да даваме сѐ од себе за обожавањето на вистинскиот Бог. Ќе постапиме мудро и ќе бидеме среќни ако ги слушаме упатствата од Бог и ако ги цениме грижата и советите што ги добиваме преку собранието и старешините.

22 Во следната статија ќе се зборува за ревноста во службата на проповедање, а младите ќе бидат поттикнати ревносно да му служат на нашиот небесен Татко. Ќе разгледаме и како да избегнеме една од најопасните замки на Сатана. Кога ревносно ги прифаќаме сите вакви совети од Јехова, ние го следиме примерот на неговиот Син, Исус, за кого е напишано: „Ревноста за домот твој ме изеде“ (Пс. 69:9; 119:111, 129; 1. Пет. 2:21).

Се сеќаваш ли?

• Каква служба благословува Јехова, и зошто?

• Како ќе покажеме доверба во Јехова?

• Како ревноста ќе нѐ поттикне да ги слушаме упатствата од Бог?

[Прашања]

[Слики на страница 9]

Како покажале ревност за Јеховиниот дом Аса, Јосафат, Езекија и Јосија?