Следи го примерот на Исус — поучувај со љубов
Следи го примерот на Исус — поучувај со љубов
„Никој никогаш не зборувал така“ (ЈОВАН 7:46)
1. Како реагирале луѓето на начинот на кој поучувал Исус?
ЗАМИСЛИ СИ колку мора да било интересно да го слушаш Исус како поучува! Во Библијата читаме каков впечаток им оставал на оние што го запознале. На пример, во своето евангелие Лука раскажува дека луѓето од Назарет ‚се восхитувале на привлечните зборови што излегувале од Исусовата уста‘. Матеј кажува дека оние што ја слушале Исусовата Проповед на гората ‚биле восхитени од неговото поучување‘. А Јован запишал дека стражарите што биле испратени да го уапсат Исус се вратиле со празни раце, велејќи: „Никој никогаш не зборувал така“ (Лука 4:22; Мат. 7:28; Јован 7:46).
2. Како поучувал Исус?
2 Стражарите биле во право. Исус неоспорно бил најдобриот Учител што некогаш живеел. Тој поучувал јасно, едноставно и со непобитна логика. Вешто користел споредби и прашања. Го приспособувал својот начин на поучување според оние на кои им зборувал, земајќи предвид дали се луѓе на висока положба или обичен народ. Вистините за кои поучувал лесно можеле да се разберат, но во исто време биле и многу длабоки. Меѓутоа, овие работи не се единствените поради кои Исус бил толку добар Учител.
Најважната особина — љубовта
3. По што се разликувал начинот на кој поучувал Исус од начинот на кој поучувале верските водачи во негово време?
3 Некои од книжниците и фарисеите сигурно биле доста паметни луѓе и имале огромно знаење кое можеле вешто да им го пренесат на другите. Но, зошто начинот на кој поучувал Исус бил толку поинаков од нивниот? Верските водачи од тоа време не само што не чувствувале ни трошка љубов кон народот, туку го презирале и го сметале за „проклет“ (Јован 7:49). За разлика од нив, Исус сочувствувал со луѓето, зашто биле „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Тој бил срдечен, љубезен и сочувствителен. Освен тоа, верските водачи не го сакале вистински ниту Бог (Јован 5:42). Но, Исус го сакал својот Татко и му било задоволство да ја врши неговата волја. Верските водачи ги извртувале Божјите зборови во своја корист, но Исус ја сакал „речта Божја“ — поучувал за неа, ја објаснувал, ја бранел и живеел според неа (Лука 11:28). Да, љубовта го водела Христос во сѐ. Таа влијаела врз она за што поучувал, врз тоа како се однесувал со луѓето и врз тоа како ги поучувал.
4, 5. а) Зошто е важно да поучуваме со љубов? б) Кога поучуваме, зошто е важно да имаме и знаење и вештина да го пренесеме тоа знаење?
4 Како е со нас? Како следбеници на Христос, ние сакаме да го следиме неговиот пример и во службата и во животот (1. Пет. 2:21). Значи, нашата цел не е само да им ги пренесеме на другите библиските вистини туку и да ги одразуваме Јеховините особини, посебно љубовта. Без разлика дали имаме или не толку големо знаење, дали поучуваме вешто или не толку вешто, љубовта е таа што ќе ни помогне да допреме до срцата на оние на кои им проповедаме. За да бидеме успешни во правењето ученици, мораме да го следиме примерот на Исус и да поучуваме со љубов.
5 Се разбира, за да бидеме добри учители, треба добро да го познаваме она за што поучуваме и треба да знаеме вешто да го пренесеме тоа знаење. Исус им помогнал на своите ученици да го постигнат и едното и другото, а Јехова, преку својата организација, ни помага и нам денес. (Прочитај Исаија 54:13; Лука 12:42.) Сепак, нашата цел не треба да биде да поучуваме само со умот туку и со срцето. Кога ќе се спојат знаењето, вештината и љубовта, може да се постигнат извонредни резултати. Но, на кои начини можеме да покажеме љубов кога поучуваме? Како го правеле тоа Исус и неговите ученици? Ајде да видиме.
