Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ревносно прави добри дела“

„Ревносно прави добри дела“

„Ревносно прави добри дела“

„Христос се дал себеси за нас, за да нѐ избави од секое беззаконие и да исчисти за себе народ што го избрал, кој ревносно прави добри дела“ (ТИТ 2:14)

1. Што се случува кога Исус доаѓа во храмот на 10 нисан 33 год. од н.е.?

 ДЕСЕТТИ Нисан 33 год. од н.е. Уште неколку дена ќе биде Пасхата. Се чувствува возбуда меѓу мноштвото луѓе собрани во храмот во Ерусалим. Што ќе се случи кога ќе дојде Исус? Писателите на три евангелија — Матеј, Марко и Лука — гледаат како Исус по вторпат ги истерува од храмот сите што продаваат и купуваат таму. Им ги испревртува масите на менувачите на пари и клупите на продавачите на гулаби (Мат. 21:12; Мар. 11:15; Лука 19:45). Исус го прави ова со иста ревност како и три години пред тоа (Јован 2:13-17).

2, 3. Од каде знаеме дека Исус не покажал ревност само со тоа што го исчистил храмот?

2 Од извештајот на Матеј се гледа дека, освен што покажал ревност со тоа што го исчистил храмот, Исус ги лекувал и слепите и куците што доаѓале кај него (Мат. 21:14). Лука ни кажува и за други дела што ги направил Исус. „[Исус] секој ден поучуваше во храмот“ (Лука 19:47; 20:1). Значи, ревноста на Исус била многу впечатлива додека ја извршувал својата служба.

3 Подоцна, апостол Павле му пишал на Тит и му објаснил дека Исус „се дал себеси за нас, за да нѐ избави од секое беззаконие и да исчисти за себе народ што го избрал, кој ревносно прави добри дела“ (Тит 2:14). Како можеме ние денес ‚ревносно да правиме добри дела‘? И како ќе нѐ охрабри примерот на добрите цареви на Јуда?

Ревност за проповедањето и поучувањето

4, 5. Какви добри дела ревносно правеле четирите јудејски цареви?

4 Аса, Јосафат, Езекија и Јосија презеле мерки за да се искорени идолопоклонството во Јуда. Аса ‚ги отстранил жртвениците на туѓите богови и обредните височинки, ги искршил светите столбови и ги исекол обредните диреци‘ (2. Лет. 14:3). Од ревност за обожавањето на Јехова, Јосафат ‚ги отстранил од Јуда обредните височинки и обредните диреци‘ (2. Лет. 17:6; 19:3). a

5 По седумдневната прослава на Пасхата што ја организирал Езекија во Ерусалим, ‚сите Израелци што биле таму се разотишле по градовите на Јуда и почнале да ги кршат обредните столбови, да ги сечат обредните диреци и да ги рушат обредните височинки и жртвениците по целата земја на Јуда, на Венијамин, на Ефрем и на Манасија, додека не уништиле сѐ‘ (2. Лет. 31:1). Јосија станал цар кога имал само осум години. Библијата вели: „Во осмата година од своето царување, додека уште беше момче, почна да го бара Богот на Давид, својот прататко, а во дванаесеттата година почна да ги чисти Јуда и Ерусалим од обредните височинки, од обредните диреци, од режаните ликови и од излеаните статуи“ (2. Лет. 34:3). Значи сите овие четири цареви ревносно правеле добри дела.

6. Зошто нашата служба може да се спореди со она што го направиле верните цареви на Јуда?

6 И ние денес сме вклучени во нешто слично — им помагаме на луѓето да се ослободат од лажните верски учења, меѓу кои е и идолопоклонството. Кога проповедаме од куќа до куќа, среќаваме најразлични луѓе (1. Тим. 2:4). Една млада девојка од Азија се сеќава дека мајка ѝ правела разни обреди пред многубројни религиозни предмети што ги имале дома. Девојката си размислувала дека не е можно сите тие предмети да го претставуваат вистинскиот Бог, и затоа често се молела да дознае кој е Тој. Еднаш кај неа дошле две жени кои биле Сведоци и кои сакале да ѝ помогнат да дознае кој е вистинскиот Бог и кое е неговото име, Јехова. Колку само била благодарна што ја дознала вистината за идолите! Сега и таа покажува голема ревност со тоа што вредно проповеда и ги поучува луѓето за Јехова (Пс. 83:18; 115:4-8; 1. Јов. 5:21).

7. Како можеме да го следиме примерот на учителите кои во времето на Јосафат биле испратени низ цела Јуда?

7 Кога проповедаме од куќа до куќа, колку темелно си го обработуваме подрачјето што ни е доделено? Интересно е што во третата година од своето царување, Јосафат повикал кај себе пет кнезови, девет левити и двајца свештеници. Ги испратил да појдат во сите градови и да го поучуваат народот за Јеховините закони. Ова имало толкав успех што околните народи ги обзел страв од Јехова. (Прочитај 2. Летописи 17:9, 10.) Ако одиме кај луѓето во различно време и во различни денови, ќе имаме прилика да разговараме со повеќе членови на едно семејство.

