Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да ги пронајдеме богатствата што се ‚скриени во Него‘

Да ги пронајдеме богатствата што се ‚скриени во Него‘

Да ги пронајдеме богатствата што се ‚скриени во Него‘

„Во него се скриени сите богатства на мудроста и знаењето“ (КОЛ. 2:3)

1, 2. а) Какви артефакти биле откриени во 1922 год., и каде се сега? б) Каков поттик упатува Божјата реч до секого?

 КОГА ќе се пронајде некое скриено богатство, вестите за тоа привлекуваат големо внимание. На пример, во 1922 год., по децении макотрпна работа во тешки услови, британскиот археолог Хауард Картер дошол до едно импресивно откритие. Ја пронашол речиси недопрената царска гробница на фараонот Тутанкамон во која имало скоро 5.000 артефакти.

2 Но, колку и да било спектакуларно откритието на Картер, поголемиот дел од артефактите завршиле или во музеите или во рацете на приватни колекционери. Тие предмети можеби имаат некаква историска или уметничка вредност, но имаат само мало или никакво влијание врз нашиот секојдневен живот. Меѓутоа, Божјата реч нѐ поттикнува да бараме богатства кои ќе имаат големо влијание врз нас. Овој поттик е упатен до секого, а наградата е многу повредна од секакво материјално богатство. (Прочитај Изреки 2:1-6.)

3. Како ќе ни користат богатствата кои Јехова нѐ поттикнува да ги бараме?

3 Размисли колку се вредни богатствата кои Јехова нѐ поттикнува да ги бараме. Меѓу нив е ‚стравот пред Јехова‘, кој може да нѐ заштити во овие опасни времиња (Пс. 19:9). Ако го најдеме „знаењето за Бог“, ќе можеме да ја имаме најголемата чест за еден човек — да бидеме блиски пријатели со Севишниот. А ако ги имаме богатствата како што се мудроста, знаењето и проникливоста што ги дава Бог, ќе можеме успешно да излеземе на крај со проблемите и грижите што ги носи животот (Изр. 9:10, 11). Како можеме да ги најдеме овие бесценети богатства?

Да се најдат духовни богатства

4. Како можеме да ги најдеме богатствата што ги ветува Бог?

4 За разлика од археолозите и другите истражувачи кои често мораат да бараат богатства на сите страни, ние знаеме каде точно можат да се најдат духовните богатства. Како некоја мапа што покажува каде лежи некое скриено богатство, Божјата реч ни покажува каде точно ќе ги најдеме богатствата што ги ветил Бог. Зборувајќи за Христос, апостол Павле напишал: „Во него се скриени сите богатства на мудроста и знаењето“ (Кол. 2:3). Кога ги читаме овие зборови, можеби си помислуваме: ‚Зошто да ги бараме тие богатства? Како „се скриени“ во Христос? И како ќе ги најдеме?‘ За да дојдеме до одговорот на овие прашања, да ги разгледаме подлабоко зборовите на Павле.

5. Зошто Павле пишувал за духовните богатства?

5 Апостол Павле им ги напишал овие зборови на сохристијаните во Колоси. Им кажал дека се бори за нив „за да се утешат нивните срца [и] да бидат складно поврзани во љубов“. (Прочитај Колошаните 2:1, 2.) Зошто Павле бил толку загрижен? Очигледно, бил свесен дека врз тамошните браќа можеби влијаеле некои од собранието кои застапувале извесни грчки филозофии или, пак, се залагале за повторно воведување на Мојсеевиот закон. Павле остро ги предупредил браќата: „Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења“ (Кол. 2:8).

6. Зошто треба да нѐ интересира советот на Павле?

6 И денес Сатана и неговиот злобен свет сакаат на сличен начин да влијаат врз нас. Световната филозофија, во која спаѓаат теоријата на еволуцијата и тврдењето дека не постои Бог, ги обликува размислувањата, моралот, целите и начинот на живот на луѓето. Во голем број популарни празници има многу елементи од лажната религија. Забавната индустрија настојува да ги задоволи погрешните телесни желби, а голем дел од она што го има на Интернет претставува вистинска опасност и за младите и за постарите. Ако постојано сме изложени на овие и на други популарни работи во овој свет, тие лесно можат да влијаат врз нашите чувства и ставови кон советите што ги дава Јехова, и да нѐ натераат да подзаборавиме на вистинскиот живот. (Прочитај 1. Тимотеј 6:17-19.) Значи, за да не паднеме во лукавите замки на Сатана, мораме да ги разбереме и сериозно да ги сфатиме зборовите што Павле им ги упатил на Колошаните.

7. Како што рекол Павле, кои две работи можеле да им помогнат на Колошаните?

