Веќе 90 години ‚се сеќавам на својот величествен Творец‘
Веќе 90 години ‚се сеќавам на својот величествен Творец‘
Раскажал Едвин Риџвел
НА 11 ноември 1918 год., додека бев на училиште, неочекувано ги собраа сите ученици за да го прослават крајот на Големата војна, подоцна наречена Прва светска војна. Јас имав само пет години и не ми беше сосема јасно што се случува. Но, од она што родителите ми го кажуваа за Бог, знаев дека не треба да учествувам во прославата. Му се молев на Бог, но чувствата ме совладаа и се расплакав. Сепак, не учествував во прославата. Тогаш првпат во мојот живот бев во ситуација ‚да се сетам на својот Величествен Творец‘ (Проп. 12:1).
Неколку месеци пред овој настан, отидовме да живееме во близината на Глазгов, во Шкотска. Отприлика во тоа време татко ми го слушна јавното предавање со наслов „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“. Тоа предавање му го смени животот. Татко ми и мајка ми почнаа да ја проучуваат Библијата и често разговараа за Божјето Царство и за благословите што ќе ги донесе тоа. Благодарен сум му на Бог што оттогаш моите родители почнаа да ме учат да го сакам Бог и да имам потполна доверба во него (Изр. 22:6).
Почнувам со полновремена служба
Кога наполнив 15 години, имав услови да продолжам со школувањето, но она што вистински го сакав беше да служам полновремено. Татко ми сметаше дека сум премлад за таа служба, па затоа некое време работев во една канцеларија. Меѓутоа, желбата полновремено да му служам на Јехова беше толку силна што еден ден му напишав писмо на Џ. Ф. Ратерфорд, кој во тоа време го надгледуваше меѓународното дело на проповедање. Го прашав што мисли за моите планови. Брат Ратерфорд ми напиша: „Ако си доволно возрасен за да работиш, тогаш си доволно возрасен и за да учествуваш во службата за Господарот... Верувам дека Господарот ќе те благослови ако се потрудиш верно да му служиш“. Тоа писмо, со датум од 10 март 1928 год., имаше силен ефект врз нашето семејство. Кратко потоа, татко ми, мајка ми, мојата постара сестра и јас почнавме да служиме како полновремени проповедници.
Во 1931 год., на еден конгрес во Лондон, брат Ратерфорд рече дека се потребни доброволци што ќе ја проповедаат добрата вест во други земји. Јас се пријавив и, заедно со Ендру Џек, бев испратен во Каунас, кој беше главен град на Литванија. Тогаш имав 18 години.
Проповедам во друга земја
Во тоа време, Литванија беше сиромашна земјоделска земја и не беше лесно да се проповеда во селските подрачја. Тешко наоѓавме сместување, а некои места каде што престојувавме ќе ги памтиме цел живот. На пример, една ноќ се разбудивме од
болка. Кога ја запаливме газиената ламба, видовме дека креветот е прекриен со стотици стеници. Бевме испокасани од глава до петици! Цела седмица, секое утро морав да стојам потопен до вратот во студената река за да ми стивне болката. Сепак, бевме решени да продолжиме со службата. Набргу, се реши нашиот проблем со сместување кога сретнавме еден млад брачен пар што ја имаше прифатено библиската вистина. Тие нѐ поканија во нивниот дом, кој беше малечок, но чист. Воопшто не ни пречеше да спиеме на подот. Напротив, ни беше многу убаво!Во тоа време, Римокатоличката и Руската православна црква имаа многу големо влијание во Литванија. Само богатите можеа да си купат Библија. Главна цел ни беше да обработиме што е можно поголемо подрачје и да оставиме што е можно повеќе библиска литература кај заинтересираните. Кога ќе отидевме во некое гратче, прво ќе си најдевме сместување. Потоа, од претпазливост прво сведочевме во населбите околу градот, па дури тогаш брзо проповедавме и во градот. На тој начин обично успевавме да го обработиме градот пред свештениците да ни направат проблем.