8. Што би можеле да направиме за да им сведочиме на повеќе луѓе?

8 Многу Божји слуги во нашево време се спремни да го остават својот дом и да се преселат за да служат во места каде што се потребни повеќе ревносни Сведоци. Би можел ли и ти да го направиш тоа? Некои, пак, што не можат да се преселат, би можеле да пробаат да им сведочат на луѓето во нивното место што зборуваат друг јазик. Бидејќи на неговото подрачје има луѓе од разни националности, Рон на 81 година научил да кажува поздрав на 32 јазика! Неодамна, на улицата сретнал еден брачен пар од Африка и ги поздравил на нивниот мајчин јазик, јоруба. Тие го прашале Рон дали некогаш бил во Африка. Кога им рекол не, го прашале од каде го знае нивниот јазик. Тоа му дало можност да им посведочи. Тие со задоволство зеле неколку списанија и му ја дале својата адреса. Рон му ја предал адресата на локалното собрание за да може да се направат подготовки некој да проучува со брачниот пар.

9. Зошто е важно да читаме од Библијата кога проповедаме? Наведи пример.

9 Учителите кои на заповед на Јосафат отишле низ цела Јуда, ја носеле со себе „книгата на Јеховиниот закон“. Во целиот свет, ние се трудиме да ги поучуваме луѓето на темел на Библијата, бидејќи таа е Божја реч. Се трудиме да им читаме директно од Библијата за да видат колку важно место зазема таа во нашата служба. Линда, која е Сведок, заѕвонила на вратата на една жена, но жената ѝ објаснила дека мора да се грижи за маж ѝ, кој доживеал мозочен удар. Таа се жалела: „Не знам што направив за Бог вака да ме казни“. Линда ѝ рекла: „Може ли да Ви прочитам нешто утешно?“ Потоа ѝ ги прочитала зборовите од Јаков 1:13, и додала: „Страдањето што го трпиме ние или нашите блиски не е казна од Бог“. Тогаш жената топло ја прегрнала. Линда вели: „Ја утешив жената со помош на Библијата. Понекогаш станарот никогаш порано не ги чул стиховите што им ги читаме од Библијата“. По тој разговор, жената почнала редовно да ја проучува Библијата.

Млади што служат ревносно

10. Зошто Јосија е добар пример за младите христијани денес?

10 Да се вратиме на примерот на Јосија. Тој уште од мал исправно му служел на вистинскиот Бог и имал околу 20 години кога почнал масовно да ја чисти земјата од идолопоклонство. (Прочитај 2. Летописи 34:1-3.) Голем број млади денес покажуваат иста таква ревност во својата служба за Царството.

11-13. Што можеме да научиме од младите што ревносно му служат на Јехова?

11 Хана, која живее во Англија, имала 13 години и во училиште учела француски јазик. Тогаш чула дека во еден од соседните градови е формирана група на француски. Татко ѝ се согласил да ја носи на состаноците таму. Сега, на 18 години, Хана е општ пионер и ревносно сведочи на француски. Можеш ли и ти да научиш некој странски јазик и со тоа да им помогнеш на другите да го запознаат Јехова?

12 На Рејчел многу ѝ се допаднала видео-драмата Поставувај си цели што му носат слава на Бог. Таа кажува како размислувала во 1995 год., кога почнала да му служи на Јехова: „Мислев дека правам за Јехова сѐ како што треба“. Потоа додава: „Сега, откако ја гледав драмата, сфаќам дека долги години само површно ги правев работите. Но, морам да се борам за вистината и со сите сили да се внесам во службата и во проучувањето“. Сега Рејчел чувствува дека му служи на Јехова со уште поголема ревност. Кој е резултатот од тоа? „Станав многу поблиска со Јехова. Молитвите ми се подлабоки, проучувам потемелно и поквалитетно, а она што го читам од Библијата ми е пореално и поопипливо. Затоа, сега многу уживам во службата и многу се радувам кога гледам како Јеховината реч им носи утеха на луѓето.“

13 Младиот Лука, пак, многу го охрабрила драмата Младите прашуваат — на што да го посветам мојот живот? Откако ја гледал, тој напишал: „Чувствувам дека морам да се преиспитам што правам во животот“. Тој признава: „Порано бев под притисок прво да мислам на тоа дека треба да одам на факултет за да се обезбедам финансиски, а дури потоа да си поставам духовни цели. Но, таквиот притисок не ти помага духовно да напредуваш, туку те кочи“. Млади браќа и сестри, зошто не размислите дали она што го учите во училиште би можеле да го искористите за да правите повеќе во службата, како што направила Хана? Или, зошто не пробате да го направите она што го направила Рејчел — ревносно да работите на тоа да постигнете цели што му носат слава на Бог? Следи го и примерот на Лука за да ги избегнеш опасностите кои им станале замка на многу млади.

Ревносно слушај ги предупредувањата

14. Какви треба да бидат Божјите слуги за тој да ја прифати нивната служба, и зошто денес не е лесно да се биде таков?

