Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Следи го примерот на Исус — проповедај со смелост

Следи го примерот на Исус — проповедај со смелост

Следи го примерот на Исус — проповедај со смелост

„Собравме смелост... да ви ја проповедаме Божјата добра вест“ (1. СОЛ. 2:2)

1. Зошто добрата вест за Царството е толку убава?

 КОЛКУ е убаво кога ќе чуеш некоја добра вест! А најдобрата вест што постои е добрата вест за Божјето Царство. Оваа добра вест нѐ уверува дека ќе им дојде крај на страдањата, болестите, маките, тагата и смртта. Ни дава надеж за вечен живот, ни ја открива Божјата намера и ни покажува како да станеме блиски пријатели со него. Сигурно ќе помислиш дека секој ќе се израдува кога ќе ја чуе оваа вест што Исус им ја пренесувал на луѓето. Но, за жал, не е така.

2. Објасни што сакал да каже Исус со зборовите: „Дојдов да раздвојам“.

2 Исус им рекол на своите ученици: „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто, дојдов да раздвојам човек од неговиот татко, и ќерка од нејзината мајка, и снаа од нејзината свекрва. Навистина, непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни“ (Мат. 10:34-36). Наместо со радост да ја прифатат добрата вест, повеќето луѓе ја отфрлаат. Некои — понекогаш дури и членовите на семејството — им стануваат непријатели на оние што ја објавуваат оваа вест.

3. Што ни е потребно за да ја извршиме нашата задача да проповедаме?

3 Ние ги објавуваме истите вистини што ги објавувал Исус, и кога ќе ги чујат, луѓето реагираат исто како што реагирале и луѓето во негово време. Такво нешто е за очекување. Исус им рекол на своите ученици: „,Робот не е поголем од својот господар‘. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Во многу земји не сме изложени на директно прогонство, но сепак, наидуваме на презир и рамнодушност. Затоа ни се потребни вера и храброст за да продолжиме смело да ја објавуваме добрата вест. (Прочитај 2. Петрово 1:5-8.)

4. Зошто Павле морал да ‚собере смелост‘ за да проповеда?

4 Можеби понекогаш ти е тешко да одиш во служба или, пак, некоја гранка од службата те плаши. Но, и други верни објавители го поминале истото. Апостол Павле бил смел и бестрашен проповедник кој одлично ја разбирал вистината, но сепак, не му било секогаш лесно да проповеда. На христијаните во Солун им напишал: „Откако во Филипи, како што знаете, најпрво пострадавме и бевме малтретирани, собравме смелост со помош на нашиот Бог да ви ја проповедаме Божјата добра вест со голема борба“ (1. Сол. 2:2). Во Филипи, властите ги истепале со стапови Павле и неговиот придружник Сила, ги фрлиле в затвор и ги ставиле во клада (Дела 16:16-24). И покрај тоа, Павле и Сила ‚собрале смелост‘ за да продолжат да проповедаат. Што ќе ни помогне и ние да го правиме истото? За да одговориме на ова прашање, да разгледаме што им помогнало на Божјите слуги во библиски времиња со смелост да ја зборуваат вистината за Јехова, и да видиме како можеме и ние да бидеме како нив.

Смелост за да се соочат со непријателствата

5. Зошто на верните слуги на Јехова отсекогаш им требала смелост?

5 Се разбира, најдобар пример за храброст и смелост ни дал Исус Христос. Сепак, уште од самиот почеток на човечката историја, на сите верни слуги на Јехова им требала смелост. Зошто? По побуната во градината Еден, Јехова прорекол дека ќе има непријателство помеѓу оние што му служат нему и оние што му служат на Сатана (1. Мој. 3:15). Ова непријателство брзо станало очигледно кога Авел, кој бил праведен човек, бил убиен од сопствениот брат. Подоцна, мета на такво непријателство станал и Енох, друг верен човек што живеел пред Потопот. Тој пророкувал дека Бог ќе дојде со своите десетици илјади свети ангели за да изврши пресуда над безбожните луѓе (Јуда 14, 15). Нормално дека неговата порака не била омилена. Луѓето го мразеле Енох и најверојатно би го убиле доколку Бог не му го скрател животот. Енох покажал огромна смелост (1. Мој. 5:21-24).