Случки што послужија како реклама
Во 1934 год., Ендру беше повикан да служи во подружницата во Каунас, а јас добив нов партнер во службата — Џон Семпи. Со него имавме некои незаборавни доживувања. Еднаш му проповедав на еден адвокат во едно мало гратче. Тој многу се налути, извади пиштол од фиоката и ми нареди да си одам. Се помолив во себе и се сетив на библискиот совет: „Благиот одговор го смирува гневот“ (Изр. 15:1). Затоа, му реков: „Дојдов кај Вас како пријател за да Ви донесам една добра вест, и многу сум Ви благодарен што не пукавте“. Човекот го тргна прстот од чкрапалото, а јас претпазливо излегов од неговата канцеларија.
Подоцна се сретнав со Џон, кој ми кажа дека и нему денот му бил многу интересен. Го одвеле во полициската станица затоа што бил обвинет дека ѝ украл пари на некоја жена со која разговарал. Во станицата го претресле до гола кожа. Се разбира, парите не биле кај него. Подоцна го фатиле вистинскиот крадец.
Поради овие две случки се крена голема врева во инаку мирното гратче, и многу луѓе чуја за нашата служба!
Работа во тајност
Добивме една опасна задача — да носиме библиска литература во соседна Летонија, каде што беше забранета нашата проповедничка активност. Отприлика еднаш месечно, патувавме во Летонија со воз доцна навечер. Понекогаш, откако ќе ја оставевме литературата, одевме во Естонија за да земеме уште литература која на враќање пак ја остававме во Летонија.
Еднаш, некој нѐ наклеветил на еден цариник. Тој ни нареди да се симнеме од возот и да ја однесеме литературата кај неговиот претпоставен. И јас и Џон го молевме Јехова да ни помогне. Чудно, но
цариникот не му кажа на својот претпоставен што носиме, туку само му рече: „Овие луѓе сакаат да пријават нешто“. Јас „пријавив“ дека носиме литература која ќе им помогне на луѓето во училиштата и факултетите да го сфатат значењето на она што се случува во нашиот немирен свет. Цариникот нѐ пушти да ја поминеме границата, и така успеавме да ја пренесеме литературата.Бидејќи политичката ситуација во балтичките земји сѐ повеќе се влошуваше, се ширеше сѐ поголема нетрпеливост кон Сведоците, па така нашето дело беше забрането и во Литванија. Ендру и Џон беа протерани од државата, а бидејќи се наѕираше почетокот на Втората светска војна, на сите британски граѓани им беше препорачано да ја напуштат земјата. Со голема тага заминав и јас.
Служба и благослови во Северна Ирска
Моите родители тогаш живееја во Северна Ирска, а во 1937 год., и јас отидов таму. Поради воената хистерија што ги имаше зафатено луѓето, нашата литература беше забранета и во Северна Ирска, но ние продолживме да проповедаме цело време додека траеше војната. По војната, беа отстранети сите законски ограничувања на нашето дело. Харолд Кинг, искусен пионер кој подоцна служеше во Кина како мисионер, предводеше во организирањето на јавни предавања на отворено. „Оваа сабота, јас ќе го одржам првото јавно предавање на отворено“, рече тој. Потоа ме погледна и ми рече: „Следната сабота, ти ќе имаш говор“. Се стресов од самата помисла на тоа.
Многу добро се сеќавам на мојот прв говор. Дојдоа стотици луѓе. Зборував застанат на една кутија и без никаква опрема за озвучување. По говорот, ми пристапи еден човек, ми подаде рака и се претстави како Бил Смит. Ми кажа дека ја забележал толпата народ и застанал да види што се случува. Дознав дека татко ми некогаш
разговарал со него, но изгубиле контакт кога татко ми и мојата маќеа се преселиле во Даблин за да служат како пионери. Почнавме да ја проучуваме Библијата. Со текот на времето, деветмина од семејството на Бил почнаа да му служат на Јехова.Потоа, почнав да им проповедам на луѓето во големите вили во предградијата на Белфаст, каде што запознав една Русинка што порано живеела во Литванија. Кога ѝ покажав некои од нашите публикации, таа посочи со прстот на една од книгите и ми рече: „Ја имам оваа. Ми ја даде чичко ми, кој е професор на универзитетот во Каунас“. Ми покажа една книга на полски јазик што тогаш ја проучувавме со заинтересираните. Маргините беа испишани со белешки. Не можеше да се изначуди кога сфати дека јас сум му ја дал книгата на чичко ѝ во Каунас! (Проп. 11:1).