Мораме да го сакаме Јехова
6. Како зборуваме за некого што го сакаме?
6 Уживаме да зборуваме за работите што ги сакаме. Кога зборуваме за нешто што ни е многу драго, зборуваме со живост и целите зрачиме со одушевеност и радост. Ова особено се гледа кога зборуваме за некого што го сакаме. Обично, со сета душа сакаме да им го кажеме на другите она што го знаеме за таа личност. Кажуваме пофални зборови за неа, зборуваме со почит и ја браниме. Тоа го правиме затоа што сакаме и на другите да им се допадне таа личност и нејзините особини, исто колку што ни се допаѓа нам.
7. На што го поттикнала Исус љубовта кон Бог?
7 Пред да можеме кај другите да всадиме љубов кон Јехова, мораме прво ние добро да го познаваме и да го сакаме. Впрочем, службата за вистинскиот Бог се темели на љубовта кон него (Мат. 22:36-38). Исус ни дал совршен пример за тоа. Тој го сакал Јехова со сето свое срце, со сиот свој ум, со сета своја душа и со сета своја сила. Бидејќи веројатно поминал милијарди години на небото со својот небесен Татко, Исус многу добро го познавал. Кој бил резултатот од тоа? „Го сакам Таткото“, рекол Исус (Јован 14:31). Таа љубов се гледала во сѐ што зборувал и правел Исус. Таа го поттикнала секогаш да го прави она што му е по волја на Бог (Јован 8:29). Љубовта го терала да ги разоткрие и да ги осуди верските водачи, кои лицемерно тврделе дека го претставуваат Бог. Исто така, љубовта го поттикнала да им кажува на другите за Јехова и да им помага да го запознаат и да го засакаат Бог.
8. На што ги поттикнала Исусовите ученици љубовта кон Бог?
8 И учениците на Исус од првиот век го сакале Јехова. Таа љубов ги поттикнала да ја проповедаат добрата вест смело и ревносно. Го наполниле Ерусалим со своето учење, иако влијателните верски водачи им се противеле. Учениците едноставно не можеле да не зборуваат за она што го виделе и чуле (Дела 4:20; 5:28). Знаеле дека Јехова е со нив и дека ќе ги благослови — и навистина ги благословил! Неполни 30 години по смртта на Исус, апостол Павле можел да напише дека добрата вест била проповедана „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23).
9. Како можеме да ја продлабочиме нашата љубов кон Бог?
9 Ако сакаме да бидеме добри учители, и ние треба постојано да ја продлабочуваме нашата љубов кон Бог. Како? Така што често ќе разговараме со Бог во молитва. Ќе ја продлабочиме љубовта кон Бог и со тоа што ќе ја проучуваме неговата Реч, ќе ги читаме библиските публикации и ќе одиме на христијанските состаноци. Колку повеќе го запознаваме Бог, толку посилна ќе станува нашата љубов кон него. Потоа, кога ќе ја покажуваме нашата љубов кон Бог и со зборови и со дела, другите ќе го забележат тоа и може да посакаат да го запознаат Јехова. (Прочитај Псалм 104:33, 34.)
Мораме да го сакаме она за што поучуваме
10. Кога некој е добар учител?
10 Еден учител е добар учител само кога го сака она за што поучува. Мора да верува дека тоа е вистина, дека е важно и дека е вредно. Ако учителот го сака она за што поучува, неговата одушевеност ќе биде очигледна и ќе остави силен впечаток врз оние што ги поучува. Од друга страна, ако учителот не го цени вистински она за што поучува, како може да очекува учениците да го ценат она што им го кажува? Никогаш да не изгубиме од вид колку големо влијание има нашиот пример како учители на Божјата реч. Исус рекол: „Секој што е добро поучен, ќе биде како својот учител“ (Лука 6:40).
11. Зошто Исус го сакал она за што поучувал?