6. Зошто на Мојсеј му била потребна смелост за да зборува со фараонот?

6 Размисли и за смелоста што ја покажал Мојсеј кога зборувал со фараонот, владетел кого не само што го сметале за претставник на боговите туку и за бог — наводно тој бил син на Ра, богот на сонцето. Можеби и тој, како и други фараони, се клањал пред својот сопствен кип. Неговиот збор бил закон. Моќен, арогантен и тврдоглав, фараонот не бил навикнат некој да му кажува што да прави. И токму пред тој човек повеќепати доаѓал, иако непоканет и непожелен, кроткиот пастир Мојсеј. И што прорекувал Мојсеј? Страшни неволји. А што барал од фараонот? Да дозволи неколку милиони негови робови да си заминат од земјата! Дали на Мојсеј му требала смелост? И тоа како! (4. Мој. 12:3; Евр. 11:27).

7, 8. а) Со какви искушенија се соочувале верните слуги кои живееле пред Христос? б) Што им помогнало на верните слуги од претхристијанските времиња смело да го застапуваат обожавањето на вистинскиот Бог?

7 Во вековите што следеле, пророците и други верни слуги на Бог продолжиле смело да го застапуваат обожавањето на вистинскиот Бог. Светот на Сатана не ги сакал. Павле кажува: „Беа каменувани, искушувани, препилени, убиени со меч, одеа во овчи и козји кожи, беа во немаштија, во неволја, беа малтретирани“ (Евр. 11:37). Што им помогнало на тие верни Божји слуги да не потклекнат? Неколку стихови претходно, Павле кажал што им дало сила на Авел, Авраам, Сара и на други верни лица да истрајат. Тој напишал: „Не го добија она што им беше ветено, туку [со вера] го видоа оддалеку и го поздравија“ (Евр. 11:13). Без сомнение, и пророците како што биле Илија, Еремија и други верни слуги од претхристијанските времиња, кои смело го застапувале обожавањето на вистинскиот Бог, можеле да истрајат затоа што цврсто верувале дека ќе се исполнат Јеховините ветувања (Тит 1:2).

8 Тие верни лица од претхристијанските времиња се надевале на една посветла и поубава иднина. Кога ќе воскреснат, ќе можат да станат совршени и да бидат ‚ослободени од робувањето на распадливоста‘ преку свештеничката служба на Христос Исус и неговите 144.000 потсвештеници (Рим. 8:21). Освен тоа, на Еремија и на другите смели Божји слуги од древни времиња им влевало храброст уверувањето што го дал Јехова, а кое се гледа од она што му го ветил на Еремија: „Тие ќе се борат против тебе, но нема да те надвладеат, зашто ‚јас сум со тебе‘, вели Јехова, ‚за да те избавам‘“ (Ерем. 1:19). Денес, и ние се зајакнуваме кога размислуваме за Божјите ветувања за иднината и за уверувањето што ни го дава дека ќе нѐ штити духовно (Изр. 2:7; прочитај 2. Коринќаните 4:17, 18).

Љубовта го поттикнала Исус смело да проповеда

9, 10. Како покажал Исус храброст пред: а) верските водачи, б) групата војници, в) првосвештеникот, г) Пилат?