7 Откако спомнал што го загрижува, Павле им нагласил две работи што би ги утешиле Колошаните и би ги поврзале во љубов. Прво, го спомнал ‚разбирањето на вистината во чија точност се сосема сигурни‘. Морале да бидат потполно уверени дека исправно ги разбираат Писмата за да може нивната вера да се темели на цврста основа (Евр. 11:1). Потоа спомнал дека треба „добро да ја запознаат Божјата света тајна“. Не требало да останат само на основното познавање на вистината туку требало јасно да ги разберат подлабоките Божји работи (Евр. 5:13, 14). Навистина одличен совет и за Колошаните, и за нас денес! Но, како можеме да стекнеме таква сигурност и добро познавање? Павле го дал одговорот со овие длабоки зборови за Исус Христос: „Во него се скриени сите богатства на мудроста и знаењето“.

Богатства „скриени“ во Христос

8. Објасни што значи изразот „скриени“ во Христос.

8 Кога се вели дека сите богатства на мудроста и знаењето „се скриени“ во Христос, тоа не значи дека се недостапни и никој не може да дојде до нив. Тоа едноставно значи дека, за да ги најдеме тие богатства, мораме силно да се напрегаме и да го насочиме своето внимание на Исус Христос. Ова е во склад со зборовите што Исус ги кажал за себе: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6). Да, за да го најдеме знаењето за Бог, потребни ни се помошта и упатствата што ни ги дава Исус.

9. Какви улоги има Исус?

9 Освен што е „патот“, Исус рекол дека е и „вистината и животот“. Ова покажува дека тој нема само улога на посредник преку кого можеме да му пристапиме на Таткото. Исус има и други улоги кои се многу важни за да ја разбереме библиската вистина и да добиеме вечен живот. И навистина, во Исус се скриени бесценети духовни богатства, кои чекаат да бидат откриени од оние што вредно ја проучуваат Библијата. Да разгледаме некои од богатствата кои директно влијаат врз нашата надеж за иднината и врз нашиот однос со Бог.

10. Што можеме да научиме за Исус од Колошаните 1:19 и 2:9?

10 „Во Христос живее отелотворена сета полнота на божествената природа“ (Кол. 1:19; 2:9). Бидејќи на небото поминал безброј години со својот Татко, Исус го познава Бог и неговата волја подобро од кој и да било друг. Додека ја вршел својата служба на Земјата, тој ги поучувал другите за она што го научил од својот Татко и покажувал особини кои ги попримил од него. Затоа, Исус можел да рече: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Сета мудрост и сето знаење на Бог се скриени, односно ‚живеат во‘ Христос. Затоа, најдобар начин да го запознаеме Јехова е детално да научиме сѐ што можеме за Исус.

11. Каква е врската помеѓу Исус и библиските пророштва?

11 „Целта на пророштвата е да сведочат за Исус“ (Отк. 19:10). Овие зборови покажуваат дека Исус е централниот лик во исполнувањето на многуте пророштва запишани во Библијата. Уште од првото пророштво што го кажал Јехова, запишано во 1. Мојсеева 3:15, па до величествените виденија запишани во книгата Откровение, библиските пророштва можат исправно да се разберат само кога ќе се земе предвид улогата што Исус ја има во поврзаност со месијанското Царство. Ова објаснува зошто многу пророштва од Хебрејските списи не им се јасни на оние што не го прифаќаат Исус како ветениот Месија. Исто така, објаснува зошто оние што не ја сфаќаат вредноста на Хебрејските списи, кои содржат голем број пророштва за Месијата, го сметаат Исус само за некој значаен човек. За разлика од нив, Божјите слуги ја знаат вистината за Исус, и тоа им помага да ги разберат дури и библиските пророштва кои допрва треба да се исполнат (2. Кор. 1:20).

12, 13. а) Во која смисла Исус е „светлината на светот“? б) Каква обврска имаат Христовите следбеници затоа што се ослободени од духовната темнина?

12 „Јас сум светлината на светот“. (Прочитај Јован 8:12; 9:5.) Долго време пред Исус да се роди на Земјата, пророкот Исаија запишал: „Народот што одеше во темнина, виде голема светлина. Над оние што живееја во земјата на длабоката темнина, светна светлина“ (Иса. 9:2). Апостолот Матеј објаснил дека Исус го исполнил тоа пророштво кога почнал да проповеда, велејќи: „Покајте се, зашто се приближи небесното царство“ (Мат. 4:16, 17). Службата на Исус им донела на луѓето духовно просветлување и слобода од ропството на лажните верски учења. „Јас дојдов во светот како светлина“, рекол Исус, „за никој што верува во мене да не остане во темнината“ (Јован 1:3-5; 12:46).

13 Многу години подоцна, апостол Павле им рекол на своите соверници: „Некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во единство со Господарот. Живејте како деца на светлината“ (Еф. 5:8). Бидејќи се ослободени од ропството на духовната темнина, христијаните имаат обврска да живеат како деца на светлината. Ова е во склад со зборовите што Исус им ги кажал на своите следбеници во Проповедта на гората: „Нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата“ (Мат. 5:16). Дали толку ги цениш духовните богатства кои си ги нашол во Исус, што би им ги препорачал и на другите, како со своите зборови така и со своето убаво христијанско однесување?