11 Исус го сакал она за што поучувал. Тој знаел дека има да им пренесе на другите нешто вредно — вистината за неговиот небесен Татко, „Божјите зборови“ и „зборовите на вечниот живот“ (Јован 3:34; 6:68). Како некоја продорна светлина, вистините за кои поучувал Исус јасно покажале што било погрешно, а што исправно. Тие вистини им донеле надеж и утеха на понизните кои биле измамени од лажните верски водачи и биле угнетувани од Ѓаволот (Дела 10:38). Љубовта што Исус ја имал кон вистината не се гледала само во неговите учења туку и во неговите дела.
12. Како гледал апостол Павле на добрата вест?
12 И учениците на Исус толку ја сакале и ја ценеле вистината за Јехова и за Христос што противниците не можеле да ги спречат да им ја кажуваат на луѓето. Павле им напишал на сохристијаните во Рим: „Оттаму е и мојата силна желба да ви ја објавам добрата вест... Имено, јас не се срамам од добрата вест. Таа е Божја сила која му донесува спасение на секој што верува“ (Рим. 1:15, 16). На Павле му било чест да ја објавува вистината. Тој напишал: „Покажана ми е таа незаслужена доброта, за да им ја објавам на другите народи добрата вест за Христовото неистражливо богатство“ (Еф. 3:8). Можеме лесно да си замислиме со колкава одушевеност Павле ги поучувал другите за Јехова и за Неговите намери.
13. Кои причини ги имаме за да ја сакаме добрата вест?
13 Добрата вест што се наоѓа во Божјата реч ни овозможува да го запознаеме Творецот и да имаме еден близок однос со него. Таа добра вест дава уверлив одговор на најважните прашања што луѓето си ги поставуваат, и има моќ да ни го смени животот, да ни влее надеж и да нѐ зајакне кога ни е тешко. Освен тоа, таа ни покажува како да имаме исполнет живот кој нема никогаш да заврши. Ниедно друго знаење не е поскапоцено ниту поважно од добрата вест. Таа е бесценет дар што сме го добиле и што ни носи неизмерна радост. Радоста е уште поголема кога тој дар им го даваме и на другите (Дела 20:35).
14. Како можеме да ја продлабочиме својата љубов кон она за што поучуваме?
14 Што можеш да направиш за уште повеќе да ја продлабочиш својата љубов кон добрата вест? Кога ја читаш Божјата реч, застанувај одвреме-навреме и размислувај за она што го читаш. На пример, замисли си дека си со Исус додека ја извршува својата служба на Земјата или дека патуваш заедно со апостол Павле. Замисли се во новиот свет и претстави си колку поинаков ќе биде животот таму. Размислувај за благословите што си ги добил затоа што си послушен на добрата вест. Ако се трудиш твојата љубов кон добрата вест силно да гори, оние што ги поучуваш ќе ја почувствуваат таа љубов. Затоа, имаме добра причина длабоко да размислуваме за она што сме го научиле и да обрнеме внимание на она за што поучуваме. (Прочитај 1. Тимотеј 4:15, 16.)
Мораме да ги сакаме луѓето
15. Зошто учителот треба да ги сака своите ученици?
15 Покрај еден добар учител, учениците се чувствуваат пријатно, и затоа се уште позаинтересирани за она што го учат и слободно дискутираат за тоа. Учителот што поучува со љубов пренесува знаење затоа што вистински е заинтересиран за своите ученици. Ги поучува на начин што одговара на нивните потреби и на нивниот степен на разбирање. Ги зема предвид способностите и околностите на своите ученици. Кога учителот има таква љубов, учениците го чувствуваат тоа. Тогаш и учителот ужива во поучувањето и ученикот ужива во учењето.
16. На кои начини Исус покажувал љубов кон луѓето?