14 Јеховините слуги треба да бидат чисти за Бог да ја прифати нивната служба. Исаија предупредува: „Одете си, одете си, излезете оттаму [од Вавилон], не допирајте ништо нечисто! Излезете од него, бидете чисти, вие кои го носите приборот од Јеховиниот дом“ (Иса. 52:11). Многу години пред Исаија да ги напише овие зборови, добриот цар Аса со жар презел мерки да се искорени неморалот од Јуда. (Прочитај 1. Царевите 15:11-13.) А многу векови подоцна, апостол Павле му рекол на Тит дека и Исус се дал себеси за да ги исчисти своите следбеници за да бидат „народ што го избрал, кој ревносно прави добри дела“ (Тит 2:14). Денес воопшто не е лесно да се остане морално чист во ова општество во кое владеат пороци, а тоа особено е предизвик за младите. На пример, сите Божји слуги, и млади и стари, мораат да се борат умот да не им го затрујат еротските и порнографски сцени што ги има на рекламните паноа, на ТВ-екраните, во филмовите и посебно на Интернет.

15. Што може да ни помогне да го мразиме она што е лошо?

15 Ако ревносно ги слушаме Божјите предупредувања, тоа може да ни помогне да го мразиме она што е лошо (Пс. 97:10; Рим. 12:9). Треба да ни се гади од порнографијата за да можеме „да се спротивставиме на нејзината јака привлечна сила“, како што вели еден христијанин. За да се разделат два магнета, треба да се употреби сила што е појака од магнетната сила што ги држи споени. Слично на тоа, треба да вложиме огромен напор за да не подлегнеме на привлечноста на порнографијата. Но, ако сфатиме колку може да ни наштети таа, ќе ни биде полесно да чувствуваме одвратност кон неа. Еден брат со сите сили се борел да се одвикне да отвора порнографски сајтови на Интернет. Го преместил компјутерот на место каде што сите во семејството можеле да гледаат во мониторот. Освен тоа, цврсто решил да се исчисти и ревносно да прави добри дела. Направил и нешто друго. Бидејќи работата му налагала да користи Интернет, решил да се вклучува во мрежа само кога жена му е покрај него.

Доброто однесување многу значи

16, 17. Каков ефект може да има врз другите тоа што добро ќе се однесуваме? Наведи пример.

16 Меѓу младите што му служат на Јехова владее многу убав дух, а тоа им остава многу силен впечаток на другите. (Прочитај 1. Петрово 2:12.) Некој човек бил повикан во Бетелот во Лондон за да поправи една печатарска машина. Она што го видел тој ден додека работел таму, потполно му го сменило мислењето за Јеховините сведоци. Жена му, која ја проучувала Библијата со Сведоците, забележала дека маж ѝ многу го сменил својот став кон нив. Дотогаш не сакал Сведоците да му доаѓаат дома. Но, откако се вратил од Бетел, не можел да ги изнафали браќата за тоа како се однесувале со него. Забележал дека никој не пцуел. Сите биле стрпливи, а атмосферата била многу пријатна. Нешто што особено му оставило впечаток било тоа што младите браќа и сестри вредно работеле и тоа без плата, доброволно трошејќи ги своето време и сили за да се издаваат публикации преку кои се шири добрата вест.

17 И браќата и сестрите кои работат за да го издржуваат своето семејство се вредни работници (Кол. 3:23, 24). Затоа, многу често имаат поголеми шанси да си го задржат работното место, бидејќи работодавците ја ценат нивната совесност и не сакаат да ги изгубат како работници.

18. Како можеме ‚ревносно да правиме добри дела‘?

18 Со тоа што покажуваме доверба во Јехова, ги следиме неговите упатства и се грижиме за нашите места за состаноци, ние покажуваме ревност за Јеховиниот дом. Освен тоа, сакаме да даваме сѐ од себе за да проповедаме за Царството и да ги поучуваме луѓето. Без разлика дали сме млади или стари, ако правиме сѐ за да живееме според високите морални мерила на нашиот Бог, ќе добиеме многу благослови. И понатаму ќе бидеме познати како луѓе кои ‚ревносно прават добри дела‘ (Тит 2:14).

[Фуснота]

a Аса веројатно ги отстранил обредните височинки поврзани со обожавањето на лажни богови, но не и оние каде што луѓето го обожавале Јехова. А можно е тие обредни височинки да биле повторно изградени во подоцнежните години од владеењето на Аса и потоа да ги отстранил син му Јосафат (1. Цар. 15:14; 2. Лет. 15:17).

Од библиските и од современите примери, што научи за тоа...

• како да покажуваме ревност со тоа што ќе проповедаме и ќе ги поучуваме другите?

• како можат младите христијани ‚ревносно да прават добри дела‘?

• како да ги отфрлиме лошите навики?

[Прашања]

[Слика на страница 13]

Дали редовно ја користиш Библијата кога проповедаш?

[Слика на страница 15]

За да правиш повеќе во службата, би можел да научиш друг јазик додека си во училиште