9 Нашиот Пример, Исус, на различни начини покажал дека е смел. На пример, иако влијателните луѓе и оние што биле на власт го мразеле, Исус не ја разводнувал пораката што Бог сакал да им се пренесе на сите. Исус бестрашно ги разоткрил моќните верски водачи дека се самоправедни и шират лажни учења. Тие заслужиле осуда, и тој отворено и јасно им го ставил тоа на знаење. Во една прилика им рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи личите на варосани гробови, кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и со секаква нечистотија! Така и вие, однадвор им изгледате на луѓето праведни, а однатре сте полни со лицемерство и беззаконие“ (Мат. 23:27, 28).

10 Кога една група војници дошле по него во градината Гетсиманија, Исус храбро им кажал дека тој е оној што го бараат (Јован 18:3-8). Подоцна го одвеле пред Судскиот совет, каде што бил испрашуван од првосвештенкот. Иако знаел дека првосвештеникот барал некаков изговор да го убие, Исус бестрашно потврдил дека е тој Христос и Син Божји. Уште кажал и дека ќе го видат како „седи од десната страна на Силниот и доаѓа на облаците небесни“ (Мар. 14:53, 57-65). Кратко потоа, со врзани раце стоел пред Пилат, кој можел да го ослободи. Но, Исус не кажал ни збор на обвинувањата што биле изнесени против него (Мар. 15:1-5). За сето ова била потребна голема храброст.

11. Каква е врската помеѓу смелоста и љубовта?

11 Но, Исус сепак кажал нешто пред Пилат. Тој рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Јехова му дал задача на Исус да ја проповеда добрата вест, и Исус со задоволство го правел тоа бидејќи го сакал својот небесен Татко (Лука 4:18, 19). Исус ги сакал и луѓето. Знаел дека животот им е тежок. Слично на него, и ние сведочиме смело и бестрашно затоа што многу ги сакаме Бог и ближните (Мат. 22:36-40).

Светиот дух ни дава сила смело да проповедаме

12. Што ги израдувало првите ученици?

12 Во периодот по смртта на Исус, учениците доживеале голема радост кога виделе дека Јехова им придодава нови ученици. Во само еден ден се крстиле 3.000 Евреи и преобратеници кои од различни земји дошле во Ерусалим за да го прослават празникот Педесетница. Сигурно во цел Ерусалим се зборувало за тоа! Библијата вели: „Страв ја обземаше секоја душа, а апостолите правеа многу чуда и предзнаци“ (Дела 2:41, 43).

13. Зошто браќата се молеле за смелост, и со каков резултат?

13 Бесни, верските водачи ги уапсиле Петар и Јован, ги задржале в затвор преку ноќта и им наредиле да не зборуваат за Исус. Кога биле ослободени, Петар и Јован им раскажале на браќата што се случило и сите заедно се молеле во врска со противењето на кое наишле: „Јехова... дај им на своите слуги и понатаму да ја зборуваат твојата реч со сета смелост“. Каков бил резултатот од тоа? „Сите се исполнија со свет дух, па смело ја зборуваа Божјата реч“ (Дела 4:24-31).

14. Како светиот дух ни помага во проповедањето?

14 Забележи дека Јеховиниот моќен свет дух им помогнал на учениците со смелост да ја зборуваат Божјата реч. Значи, смелоста да им ја кажуваме вистината на другите, дури и на оние што ни се противат, не доаѓа од нас самите. Јехова може да ни го даде — и ќе ни го даде — својот свет дух ако го бараме од него. Со Јеховина помош, и ние можеме да ја покажеме смелоста што ни е потребна за да издржиме секакво противење. (Прочитај Псалм 138:3.)

Христијаните денес проповедаат со смелост

15. Како вистината ги разделува луѓето денес?

15 Денес, како и во минатото, вистината и понатаму ги разделува луѓето. Некои ја прифаќаат, а некои ниту ги разбираат ниту ги почитуваат нашите верувања. Други нѐ критикуваат, нѐ исмеваат, па дури и нѐ мразат, токму како што прорекол Исус (Мат. 10:22). Понекогаш, медиумите злобно нѐ оцрнуваат и шират лажни информации за нас (Пс. 109:1-3). Сепак, по цел свет Јеховиниот народ смело ја објавува добрата вест.