16 Исус покажувал таква љубов. Најголем доказ за таа љубов дал кога го положил својот совршен човечки живот за да можат другите да бидат спасени (Јован 15:13). Во текот на својата служба, Исус неуморно се грижел за физичките и особено за духовните потреби на луѓето. Тој не чекал тие да дојдат кај него, туку пропешачил стотици километри за да им ја пренесе добрата вест (Мат. 4:23-25; Лука 8:1). Бил стрплив и полн со разбирање. Кога требало да им даде совет на своите ученици, тоа го правел со љубов (Мар. 9:33-37). Ги охрабрил со тоа што покажал доверба дека успешно ќе ја проповедаат добрата вест. Ниеден човек не поучувал со толку голема љубов како Исус. Љубовта што ја покажувал кон учениците ги поттикнала и тие да го сакаат него и да ги држат неговите заповеди. (Прочитај Јован 14:15.)
17. На кој начин Исусовите ученици покажувале љубов кон луѓето?
17 И учениците на Исус покажувале длабока љубов кон оние на кои им проповедале. Иако биле прогонувани и животот им бил во опасност, тие им служеле на другите и успешно ја проповедале добрата вест. Колку многу ги сакале оние на кои им помагале духовно! Навистина се трогателни зборовите на апостол Павле, кој напишал: „Кон вас бевме благи, како мајка која ги храни и ги негува своите деца. Така, полни со љубов кон вас, бевме спремни да ви ја дадеме не само Божјата добра вест туку и својот живот, бидејќи ве засакавме“ (1. Сол. 2:7, 8).
18, 19. а) Зошто сме спремни да правиме жртви за да го вршиме делото на проповедање? б) Наведи пример што покажува дека другите ја забележуваат нашата љубов.
18 И денес, Јеховините сведоци проповедаат по цел свет барајќи ги оние што копнеат да го запознаат Бог и да му служат. Всушност, секоја од изминативе 17 години сме поминале над една милијарда часови во проповедање и правење ученици — и продолжуваме со таа служба. Тоа го правиме доброволно, иако за да проповедаме треба да жртвуваме време, сила и материјални средства. Исто како Исус, и ние сфаќаме дека нашиот грижлив небесен Татко сака луѓето да стекнат знаење кое води во вечен живот (Јован 17:3; 1. Тим. 2:3, 4). Љубовта нѐ поттикнува да им помогнеме на искрените луѓе да го запознаат Јехова и да го засакаат како што го сакаме ние.
19 Другите ја забележуваат љубовта што ја покажуваме. На пример, една пионерка од САД пишува писма за да ги утеши оние на кои им починал некој близок. Еден човек ѝ одговорил: „Отпрвин бев многу изненаден што некој воопшто се потрудил да му напише писмо на сосема непознат човек за да го охрабри да издржи во тешки моменти. Единствениот можен заклучок е дека вие ги сакате луѓето и го сакате Бог, кој нѐ води на патот на животот“.
20. Колку е важно да поучуваме со љубов?
20 Се вели дека, кога ќе се спојат љубовта и вештината, можеш да очекуваш ремек-дело. Кога поучуваме, сакаме да им помогнеме на луѓето да го запознаат Јехова и од срце да го засакаат. Да, за да бидеме навистина добри учители, нашата љубов треба да биде исткаена од три нишки — љубов кон Бог, љубов кон вистината и љубов кон луѓето. Ако негуваме ваква љубов и ако ја покажуваме во службата, не само што ќе ја чувствуваме радоста што доаѓа од давањето туку ќе чувствуваме и задоволство затоа што знаеме дека го следиме примерот на Исус и го радуваме Јехова.
Како ќе одговориш?
• Кога ги поучуваме другите за добрата вест, зошто е важно...
...да го сакаме Бог?
...да го сакаме она за што поучуваме?
...да ги сакаме оние што ги поучуваме?
[Прашања]
[Слика на страница 15]
По што се разликувал начинот на кој поучувал Исус од начинот на кој поучувале книжниците и фарисеите?
[Слика на страница 18]
За да поучуваме добро треба да имаме знаење, вештина и, најважно од сѐ, љубов