Кога Џон Семпи чу дека ќе одам во Северна Ирска, ме замоли да ја посетам неговата помлада сестра, Нели, зашто почнала да се интересира за библиската вистина. Јас и сестра ми Кони проучувавме со неа. Нели брзо напредуваше и му го заветува својот живот на Јехова. По некое време, почнавме врска и се венчавме.
Јас и Нели поминавме 56 години заедно во службата за Јехова и им помогнавме на преку сто луѓе да ја запознаат библиската вистина. Се надевавме дека заедно ќе го преживееме Армагедон и ќе влеземе во Јеховиниот нов свет, но во 1998 год. ја порази суровиот непријател, смртта. Тоа беше тежок удар за мене — еден од најтешките моменти во мојот живот.
Повторно во балтичките земји
Околу една година по смртта на Нели, добив еден прекрасен благослов. Бев поканет да ја посетам подружницата во Талин (Естонија). Во писмото што ми го испратија браќата од Естонија, пишуваше: „Од десеттемина браќа што биле доделени во балтичките земји при крајот на 1920-те и почетокот на 1930-те, само уште ти си жив“. Понатаму се велеше дека подружницата подготвува историјат за делото во Естонија, Летонија и Литванија, и потоа имаше молба до мене: „Би можел ли да дојдеш?“
Беше огромна чест што можев да раскажам што доживеавме јас и браќата со кои соработував во тие години. Во Летонија имав можност да им го покажам на браќата првиот стан што се користеше како бетелска канцеларија и таванот каде што ја криевме литературата, која полицијата никогаш не успеа да ја најде. Во Литванија ме одведоа во гратчето Шаулјај, каде што порано служев како пионер. На еден состанок таму, еден брат ми рече: „Пред многу години, јас и мајка ми купивме куќа во овој град. Кога го расчистувавме таванот, најдов некои стари книги што во тоа време ги издавале Јеховините сведоци. Кога ги прочитав, сфатив дека сум ја нашол вистината. Сигурно ти си ги оставил овие книги со години пред тоа!“
Бев и на покраински собир во еден друг град каде што служев како пионер. Во истиот град бев на собир и 65 години пред тоа. Тогаш имаше 35 присутни. Но, колкава радост беше што по толку години можев да видам 1.500 присутни! Јехова многу го благословил делото!
‚Јехова не ме остави‘
Неодамна добив уште еден сосема неочекуван благослов. Една прекрасна сестра по име Би се согласи да се омажи за мене. Се зедовме во ноември 2006 год.
Можам да ги уверам сите млади кои размислуваат што да прават со својот живот дека е многу мудро да го послушаат советот: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“. Ја чувствувам истата радост што ја чувствувал и псалмистот: „Боже, ти ме учеше од мојата младост, и сѐ досега зборувам за твоите чудесни дела. Не оставај ме ни во староста, кога ќе ми побели косата, о Боже, за да можам да му раскажувам на следното поколение за твојата рака, на сите што ќе дојдат — за твојата моќ“ (Пс. 71:17, 18).
[Карта на страница 25]
(Види во публикацијата)
Беше голем ризик да се носи литература во Летонија
ЕСТОНИЈА
ТАЛИН
Ришки Залив
ЛЕТОНИЈА
РИГА
ЛИТВАНИЈА
ВИЛНУС
Каунас
[Слика на страница 26]
Почнав да служам како колпортер (пионер) во Шкотска кога имав 15 години
[Слика на страница 26]
Со Нели на нашата венчавка во 1942