16. Кое искуство покажува дека нашата смелост може да им помогне на луѓето на кои им проповедаме да го сменат својот став?

16 Кога ќе ја видат нашата смелост, луѓето може да го сменат своето мислење за пораката за Царството. Една сестра од Киргистан раскажува: „Еднаш, додека проповедав, еден човек ми рече: ‚Верувам во Бог, но не и во Богот на христијаните. Ако повторно ми дојдете на врата, ќе ви го пуштам кучето!‘ Зад него, на синџир беше врзан еден огромен булдог. Но, додека траеше акцијата со трактатот Вест за Царството бр. 37, со наслов ‚Крајот на лажната религија е близу!‘, решив пак да отидам во таа куќа бидејќи се надевав дека ќе ми отвори некој друг од семејството. Но, на вратата повторно излезе истиот човек. Брзо му се помолив на Јехова, а потоа реков: ‚Добар ден, се сеќавам на разговорот од пред три дена, а се сеќавам и на Вашето куче. Но, не можев да Ве одминам зашто, исто како Вас, и јас верувам во еден вистински Бог. Тој наскоро ќе ги казни религиите што го срамотат. Од овој трактат можете да дознаете нешто повеќе за тоа‘. На мое изненадување, човекот го зеде трактатот. Потоа отидов на друга врата. По неколку минути, човекот дотрча со трактатот во раката. ‚Го прочитав‘, ми рече. ‚Што треба да направам за да не ме стигне Божјиот гнев?‘“ Тој почнал да ја проучува Библијата и да доаѓа на христијанските состаноци.

17. Како смелоста на една сестра ѝ помогнала на нејзината интересентка да го победи стравот?

17 Освен тоа, нашата смелост може да ги поттикне и другите да бидат смели. Во Русија, една сестра што се возела со автобус ѝ понудила списание на жената до неа. Кога го видел тоа, еден човек скокнал од своето седиште, ѝ го истргнал списанието на сестрата од раце, го стуткал и го фрлил на подот. Пцуејќи на цел глас, барал сестрата да му ја каже својата адреса и ѝ забранил да проповеда во селото. Сестрата му се помолила на Јехова за помош и се потсетила на Исусовите зборови: „Не плашете се од оние што го убиваат телото“ (Мат. 10:28). Смирено станала и му рекла на човекот: „Нема да Ви ја дадам мојата адреса и ќе продолжам да проповедам во селото“. Потоа се симнала од автобусот. Меѓутоа, сестрата не знаела дека во истиот автобус се возела и една жена со која ја проучувала Библијата. Таа не одела на христијанските состаноци затоа што се плашела што ќе речат другите луѓе. Но, кога ја видела смелоста на сестрата, решила да почне да оди на состаноците.

18. Што ќе ни помогне да проповедаме со смелост, како што проповедал Исус?

18 Во овој свет што е отуѓен од Бог, потребна ни е смелост за да проповедаме како Исус. Што ќе ни помогне во тоа? Добро е да размислуваме за иднината. Да ја разгоруваме љубовта кон Бог и ближниот. Да го молиме Јехова за смелост. Никогаш да не заборавиме дека не сме сами, бидејќи Исус е со нас (Мат. 28:20). Светиот дух ќе ни даде сила. И Јехова ќе нѐ благословува и ќе ни помага. Затоа, да бидеме храбри и да речеме: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“ (Евр. 13:6).

Како ќе одговориш?

• Зошто на Божјите слуги им треба смелост?

• Во врска со смелоста, што учиме...

...од верните слуги што живееле пред Христос?

...од Исус Христос?

...од првите христијани?

...од сохристијаните денес?

[Прашања]

[Слика на страница 21]

Исус бестрашно ги разоткрил верските водачи

[Слика на страница 23]

Јехова ни дава храброст да проповедаме