14, 15. а) Какво место во обожавањето на вистинскиот Бог имале овците и другите животни во библиско време? б) Зошто во својата улога на „Јагнето Божје“ Исус претставува ненадминливо богатство?

14 Исус е „Јагнето Божје“ (Јован 1:29, 36). Низ целата Библијата се гледа дека овците се користеле како жртви за простување на гревовите и за да можат луѓето да му се приближат на Бог. На пример, откако Авраам докажал дека е спремен да го жртвува својот син Исак, му било речено да не го повредува Исак и Бог му обезбедил овен кој можел да го принесе наместо син му (1. Мој. 22:12, 13). Кога Израелците биле избавени од Египет, овците повторно имале значајна улога. Овојпат биле дел од „пасхалната жртва за Јехова“ (2. Мој. 12:1-13). Освен тоа, Мојсеевиот закон налагал да се принесуваат како жртви различни животни, вклучувајќи овци и кози (2. Мој. 29:38-42; 3. Мој. 5:6, 7).

15 Ниедна од тие жртви — всушност, ниедна жртва принесена од човек — не можела да донесе трајно ослободување од гревот и од смртта (Евр. 10:1-4). Но, Исус е „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“. Ова само по себе е доволна причина зошто Исус е богатство кое ги надминува сите други материјални богатства што некогаш биле пронајдени. Затоа, треба да одвоиме време внимателно да проучиме што сѐ значи откупнината и да покажуваме вера во овој прекрасен дар. Така ќе можеме да добиеме големи благослови — ‚малото стадо‘ ќе добие слава и чест со Христос на небото, а ‚другите овци‘ ќе живеат вечно во рајот на Земјата (Лука 12:32; Јован 6:40, 47; 10:16).

16, 17. Зошто е многу важно да ја сфатиме улогата што Исус ја има како „Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера“?

16 Исус е „Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера“. (Прочитај Евреите 12:1, 2.) Во Евреите, 11. поглавје, Павле дава многу убава анализа на верата. Во ова поглавје се наоѓа една кратка и јасна дефиниција за тоа што е вера и наведени се примери на мажи и жени кои живееле во склад со својата вера. Некои од нив се Ное, Авраам, Сара и Раав. Имајќи го сево ова на ум, Павле ги поттикнал сохристијаните ‚да го вперат погледот во Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус‘. Зошто?

17 Овие верни мажи и жени спомнати во Евреите 11. поглавје имале цврста вера во Божјите ветувања, но сепак, не ги знаеле сите детали за тоа како Бог ќе ги исполни своите ветувања преку Месијата и Царството. Всушност, дури и оние што Јехова ги користел за да ги запишат многуте пророштва поврзани со Месијата, не разбрале потполно колкаво значење има она што го запишале (1. Пет. 1:10-12). Но, ние денес имаме многу докази дека пророштвата за Исус се исполниле, и тоа ни ја усовршува верата. Затоа може да се каже дека Исус е „Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера“. Од таа причина, многу е важно добро да ја сфатиме и да ја признаеме оваа улога на Исус.

Продолжи да бараш

18, 19. а) Кои други духовни богатства се скриени во Христос? б) Зошто треба да продолжиме да бараме духовни богатства во Исус?

18 Разгледавме само неколку од важните улоги што Исус ги има во Божјата намера да биде спасено човештвото. Но, има и други духовни богатства скриени во Христос. Ако ги најдеме, ќе бидеме радосни и ќе добиеме многу благослови. На пример, апостол Петар го нарекол Исус „Главниот Застапник на животот“ и „ѕвезда деница“ што се појавува (Дела 3:15; 5:31; 2. Пет. 1:19). Исто така, во Библијата, зборот „Амин“ се користи за Исус (Отк. 3:14). Знаеш ли што значат и колкава важност имаат овие улоги? Како што рекол Исус: „Барајте, и ќе најдете“ (Мат. 7:7).

19 Во историјата нема друга личност, освен Исус, чиј живот има толкаво значење и е толку тесно поврзан со нашето вечно добро. Во него се наоѓаат духовни богатства до кои лесно може да дојде секој што искрено ги бара. Најди ги и ти богатствата што ‚се скриени во него‘, бидејќи тие ќе ти донесат голема радост и благослови.

Се сеќаваш ли?

• Какви богатства се поттикнати да бараат христијаните?

• Зошто советот што им го дал Павле на Колошаните важи и за нас денес?

• Наведи и објасни некои духовни богатства што „се скриени“ во Христос.

[Прашања]

[Слики на страница 5]

Библијата е како една мапа која нѐ води до богатствата што „се скриени“ во Христос